понеделник, 8 јуни, 2026
Meta.mk

Католиците го слават Велигден, честитка од претседателот Пендаровски

Христијанските верници денеска го прославуваат големиот христијански празник Воскресение Христово -Велигден според Грегоријанскиот календар. Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски и до сите верници со поздравот – Христос воскресна! Во честитката Пендаровски пишува дека во овој поздрав е сублимирана сржта на христијанската вера дека Бог во Исус Христос целосно се поистовети со страдањата на луѓето, ја плати цената за отуѓеноста на човештвото и со тоа започна да го обновува светот.

„Иако не е лесно да се препознаат во време на кризи и на конфликти, сепак, контурите на оваа обнова се исцртани со секој чин на солидарност кон најранливите меѓу нас. Обновата е присутна во спротивставувањето на структурните причини за сиромаштијата, нееднаквоста и неправдата, во заложбите за мир, социјална правда и заштита на природата. Овие индивидуални и заеднички подвизи се слика за тоа какво може да ни биде општеството доколку добрината стане наша врвна вредност.

Нека овој празник нѐ поттикне, следејќи го Христовиот пример, активно да учествуваме во изградбата на праведно и хумано македонско општество со јасни морални вертикали, а со тоа и во обновата на надежта. Христос воскресна! Навистина воскресна!“, стои во честитката од Пендаровски.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат на свои блиски кои имаат дијабетес, Ѓорѓина и Марио ги искористиле развојот на технологијата и можностите кои ги нуди за да понудат решение за еден медицински проблем.

Тие во интервју за Мета.мк велат дека со ДИА многу лесно се следат и контролираат големиот број информации поврзани со дијабетесот, што на секое лице кое се соочува со оваа состојба му нуди можност успешно да ја контролира.

Преку оваа алатка, дијабетичарите секојдневно можат да внесуваат податоци поврзани со своето здравје и нивоата на гликоза во крвта и да ги следат преку извештаи кои се генерираат преку апликацијата. ДИА е наменета за лицата со било кој тип на дијабетес.

„ДИА е мобилна апликација наменета за менаџирање на дијабетесот во која се внесуваат нивоата на глукоза, крвен притисок, телесна тежнина и ХБА1Ц и се добиваат извештаи за состојбата на дневно, неделно или месечно ниво. Апликацијата содржи и едукативни блогови, кои преку алгоритам се персонализираат по потребите на корисникот и му нудат информативни и едукативни содржни за животот со дијабетес, типовите на дијабетес, потребата од физичка активност или одредена исхрана, со што тие ќе можат да донесуваат правилни одлуки“, вели Ристовска за Мета.мк.

ДИА е веќе активна и може да се користи, но Ѓорѓина и Марио посочуваат дека активно работат на нејзино усовршување. Со воведување вештачката интелигенција планираат ДИА да стане интелигентен асистент за дијабетес, кој ќе може на корисниците да им дава препораки за здравјето, физичката активност и исхраната, врз основа на нивните персонализирани податоци.

„Имаме многу роднини и пријатели кои се на наша возраст и имаат дијабетес. Направивме истражување и пробавме да разбереме како може технологијата да реши некои од нивните проблеми. Овие лица постојано треба да следат многу податоци и така дојде идејата да направиме еден асистент што би им помогнал при нивно менаџирање. Во истражувањата вклучивме и дијабетичари и медицински лица и креиравме решение кое е спој на технологијата и медицината“, објаснува Ристовска.

Во моментов тимот на ДИА соработува со Стартап клуб од Скопје од каде добиваат менторска помош за дефинирање на идните алатки и бизнис моделот со цел апликацијата што побрзо да се најде и на регионалниот и глобалниот пазар. Очекуваат целосното решение да го имаат кон средината на идната година.

„ДИА е достапна за македонскиот пазар, а во брзо време сакаме да ја прошириме и на регионално ниво. Доколку ги реализираме сите нови алатки кои ги планираме, би биле конкурентни на глобално ниво. Со нив ДИА би била паметен асистент кој ќе дава и препораки на повеќе јазици“, вели Мијатовиќ.

Во моментов, апликацијата е достапна бесплатно на Гугл Плеј (Google Play) и е преведена на три јазици – македонски, албански и англиски.

Мета факт: Нема комунални полицајци во општините, а законот не е готов и по четири години

Воведувањето на комунална полиција во општините, која ќе се грижи за локалниот комунален ред, чистота и зачувување на животната средина, останува ветување кое нема да биде исполнето во мандатот на оваа Влада. Иако оваа нова служба беше предвидена во Програмата на Владата 2020-2024 во делот за животна средина како проект кој ќе започне да функционира уште во 2021 година, сепак, ниту три години подоцна, на улиците нема комунални полицајци. Не е готов ниту законот што би ги регулирал правата и обврските на оваа нова служба, а првичната законска верзија е заглавена во бесконечни административни процедури и префрлања на надлежности.

Од тука, може да заклучиме дека ова ветување е неисполнето.

Според Програмата на Владата, комуналната полиција требаше да ги надополни инспекциските служби и еко патролите со цел да се зајакне контролата врз сите кои загадуваат.

„Ќе предложиме закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и Еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење на гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и сл. со мандатни казни. Комуналната полиција ќе почна да функционира во 2021“, стои во Програмата.

Министерката за животна средина Каја Шукова минатата година рече дека чистењето на дивите депонии по општините е бесцелно, доколку тие повторно се создаваат. Таа посочи дека е потребно да се воведе комунална полиција која ќе може на лице место да изрекува казна на овие сторители.

Од Министерството за животна средина потврдуваат дека законот за комунална полиција сè уште не е готов и дека треба да се работи на конечната верзија.

„Во однос на воведувањето на комуналната полиција постои драфт верзија на концептот на Законот, а ќе се доработува во рамките на техничката помиш во проектот за отпад од ЕБРД“, посочуваат од Министерството.

