четврток, 13 август, 2026
Meta.mk

Синдикатите на пет универзитети најавија протест заради непотпишување на колективниот договор

Вработените на пет универзитети најавија протест за утре како израз на незадоволство што со нив не е потпишан колективен договор. Синдикатите на Универзитетот во Тетово, „Гоце Делчев“ од Штип, „Св. Климент Охридски“ од Битола, „Мајка Тереза“ од Скопје и „Св. Апостол Павле“ од Охрид, најавија дека утре во 13 часот, сите нивни  вработени ќе одржат мирен протест пред влезовите на своите згради. „Синдикатите се обединети околу ставот дека се игнорирани и дискриминирани од Собранието и Владата на Република Северна Македонија со непотпишување на колективниот договор со петте јавни универзитети“, се вели во соопштението на петте универзитети.

Тие го поздравуваат спроведувањето на колективниот договор со УКИМ, но, на надлежните им порачуваат дека истовремено спроведуваат двојни стандарди, дискриминацијата и нееднаквост, бидејќи останатите пет јавни универзитети го уживаат истиот статус, реализираат иста оштествена дејност, со иста одговорност и со непотпишување на колективниот договор неправедно се изоставени настрана од државата. Синдикатите во соопштението наведуваат дека во протестот нема политичка боја, туку е организиран за враќање на достоинството, интегритетот и правдата.

Најмалку 120 луѓе уапсени во Русија за учество на собири во спомен на Навални

Најмалку 120 луѓе беа уапсени во Русија за учество на собири во спомен на Алексеј Навални, кој вчера беше погребан во Москва по неговата сомнителна смрт во затвор минатиот месец. Навални беше погребан на гробиштата во близина на неговиот дом од детството во Москва, додека десетици илјади симпатизери беа спречувани од полицијата да се приклучат на церемонијата.

На роднините и блиските соработници им беше дозволено да бидат присутни на кратката црковна погребна церемонија на најистакнатиот непријател на претседателот Владимир Путин пред погребот на блиските гробишта Борисовское. За време на погребната церемонија, не беа пријавени инциденти, но повеќе од 120 луѓе подоцна беа приведени во Москва, Санкт Петербург, Новосибирск, Екатеринбург и други руски градови за учество во собири во спомен на Навални.

ВМРО-ДПМНЕ денеска официјално ќе го промовира својот кандидат за претседател на државата

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на конвенција денеска официјално ќе го промовира својот кандидат за претседател на државата. На конвенцијата се очекува поддршка да добие единствениот кандидат кој се пријави на партискиот повик, професорката Гордана Силјановска Давкова. Таа е актуелен пратеник во Собранието, а беше и претседателски канадидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2019 година. Силјановска Давкова била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

На денешната конвенција обраќање ќе имаат избраниот претседателски кандидат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Пред официјалниот дел на Конвенцијата ќе се одржат и две панел дискусии на теми „Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“ и „Претседател кој се грижи за одбраната и стратешките интереси на државата“.

Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска истакна дека денешната Конвенција ќе се понуди надеж и претседател кој ќе биде лидер на нацијата.

„Ние сме дојдени денес да понудиме надеж, да дадеме решенија. Да разговараме за претседател кој што треба да биде лидер на нацијата. Претседател кои што има широки надлежности во внатрешната политика, а уште пошироки надлежности во надворешната политика. Претседател кој што ќе биде претседател на земја членка на НАТО, на земја која што посакува да стане полноправна членка на ЕУ. Но, претседател кој што ќе не води по тој пат со заштитен дигнитет и заштитени национални интереси, додаде Муцунски.

Владеачката партија СДСМ за утре закажа конгрес на кој треба да се официјализира поддршката за актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој веќе најави дека ќе се кандидидира за втор мандат. И Силјановска – Давкова и Пендаровски поддршка за кандидатурите ќе побараат и со собирање потписи од граѓаните.

Досега, потребните 10.000 потписи од граѓаните веќе ги собраа лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, министерот за надворешни работи, кандидат на ДУИ, Бујар Османи, кандидатот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Арбен Таравари, од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“ и Билјана Ванковска, кандидат на Левица.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Возач загина откако со автомобилот слетал во река кај Колари

Тешка сообраќајна несреќа се случила вчера околу 18 часот на магистралниот пат Кичево – Гостивар кај селото Колари, во која животот го загубил скопјанец, откако со возилото што го управувал излетал од патот. Во сообраќајката со тешки повреди се здобила малолетна сопатничка, која во моментот е на лекување во болница.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, автомобил марка „форд“ со скопски ознаки изгубил контрола на патот и се превртел, па паднал во река. Од здобиените повреди возачот починал на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.

Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Кичево.

Стружанец кривично ќе одговара бидејќи нападнал медицинска сестра

Основното јавно обвинителство Струга информира дека е поведена постапка против 52-годишен жител на Велешта за кого постои сомнение дека сторил кривично дело, напад врз здравствен работник.

Тој на 29 февруари физички нападнал медицинска сестра на Одделот за хирургија во Општата болница во Струга која побарала од него да ја изгаси цигарата. Агресивно се однесувал кон неа и ја навредувал, а потоа со нога ја удрил во стомакот по што избегал.

„Осомничениот следниот ден бил пронајден и лишен од слобода. Со оглед на тоа што ваквото однесување на осомничениот ја потврдува опасноста тој да се даде повторно во бегство за да го избегне кривичниот прогон, а и поради опасноста тој да го повтори делото и да ја нападне медицинската сестра, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, информираат од ОЈО.

Бајден се надева на договор до почетокот на Рамазан за прекин на огнот меѓу Израел и Газа

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека се надева дека ќе се постигне договор за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Газа до почетокот на Рамазан. Муслиманскиот свет месец, во текот на кој припадниците на верата постат од утро до зајдисонце, ќе започне на 10 или 11 Март.

