среда, 13 мај, 2026
Meta.mk

Директорката на Фондот за здравство не открива детали како се случил хакерскиот напад

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), по 13 дена од хакерскиот напад, одржа брифинг со новинарите, но директорката Магдалена Филиповска Грашкоска одби да одговори на сите прашања поврзани со сајбер нападот врз системот на ФЗО.

„Сето тоа е предмет на истрага“, беше одговорот на Филиповска Грашкоска на прашањата дали имаат сознанија кој го извршил хакерскиот напад, дали им бил побаран откуп, дали ФЗО исплатило пари некому со цел системот да профункционира, дали нападот бил извршен од земјава или пак од некоја друга држава итн.

На брифингот со новинарите присуствуваше и Миле Сугарев, директор на Секторот за финансиски прашања при ФЗО, но не беше присутен ниту еден информатички експерт кој работел на отстранувањето на проблемот. Грашкоска рече дека ИТ експертот по напорна работа во последниве 13 дена имал влошено здравје и е хоспитализиран. Не беше присутен ниту другиот директор на ФЗО, Фатон Ахмети, кој, како што кажа и Грашкоска, користел одмор со решение уште пред сајбер нападот, но бил запознаен со случувањата.

Грашкоска беше децидна дека податоците на сите граѓани се безбедни и дека немало никакво одлевање.

„Не сум ИТ стручно лице и се потпирам на информациите на експертите. Она што можам да кажам е дека на 6 февруари забележавме технички проблем и ги исклучивме системите. Пријавивме во МВР и во исто време почнавме со дијагностика. Се соочивме со два тешки момента – од една страна со сајбер напад, а од друга, со момент кога сфативме дека решавањето ќе потрае и дека треба да преминеме на преодни решенија со цел да функционираме“, рече Грашкоска.

Според неа, системите на ФЗО и досега имале заштита (firewall, посебни системи за комуникација, антивируси), а во декември минатата година бил побаран и закуп на Cloud простор, како побезбедна варијанта.

„Миграцијата на системот требаше да се спроведе токму овој месец, кога впрочем и се случи сајбер нападот. Таа миграција на Cloud вклучуваше обезбедување на две локации, примарна и секундарна (disaster recovery location)“, изјави Грашкоска.

Во однос на безбедноста на податоците, таа ги цитираше ИТ експертите, дека „податоците се чувале во маскирана форма и не биле читливи со голо око“, па оттаму, не биле ниту афектирани со хакерскиот напад.

„Податоците се безбедни и граѓаните можат да си ги остварат своите права“, изјави таа.

За сајбер нападот врз системот на ФЗО била изготвена анализа, но директорката на институцијата не даде никакви детали што содржи истата, бидејќи и анализата била предмет на истрага.

Во однос на тоа дали за случајот ќе има одговорност, Грашкоска повторно упати на истрагата, која ќе покаже дали и кој е виновен за сајбер нападот врз системот.

Директорот за финансиски прашања Сугарев рече дека кај здравствените услуги во ниту еден момент во последниве две недели немало застој.

„Ние не седевме со скрстени раце. Се решаваа и тековните проблеми како на пример случаите кога некој граѓанин ќе смени матичен лекар или пак внесувањето на нови осигуреници во системот“, рече тој.

Грашкоска изјави дека после ова, а откако целосно ќе се стабилизира ситуацијата, ќе следи миграцијата на системот на Cloud. Таа им се заблагодари на сите лица, вклучително и на ИТ експертите, кои дошле да помогнат од други европски држави и кои целосно се посветиле на решавање на проблемот.

Во што се состои „тајниот шарм“ на Кина во земјава

Во најновиот документ за политики, издаден годинава од Фондацијата за слобода Фридрих Науман, во соработка со Софискиот безбедносен форум, а изведен од мрежа на национални експерти во Југоисточна Европа (ЈИЕ), се вели дека и покрај сè, македонските граѓани и натаму имаат поволно мислење за Кина, не поради „материјалното влијание на соработката, но поради чувството за можности што Кина знае да го инспирира“, пишува Вистиномер во својата нова анализа што ја пренесуваме во целост.

 

Имиџот на Кина во регионот на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) има широк опсег на перцепции, но генерално тие се попозитивни отколку во другите делови на Европа. Србија се издвојува како најпријателската земја на Кина во регионот, особено и ако се земе предвид дека ова во голема мера е условено и од медиумите кои се под контрола на државата. Од другата страна на спектарот e Романија, за која се чини дека е најрезервирана земја од ЈИЕ кон Кина. Понатаму, погледите на Кина се прилично различни во двата ентитета на Босна и Херцеговина, со изразена поделба помеѓу перцепциите во Федерацијата и Република Српска (РС). По избувнувањето на пандемијата со ковид-19, кинеските вакцини беа достапни во Западен Балкан – сепак, кампањата за јавната дипломатија на Пекинг даде ограничени резултати, веројатно со исклучок на Србија и Северна Македонија.

Ова се само дел од сумарните заклучоци во најновиот документ за политики, издаден годинава од Фондацијата за слобода Фридрих Науман, во соработка со Софискиот безбедносен форум, а изведен од мрежа на национални експерти во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Документот има за цел да ги идентификува клучните „патерни“ на Кина во регионот, кога станува збор за економската соработка, политичките и културните врски, како и стандардите на управување, во обид да се „отпакува“ природата на кинеската моќ или „тајниот шарм“ на Кина во земјите на Југоисточна Европа.