Воведувањето на комунална полиција ќе значи давање право на општините да изрекуваат мерки и да преземаат активности за почитување на комуналниот ред, јавната хигиена, заштитата на зеленилото, водите, јавните површини, загадувањето на воздухот и почвата, одлагање на отпадот, одржување и безбедност на настаните од локално значење, заштита на имотот и објектите во сопственост на единиците на локалната самоуправа и имотот и објектите на установите основани од локалната власт. Комуналните полицајци ќе можат и да помагаат кога општинските инпектори ќе вршат инспекциски надзор.

Закон за комунална полиција е долгогодишно барање на ЗЕЛС, велат во Заедницата на единици на локалните самоуправи, и посочуваат дека минатата година првичната верзија изработена од Град Скопје на нивна иницијатива била дополнета со мислења и од општините.

„ЗЕЛС и градоначалниците за оваа иницијатива во разни прилики досега ги имаат запознаено повеќето министри во Владата од каде е добиена начелна поддршка за ваква нова надлежност на општините, но е потребно усогласување со останатите прописи што се во сила во нашето законодавство. По опсежна дискусија на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во ноември минатата година, беше заклучено да се формира работно тело од градоначалници и професионални лица од администрацијата од општините Крива Паланка, Ѓорче Петров, Куманово, Центар, Студеничани, Охрид, Бутел, Чаир и Град Скопје, посочуваат од ЗЕЛС.

Велат дека побарале членови да номинираат и министерствата за  внатрешни работи, транспорт и врски, локална самоуправа и од  Секретаријатот за законодавство, но формирањето на работната група заради изборите ќе се одложи за неколку месеци.

„Работната група ќе треба да ги утврди сите правни пречки за ваква нова надлежност за локалната самоуправа и да предложи одредби за понатаму да се изменат, дополнат или усогласат поединечните прописи што се на сила“, велат од ЗЕЛС.

Освен Владата, можноста за воведување комунална полиција во своите програми предвидоа и многу градоначалници, меѓу кои и градоначалникот на скопската општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Од оваа Општина велат дека за реализација на ова ветување ги очекуваат потребните законски измени.

„Ве информираме дека за реализација на проектот „Еко Полиција“, неопходни се законски промени и во таа насока истите како проект се подготвуваат на ниво на повеќе општини, преку Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС)“, стои во одговорот од Аеродром.

ИЗВОРИ:

Програма на Владата за заштита на животна средина за периодот 2020-2024, проверено на 26.03.2024

Тимчо Муцунски, Мојата програма за Аеродром во 90 секунди, проверено на 26.03.2024

360stepeni.mk Шукова: Се размислува за воведување комунална полиција, но потребна е и поголема свест, проверено на 26.03.2024

Мета.мк Граѓаните сè уште чекаат воведување на комунална полиција проверено на 26.03.2024

Природните вредности на Вевчанските извори претставени на трајна изложба

Природните вредности на споменикот на природата Вевчански извори и планината Јабланица од денеска ќе бидат претставени на трајна поставка за природа насловена „Патување низ природните богатства на Вевчански Извори“ во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани. Поставката, која ќе има цел да едуцира и да ја подигне јавната свест за ова заштитено подрачје, ја отворија граѓанската органзиација „Еко-свест“ и Општината Вевчани.

„Трајната поставка ќе биде еден вид на едукативен центар за посетители на Вевчани од основните и средните училишта, како и за туристите, студентите и сите љубители на природата. Таа треба да претставува и наша определба за заштита не само на Вевчанските извори, туку и на целата планина Јабланица“, изјави Дарко Ќитаноски, локален проектен координатор на „Еко-свест“ во Вевчани.

Од организацијата информираат дека поставката изобилува со забавни и едукативни содржини за сите возрасти и е изработена на македонски и англиски јазик. Таа овозможува запознавање со природните вредности и реткости на подрачјето. Преку интерактивни игри кои се направени посебно за најмладите, поставката ќе даде извонредна можност за едукативни активности за основните училишта од регионот и пошироко. Во комбинација со едукативните активности во природа, како и акциите со граѓанска наука, оваа изложба го комплетира едукативното искуство и за средношколците и возрасните љубители на природата. Поставката е изработена и поставена од „Еко-свест“ како дел од проект финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONТ.

„Кепс Монт груп“ ќе се жали на одлуката на Општина Велес да не им даде Б-интегрирана дозвола

Општината Велес не му издаде Б-интегрирана дозвола на концесионерот „Кепс Монт груп“, заради тоа што отпадот во депонијата од топилницата не го третира како историска жешка точка, туку како техногена минерална суровина. Во решението општинарите навеле дека го отфрлаат барањето на компанијата за продолжување на дозволата, бидејќи постоеле опасности, заради начинот на кој се предлага да се работи на депонијата, да се предизвикаат штетни последици по здравјето на жителите на градот.

Концесионерот, пак, вели дека тој не е надлежен да одлучува дали троската е жешка точка или минерална суровина, туку тоа го прават законите. Посочуваат дека тие можат да работат само со суровина, заради тоа што само за тоа имаат договор за концесија од Министерството за економија.

Оваа компанија, која треба да ја извезе згурата полна со тешки метали од Велес, веќе еднаш имаше Б-интегрирана дозвола за да постапува со минерална суровина. Сега не може повторно да ја добие, бидејќи бара да се воведат уште две дејности, за дробење и мелење на троската, како подготовка за извоз. Според решението на Општина Велес, компанијата не доставила доволно докази во барањето за нова дозвола, како новите активности навистина би влијаеле врз животната средина.

Од компанијата „Кепс Монт груп“ бараат Општината Велес повторно да го разгледа нивното барање и да ја преиспита својата одлука и да им овозможи на нивните граѓани и на градот шанса конечно да се ослободат од отпадот. Во меѓувреме, најавуваат дека ќе ги искористат и сите правни лекови и дека ќе се жалат на решението кое го добиле.

„Со самото доделување на троската под концесија за експлоатација, Владата одлучила дека ќе се третира како концесија, а не како индустриска жешка точка. По тој основ и ги имаме добиено дозволата за експлоатација од Министерството за економија и одобренијата на Студијата и Елаборатот за животна средина од Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од „Кепс Монт груп“.