Бајден информира дека сè уште се работи напорно за постигнување на оваа цел. Предложениот договор предвидува четириесетдневна пауза во сите воени операции од почетокот на Рамазан, како и зголемен проток на помош во Газа, пренесува новинската агенција Ројтерс.

Договорот, исто така, би требало да вклучува и договор за ослободување на палестинските затвореници во замена за израелски заложници во сооднос десет спрема еден.

Повиците за акција за ублажување на хуманитарната криза во Газа се интензивираа во четвртокот, откако повеќе од 100 луѓе беа убиени додека толпата се собираше околу камионите со хуманитарна помош кои доставуваа храна.

Хамас, кој управува со Газа, го обвини Израел дека пука кон цивили, но Израел рече дека повеќето загинале во стампедо откако биле испукани предупредувачки истрели.

По инцидентот, претседателот Бајден ги објави плановите за испраќање помош од воздух во Газа.

„Невини луѓе се заробени во ужасна војна, не можејќи да ги прехранат своите семејства. Го видовте одговорот кога тие се обидоа да добијат помош. Мораме да направиме повеќе,“ изјави Бајден.

Според податоците на ОН, околу една четвртина од населението на Газа во моментов е во опасност од глад, но планираните достави од воздух се оценети од хуманитарните групи како скапи и недоволни.

УНЕСКО бара, државата не испорачува, граѓанските организации разочарани од третманот на Охрид

Ревидираниот Стратегиски план за рехабилитација на Охридскиот регион и понатаму е список на желби на домашните институции, кои не предвиделе ниту временска рамка за имплементација на проектите, буџет и приоритети за секоја активност како што тоа им го бара УНЕСКО.

Граѓанската организација „Фронт 21/42“ реагира на Извештајот за состојбата на Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство, што пред еден месец го усвои Владата и кој заедно со Албанија, земјава треба да го испрати до УНЕСКО.

Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ велат дека сè уште детално го анализираат Извештајот, како и документите кои се наведени во него, а за дел од наводите во документот од организацијата велат дека не се во интерес на заштита на културното и природното богатство. Првенствено, тие посочуваат дека ревидираниот Стратегиски план кој е објавен на интернет страницата на Министерството за култура, не вклучува ништо од тоа што го бара УНЕСКО, како и дека наместо буџет за предвидените активности, исто како и во верзијата од 2023 година, се наведува дека финансирањето на активностите за рехабилитација на доброто ќе бидат проценети во моментот на нивното спроведување и во согласност со актуелната финансиска состојба од страна на надлежните институции. Нема наведено ниту конкретни временски рамки и оставени се истите општи временски рокови, а не се наведени ниту приоритетните активности.

Екологистите реагираат и заради фактот што државата се обврзала во Извештајот пред УНЕСКО следењето на спроведувањето на Планот за рехабилитација да биде во надлежност на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, но од друга страна во новиот Предлог закон за управување со Светското наследство оваа обврска не ја наведува во членот кој ги дефинира надлежностите на новото управувачко тело.

УНЕСКО во своите препораки бара да бидат и отстранети измените во Деталниот урбанистички план и одобрението на локалните развојни планови надвор од населените места, сѐ додека не се спроведе процената на влијанието врз наследството на стратегиско ниво и да се демонстрира дека нема негативно влијание од овие планови врз заштитените вредности. Од „Фронт 21/42“ велат дека одговорот на ова барање во Извештајот е општ и нецелосен и е начин да се избегне одговор на прашањето и одговорност за реалните случувања.

Во реалноста во изминатиот период општините Охрид и Струга имаат спроведено постапки за голем број урбанистички планови од различен вид, особено за урбанистички планови вон населени места кои со право ги издвојува УНЕСКО за кои Комисијата не е ниту известена, уште помалку вклучена во процесите на нивно одобрување, заради што ние редовно до нив испраќаме известувања. Министерството за животна средина за сите Извештаи за стратегиска оцена на влијанието дава позитивно мислење, целосно игнорирајќи ги нашите укажувања за законските прекршувања и неусогласеност со Планот за управување. Пример за тоа е планот Горица Север кој предвидува урбанизација на 17,5 хектари надвор од градот Охрид на самата граница на Студенчишко блато, едно од деветте жаришта на биолошка разновидност на Охридското Езеро и дел од меѓународно заштитеното Рамсар подрачје, посочуваат од „Фронт 21/42“.

Екологистите реагираат и што на барањето на УНЕСКО да се финализира прогласувањето на Студенчишко Блато за парк на природата и на Охридското Езеро за споменик на природата се изготвуваат закони кои не поставуваат основа која ќе осигура мерки за управување со кои ќе се зачуваат клучните еколошки процеси и карактеристики на регионот.

Клучните мерки за заштита во двата закони, како предложените зони, дозволените и забранетите активности во зоните и управувачките тела на подрачјата, не се во согласност со меѓународните стандарди, меѓународното право, ниту со националното законодавство. Најзагрижувачко од се е тоа што доколку се усвојат, овие закони ќе овозможат продолжување на уништувањето на двете подрачја, но сега во согласност со законите за нивна заштита, реагираат од „Фронт 21/42“.

Мета.мк побара став и од надлежните министерства за култура и животна средина, кои учествуваат во изработката на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, веднаш штом Владата испрати информација дека го усвоила овој важен документ. Сепак, три недели откако испративме прашања до нив, одговори не добивме.

Со кафеавата мечка ќе се управува со Акциски план, за да се спречи влегувањето по селата

Кафеавата мечка до октомври треба да го добие првиот Акциски план за управување. Истовремено се работи и на формирање и опремување на интервентен тим што ќе може брзо да излезе на терен и да се справи со различни ситуации поврзани со мечките. По непријатните случки од минатата година, кога мечки се симнуваа во села во Маврово и Шар Планина во потрага по храна, започнува иницијатива за правилно менаџирање со ова диво животно, што би значело негова заштита но и превенција и заштита на луѓето и нивниот имот.