Станува збор за студии на случај за влијанието на Кина во осум земји или територии во Југоисточна Европа, спроведени од локални експерти. Авторите ги оценувале инвестициите на Кина, нејзиниот имиџ и привлечноста на нејзиниот модел на управување во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Романија, Србија и Словенија.

Според студиите на случај, земјите, според овие критериуми, се оценети со следните наративи: 

  • Албанија: Не премногу блиску – далечно пријателство
  • Република Српска: Упориште на Кина во Босна
  • Бугарија: Привлечноста на Кина останува чисто економска
  • Грција: Пријателски условeна, но не и „маѓепсана“ од Кина
  • Северна Македонија: Секогаш привлечни, но никогаш исполнети очекувања од Кина
  • Романија: Од надеж, преку разочарување, до дистанцирање
  • Србија: Пријателство силно како челик
  • Словенија: Мирни води на билатералните економски односи

Во делот за Северна Македонија, кој го пишува Ана Крстиновска од ЕСТИМА, се вели дека во почетокот на иницијалната платформа за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, македонските власти биле заинтересирани да ги истражат различните начини на соработка, со надеж дека ангажманот на Кина во земјава би го поддржал економскиот раст.

Владата организираше и неколку бизнис форуми во Кина, со цел да привлече инвеститори и да ја промовира идејата за креирање „слободна зона“ за кинеските компании каде што тие би „уживале“ бенефити од типот на даночни ослободувања и субвенции. И покрај тоа што во тие години земјата го доживеа најдоброто рангирање досега за водење бизнис, 10-то во светот и 5-ти во Европа во 2016 година, очекувањата дека земјата ќе прими бран кинески инвестициите не се реализираа. Единствената гринфилд инвестиција на кинеско-турската текстилна компанија Веибо Груп се покажа значително помала од најавената: наместо 300 милиони евра и 5.000 вработени, во 2015 година инвестирала 3 милиони евра и вработиле само 25 лица. До денес тоа се следи со само неколку индиректни преземања на филијали на странски компании кои работат во Северна Македонија, преку нивните матичните фирми лоцирани во странство, се вели во анализата.

До крајот на 2021 година, според анализата, обемот на кинеските инвестиции во Северна Македонија изнесувал 130,37 милиони евра или само 2 процента од вкупните странски инвестиции. Овој исход, според документот, е поврзан и со објективни фактори, како што е малиот македонски пазар, но и со приоритетите на кинеските инвеститори, кои најчесто се во потрага по капитални проекти водени првенствено од желбата за преземање компании во стратешките индустрии, старт-ап компании со висок потенцијал за раст, конкурентни брендови и развој на нови технологии.

Понатаму, во анализата се споменува и кредитот од кинеската Ексим банка за изградбата на двете автопатски делници – Штип до Миладиновци, кој заврши во 2019 година, и Кичево до Охрид – каде што изградбата заостанува и треба да биде заврши во 2023 година.

„Проектот е нарушен од контроверзи, поради недостаток на отворена и конкурентна постапка за јавни набавки, наводи за корупција, голем број грешки во процесот на подготовка и изградба, со што вкупно вредноста на заемот изнесува 909 милиони евра (200 милиони евра повеќе од првично планираното). Сепак, улогата на Кина во несоодветниот исход на проектот беше нагласена најмногу во странските медиуми и тинк-тенк сториите, додека на домашен план најмногу внимание се посветуваше на локалните актери. Во државата за овој скандал, не само што не беше засегнат угледот на Кина, туку дури и се подобри подоцна, со пандемијата. Според истражувањето во 2018 година, процентот од испитаниците со негативен став кон Кина беше 28 отсто, додека 25 отсто имаа позитивен став. За споредба, позитивната перцепцијата за ЕУ, САД и Русија беше 50, 38 и 32 проценти. Во 2021 година, процентот на граѓани кои имаа позитивна перцепција за Кина се зголемија на 38 проценти, додека за ЕУ падна за 5 проценти“, пишува во документот.

Во анализата се вели дека и покрај сè, македонските граѓани и натаму имаат поволно мислење за Кина, не поради „материјалното влијание на соработката, но поради чувството за можности што Кина знае да го инспирира“.

„Кина ја компензира недоволната испорака на економски аутпути со силна јавна дипломатија и пропаганда, што беше особено видливо за време на пандемијата. А редовното присуство во националните (традиционални) медиуми, активностите од страна на Институтот Конфуциј, донациите во клучните сектори и градењето долгорочни партнерства преку заеднички истражувачки проекти и стипендии се главните алатки кои придонесуваат за закотвување на позитивната перцепција за Кина. Ваквите пораки ставени пред официјалните кинески позиции, прикажуваат позитивна слика за Кина, а се изоставуваат сите негативни аспекти, што им отежнува на граѓаните да изградат информирано мислење. Во тој контекст, Владата треба проактивно да ја зголеми транспарентноста на нејзините политики поврзани со Кина и да ги дефинира конкретни цели и рамка за политика за иднината“, се вели во анализата.

Кон крајот на минатата година, слични заклучоци беа дадени и на дебатата „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Здружението ЕСТИМА. Крстиновска тогаш на настанот го презентираше спроведеното истражување, потенцирајќи дека според Глобалниот индекс на мека моќ, Кина во 2022 година во светот се искачила на четврто место во генералниот пласман по САД, Велика Британија и Германија.