Посочуваат дека изменетата Б-Интегрираната еколошка дозвола ја барале за подрачје на кој веќе еднаш добиле ваква дозвола, а измените се однесуваат само на дополнителни активности за дробење на суровината и нејзина подготовка за транспорт. Од компанијата потенцираат дека имаат обврски според Договорот за концесија за експлоатација на техногената минерална суровина од Министерството за екомија, со кој се обврзани згурата да ја извезуваат надвор од државата.

Тие посочуваат дека во јавноста постојат многу дезинформации во врска со начинот на третман на отпадот од црниот рид и нагласуваат дека во процесот на експлоатацијата нема да се користат никави препарати за преработка, туку дека целиот процес се заснова на копање, одделување на шутот и отпадот и пакување за транспорт и извоз. Откако ќе заврши овој процес концесионерот е задолжен според Законот за минерални суровини и Договорот за концесија да изврши ремедијација на почвата каде што сега се наоѓа депонијата, а просторот да се зазелени.

Депонијата од топилницата има околу два милиони тони троска, која содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Нивното влијание врз околината и здравјето на луѓето е огромно, што се докажа и од испитувањата на Министерството за здравство кои докажаа загадување со тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, во почвата во радиус од дваесетина километри, во кои има и ниви на кои се одгледува храна. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.

Екоцидот и официјално е ново кривично дело, правниците сметаат дека тешко ќе се докажува

Екоцидот и официјално е ново кривично дело во македонското законодавство. На 15 март стапија во сила одредбите од измените на Кривичниот законик кои се однесуваат на дела против животната средина и природата. Екоцидот е дефиниран како долготрајно и широко распространето загадување на животната средина кое предизвикува сериозна штета, а казната која е предвидена е од најмалку десет години до доживотен затвор.

Измените на Кривичниот законик се донесоа за усогласување со директивите на Европската Унија од оваа област, пред сè Директивата за заштита на животната средина, преку кривичното право, посочуваат од Македонското здружение на млади правници.

Со новините, за разлика од претходно, за некои кривични дела повеќе не е потребно настанување на штета на животната средина, туку доволно е само испуштање на емисии два или пет пати над дозволеното за тоа да претставува кривично дело. Доколку, пак, се докаже дека од ваквите емисии настанала конкретна опасност или штета по човековото здравје или животната средина, тогаш тоа е основ за повисока казна.

Па така, за загадување на воздухот, водата и почвата кое е најмалку двојно поголемо од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор, се предвидува казна затвор од една до три години. Доколку загадувањето е петпати поголемо тогаш казните се од една до пет години. Овие дела се надополнуваат, па така доколку се докаже дека некој со нив предизвикал сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, може да добие казна затвор од три до десет години. Со затвор од три месеци до пет години ќе се казнува и за осиромашување на озонската обвивка. Освен екоцидот, со измените на Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, за кое ќе може да се добие парична казна или затвор до три години.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека високите казни кои ги предвидува новиот Кривичен законик служат и како превентива, но и како механизам за сите да сносат одговорност за штетите на животната средина. Екоцидот се вбројува во листата на најтешки кривични дела бидејќи претставува масовно уништување на животната средина извршено со умисла. Во пракса тоа значи предизвикување пожари на шуми, излевање на нафта или хемиски отпад, дренирање на блатни екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми или со еден збор, уништување на природата до степен од кој не би постоела можност за повторно обновување на растителниот и животинскиот свет.

Правото е во состојба да придонесе за заштита на природните системи, а воведувањето на ова ново кривично дело може да значи промена на свеста во насока на подобра заштита на животната средина што воедно би значело и поефективна правна рамка. Дополнително, заштитата на животната средина во кривично правниот систем ужива низок степен на заштита доколку се земат предвид постојните кривични дела и предвидените санкции. Воведувањето на екоцидот како кривично дело значи чекор напред кон воспоставување на механизми за сите физички и правни лица да носат одговорност за штетите на околината и екосистемите кои се резултат на нивните одлуки и дејствување, посочуваат од ДИЖС.

Инспекторите велат дека како екоцид ќе се казнува и единечен настан со поголем интензитет, како на пример, поголеми пожари, хаварии во индустриска постројка или излевање на хемикалии, како и повеќе дејства кои долготрајно се повторуваат, како на пример, фирма што во континуитет не става филтри и го загадува воздухот или почвата.

Во Македонското здруѓение на млади правници, пак, сметаат дека воопшто нема да биде лесно докажувањето на сите елементи на ова кривично дело. Велат дека одговорноста за сторување на кривично дело екоцид ќе значи докажување на настаната штета на животната средина, која по својот интензитет треба да е сериозна, широко распространета или долготрајна, да настанала како резултат на преземено дејствие или пропуштање за преземање дејствие и сторителот да имал намера да предизвика штета на животната средина.

Главна задача на судовите ќе биде да развијат критериуми за „сериозна, широкораспространета или долготрајна штета на животната средина“, со оглед на тоа што овие термини не се дефинирани. Со оглед на тоа што дискусијата за инкриминирање на екоцидот е релативно нова и до сега нема пресуди на судовите на други држави за ова кривично дело, воведувањето на ова кривично дело би требало во прв план да се гледа како деклараторно зацрвстување на заложбите на државите за борба против овој криминал и да се одвратат граѓаните од предизвикување штета на животната средина, посочуваат од МЗМП.

Во јавноста многу одамна постои впечаток дека имаме многу малку обвиненија за еколошки криминал, а уште помалку пресуди и конкретни казни за загадувачите. Бројот на обвинети лица за кривични дела против животната средина во континуитет се зголемува, но бројот на осудени лица се намалува. Во 2020 година биле обвинети 107 лица, во 2021 – 113 лица, а во 2022 – 152 лица.