Акцискиот план за управување со кафеавата мечка е веќе во изработка, а се очекува да биде готов до крајот на септември. Се очекува да даде одговори на прашањата каква е состојбата со популацијата на мечката, но и како да се спроведе правилен мониторинг, превенција од штети, достапност на храна и друго. Кафеавата мечка во земјава има статус на заштитено животно со законите за дивеч и ловство и за природа како и неколку меѓународни директиви и конвенции. Се претпоставува дека бројката се движи од 330 до 380 единки, кои живеат во западниот дел од државата.

„Мечката која живее во земјата е дел од Динарско-пиндската популација, една од десетте популации на мечки во Европа, која брои околу 4000 единки и влегува во групата на ранливи животни. Бројот на мечки во земјава досега се дефинирал според пребројувањето кое го прават ловечките друштва, но за да ја знаеме точната бројка треба да се направат генетски истражувања, како што е пракса во речиси сите европски држави“, рече Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво на денешната иницијална работилница организирана од Министерството за животната средина и просторно планирање.

Тој посочува дека досега во земјава не бил изработен ниту еден Акциски план за управување со оваа крупна ѕверка, иако заканите за нејзиното опстанување се бројни, како криволов, уништување на живеалиштата со сеча на шумите или со пожари, но и со инфраструктирни проекти. Во последните години под влијанието на активностите на човекот, но и на климатските промени, се соочува и со недостаток на храна во природата, што резултира со појавување во населените места, особено околу дивите депонии и ѓубриштата, кои ги користи како брз извор на храна.

„Акцискиот план има цел да обезбеди добро управување со популацијата на мечката, од утврдувањето на точната броја преку научни методи, преку следењето и мониторингот, кои ќе треба да бидат основа која ќе се користи за планирање на сите активности во иднина“, вели Стојанов.

Во изработката на планот ќе се користат искуства од европски држави, конкретно од Хрватска, каде веќе се изработени Акциски планови, а функционира и интервентен тим. Според професорот Ѓуро Хубер, превенцијата е вистинскиот начин на намалување на штетите кои може да ги предизвикаат дивите животни. Доколку тие сепак се случуваат, на луѓето треба да им следува отштета, додека отстрелот на животните треба да е секогаш последната опција.

„Постојат повеќе начини како да се спречат мечките да доаѓаат во контакт со луѓето и нивниот имот, а првенствено тоа значи да нема отпад на отворени површини, а таму каде што има да биде заштитен со жичани огради кои може да се електрифицирани. Електричните огради се решение и за заштита на пчеларниците и стадата кои се мета на мечките“, вели Хубер. Планот за менаџмент на мечката, според него, треба да обезбеди стабилност на популацијата и заштита на живеалиштатана животните, но и услови за коегзистирање со луѓето со намалување на штетите и заштита на нивниот имот.

Мета факт: Младите од Карпош не добија можност за практикантство во локални компании

Градоначалникот на Општината Карпош, Стевче Јакимовски во својата изборна програма „Моќен сојуз, јас и вие“, вети дека локалната власт ќе им даде поддршка на младите жители за стекнување практикантско искуство во фирми од Карпош. Во програмата на Јакимовски, во делот посветен на младите, се предложени три проекти, со кои, покрај отворањето на канцеларија за млади и помош за обуката за возачки испит, се ветува и помош за младите да работат во локални фирми како практиканти.

Сепак, до овој момент, нема ниту една информација од општината дека оваа мерка започнала да се спроведува. Од Општината Карпош не одговорија на прашањата на Мета.мк дали досега некои млади добиле практикантско искуство на овој начин, ниту пак, дали и колку фирми во Карпош ја поддржуваат мерката и навистина им даваат можност на младите да стекнуваат искуство кај нив. Со оглед на тоа што за мерката не можат да се најдат никакви дополнителни информации, може да се заклучи дека досега, ова ветување не е исполнето.

Од Општина Карпош на нашите прашања изјавија само дека континуирано даваат поддршка на младите карпошани по разни основи.

Од Карпош информираат дека годинава локалната самоуправа планира да отвори Младински центар каде што младите навремено и точно ќе се информираат за сите можности што им се нудат во границите на општината.

„Во овој младински центар ќе се подготвуваат и спроведуваат програми за подобрување на благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот. Во рамките на овој центар младите карпошани исто така ќе имаат можност да се информираат и да конкурираат за сите огласени нови вработувања на територија на општината“, велат од Општина Карпош.

Посочуват дека во овој Центар младите ќе можат да добијат професионална помош при аплицирањето на објавените огласи за вработување преку совети за изработка на лична биографија, стручна подготовка за интервјуа за вработувања, реализирање на обуки за подобрување на комуникациски вештини, како и други видови на помош со која ќе се придонесе да се унапреди нивниот личен развој и ќе се поттикне нивната вработливост.

Сепак, во однос на конкретната мерка – поддршка на младите во стекнување на практиканско искуство во фирми од Карпош, засега нема информации дека истата се спроведува или пак дека се планира да се спроведе, по што можеме да заклучиме дека ова ветување е неисполнето. 

 

ИЗВОРИ:

Предизборна програма за работа на градоначалникот Стевче Јакимовски (проверено на 14.02.2024 година)

Официјални информации од Кабинетот на градоначалникот Јакимовски, добиени на 26.01.2024 година

Тендерот за регионалната депонија во Свети Николе чека одобрение од финансии и од ЕУ

Тендерот за избор на компанија која ќе треба да ја изгради регионалната депонија во Мечкуевци, Свети Николе сè уште не е објавен. Иако беше најавено дека ќе биде распишан најдоцна во јануари годинава, во моментов тендерската документација е на одобрување во Министерството за финансии и Делегација на ЕУ.

Од Министерството за животна средина за Мета.мк информираат дека тендерот ќе биде објавен во најбрз рок, веднаш штом пристигнат потврдите од двете институции. Според нив, наближувањето на изборите и фактот дека веќе функционираме со техничка Влада, нема да го одложат овој процес.