Истражувањето за присуството и прикажувањето на Кина во медиумите покажало дека кинеското влијание во земјава е доста силно, а Македонија може да се рангира на трето место, ако се прави споредба меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа.

Во една од димензиите на присуство на „меката моќ“ на Кина, категоријата „управување со вести“ е присутна преку македонските медиуми, во кои колумни и статии пишува кинескиот амбасадор, а коишто се забележани во дел од печатените и онлајн медиумите во земјава.

Кај втората димензија на „меката моќ“, категоријата „испраќање стратешки пораки“, Кина дејствува преку културната понуда во рамки на соработката на збратимените градови или преку активностите на Институтот Конфуциј, преку превод и објавување на книги, телевизиски емисии како „Ни хао“ и активности на кинеските компании (Хуавеи).

Во третата димензија на присуството на „мека моќ“, во категоријата „градење односи“, влегуваат не само активностите на Институтот Конфуциј, туку и понудата на кинески стипендии, обуките преку програмата за развој на човечки ресурси, истражувачките проекти имплементирани заеднички меѓу Кина и земјава, меморандумите за разбирање и договорите за соработка и организацијата на разни настани – конференции, саеми и слично.

Сепак, во сумарниот заклучок на документот каде што се анализира кинеското влијание во осумте држави на Југоисточна Европа, се вели дека генерално, граѓаните од ЈИЕ се свесни за политичкиот систем на Кина и мнозинството од нив веројатно не би го поддржале усвојувањето на кинеските стандарди за управување. И покрај извесни поплаки за ефикасноста на западната демократија и испораки од страна на ЕУ, земјите од ЈИЕ не се восхитени од еднопартискиот систем на Кина и моделот на државниот капитализам. Всушност, како што се вели во документот, огромно мнозинство од земјите од ЈИЕ веќе ги направија своите политички избори за тоа каде сакаат да припаѓаат.

Лазаров го сокрил спорното видео со Латас на Јутјуб

Спорното интервју со Драган Павловиќ Латас, кое предизвика лавина реакции во јавноста, не е достапно за јавноста на Јутјуб. Поточно во подесувањата на социјалната мрежа видеото е сега ставено во категорија „приватно видео“.

Видеото, иако беше објавено пред 5 дена, откако вчера стана вирално на социјалните мрежи, за само 24 часа достигна илјадници прегледи. Во интервјуто на јутјуберот Стефан Лазаров, меѓудругото, Павловиќ раскажува како, кога имал 15 години, тој и негов другар имале секусален однос со девојка која претходно била „шамарана“.

За случајот, обвинителството веќе отвори предмет, доставено е известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР, а надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошни дејствија и проверки.

Реагираа од Хелсиншкиот комитет за човекови права со став дека интервјуто e општествен пораз и реален приказ за тоа како се третираат жените жртви на насилство. На реакцијата се надоврзаа и други невладини организации и здруженија, меѓу кои и платформата „Медуза“ и здружението „Една може“.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудија говорот на Павловиќ Латас, со кој, како што велат, се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација.

„Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира. Укажуваме дека професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор“, реагираа трите новинарски организации и побараа одговорност и епилог за случајот.

Јавноста огорчена од Латас и исмевањето на насилството врз жените во емисијата на јутјуберот Лазаров

Новинарските здруженија со осуда за интервјуто со Павловиќ-Латас, се бара одговорност

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудуваат говорот со кој, како што велат, се поттикнува насилство и стимулира родова дискриминација кој деновиве се појави на канал на „јутјуб“ платформата.

Станува збор за интервјуто на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас, каде што Павловиќ раскажува како, кога имал 14 години, тој и негов другар имале секусален однос со девојка која претходно била „шамарана“.

„Укажуваме дека слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор се претвора или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира. Укажуваме дека професионалните еснафски организации никогаш нема да прифатат ваков начин на комуникација во јавниот простор. Без оглед на тоа што лицата, во конкретниов случај, ниту биле, ниту се наши членови, чувствуваме потреба да предупредиме дека ова може да остави сериозни последици на јавноста, посебно на младата публика. Говорот на омраза како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација“, велат од новинарските здруженија.

Во вакви ситуации, според ЗНМ, СЕММ и ССНМ, нужно е надлежните институции да преземат итни мерки со цел да покаже дека не се толерира неказнивност при груба злоупотреба на јавниот говор во интернет просторот.

„Оттука, ја поздравуваме брзата и транспарентна реакција на МВР и Обвинителството и очекуваме во најбрз рок да има судска постапка со која ќе се покаже дека ваков тип на злоупотреби подлежат на санкции. Освен ова, укажуваме дека одговорноста за тоа кој и каква содржина за публиката креира ја имаат компаниите кои преку платена реклама своите производи ги промовираат на вакви платформи. Рекламерите треба да знаат дека имаат општествена одговорност и дека свесно поддржување на вакви содржини ги прави соучесници во промоција на искривени вредности во нарушувањето на граѓанските права. Затоа потребно е тие јавно да се оградат од ваквиот јавен наратив, да ја преиспитаат својата соработка и во иднина да внимаваат каде се рекламираат“, се вели во заедничката реакција.