За разлика од 2020 година кога биле осудени 145 лица за сторени кривични дела против животната средина, во 2021 година овој број се намалил на 136 лица, додека во 2022 година биле осудени само 95 лица.

Од Македонското здружение на млади правници велат дека повеќе од две третини од обвиненијата и пресудите се однесуваат за кривичните дела „узурпација на недвижности“, „незаконит лов“ и „незаконит риболов“, па имајќи предвид дека во Кривичниот законик има и многу потешки и посериозни кривични дела против животната средина, не би можело да се каже дека ваквата статистика значи дека имаме суштинска заштита на животната средина. Од оваа организација посочуваат дека поголемата заштита на животната средина нема да се постигне само со измени на законите, туку и со вложување во капацитетите за нивно спроведување во практиката.

За ефикасно спроведување на изменетиот Кривичен законик потребни се јавни обвинители кои ќе ги имаат потребните знаења и вештини и ги разбираат процесите во животната средина, за да можат да водат ефикасна и ефективна истрага. Самата област на заштита на животната средина е комплексна и деликатна, па поради тоа е нужно да се создаде група на обвинители кои ќе можат соодветно да одговорат на предизвикот. Вложување во капацитетите не е потребно само кај јавните обвинители, туку и кај инспекторите и полициските службеници, велат од МЗМП.

Тие сметаат дека ефикасноста на истражувањето и гонењето на кривичните дела од оваа област би се подобрила доколку во Министерството за внатрешни работи се формираат посебно одделение и единица специјализирани за истражување на кривични дела од областа на животната средина. Сметаат дека формирањето на Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти во рамки на МВР даде позитивни резултати во откривањето и гонењето на овие кривични дела, па поради тоа очекуваат дека и специјализирано одделение и единица за животна средина значително ќе помогне и ќе го подобри откривањето на сторители кои предизвикале било каков вид на штета по животната средина.

Ќе се заштитуваат ендемски растенија и ќе се наплатува влез – националните паркови со проекти за буџетски пари

Сите четири национални паркови во земјава „Пелистер“, „Маврово“, „Галичица“ и „Шар Планина“, поднеле проекти до Министерството за животна средина кои треба да се финансираат од државниот буџет. Министерството годинава одлучи за првпат да додели државна помош на овие институции и со тоа директно да учествува во заштитата на природата. Предвидени се 20 милиони денари, а финансии ќе добие секој национален парк.

Два од националните паркови, „Маврово“ и „Шар Планина“ планираат да воведат такса за влез во паркот. Во „Маврово“ ќе бидат поставени три рампи на најфреквентните планинарски патеки, додека пак „Шар Планина“ ќе наплатува влез на автомобили преку електронски систем. Во „Галичица“ такса за влез се наплатува одамна, па во овој парк ќе се работи проект за подобрување на условите во живеалиштата на ендемитот, галичичко каранфилче.

Од Министерството за животна средина велат дека сите националнали паркови ќе добијат финасиска поддршка, но во моментов не се знае дали поделбата на средствата ќе биде еднаква за сите, за што ќе треба да се почека да заврши постапката за евалуација на доставените апликации.

„Министерството преку Програмата за инвестирање во животната средина за 2024 година објави конкурс за распоредување на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2024 година. Апликации имаат доставено сите четири национални паркови. По завршување на еволуционата постапка од страна на Комисијата одобрените апликации/проекти на националните паркови јавно ќе бидат објавени на официјалната веб страна на Министерството“, посочуваат од оваа институција.

Информираат дека активностите кои ќе се финансираат треба да бидат поврзани со Плановите за управување, да бидат насочени за спроведување на практични мерки за конзервација на диви видови или за генерирање на финансиски средства на паркот преку спроведување на екосистемски услуги. Исто така, парковите може да градат зелена инфраструктура со уредување на туристички места, видиковци, планинарски и велосипедски патеки, едукативни центри за млади, да креираат 3Д виртуелни тури низ паркот или да промовираат локален бренд на храна. Активностите треба да бидат фокусирани на најмалку три локации во националниот парк, а да вклучуваат и кампања за промовирање на вредностите и активности на паркот преку медиумите.

Директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари, вели дека аплицирале со еден проект кој има неколку компоненти, сочинети од приоритетите кои ги утврдиле како институција. Планираат да се воведе електронски систем за наплата на влез на возила кои се загадувачи на воздухот и природата.

Системот ќе функционира со праќање смс пораки или со плаќање со картичка, а низ паркот ќе бидат поставени стотина информативни табли со информации за сите посетители. Рампи нема да има бидејќи овој национален парк има многу населени места и многу влезови и излези.

Дехари информира дека со овој буџет планираат да направат и неколку засолништа за посетителите кои ќе ги затекне невреме. Ќе ги има на повеќе локации во паркот и ќе бидат од природни материјали.

„Еден многу важен дел од проектот со кој аплициравме е соработката со општините кои имаат регулирано собирање отпад во селата за заградување на локациите каде што стојат контејнерите. Тоа е еден начин да се спречат дивите животни да се симнуват по селата и да се хранат во ѓубрето“, вели Дехари за Мета.мк.

Наплата на влез во националниот парк ќе има и во „Маврово“, но овде ќе се постават рампи и дигитален информативен билборд на три локации кои нема да бидат на сообраќајниците, туку на планинарските патеки.

Според директорот Самир Ајдини, ќе се спроведе промотивна кампања за националниот парк и ќе се изработи програма за зајакнување со управувањето со локалитетот пештера Кадина дупка и ледничко езеро Локув. Ајдини вели дека бројот на посетители во паркот постојано расте, но дека точната бројка не се знае, а е потребна поради креирањето на нови можности за посетителите, но и поради планирањето на нивната безбедност.

„Голем број посетители се недоволно информирани за значењето на зоните во кој навлегуваат како и за правилата на однесување во нив. Неконтролираниот влез на посетители особено во планинските предели, недоволниот прилив на финансии од туристичките активности и другите екосистемски услуги, недостатокот на промотивни активности на паркот и на научно-истражувачки активности на подрачја кои се под заштита од меѓународни организации се клучните и суштествени проблеми со кој се соочуваме, а нивното решавање ќе ни донесе значаен и долгорочен бенефит“, вели Ајдини.