Процесот на распишување на тендерот за првата регионална депонија по европски стандарди во земјава трае веќе неколку години. Иако за проектот се обезбедени финансиски средства од европските фондови, а набавени се и возила и контејнери за сите општини од Источниот и Североисточниот регион, објавата на тендерот се одложи многупати досега. Од Министерството објаснуваат дека една од причините е и подготовка на урбанистичка документација за локациите која требало, но не ја завршиле општините.

„Бидејќи општините – крајни корисници на проектот не ја исполнија нивната обврска за подготовка на урбанистичка документација за локациите, Министерството за животна средина и просторно планирање ја презеде таа обврска. Подготовката и одбрувањето на урбанистичката документација траеше долго, а предизвика и промени во веќе подготвената техничка и тендерска документација. Дополнително, поради пораст на цените на пазарот, порасна и проценетата вредност на проектот, за што се обезбедија дополнителни финансиски средства од национално кофинансирање“, информираат од Министерството.

Регионална депонија во близина на овчеполското село Мечкуевци ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад. Проектот е вреден околу 40 милиони евра, кои веќе се обезбедени од Европската Унија.

Покрај современиот третман на отпадот во идната регионална депонија во Мечкуевци, којшто подразбира спречување на продорот на исцедокот од отпадот во почвата и водите, на оваа локација ќе се подигнат погони за секундарна селекција на собраниот отпад, како и на постројки за сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг и компостирање на градинарски отпад. Ќе бидат изградени и шест претоварни станици за отпад во Берово, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Ранковце и Куманово. Освен за претовар на отпадот што ќе оди кон Мечкуевци, на овие локации ќе има постројки за компостирање на градинарскиот отпад, а на шесте локации ќе се собира мешаниот и посебен отпад, како што е градежниот шут, металните предмети, комуналниот опасен отпад (бои, лекови, средства за чистење) и кабастиот отпад (душеци, мебел, теписи итн).

Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад по стандардите на ЕУ, во која само одреден процент од собраниот отпад всушност ќе се депонира на локацијата.

Троската од Велес може да се реупотреби и така ќе се чисти, тврдат од Министерството за животна средина

Троската од депонијата на некогашната топилница во Велес е отпад што може повторно да се употреби заради металите кои ги содржи во себе. Истиот случај е и арсенот од јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“, за кој исто така ќе се бара концесионер што ќе треба да го изнесе надвор од државата, за понатамошно искористување на металите кои ги содржи. Решавањето на овие две жешки точки со историски отпад се спроведува според европските практики за циркуларна економија, кои наложуваат сè што може да се искористи да биде наменето за реупотреба, а да се уништи само тоа што е неупотребливо.

Прашањето зошто троската од Велес е суровина, а линданот од ОХИС е опасен отпад, беше едно од прашањата за кои се спорат експертите и локалната власт во овој град. Градоначалникот Марко Колев веќе најави дека нема да ја потпише новата Б-интегрирана дозвола за концесионерот „Кепс Монт груп“ кој треба троската да ја извезе и да го расчисти црниот рид, заради тоа што не е убеден дека ископувањето на депонијата нема да допринесе за поголемо загадување на Велес, особено откако концесионерот побара, освен ископување и сеење, да додаде и дробење и мелење на отпадот.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека законската регулатива за третман на отпадот во земјава е пренесена од европското законодавство кое предвидува хиерархија при управување со отпадот, заради постигнување на целите на заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

Првенствено, според законите за отпад, државните политики треба да се насочени кон спречување на создавање на отпад, потоа подготовка на отпадот за повторна употреба, рециклирање на отпадот и други типови на преработка на отпадот, вклучувајќи ја преработката заради добивање на енергија, а само долку сите овие опции не се возможни, тогаш и отстранување на отпадот како последна опција.

„Во случајот со линданот од ОХИС, овој отпад не е возможно да се реупотреби и заради тоа мора да се отстрани на соодветна лиценцирана локација. Во случајот со троската во поранешна Топилница, мора да се примени ова начело за повторна употреба на отпадот, бидејќи е технички возможно. Од таа причина се декларира како секундарна суровина и се извезува за понатамошна употреба, а не за уништување,“ велат од Министерството за животна средина.

Од концесионерот Кепс Монт груп, пак, велат дека сè уште немаат добиено никаков управен акт од општината Велес со кој ќе им се даде или не Б-интегрирана дозвола, иако како, што велат, веќе изминал последниот рок на 15 февруари. Концесионерот потврдува дека до локалните власти се поднесени сите документи кои го поткрепуваат барањето за новата дозвола која треба да предвиди уште две нови активности, дробење и мелење на згурата. Од Кепс Монт груп велат дека минатата недела ја добиле и дозволата за експлоатација на техногена минерална суровина од Министерството за економија, откако било потврдено дека во процесот на експлоатацијата нема да се испуштаат отпадни води.

Според проценките, депонијата на некогашната Топилница има околу два милиони тони троска. Се смета дека дури десет проценти односно околу 200.000 тони се цинк, што има голема вредност која треба да се искористи. Во депонијата има и 0,2 отсто арсен и два проценти олово, како и индиум и антимон. Досега се извезени само околу 500 тони, со што сите овие тешки метали, оставени на депонијата во услови како што се во моментов, незаштитени и на отворено, под влијание на временските услови, остануваат да ја загрозуваат животната средина и здравјето на велешани.

Велес дефинитивно не дава дозвола за дробење и мелење на згурата, депонијата останува закана за градот

Општината Велес и официјално донела одлука да не ја продолжи Б-интегрираната дозвола на компанијата „Кепс Монт груп“, која требаше да ја извезе згурата од депонијата на топилницата како техногена минерална суровина.

Од Општината за Мета.мк потврдуваат дека веќе се изработува и решението кое ќе го достават до концесионерот, а како причина за одбивање ќе бидат наведени двете дополнителни дејности кои тој ги побарал, дробење и мелење на отпадот, на истото место каде што е и депонијата.