Обвинителството отвори предмет за интервјуто на јутјуберот Лазаров со Драган Павловиќ-Латас

Основното јавно обвинителство Скопје отворило предмет по повод интервјуто на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас кое се емитуваше на 15 февруари.

Од обвинителството велат дека за настанот е доставено известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР, а надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошни дејствија и проверки.

Ова интервју, каде што Павловиќ раскажува како, кога имал 15 години, тој и негов другар имале секусален однос со девојка која претходно била „шамарана“, предизвика жестоки реакции и осуди во јавноста кои не стивнуваат.

Од Хелсиншкиот комитет реагираа дека интервјуто e општествен пораз и реален приказ за тоа како се третираат жените жртви на насилство.

„Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На реакцијата се надоврзаа и други невладини организации и здруженија, меѓу кои и платформата „Медуза“ и здружението „Една може“.

На објавеното видео реагираше и директорка на коалиција Маргини, Ирена Цветковиќ, која искоментира дека додека Латас раскажува за случајот, јутјуберот Лазаров реагира со смеење.

„Додека Латас раскажува, Лазаров се кине од смеење, што особено го радува раскажувачот. Се смеат заедно, заоѓаат во злорадост, исполнети од сопствениот успех. Едниот мисли дека е мангуп зошто силувал, другиот мисли дека е мангуп зошто ја има можноста ексклузивно да го сподели овој подвиг на силувачот“, пишува во реакцијата на Цветковиќ.

По лавината реакции, во изјава што подоцна ја избриша, јутјуберот Лазаров негираше дека гостинот во емисијата зборувал за силување, додека на Инстаграм обвини дека во случајов станувало збор за „хајка“ против него.

Претрес во Идризово: Пронајдени мобилни телефони, таблет и прашкаста материја

Во затворот Идризово во акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за специјални полициски операции – ЕБР, под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, бил извршен претрес со цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици кои се на издржување казна затвор.

Од МВР известуваат дека постапувајќи по наредби за претрес, издадени од судија за претходна постапка, извршени биле претреси во 14 ќелии и две соби во казнено-поправната установа. При претресот била пронајдена поголема сума пари, повисока од законски дозволената кои осудените лица можат да ја поседуваат во различни апоени и валути, таблет, 11 мобилни телефони, повеќе парчиња галантерија за мобилни телефони, неколку остри предмети, прашкаста материја, која била одземена.

Останатите пронајдени предмети за време на претресот ќе бидат предадени на затворска служба за понатамошна постапка, известуваат од МВР.

ФЗО: Системот е во функција, почнува исплатата на боледувањата, породилните и рефундациите

По хакерскиот напад на системот на Фондот за здравство, од институцијата известуваат дека речиси сите модули на Фондот се ставени во функција. Експертите по информатичка технологија ги финализирале процесите и со тоа почнала исплатата на боледувањата, породилните отсуства и рефундациите од различен вид.

„Се очекува осигурениците етапно да ги добиваат средствата на своите сметки во текот на утрешниот ден и во среда. Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 05.02.2023 година. Податоците за боледувањата кои се доставени после овој датум ќе започнат да се внесуваат во Подрачните служби за и тие да влезат во системот за редовна исплата“, велат од ФЗО.

Претходно, ФЗО извести и дека системот “Мое Осигурување” функционира за осигурениците во цела држава, со тоа што поради технички прилагодувања, во целосна функција ќе биде ставен до крај на денот.

„До овој момент ‘Мој термин’ ги има преземено податоците заклучно со денешен датум (20 февруари 2023). Сите платени придонеси од сите обврзници се евидентирани во ‘Мој Термин’. Ова значи дека сите здравствени работници и аптеки имаат можност да го проверат статусот на осигурување во Мој Термин“, изјавија од Фондот.

Во известувањето се вели дека во тек е и враќањето во функција и на ДРГ системот – систем за евиденција на болничките услуги.

Спировски: Јавноста не знае како е дојдено до заклучок дека податоците од ФЗО не се украдени

Хакерскиот напад врз системот на Фондот за здравство, кој беше само еден од низата во последниов период, покрена многу прашања во јавноста за тоа кој стои зад овие напади, колку се безбедни системите на државните и јавните институции и како всушност функционираат малициозните (злонамерни) софтвери кои предизвикуваат огромни штети за општеството и за граѓаните.

За сите овие, но и за дополнителни теми, за тоа колку се стари овие напади, кои се мотивите, колку пари бараат хакерите за да им ги вратат податоците на институциите/организациите, разговаравме со Божидар Спировски, директор за информативна сигурност во компанијата Blue Dot, кој се фокусира на развој на успешен и интегриран информациски безбедносен тим што ѝ помага на организацијата да управува со безбедноста на информациите.

Како најпросто би се објаснил хакерски напад со т.н. ransomware? Што содржи и како функционира овој малициозен софтвер? 

Спировски: Се работи за киднапирање на вашите податоци и барање на откуп од страна на криминалецот. Замислете дека криминалци влегле во вашиот дом додека не сте дома и ја смениле бравата. Вие никако не можете да влезете без новиот клуч, а криминалците ве уценуваат да им платите за да ви го дадат клучот.