Националниот парк „Галичица“ веќе наплатува такса за влез на својата територија, а парите од државната помош ќе ги искористи за нови конзервациски мерки, подобра промоција и подобрување на условите за рекреација и престој на посетителите. Според Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природата, ќе се работи на подобрување на условите во живеалиштата на ендемското растение галичичко каранфилче, како и на продажба на сувенири кои ќе се изработуваат во паркот. Тој вели дека Галичица веќе подолго време избегнува директно користење на природните ресурси како начин на обезбедување на финансии.

„Добро е што Министерството и практично покажа интерес за заштита на природата во националните паркови. Отсуството на државна помош во финансирањето беше една од забелешките и во извештаите за напредокот на земјата од Европската комисија, бидејќи финансирањето на национални паркови од буџетот на државите е пракса која е глобално прифатена“, вели Бојаџи.

Инспекторите за животна средина си даваат откази, дозвола за нови вработувања нема

Уште еден водостопански инспектор си заминал од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), но оваа институција и понатаму не добива зелено светло за да вработува нови. Директорот Сретен Стојковски денеска информираше дека ДИЖС има и помал буџет за оваа година, па ќе пропаднат и плановите да се набават и две теренски возила.

Државниот инспекторат во моментов има 29 вработени, од вкупно 53, колку што треба да има според систематизацијата за работа. Од нив инспектори се 24, а треба да се 38. Стојковски вели дека во втората половина од минатата година немало нови вработувања, туку, напротив еден водостопански инспектор си заминал, а уште еден си дал отказ минатиот месец и заминал да работи во реалниот сектор за повисока плата.

„Годишниот план за вработувања со кој беше превидено вработување на двајца инспектори и тројца административци не ни беше прифтен од Министерството за финансии. Го коригиравме и доставивме нов, за вработување на тројца инспектори, двајца за животна средина и еден водостопански. Сѐ уште чекаме бидејќи постапката е на одобрување во МИОА“, вели Стојковски.

Посочува дека загрижувачка е и старосната структура на останатите вработени во инспекторатот бидејќи 14 инспектори од трите профили имаат над 57 години. Во моментов во тек е и процедура за преземање на еден општински инспектор за животна средина, за што се чека согласност од Министерството за финансии, но таа ќе стаса дури по завршувањето на изборите.

Стојковски информира дека и буџетот на институцијата за 2024 година е намален за 600.000 денари во однос на тој од 2023 година. Во него било планирано купување на две теренски возила, но и таа набавка не им е одобрена. ДИЖС е надлежен инспекторат што треба да контролира објекти кои се наоѓаат во планински и непристапни терени, како што се, на пример, малите хидроцентрали. За да ги извршат овие контроли, инспекторите возила позајмуваат од самите инвеститори на објектите, па контролите секогаш мора да се најавени.

Студенти креираа иновативна замка за заловување рисови

Три прототип замки за заловување рисови се поставени во Националниот парк „Маврово“. Нив во изминатиот период ги креираа група студенти од природни и технички науки во координација со Македонското еколошко друштво. Студентите работеа на изнаоѓање иновативен начин да се заловат рисовите, кои се загрозен вид на раб на изумирање, за понатаму да се следат, истражуваат и заштитат од истребување. Прототип замката помага безбедно да се залови рисот и да му се стави ГПС околувратник за екологистите да го проучуваат и следат нивното движење.

Дизајнот на замката беше избран како победничко решение на Иновацискиот камп што се одржа со поддршка од УНИЦЕФ.

„Кога младите работат на креативни и иновативни решенија поврзани со природната околина, тие градат зелени вештини и свест за поврзаноста на сите. Луѓето, животните и растенијата се дел од еко системот, а токму тој е под закана од климатските промени и од штетните активности на човекот,“ рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Оловниот отпад од акумулатори сè уште стои на отворено во Ѓорче Петров, се бара компанија што ќе го транспортира

Компанијата „Рецикл Еко Старт“ сè уште не го исчистила опасниот отпад од преработка на стари акумулатори од плацот во селото Орман во Ѓорче Петров. Компанијата, која доби кривична пријава од Државниот инспекторат за животна средина заради тоа што незаконски и без дозвола собирала и преработувала отпад што содржи олово, не може да најде компанија која ќе го спакува и транспортира опасниот материјал назад во нејзиниот објект.

Иако рокот од 60 дена што компанијата го доби од Државниот инспекторат за животна средина во ноември лани за да го исчисти плацот во Орман и да го врати отпадот кај себе е изминат, отпадот сè уште стои на парцелата, оставен на отворено, без никаква заштита. Тука го натрупала оваа компанија во текот на минатата година, а потекнува од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип. „Рецикл Еко Старт“, исто како и „Таб-мак“, имала А-интегрирана дозвола само за преработка на акумулатори, но не и за третман на отпадот од тој процес. Сепак, и покрај тоа од „Рецикл Еко Старт“ монтирале постројка за преработка и оловната паста која ја создавал од отпадот, преку друга фирма, „Рецикл Еко Трејд“ ја враќал повторно кај „Таб-мак“ каде се користела за производство на акумулатори. Додека оваа дејност се работела незаконски, транспортер на отпадот била фирмата „Статус“ од Скопје.

Од Државниот инспекторат велат дека се запознаени со состојбата и дека рокот за чистење на парцелата во Орман е продолжен, за да може да се најде соодветен транспортер.

„Правниот субјект по негово барање со образложение доби уште дополнителни 60 денови за отстранување на опасниот отпад, со Решение во инспекциска постапка, по извршен контролен инспекциски надзор. Изготви и достави Протокол за безбедно отстранување на опасниот отпад, во завршна фаза е на потпишување договор со фирма која поседува соодветни дозволи АДР од Министерствот за транспорт и врски за ваков вид отпад, по што ќе отпочне со транспорот“, велат од ДИЖС.