„Донесена е Одлука за отфрлање на барањето за добивање на Б-Интегрирана еколошка дозовола за експлоатација на техногена минерална суровина со поставување на постројка за дополнителни операции мелење и дробење на локалитет Баш колиби. Општината е во фаза на изготвување на Решението за отфрлање на барањето од страна на градоначалникот. Причина за отфрлањето на барањето се двете дополнителни операции на дробење и мелење“, информираат од Општина Велес.

Доколку концесионерот сака да продолжи да работи ќе треба веројатно да се врати на дејностите кои му беа дозволени со старата Б-Интегрирана дозвола ископ, сеење и транспорт. Од Општината велат дека за тоа ќе треба да достави ново барање за продолжување дозволата.

„Доколку барателот поднесе барање за операциите кои беа наведени во претходната дозвола потребно е најпрво да се разгледа новото барање, а потоа да се спроведе постапката за издавање на Б-Интегрирана еколошка дозвола. Ако тогаш ги исполнува условите и мерките од барањето може да му се издаде Б-Интегрирана еколошка дозвола“, посочуваат од Општината.

Компанијата „Кепс Монт груп“ има концесија од Министерството за економија која е со важност до 2026 година. Доколку не ја поседува и Б-интегрираната дозвола не може да работи на расчистување на депонијата со згура. Првата дозвола, која ја издаде Општината Велес во 2019 година, истече лани во октомври, а процесот за добивање нова трае веќе неколку месеци. Почнувањето на нова постапка, доколку концесионерот реши да остане и да работи со првичните дејности за кои важаше и претходната дозвола, ќе потрае уште неколку месеци, што уште повеќе ќе го скрати времето што ќе остане до истекувањето на концесијата.

Од компанијата велат дека во моментов се во очекување на решението од Општината Велес, по што ќе информираат за нивните следни активности. Од таму информираа дека веќе имаат склучено договори со две топилници во Јужна Кореа и Албанија и дека ја чекаат дозволата за да почнат да извезуваат.

Депонијата со згура на некогашната топилница во Велес е втората најжешка точка со историски отпад во земјата, веднаш по скопски ОХИС. Се проценува дека има околу два милиони тони троска, од кои голем дел се остатоци од металите обработувани во топилницата и содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.

Близината до населените места и состојбата во која се наоѓа, на отворено и без никаква заштита, се опасна закана за здравјето на луѓето и за животната средина. Според истражувањата на професорот Трајче Стафилов, како резултат на неконтролираното разнесување на оваа прашина во воздухот, почвите се многу интензивно загадени. Во околината од 30 квадратни километри, утврдено е критично загадување со тешки метали на речиси седум квадратни километри.

Чистењето на линданот во ОХИС паузира веќе шест месеци, малата депонија нема да се заврши ниту годинава

Чистењето на токсичниот линдан во ОХИС паузира веќе шест месеци. Во август лани заврши ископувањето на третиот дел од малата депонија и од тогаш работите се во мирување. Министерството за животна средина минатата година најави дека чистењето на четвртиот дел од малата депонија ќе продолжи од овој месец, но сега и тој термин се поместува за средината на март.

Причините за доцнењето се слични како и тие минатата година, кога исто така имаше повеќе месечна пауза во чистењето на опасниот отпад меѓу вториот и третиот лот. Иако се работи за истата депонија, секој нејзин дел е предмет на административни процедури, кои, очигледно се долги и комплицирани. Според информации од Министерството, админстративната процедура за четвртиот лот сè уште трае. До скоро немаше ниту доволно пари во Мултипартнерскиот фонд што го раководи УНОПС за довршување на чистењето. Пред еден месец министерката за животна средина, Каја Шукова информираше дека се обезбедени 2,5 милиони евра, дел од домашниот буџет, а дел се од донатор, со што се затвора финансиската конструкција за завршување со оваа жешка точка.

„Чистењето на четвртиот лот сè уште не е започнато. Компанијата Полиеко треба да го достави Планот за ремедијација до Министерството за животна средина и просторно планирање, по што истиот ќе треба да биде одобрен. Се предвидува чистењето на четвртиот лот да започне во средината на месец март 2024 година“, стои во информацијата од Министерството.

Чистењето на малата депонија со линдан започна во март 2022 година, а според првичните најави требаше да заврши за најмногу 18 месеци, или до крајот на минатата година. Сепак, темпото на работите укажуваат дека опасниот отпад нема набрзо да си замине од Скопје. Од Министерството велат дека со оглед на долгите паузи меѓу два лота, малата депонија нема да може да биде исчистена ниту до крајот на оваа година. Лани, во чистењето на третиот лот, кој заврши во август, беа извезени и уништени 525 тони на HCH отпад и 42 тони на земја контаминирана со HCH.

„Останатите количини од 168 тони на земја контаминирана со HCH во осум контејнери се очекува да се извезат и уништат до втората недела од април годинава. Динамиката на извозот е условена од расположливите капацитети на постројката за спалување, поточно три контејнери ќе се извезат на 13 февруари, три во првата недела на март и два во првата недела на април“, информираат од Министерството.

Според професорот Трајче Стафилов, кој има посветено повеќе научни трудови на историскиот отпад во земјава, меѓу кои и тој од ОХИС, гама изомерот на HCH, односно линданот, кој се користел како инсектицид е најтоксичен од сите изомери. Во фабриката, делта изомерот се депонирал на малата депонија, а алфа и бета изомерите како смеса, во големата депонија. Во еден дел од малата депонија при ископувањето беше откриена и мала количина на жива, но од министерството велат дека оттогаш не е откриен нов случај на присуство на други загадувачи материи, освен HCH.

Малата депонија со линдан има околу 13.000 тони, додека во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан. Исто така, депонијата во месноста Пеленица кај Драчево исто така содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Балканскиот рис доби повисоко ниво на заштита според Бонската конвенција

Балканскиот рис е вметнат во Бонската конвенција, а С. Македонија и Албанија се обврзаа со здружени сили да го штитат неговиот опстанок, информираат од Македонското еколошко друштво. За време на Конференцијата на Бонската конвенција, која се одржува во Узбекистан, евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот на преселни видови.

Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската, со што двете земји се заложија да ја заштитат оваа ретка мачка, од која се преостанати помалку од 50 возрасни единки, кои постојано се движат низ Македонија, Албанија и Косово.

„Ова се одлични вести за сите заштитари од Европа и Азија. Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија, сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот, МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија спроведоа кампања за заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана. Вклучувањето на балканскиот рис во Бонската конвенција, ќе значи дека земјите ќе се заложат да создадат најдобри можни услови за зачувување на загрозеното животно.

„Ова, меѓу другото, подразбира и развој на регионална стратегија за заштита на загрозениот подвид и нејзино преточување во национални акциски планови. Со ова ќе се овозможат прекугранични заштитарски активности, како што е мониторинг на балканскиот рис“, велат од МЕД.

Балканскиот рис се соочува со недостиг на поволни и поврзани живеалишта поради прекумерната експлоатација на шумите. Ова резултира и со намалена достапност на пленот. Дополнителна отежнителна околност е криволовот на пленот, а и самиот рис е жртва на криволов, поради лов на трофеи или погрешната перцепција дека убива стока.

Бонската Конвенција за заштита на миграторни видови диви животни обезбедува глобална платформа за заштита на преселните животни и нивните живеалишта. Таквите видови на кои им се заканува истребување, како што е балканскиот рис, се вклучени на Прилог 1 од Конвенцијата. Освен Македонија и Албанија, копредлагачи за вклучување на балканскиот рис кон списокот на миграторни видови, беа и Босна и Херцеговина и Узбекистан.

„Со оваа одлука властите во Северна Македонија и Албанија прават јасна заложба за заштита на балканскиот рис. Будно ќе следиме дали се спроведува ветеното,“ вели Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација „Еуронатур“, која покрај КОРА од Швајцарија, МЕД од Македонија, ППНЕА од Албанија и ЕРА од Косово е дел од Програмата за закрепнување на балканскиот рис.

Енергетската транзиција ќе нè ослободи од јагленот, загадениот воздух, но и од увозот на струја

Замена на јагленот со чиста енергија, особено од сонцето кое го имаме во изобилие е една од главните заложби кон кои цели земјава на полето на енергетиката. Транзицијата на секторот кој се смета за еден од најголемите загадувачи на воздухот и емитери на стакленички гасови е приоритет поставен во повеќе стратешки документи, со кои С. Македонија се приклучува кон напорите на Европската Унија за јаглеродно неутрален континент до 2050 година.

Освен исфрлањето на фосилните горива транзицијата треба да ни донесе и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, подобрување на енергетската ефикасност, намалување на влијанието на климатските промени, подобрување на состојбата со квалитетот на воздухот особено во урбаните средини, како и намалување на енергетската сиромаштија.

Зелената енергетска транзиција во земјава ќе значи коренити промени особено за два региони, Битолскиот и Кичевскиот, каде се лоцирани најголемите енергетски капацитети што користат фосилни горива. Македонија неодамна на COP28, климатскиот самит во Дубаи ја претстави инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција со цел успешна транзиција кон ниско-јаглеродна економија и праведна транзиција на енергетскиот сектор. Целта е да се алоцираат средства од меѓународни финансиски институции со кои ќе се замени јагленот како енергенс, ќе се инсталираат 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година, ќе се инвестира во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и ќе се предвидат праведни преодни мерки за поддршка на двата региони погодени од оваа транзиција.

Средствата за првите проекти се најавени преку Климатскиот инвестициски фонд, од каде се обезбедени 85 милиони долари. Кои и какви проекти ќе бидат реализирани, според Елена Николовска од Еко свест, треба да зависи од потребите на локалното население. Таа смета  дека еден од најголемите предизвици во постигнувањето на енергетската транзиција и реализација на проектите ќе биде комуникацијата со локалното население, што е евидентно и од планирањето на регионалните депонии за отпад.

Таа посочува дека консултацијата на локалното население, локалните организации и експерти, со потполна вклученост и информираност на општината е неопходно за проектите да не наидат на отпор кај населението. На граѓаните треба да им биде оставено доволно време да разберат какви проекти ќе се реализираат во нивната заедница и што ќе значат тие за нив.

„Потребно е во секоја општина да има канцеларија во која граѓаните ќе можат да добијат информација како може да инсталираат фотоволтаични панели на својата куќа, колку ќе треба да инвестираат и дали и од каде ќе добијат субвенции. Транзицијата не треба да биде процес што постојано е испреплетен со пречки, да не подлежи на мито и корупција, а процедурите треба да се едноставни. Политиките на Владата треба да им овозможат на домаќинствата да инсталираат обновливи извори на енергија со капацитет што им одговара, да ја враќаат струјата назад во системот и да добијат надомест за тоа, како и компаниите“, вели Николовска.

Еко свест и МАНУ со поддршка на The Nature Conservancy изработија студија со мапа која покажува дека земјава има капацитет само на деградирани подрачја да изгради фотонапонски и ветерни централи кои ќе произведат двојно повеќе електрична енергија од тоа што сега троши целата земја. Според Александар Дединец, автор на студијата, енергетските проекти важни за зелената транзиција ќе можат да се реализираат на точно одредени локации кои нема да бидат во колизија или да ги загрозат биодиверзитетот и природните живеалиштата, како и плодното земјоделско земјиште.

„Во Македонија на најповолни локации можат да се изградат околу 60.000 мегавати соларни централи. Доколку ги исклучиме заштитените подрачја и подрачјата каде што во моментов се ископуваат минерални суровини, останува деградирано земјиште на кое може да се изградат околу 11.000 мегавати обновливи извори на енергија. За споредба, Македонија сега троши околу 8.000 гигават часови енергија, а со потенцијалот во обновливите извори може да да се произведе двојно повеќе енергија од целата наша сегашна потрошувачка“, вели Дединец.