На ист принцип работи “ransomware” нападот – криминалците уфрлаат вирус во вашиот компјутер кој ги шифрира сите податоци. Потоа криминалците ве уценуваат да им платите за да ви го дадат клучот за дешифрирање. Клучот е многу комплексен и е скоро невозможно да биде пробиен. Уште пострашно, дури и да им платите на криминалците, не сте сигурни дека клучот што ќе го добиете ќе ги дешифрира податоците или не.

Исплатата на уцената се бара да биде изведена во криптовалута – најчесто во криптовалута наречена биткоин. Криптовалутите се дигитални пари кои постојат само во компјутери меѓусебно поврзани преку Интернет. Криптовалутите се потполно независни од традиционалните финансиски и банкарски системи, и се потполно анонимни. Секој човек може да креира анонимна сметка за криптовалути, и да прима и праќа пари на други такви сметки како да испраќа e-mail пораки. Дополнително, кај ransomware нападот, не сте сигурни дали криминалците само ги шифрирале податоците или претходно веќе ги ископирале и ќе ги злоупотребат (продадат, објават, употребат за кражба на идентитет). Во аналогијата со заклучениот дом, не знаете дали криминалците ги украле вредните предмети од станот пред да платите за клучот и да се обидете да влезете.

Има ли некакви индиции кој стои зад ваквите хакерски напади? Колкава е веројатноста да се открие, или пак некогаш можеби било откриено?

Спировски: Ransomware вирус е многу чест механизам на напад и се користи како алатка од голем број на криминални групи низ светот. При анализа на програмскиот код на вирусот понекогаш може да се каже од која хакерска група е напишан вирусот. Мора да имаме предвид дека постои црн пазар на кој се продаваат и вируси, па сосема е можно сосема друга група да го купила програмскиот код, да направила мали промени и да го употреби за свој напад, независно од оригиналните автори. На овој начин анализата на програмскиот код може да доведе и до погрешен заклучок.

Еден од начините да се открие кој стои зад нападот е да се следи текот на парите исплатени како откуп. Ова е до некаде возможно и при користење на криптовалути, кои иако се анонимни, се потполно транспарентни при трансферот на средства. Преносот на криптовалута од една анонимна сметка на друга анонимна сметка е потполно видлив на интернет. Ако истражните органи се доволно трпеливи, а криминалецот направи грешка и на некој начин да ‘му се испушти’ дека анонимната сметка е негова, може да се лоцира.

Може ли да ни кажете мал историјат за овој вид хакерски напади, од кога почнуваат да се применуваат? Одговарал ли некој досега за вакви дела?

Спировски: Првиот ransomware вирус е настанат далечната 1989 година, со тројанец (вид на вирус) со име “AIDS Trojan”, кој ги шифрирал само имињата на датотеките. Понатаму, овие типови вируси доживуваат неколку еволуции, најчесто во механизамот на шифрирање на податоци.

Експлозијата на ransomware вирусите доаѓа со популаризацијата на криптовалутите, кон крајот на 2013 година со вирусот “CryptoLocker”, кој за прв пат бара откуп во криптовалута – биткоин и успева да извлече преку 27 милиони долари во откуп. Анонимноста на криптовалутите го прави следењето на криминалците многу тешко, што го прави нападот со уцена многу популарен.

Успеал ли некој досега да си ги врати украдените податоци, без да плати? Колкави суми најчесто се бараат?

Спировски: Единствен сигурен начин да се вратат податоците без да се плати откупот е да имате направено копија на податоците (бекап) на место кое не е достапно за ransomware вирусот за да ги шифрира.

Некои ransomware вируси имаат недоволно моќен механизам за шифрирање, па клучот за шифрирање може да биде пробиен, но ова е релативно редок случај и бара ангажман на специјализирани форензички тимови и потенцијално долготрајни обиди за дешифрирање.

Најинтересн случај на враќање на податоци се случи на почетокот на 2023 година кога ransomware вирус на хакерската група LockBit шифрираше систем на детска болница во Канада – инцидент кој не бил воопшто планиран од хакерите. Хакерската група се извини и јавно го објави клучот за дешифрирање на податоците, без никаква надокнада. Сите жртви на истиот вирус ги дешифрираа своите податоци.

Просечните суми барани за откуп се во драматичен пораст во последните години. На почетокот на 2018 година просечниот побаран откуп бил 6.000 долари, за до крајот на 2021 година да достигне 220.000 долари.

Често во јавноста се споменува дека овој вид напади врз системите на државни и јавни институции се последица на „хибридната војна“ во Европа, а во контекст на реалната воена инвазија на Русија врз Украина. Каква би била поврзаноста, ако постои?

Спировски: Ransomware вируси се многу чест тип на напад насекаде низ светот. Само во јануари 2023 година имаше единаесет вакви напади на многу големи организации низ светот, и сигурно неколку десетици пати повеќе такви напади, за кои медиумите не беа заинтересирани да ги објават. Ваквиот напад е најчесто потполно автоматизиран и не мора да биде поврзан со интереси на држави или воени блокови.

Сум следел неколку изјави на FBI во кои одреден ransomware напад е поврзан со некоја држава, но тие изјави се придружени со заклучоци од техничка природа со кои се појаснува корелацијата меѓу нападот, програмскиот код, специфични техники користени од тимови на држави.

Ако некоја институција има воочено ваква корелација во нашиот пример на ransomware напад, би бил благодарен јавноста да ги добие информациите за техничките заклучоци кои довеле до корелација.

Ваше мислење, зошто токму сега во Македонија се зачестија хакерските напади и падот на системите во јавните институции?