Инспекторите информираат дека овој дополнителен рок воедно е и последен, и дека ако не се испочитува и во овој период ако не се исчисти плацот во Орман, компанијата ќе добие прекршочна постапка за неспроведување на нивно решение.

„Очекуваме рокот да се испочитува и опасниот отпад безбедно да биде вратен на местото каде што е лоцирана фабриката во Општината Чучер Сандево. На оваа локацијата постојат услови и бетониран простор заштитен со текстилна и геомембрана, каде ќе се складира отпадот“, посочуваат од Државниот инспекторат.

Инспекторите за животна средина на „Рецикл Еко Старт“, покрај со кривичната пријава за загрозување на животната средина и природата, во ноември минатата година ја казнија и со забрана за работа во рок од 90 дена. Сепак, во меѓувреме, „Рецикл Еко Старт“ ја заврши постапката за измена на А-Интегрираната дозвола пред Министерството за животна средина и сега практично има зелено светло да ја работи истата дејност, односно да го преработува оловниот отпад.

Од Министерството велат дека целокупната постапка е изведена во согласност со процедурата за измена пропишана во Законот за животна средина.

„Во извршената измена на А-ИЕД за Рецикл еко старт се додава нова технолошка постројка за преработка на отпадна троска со метод на дробење, сеење, растварање и циклонирање на отпадната троска која во дадениов случај представува суровина, во затворен систем на преработка од каде немаме појава на нова емисиона точка во воздух или во вода“, информираат од Министерството.

Посочуваат дека не е можно да се направи поврзување на пронајдениот опасен отпад во Орман со А-интегрираната дозвола, дури и да се работи за истата компанија, со оглед на тоа што дозволите се поврзани само со една локација, која во нив се наведува со површина и координати.

Опасниот отпад беше откриен во октомври минатата година при редовна обиколка од страна на овластениот инспектор за животна средина на Општината Ѓорче Петров. Тој пријавил дека лоцирал одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии, за која се процени дека е од 500 до 600 тони. Со лабораториските анализи што ги направи Државниот инспекторат за животна средина се докажа дека се работи за опасен отпад што содржи 10 проценти олово, но и бакар, кадмиум и други тешки метали.

Гордана Силјановска-Давкова официјално е претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

Гордана Силјановска-Давкова и официјално ќе влезе во трката за претседател на државата, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таа денеска со мнозинство гласови беше избрана на Kонвенцијата која се одржа во Скопје.

Силјановска- Давкова по изборот посочи дека претседателот треба да се однесува натпартиски, да едуцира, да обединува, да биде проактивен и да почитува соработка и мирно решавање на споровите.

„Претседателот мора да се однесува натпартиски, не партиски, да ја претставува државата кон внатре, кон граѓаните и кон надвор, никогаш не заборавајќи дека е таму заради државните и националните интереси, а не заради својата кариера не заради својата слава. Кај нас претседателите имаат силен изборен легитимитет, речиси најсилен во компаративното право. Претседателката, претседателот мора да обединува, да биде проактивен, а не реактивен, да се води од Копенхагенските критериуми, да ги претставува сите без оглед на етнос, вера, пол, род, статус, да биде почитуван и да почитува, да едуцира, да биде горд, да почитува соработка, мирно решавање на споровите, да има чувство, да биде емпатичен, да има регионален преглед, затоа што ако не ги брани соседите тогаш нема да го бранат ниту него. Нам ни треба скандинавизација во однесувањето“ нагласи Силјановска- Давкова.

Таа посочи дека ќе се залага Уставниот суд добие повеќе надлежности, да се отстрани прагот од 40% во вториот круг на претседателските избори, како и да се гарантира неотуѓивост на природните богатства и на водите.

„ Уставниот суд мора да добие пошироки надлежности, по примерот на Исланд или по примерот на Словенија мора да гарантираме неотуѓивост на природните богатства и на водите. Мора да има можност за распуштање на Собранието, не само на самораспуштање под определени околности, треба да се отстрани прагот од 40% во вториот круг, за што четири пати ни кажа Венецијанската комисија“, посочи Силјановска-Давкова.

Османи: Балканот очекува јасни чекори кон проширување на Европската Унија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на Анталија дипломатскиот форум, во Република Турција, каде имаше обраќање на панелот насловен „Предизвици и можности на Балканот“, посветен на последните геополитички случувања на Балканот, специфичните предизвици и можните решенија за гарантирана стабилност и мир во регионот.

Османи осврнувајќи се на состојбите во регионот подвлече дека Балканот продолжува да е ранлив со сложени прашања и дека креираните фрустрации многу лесно се канализираат и се употребуваат од трети актери, а тие фрустрации не се фиктивни туку многу реални и базирани на долгото чекање да се овозможи најосновното право за реформи и прогрес кој би следел со отварање на поглавјата за земјите од Западен Балкан.

„Време е за брза и одлучна акција. Тоа што очекува Балканот е преземање на храбри чекори и зацртување на јасен пат за идното проширување и среднорочна визија за нашиот регион за постигнување на крајната цел полноправно членство на земјите во Унијата” рече Османи, додавајќи дека мора да се најде поинаков пристап со овозможување со мнозинство гласови ЕК да одлучи за отварањето на поглавјата со што ќе се поттикне реформскиот процес за земјите кои пристапуваат кон ЕУ, а унанимното гласање да се употребува за затворање на поглавјата“, рече Османи.

Османи истакна дека Планот за раст е многу добар чекор во оваа насока, отворајќи ја вратата за зголемена финансиска помош и прогресивна интеграција заснована на заслуги, но Европската комисија мора да настојува на неговото усвојување бидејќи ако не успее тогаш тоа ќе предизвика големо разочарување и дополнително ќе придонесе кон губење на кредибилитот на Унијата.

На панелот Османи потсети дека минатата година го воведовме концептот повеќе интеграција пред членство, кој целосно соодветствува со Планот за раст, а со кој се предлагаат различни модалитети за постепена интеграција и зголемено вклучување на земјата во евроинтегративниот процес притоа носејќи придобивки во процесот на пристапување кон ЕУ.