Во изработката на мапата учествуваа експерти, институции и инвеститори а најдобрите локации се избрани врз основа на над десет критериуми. Дединец вели дека мапата е јавна и достапна за сите кои се заинтересирани да инвестираат.

„Енергетската транзиција ни оди во прилог од повеќе причини. Таа ќе допринесе не само да се ослободиме од фосилните горива, туку и да ја намалиме увозната зависност, максимално да ја зголемиме енергетската ефикасност, да ги намалиме емисиите на јаглерод и да го подобриме квалитетот на воздухот“, посочува тој.

Законот за Охридско Езеро ги крши меѓународните прописи, тврдат екологисти од „Фронт 21/42“

Со усвојувањето на текстот на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, Владата и Министерството за животна средина го прекршија домашното и меѓународното законодавство и постапија спротивно на Уставот, велат од еколошката организација „Фронт 21/42“. Тие се незадоволни и од изборот на ЈП „Колекторски систем“ од Охрид за управувачко тело на Охридското Езеро.

Екологистите реагираат дека усвојувањето на законот без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, е спротивно на препораката на Бернската конвенција, која е ратификувана од земјава и не може да се менува со закон.

„Во коренот на проблемот е Студијата за валоризација, која е основа на Законот за прогласување, а која не ги содржи законски обврзните информации, ниту го спроведува Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. За Студијата за валоризација на најстарото езеро во Европа не беше спроведено ниту едно истражување. За илустрација на содржината на Студијата ќе наведеме само еден факт – охридската пастрмка не е меѓу клучните видови за езерото“, посочуваат од „Фронт 21/42“.

Екологистите потенцираат дека мисијата на Бернската конвенција во април 2023 година потврдила дека предложените зони и дозволени и забранети активности се базираат на Студија со застарени податоци, во која се прикажува поинаква состојба на живеалиштата од реалната, поради што во декември лани, Постојниот комитет препорачал ревизија на најважните елементи на Студијата пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата.

Пред два дена Владата го усвои текстот на предлог Законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата по што за него ќе треба да се гласа во Собранието. Според информациите од Министерството за животна средина, Охридското Езеро се прогласува за Споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки.

„Со прогласувањето се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското езеро преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природните вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите“, посочуваат од Министерството.

Пожарите во зима се последица на климатските промени, но и на традицијата на палење стрништа

Климатските промени ни донесоа пожари и во зима. Високите температури, невообичаени за овој период од годината, како и долгиот сушен период без врнежи од снег и од дожд, дополнети со човечки активности и невнимание, создадоа поволни услови шумите и планините да ни горат и во февруари.

Во последните неколку денови се регистрирани дваесетина пожари на отворено. Според податоците од Центарот за управување со кризи, горела нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери. Пожари се забележани речиси во секој дел од државата, на Шар Планина и на планината Жеден, во околината на Скопје, Прилеп, Охрид, Велес, Делчево, Куманово, Тетово, Чешиново… Голем дел од нив се поврзуваат и со топлото време и почнувањето на земјоделските работи и подготвките на пасиштата, кои кај нас традиционално се прават со палење на стрништата.

Од Националниот парк „Шар Планина“ денеска информираа дека пожарот над селото Вешала е веќе локализиран од страна на тетовските пожарникари и нивната ренџерска служба. Посочуваат дека ова не бил првиот пожар на отворено оваа зима, но се разгорел повеќе заради временските услови и посилниот ветер.

„Иако критичниот период за пожари во шума е во пролет и во есен, климатските промени и температурните осцилации и долгата суша кои ги предизвикуваат допринесуваат тие да се случуваат се порано. Деновиве ноќните температури на планина не се спуштаат под 4 Степени Целзиусови, што ги мотивира луѓето да излезат и да чистат на нивите, на пасиштата, покрај патот“, вели Анела Ставревска -Панајотова од Националниот парк „Шар Планина“.

Таа информира дека во паркот има десет ренџери кои се постојано на терен, но и дека се опремени со оскудна опрема која се состои од метли, лопати и ранци со вода, која не е доволна за справување со посериозни пожари.

„Иако пожарот е изгаснат, ние сме постојано на готовс. Сомнително е што последниот пожар започна веднаш покрај патот, заради што беше повикана и полиција, за да се утврди дали можеби некој го потпалил“, вели Ставревска –Панајотова и посочува дека многу е важно да се работи на превенцијата, а особено на едукацијата на населението во руралните средини за напуштање на практиките за палење, како начин на чистење.

Истите апели деновиве беа упатени и од Центарот за управување со кризи. Директорот Стојанче Ангелов тврди дека ниту еден пожар не настанува без влијание на човековиот фактор.

„Точно е дека вегетацијата е сува и дека немаше доволно врнежи, но на Шара во исто време се појавија пожари на четири места. Среќа е што тие веќе се изгаснати“, посочува Ангелов.

Тој информира дека огнот е сè уште активен на планината Жеден, каде што горат трева и грмушки, а за негово гаснење е ангажиран и полициски хеликоптер. Од ЦУК исто така апелираа да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар да се пријавува на бројот 112, како и другите итни случаи, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.

Градоначалникот на Велес, Колев, нема да потпише дозвола за дробење и мелење на згурата од топилницата

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев одлучи да не ја потпише Б-интегрираната дозвола за компанијата „Кепс Монт груп“ која треба да ја исчисти депонијата со згура на некогашната топилница. Колев, на последната седница на Советот на Велес, изјави дека сериозно го анализирал барањето на „Кепс монт груп“, и дека смета дека е грешка што остатоците на депонијата се третираат како техногена минерална суровина. Тие, според него, треба да се гледаат како опасен отпад, како што е линданот во ОХИС. Колев рече дека оваа грешка треба да се исправи и да се побара посоодветен начин на чистење.