Спировски: Имавме повеќе различни типови на инциденти. Дел од нив – пријавите за бомби, хакирањето на веб страници на институции, задушување на сајтовите на банки – беа насочени кон политички активизам или исцрпување на фокусот на државата. Другиот дел – ransomware нападите и вирусите многу повеќе личат на криминален напад.

Моето мислење е дека пазарот на хакерски напади многу се прошири и дека многумина можат да стасаат до такви услуги за свој интерес. Порастот на хакерски напади не е ограничен на Македонија. Дигитализацијата и порастот на бизнис активностите во дигиталната сфера ги донесе и криминалците со себе.

Хакерските тимови кои се примарно криминални организации сѐ повеќе го организираат и прошируваат своето делување за профит. Притоа, нивните услуги ги користат сѐ повеќе интересни групи, дел од нив со криминални, дел со конкурентски па дури и политички интерес. Но, скоро совршената анонимност на овие напади ме спречуваат да оценам дали има директна корелација со некој политички контекст.

Се вложуваат ли доволно средства и ресурси кај нас во државата, за да се заштитиме од ваков вид софтверски напади?

Спировски: Компаниите со кои сум соработувал – сите од приватниот сектор – имаат голем број заштитни и превентивни механизми од вакви напади. Но, во случајот на ransomware нападот на Фондот за здравство, немаме никакви информации за самиот инцидент, кои системи се нападнати и кои заштитни механизми постоеле.

Тука би сакал да потенцирам – хакерските напади денес се реалност со која живееме. Ниедна организација не совршено подготвена да ги спречи сите напади. Денес подготвеноста на една организација се вреднува не во апсолутната непробојност, туку во брзината и леснотијата со која ќе се опорави после инцидентот.

За да може да ја подобри својата безбедносна поставеност, организациите и државата мора да практикуваат транспарентно информирање и јасни и транспарентни заклучоци што се случило, каде е настаната грешката, како можела да се превенира или корегира и што треба да се направи за да се подобри состојбата. Само со ваков пристап сите институции можат да ја подобрат својата поставеност за подобра издржливост при хакерски напади.

За жал, при последниов инцидент, добиваме само половични, недоречени изјави, капка по капка. Јавноста сè уште не знае што точно е настанато, поради што, и со кои механизми на потврда е дојдено до заклучок дека податоците не се украдени, туку се шифрирани.

На што треба да внимаваат и граѓаните и фирмите и институциите во однос на заштита на своите податоци? Можете ли да дадете, на пример, пет клучни препораки до нив? 

За да се заштитиме, најпрво треба да го разбереме механизамот на дистрибуција.

Најчест начин за дистрибуција на ransomware вирус е преку email пораки кои се дизајнирани кај примачот да предизвикаат емотивна реакција (љубопитност, завист, лутина, страв) и да го убедат да симне и изврши програма во која е скриен ransomware вирусот.

Втор најчест начин за дистрибуција е преку симнување пиратирани копии на програми вo кои често е скриен ваков ransomware вирус.

Трет најчест начин за дитрибиција е преку ранливост на софтвер на компјутерот и таквиот ранлив софтвер да е видлив на интернет па вирусот да се уфрли преку ранливоста. Ова е моментално пример со еден познат производ – “VMware ESXi” кој е нападнат од ransomware вирус кој носи назив “ESXiArgs”.

Заштитата од ransomware вируси се сведува на добра дигитална хигиена, превентива и резервни копии.

  1. Редовно правете резервни копии на своите податоци, на медиум кој го чувате исклучен од компјутерот кога не правите резервни копии (бекап).

2. Бидете внимателни со e-mail пораките што ги добивате. Ако не очекувате порака и таа е или премногу добра да биде вистинита или ви предизвикува емотивна реакција, никако не отворајте фајлови во прилог и не ги отворајте линковите во пораката.

3. Не симнувајте пиратирани копии на програми и не ги инсталирајте.

4. Редовно ажурирајте го вашиот оперативен систем и програмите на вашиот компјутер.

5. Имајте функционален и ажуриран антивирусен софтвер на вашиот компјутер.

ФЗО: Со хакерскиот напад на системот не се украдени податоците на граѓаните

Фондот за здравствено сигурување (ФЗО) демантира дека со хакерскиот напад врз системот се украдени податоците на граѓаните.

„Остро ги демантираме наводите дека податоците на граѓаните се украдени. Фондот за здравство ја уверува јавноста дека здравствените и лични податоци на граѓаните се целосно безбедни и дека граѓаните треба да бидат спокојни. Како што ја информиравме јавноста уште од почетокот, при сајбер нападот немаше излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови. Оттука, децидни сме дека, податоците на корисниците на здравствени услуги вклучително и личните податоци се безбедни и заштитени и нема неовластено преземање на личните податоци“, известуваат од ФЗО.

Оттаму велат дека апликативните решенија/софтверот и базите на податоци се изолирани од делот на системот кој бил предмет на напад и се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем, за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа. Во соработка со релевантните институции и упатствата за работа за подрачните единици, како што известуваат од ФЗО, oбезбедено е непречено лекување на пациентите, издавањето лекови, работата на матичните лекари итн.