Ова трето издание на Анталија дипломатскиот форум, оваа година се оддржува на тема „Водечката улога на дипломатијата во турбулентни времиња“. Учесници се високи функционери, политички лидери, академци, претставници на медиумите, бизнис заедницата и креатори на јавното мислење од целиот свет кои ја користат оваа платформа како одлична можност за дискусија и пренесување на нивните ставови.

Уапсени десетмина што нелегално продавале медицински канабис

Десет лица се уапсени во четири градови низ земјава во акција за сузбивање на организирана криминална група која била инволвирана во организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, информира дека е спроведена координирана полициска операција во која од октомври 2023 година се преземени повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата.

„Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели“, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

Приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Синдикатите на пет универзитети најавија протест заради непотпишување на колективниот договор

Вработените на пет универзитети најавија протест за утре како израз на незадоволство што со нив не е потпишан колективен договор. Синдикатите на Универзитетот во Тетово, „Гоце Делчев“ од Штип, „Св. Климент Охридски“ од Битола, „Мајка Тереза“ од Скопје и „Св. Апостол Павле“ од Охрид, најавија дека утре во 13 часот, сите нивни  вработени ќе одржат мирен протест пред влезовите на своите згради. „Синдикатите се обединети околу ставот дека се игнорирани и дискриминирани од Собранието и Владата на Република Северна Македонија со непотпишување на колективниот договор со петте јавни универзитети“, се вели во соопштението на петте универзитети.

Тие го поздравуваат спроведувањето на колективниот договор со УКИМ, но, на надлежните им порачуваат дека истовремено спроведуваат двојни стандарди, дискриминацијата и нееднаквост, бидејќи останатите пет јавни универзитети го уживаат истиот статус, реализираат иста оштествена дејност, со иста одговорност и со непотпишување на колективниот договор неправедно се изоставени настрана од државата. Синдикатите во соопштението наведуваат дека во протестот нема политичка боја, туку е организиран за враќање на достоинството, интегритетот и правдата.

Најмалку 120 луѓе уапсени во Русија за учество на собири во спомен на Навални

Најмалку 120 луѓе беа уапсени во Русија за учество на собири во спомен на Алексеј Навални, кој вчера беше погребан во Москва по неговата сомнителна смрт во затвор минатиот месец. Навални беше погребан на гробиштата во близина на неговиот дом од детството во Москва, додека десетици илјади симпатизери беа спречувани од полицијата да се приклучат на церемонијата.

На роднините и блиските соработници им беше дозволено да бидат присутни на кратката црковна погребна церемонија на најистакнатиот непријател на претседателот Владимир Путин пред погребот на блиските гробишта Борисовское. За време на погребната церемонија, не беа пријавени инциденти, но повеќе од 120 луѓе подоцна беа приведени во Москва, Санкт Петербург, Новосибирск, Екатеринбург и други руски градови за учество во собири во спомен на Навални.

ВМРО-ДПМНЕ денеска официјално ќе го промовира својот кандидат за претседател на државата

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на конвенција денеска официјално ќе го промовира својот кандидат за претседател на државата. На конвенцијата се очекува поддршка да добие единствениот кандидат кој се пријави на партискиот повик, професорката Гордана Силјановска Давкова. Таа е актуелен пратеник во Собранието, а беше и претседателски канадидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2019 година. Силјановска Давкова била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

На денешната конвенција обраќање ќе имаат избраниот претседателски кандидат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Пред официјалниот дел на Конвенцијата ќе се одржат и две панел дискусии на теми „Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“ и „Претседател кој се грижи за одбраната и стратешките интереси на државата“.

Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска истакна дека денешната Конвенција ќе се понуди надеж и претседател кој ќе биде лидер на нацијата.

„Ние сме дојдени денес да понудиме надеж, да дадеме решенија. Да разговараме за претседател кој што треба да биде лидер на нацијата. Претседател кои што има широки надлежности во внатрешната политика, а уште пошироки надлежности во надворешната политика. Претседател кој што ќе биде претседател на земја членка на НАТО, на земја која што посакува да стане полноправна членка на ЕУ. Но, претседател кој што ќе не води по тој пат со заштитен дигнитет и заштитени национални интереси, додаде Муцунски.

Владеачката партија СДСМ за утре закажа конгрес на кој треба да се официјализира поддршката за актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој веќе најави дека ќе се кандидидира за втор мандат. И Силјановска – Давкова и Пендаровски поддршка за кандидатурите ќе побараат и со собирање потписи од граѓаните.

Досега, потребните 10.000 потписи од граѓаните веќе ги собраа лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, министерот за надворешни работи, кандидат на ДУИ, Бујар Османи, кандидатот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Арбен Таравари, од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“ и Билјана Ванковска, кандидат на Левица.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Возач загина откако со автомобилот слетал во река кај Колари

Тешка сообраќајна несреќа се случила вчера околу 18 часот на магистралниот пат Кичево – Гостивар кај селото Колари, во која животот го загубил скопјанец, откако со возилото што го управувал излетал од патот. Во сообраќајката со тешки повреди се здобила малолетна сопатничка, која во моментот е на лекување во болница.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, автомобил марка „форд“ со скопски ознаки изгубил контрола на патот и се превртел, па паднал во река. Од здобиените повреди возачот починал на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.

Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Кичево.

Стружанец кривично ќе одговара бидејќи нападнал медицинска сестра

Основното јавно обвинителство Струга информира дека е поведена постапка против 52-годишен жител на Велешта за кого постои сомнение дека сторил кривично дело, напад врз здравствен работник.

Тој на 29 февруари физички нападнал медицинска сестра на Одделот за хирургија во Општата болница во Струга која побарала од него да ја изгаси цигарата. Агресивно се однесувал кон неа и ја навредувал, а потоа со нога ја удрил во стомакот по што избегал.