„Градоначалникот ја потпишува Б-интегрираната дозвола, но врз основа на доставени документи зад кои стојат институциите кои ги изработиле. Јас консултирав и експерти од земјата и од странство кои долго се заниваваат со оваа проблематика. Сите имаат сомнеж дека со дополнителните работи на дробење и мелење на отпадот ќе се наруши животната средина и дека прашината ќе влезе во Велес. Под овие околности јас нема да потпишам Б-интегрирана дозвола“, рече Колев.

„Кепс Монт груп“ побара проширување на првичната дозвола, која им истече во октомври минатата година, со уште две дејности, дробење и мелење, како подготовка на суровината за извоз. Тоа наиде на голем отпор кај јавноста, локалните екологисти, но и политички партии. Од концесионерот велат дека, пред да го достават барањето за обновување на дозволата до Општината, ги добиле сите потребни документи и мислења од повеќе институции меѓу кои и министерствата за економија, за животна средина, за транспорт и врски, за здравство, за култура и за финансии, неколку јавни претпријатија, како и од експерти од Технолошко-металуршкиот факултет, Институтот за хемија, Шумарскиот факултет и Градежниот институт.

„Технолошкиот процес што сакаме да го воведеме се базира на водено одвојување на згурата од шут и песок, селектирање со гравитационо-магнетна метода, подготовка со дробење и мелење на поголемите парчиња за извоз и товарење и транспорт до крајниот потрошувач. Во процесот емитирањето на прашина е сведено на минимум“, посочија од „Кепс Монт груп“.

Од компанијата веќе информираа и дека имаат склучено договори со две топилници во Јужна Кореа и Албанија и дека ја чекаат дозволата за да почнат да извезуваат.

Депонијата со згура долги години е закана за животот и здравјето на велешани. Оставена на отворено, како што е и сега, прашината полна со тешки метали слободно се разнесува и ги полни воздухот, почвата и подземните води. Чистењето на црниот рид, за кој се претпоставува дека има над два милиони тони, е единствениот начин за спас на градот и неговите жители. Оваа депонија е рангирана на второто место на листата на најопасни историски еколошки жаришта, според истражувањата на професорот Трајче Стафилов.

„Како резултат на пренос на оваа прашина од депонијата во воздухот, почвите се многу интензивно загадени. Во простор од 30 квадратни километри на градот Велес, утврдивме критично загадување на скоро седум квадратни километри“, вели Стафилов.

Мета факт: Општина Карпош не изгради трим патека до крстот на Водно

Општината Карпош досега не изгради трим патека за рекреација на граѓаните до Милениумскиот крст на Водно, иако овој проект беше едно од изборните ветувања на градоначалникот Стевче Јакимовски. Од Општината сега информираат дека не се подготвени самостојно да го реализираат овој проект, туку дека само би учествувале доколку Градот Скопје го реализира.

Според ова, можеме да заклучиме дека ова ветување на Јакимовски, иако беше ветено, засега не е исполнето.

Во својата предизборна програма „Моќен сојуз. Јас и вие!“ за локалните избори во 2021 година, градоначалникот на Општина Карпош Стевче Јакомовски, во делот посветен на проекти за спорт и рекреација ветува дека ќе изгради трим патека до Милениумскиот крст на Водно.

Сепак, три години откако Јакимовски стана градоначалник, од оваа општина информираат дека не можат самите да го реализираат овој проект. Според одговорите на прашањата кои Мета.мк ги упати до Карпош, трим патеката би била лоцирана на градско земјиште, поради што може да се гради само како проект на Градот Скопје.

„Општина Карпош нема можност самостојно да ја изгради трим патеката до крстот на Водно бидејќи е лоцирана на територија под ингеренции на Град Скопје. Општината е подготвена преку заеднички проект да учествува во реализацијата на оваа патеката со која карпошани, но и скопјани ќе добијат место плус каде што ќе можат да спортуваат и да се рекреираат, но носителот на проектот мора да биде Град Скопје,“ стои во одговорот на Општината Карпош.

Оттаму, нејасно е од кои причини ова ветување стои во програмата на градоначалникот на Општина Карпош, доколку се знаело дека трим патеката можела да се изгради само како проект на Град Скопје. Градоначалниците пред да ги дадат ветувањата би требало в раце да ги имаат сите аргументи и факти, со цел граѓаните да не бидат залажани од ветувања кои не можат да бидат остварени, од едни или од други причини.

ИЗВОРИ:

Предизборна програма за работа на градоначалникот Стевче Јакимовски (проверено на 02.02.2024 година)

Официјални информации од Кабинетот на градоначалникот Јакимовски, добиени на 26.01.2024 година

Вработените во ФЗО најавија штрајк против намалувањето на платите

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов најави дека вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе штајкуваат заради најавеното намалување на платите. Трендафилов, во интервју за Радио Слободна Европа, информираше дека одлуката за штрајк е веќе донесена и ќе стартува од утре.

„Штрајкот е непопуларна мерка кон која прибегнуваат работниците и синдикатите само во ситуација во која немаат излез, кога ќе бидат ставени до ѕид. Се разбира дека егзистенцијата на работниците е најважна и работниците не можат да работат со намалување на платите за 21 отсто и решени да штрајкуваат. Жално е тоа што сите ние ќе трпиме поради ваквиот однос на функционерите, на мала врата да го спроведат ова намалување на платите и пак вината да ја префрлаат на синдикатите, вели Трендафилов.

Тој посочува дека работниците не се виновни за тоа што ќе им се намали платата и што ќе штрајкуваат, туку дека се виновни креаторите на политики. Трендафилов рече дека очекува разумни луѓе во Управниот одбор да донесат разумна одлука и да не го дозволат тоа и да не го блокираат функционирањето на ФЗО.

Синдикатите и претходно најавија дека доколку Управниот одбор на ФЗО одлучи да им ги намали платите на вработените за 21 отсто, ќе биде организиран штрајк. Според најавите, од утре на шалтерите само ќе се прима документација, но ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и други услуги.