„Фондот за здравство им се заблагодарува и на здравствените работници и на граѓаните за трпението и за разбирањето, нашата заложба е секако враќање на сите функции на системот што поскоро на што се работи 24/7. Воедно апелираме до сите чинители за одговорно однесување и воздржување од шпекулации кои потенцијално и непотребно би предизвикале паника кај граѓаните“, тврдат од ФЗО и додаваат дека постепено се враќаат функциите на системот, а по добивањето на податоците од ЈЗУ, веќе од наредната недела се очекува исплата на платите на здравствените работници.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски изјави дека хакерскиот напад извршен врз системот на Фондот за здравствено осигурување е всушност напад со т.н ransomware (вид малициозен софтвер), а ова, како што посочи, е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија.

Системот на ФЗО е недостапен десетти ден по ред, односно од 7 февруари годинава.

Ковачевски: Хакерскиот напад врз системот на ФЗО е дел од хибридната војна во Европа

Хакерскиот напад извршен врз системот на Фондот за здравствено осигурување е всушност напад со т.н ransomware (вид малициозен софтвер), а ова, како што изјави премиерот Димитар Ковачевски, е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија.

Ковачевски изјави дека станува збор за хакерски напад каков што претходно имаше и во Министерството за земјоделство, кога системот се оправаше повеќе од еден месец.

„На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи“, изјави Ковачевски.

Тој вчера разговарал со министерот за финансии, Фатмир Бесими, за да се најде начин да се исплатат вработените во ФЗО, кои поради падот на системот, немаат земено плата.

„Разговаравме да се направи исплата преку централниот трезор, а потоа порамнување со трезорот во ФЗОМ. Се работи за комплексна операција. Апелирам сите вработени во здравството и корисниците на услугите на Фондот да имаат трпение бидејќи вработените во Фондот деноноќно работат со цел проблемот да биде решен во корист на сите корисници. Преку вработените во ФЗОМ немаше застој на услугите, ги продолжија работните часови, ги сменија процедурите рачно да се процесираат барањата на осигурениците“, рече премиерот Ковачевски.

Инаку, ransomware e вид малициозен софтвер дизајниран да го оневозможи пристапот на корисникот или организацијата до датотеките на нивниот компјутер.

Со енкриптирање на овие датотеки и преку барање „откупнина“ за да се добие „клуч“ за дешифрирање, сајбер-напаѓачите ги ставаат физичките лица/институциите во позиција каде што плаќањето откупот е најлесниот и најевтин начин за да им се овозможи повторен пристап до нивните датотеки.

И покрај тоа што овој софтвер претставува огромна закана за сајбер безбедноста на податоците на организациите и на институциите ширум светот, тој функционира прилично едноставно – ја користи функционалноста вградена во оперативниот систем на компјутерот за пристап и шифрирање на датотеките на жртвата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека институциите треба да посветат поголемо внимание на сајбер нападите.

„Во Фондот за здравство се работи за хибриден напад, со којшто напад практично е влезен во нивниот систем. Нашиот Оддел работи интензивно и бараме поддршка од институциите и меѓународните партнери, се со цел да го заштитиме системот колку што е можно. Ова треба да ни покаже една работа што на секој еден од нас мора да ни биде јасно, дека практично сите треба да бидеме дел од заштита на тој систем и да посветиме поголемо внимание на сајбер нападите и да се зголеми отпорноста на институциите, бидејќи нереално е да очекуваме една институција да ги штити сите институции и тоа не е наша задача. Секоја институција на својот систем ќе мора да има соодветни заштити“, изјави Спасовски.

Системот на ФЗО е недостапен веќе 9 дена, односно од 7 февруари годинава. Од ФЗО тогаш известија дека имаат технички проблем и нефункционалност на дел од серверите и дека се работи на дијагностицирање и отстранување на проблемот.

Судот во Стразбур ги одби жалбите на помилуваните ексфункционери од ВМРО-ДПМНЕ

Европскиот суд за човекови права во Стразбур едногласно одлучи дека апликацијата на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои во 2016 година беа помилувани од тогашниот претседател Ѓорге Иванов се недопустливи, односно дека обвинетите не ги исцрпиле сите домашни правни лекови.

Владимир Талески, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Тони Трајковски и Едмонд Темелко се жалеа во Стразбур дека помилувањата на Иванов сè уште се во сила, бидејќи, според нив, поништувањето на помилувањата е во спротивност на принципот на законска сигурност поради ретроактивниот ефект. Тие бараа да се запре кривичниот прогон, со образложение дека помилувањето што го добиле од Иванов не можело да се повлече.

Судот во Стразбур не го дели ваквото мислење и смета дека жалбите во нивната апликација се поднесени прерано бидејќи домашните власти сè уште имаат можност да ги адресираат во актуелните судски предмети што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

На 12 април 2016 година, тогашниот претседател Ѓорге Иванов аболицираше 56 лица, вклучувајќи ги апликантите. Следуваа масовните протести, познати како Шарена револуција, по што Иванов ги повлече помилувањата.

Македонската Влада ја поздрави денешната одлука, која е во полза на државата.

„Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува на 6 случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Република Северна Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови. Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа прилика да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети“ се вели во соопштението од Владата.

Грчкиот парламент во жешка атмосфера попладнево гласа за договорот за името

Иако во грчкиот парламент требаше да се гласа ноќеска за ратификација на Преспанскиот договор, постапката се развлече поради огромниот број пријавени пратеници за збор, поради што најверојатно за ратификацијата ќе се гласа денеска околу 14.30 часот по локално време.