„Осомничениот следниот ден бил пронајден и лишен од слобода. Со оглед на тоа што ваквото однесување на осомничениот ја потврдува опасноста тој да се даде повторно во бегство за да го избегне кривичниот прогон, а и поради опасноста тој да го повтори делото и да ја нападне медицинската сестра, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, информираат од ОЈО.

Бајден се надева на договор до почетокот на Рамазан за прекин на огнот меѓу Израел и Газа

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека се надева дека ќе се постигне договор за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Газа до почетокот на Рамазан. Муслиманскиот свет месец, во текот на кој припадниците на верата постат од утро до зајдисонце, ќе започне на 10 или 11 Март.

Бајден информира дека сè уште се работи напорно за постигнување на оваа цел. Предложениот договор предвидува четириесетдневна пауза во сите воени операции од почетокот на Рамазан, како и зголемен проток на помош во Газа, пренесува новинската агенција Ројтерс.

Договорот, исто така, би требало да вклучува и договор за ослободување на палестинските затвореници во замена за израелски заложници во сооднос десет спрема еден.

Повиците за акција за ублажување на хуманитарната криза во Газа се интензивираа во четвртокот, откако повеќе од 100 луѓе беа убиени додека толпата се собираше околу камионите со хуманитарна помош кои доставуваа храна.

Хамас, кој управува со Газа, го обвини Израел дека пука кон цивили, но Израел рече дека повеќето загинале во стампедо откако биле испукани предупредувачки истрели.

По инцидентот, претседателот Бајден ги објави плановите за испраќање помош од воздух во Газа.

„Невини луѓе се заробени во ужасна војна, не можејќи да ги прехранат своите семејства. Го видовте одговорот кога тие се обидоа да добијат помош. Мораме да направиме повеќе,“ изјави Бајден.

Според податоците на ОН, околу една четвртина од населението на Газа во моментов е во опасност од глад, но планираните достави од воздух се оценети од хуманитарните групи како скапи и недоволни.

УНЕСКО бара, државата не испорачува, граѓанските организации разочарани од третманот на Охрид

Ревидираниот Стратегиски план за рехабилитација на Охридскиот регион и понатаму е список на желби на домашните институции, кои не предвиделе ниту временска рамка за имплементација на проектите, буџет и приоритети за секоја активност како што тоа им го бара УНЕСКО.

Граѓанската организација „Фронт 21/42“ реагира на Извештајот за состојбата на Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство, што пред еден месец го усвои Владата и кој заедно со Албанија, земјава треба да го испрати до УНЕСКО.

Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ велат дека сè уште детално го анализираат Извештајот, како и документите кои се наведени во него, а за дел од наводите во документот од организацијата велат дека не се во интерес на заштита на културното и природното богатство. Првенствено, тие посочуваат дека ревидираниот Стратегиски план кој е објавен на интернет страницата на Министерството за култура, не вклучува ништо од тоа што го бара УНЕСКО, како и дека наместо буџет за предвидените активности, исто како и во верзијата од 2023 година, се наведува дека финансирањето на активностите за рехабилитација на доброто ќе бидат проценети во моментот на нивното спроведување и во согласност со актуелната финансиска состојба од страна на надлежните институции. Нема наведено ниту конкретни временски рамки и оставени се истите општи временски рокови, а не се наведени ниту приоритетните активности.

Екологистите реагираат и заради фактот што државата се обврзала во Извештајот пред УНЕСКО следењето на спроведувањето на Планот за рехабилитација да биде во надлежност на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, но од друга страна во новиот Предлог закон за управување со Светското наследство оваа обврска не ја наведува во членот кој ги дефинира надлежностите на новото управувачко тело.

УНЕСКО во своите препораки бара да бидат и отстранети измените во Деталниот урбанистички план и одобрението на локалните развојни планови надвор од населените места, сѐ додека не се спроведе процената на влијанието врз наследството на стратегиско ниво и да се демонстрира дека нема негативно влијание од овие планови врз заштитените вредности. Од „Фронт 21/42“ велат дека одговорот на ова барање во Извештајот е општ и нецелосен и е начин да се избегне одговор на прашањето и одговорност за реалните случувања.

Во реалноста во изминатиот период општините Охрид и Струга имаат спроведено постапки за голем број урбанистички планови од различен вид, особено за урбанистички планови вон населени места кои со право ги издвојува УНЕСКО за кои Комисијата не е ниту известена, уште помалку вклучена во процесите на нивно одобрување, заради што ние редовно до нив испраќаме известувања. Министерството за животна средина за сите Извештаи за стратегиска оцена на влијанието дава позитивно мислење, целосно игнорирајќи ги нашите укажувања за законските прекршувања и неусогласеност со Планот за управување. Пример за тоа е планот Горица Север кој предвидува урбанизација на 17,5 хектари надвор од градот Охрид на самата граница на Студенчишко блато, едно од деветте жаришта на биолошка разновидност на Охридското Езеро и дел од меѓународно заштитеното Рамсар подрачје, посочуваат од „Фронт 21/42“.

Екологистите реагираат и што на барањето на УНЕСКО да се финализира прогласувањето на Студенчишко Блато за парк на природата и на Охридското Езеро за споменик на природата се изготвуваат закони кои не поставуваат основа која ќе осигура мерки за управување со кои ќе се зачуваат клучните еколошки процеси и карактеристики на регионот.

Клучните мерки за заштита во двата закони, како предложените зони, дозволените и забранетите активности во зоните и управувачките тела на подрачјата, не се во согласност со меѓународните стандарди, меѓународното право, ниту со националното законодавство. Најзагрижувачко од се е тоа што доколку се усвојат, овие закони ќе овозможат продолжување на уништувањето на двете подрачја, но сега во согласност со законите за нивна заштита, реагираат од „Фронт 21/42“.

Мета.мк побара став и од надлежните министерства за култура и животна средина, кои учествуваат во изработката на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, веднаш штом Владата испрати информација дека го усвоила овој важен документ. Сепак, три недели откако испративме прашања до нив, одговори не добивме.