„Авалон“ нема да го тужи Град Скопје ако сите инволвирани во проектот кои требаа да настапат за новогодишната ноќ сметаат дека не треба да бидат обесштетени, се вели во официјалното соопштение на продукцијата.

– Доколку сите инволвирани во проектот сметаат дека не треба да бидат обесштетени, се разбира дека „Авалон“ нема да го тужи Градот Скопје. Ова ќе остане запаметено како историски преседан и аматеризам и целосно понижување на тоа што значи македонски артист и тоа што значи професионалност – се вели во соопштението на „Авалон“.

Оттаму додаваат дека во недостиг од средства за ангажирање скапи артисти од соседството, „Авалон“ со скромен буџет била ангажирана да организира дочек на Нова година со македонски изведувачи.

– Дочек на Нова година на плоштад се организира од хуманитарни причини и на тие дочеци доаѓаат луѓе што не можат да си дозволат друг тип прослава за Новата година. Артистите ангажирани за таа прослава не се самите пријавени за настап, туку од нив е побарано да настапат на таа манифестација, притоа не водејќи сметка дека со тоа им се одзема можноста таа вечер да работат на некое друго место – додаваат од „Авалон“ и повторуваат дека ова немало да се случи доколку тие за оваа пригода за Градот Скопје ангажирале некои естрадни ѕвезди од соседството.

– Сигурно е дека ќе имавме договори со кои тие ќе беа заштитени и сигурно е дека уште при потпишувањето на договорите ќе беа уплатени 50 проценти од средствата како што е вообичаено во овој бизнис – се додава во соопштението.

По најавата дека Град Скопје ќе ја откаже новогодишната забава на плоштадот и дека средствата ќе ги донира во хуманитарни цели, првиот човек на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека ќе го тужат Град Скопје и ќе бараат целосно да бидат исплатени сите трошоци.