Сè уште е неизвесно каков ќе биде исходот, оти последните анкети во Грција покажуваат сериозна предност на опозициската Нова Демократија, која остро се противи на Договорот од Преспа,  пред владејачката СИРИЗА.

Од вкупно 300 пратеници, за дискусијата збор побарале 230. Додека вчера траеше дебатата, околу 5 илјади членови на националистички организации беа собрани на протести пред парламентот во Атина но и во Солун извикувајќи „Македонија е само грчка“. Дел од нив фрлаа со пиротенички материјали и камења врз полицијата. Припадниците на полициските сили употребија заслепувачки гранати, спреј и палки за растерување на насилните демонстранти.

Лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, го обвини грчкиот премиер дека ги „игнорира патриотските чувства“ на милиони Грци. Тој се закани дека ќе го блокира членството на Македонија во ЕУ доколку неговата партија биде победник на изборите.

– Приклучувањето на Скопје во ЕУ не е поврзано со Преспанскиот договор. Грција во секој момент ќе може да стави вето на приклучувањето на Скопје во ЕУ. А, јас лично, ве уверувам дека нема да се откажам од ова национално право – рече лидерот на опозицијата.

Одговарајќи им на сите кои се противат зборот Македонија да биде во името на северниот сосед, грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа во парламентот ги потсети грчките комунисти на „славомакедонскиот буквар и Славомакедонката Мирка Гинова“. Тој во говорот одговори и на сите критики од неговиот политичкиот опонент – лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, а потсети на отстапки што ги направиле неговите претходници и политичари од претходни гарнитури, но и некои политичари што го критикуваат за „национално предавство“.

Според Ципрас „токму инерцијата и одложувањето кои станале доктрина за надворешната политика на Грција, завршувале со постојани дипломатски порази за грчката страна и резултирале со тоа повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, соседната земја да ја нарекуваат Македонија“.

– Каде бевте во 2008-2009 година, кога беше договорено визна либерализација за пасоши на македонски граѓани во Шенген-зоната? – ги праша Ципрас своите политички опоненти.

Грчкиот премиер им се обрати и на пратениците од Комунистичката партија, спомнувајќи ја антифашистичката хероина Мирка Гинова, (родена во село Русилово, Воденско, и осудена на смрт со стрелање на 26 јули 1946 година во Ениџе-Вардар). Тој ја именуваше со македонското име, и со името (Ирини Гини) со кое ѝ се обраќале членовите на грчката Комунистичка партија.

-Не сакам да ја критикувам историјата на Комунистичката партија на Грција, онаа која се однесува на славомакедонскиот буквар кој ваши членови им го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ. Ниту 70.000 цивилни бегалци кои грчката држава ги лиши од правото да се вратат во својата татковина во 1983 година. Ниту Славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена стрелана во граѓанска војна. Вие и вашите луѓе соочете се со тоа – рече Ципрас.

Тој ги осуди и нападите против одредени грчки пратеници кои се залагаат за Договорот за Преспа.

Како и да е, сè уште е неизвесно како ќе гласаат независните пратеници, ако се земат предвид најновите анкети што ја затресоа Грција, покажувајќи дека остриот противник на Преспанскиот договор, опозициската Нова Демократија, значително води пред СИРИЗА во однос на расположението на гласачите за изјаснување на парламентарни избори.

Инаку, според најновата анкета направена од „Пулс“ за телевизијата Скај, Нова Демократија води пред СИРИЗА со 10,5 отсто, додека во анкетата направена за in.gr, предноста на опозицијата пред владејчката партија е 9,8 отсто.

Според „Пулс“, Нова Демократија има 33 отсто доверба, што е пад за половина процент во однос на претходната ваква анкета. СИРИЗА има доверба од 22,5 отсто, што исто така е половина процент помалку отколку на претходната анкета на „Пулс“, а треба е ултрнационалистичката „Златна Зора“ со 8 отсто. Таа доживеала пораст на довербата од 1 отсто во однос на претходната анкета, a по неа е КИНАЛ, коалицијата на ПАСОК, со 6,5 отсто доверба, а Комунистичката партија има 5,5 отсто, а  на претходната анкета на „Пулс“ забележала 6 отсто доверба.

Во проценките кој би победил на парламентарни избори ако се одржат сега, води Нова Демократијат на Киријакос Мицотакис со 59 отсто (на претходната анкета 57 отсто), а шанса за победа на СИРИЗА дале само 22 отсто од испитаниците (на претходната анкета 25 отсто).

Претседателот на Независни Грци, Панос Каменос, на „Твитер“ напиша дека бара оставки од 101 пратеник за да се спречи ратификација на Договорот од Преспа кој треба да се гласа денеска во грчкиот Парламент.

Каменос најпрво самиот понудил оставка, а потоа побарал уште 100 пратеници да го сторат истото.

„Најпрво ќе ја поднесам мојата оставка. До 14 часот ќе можеме да ја спречиме ратификацијата на Договорот од Преспа со 101 оставка во парламентот и да со тоа да ставиме крај на овој договор“, напиша Каменос.

Лавините во Австрија убија најмалку 10 лица

Најмалку 10 лица досега го загубија животот во лавини во Австрија, а се трага по исчезнатите. Над илјада лица и натаму се отсечени во австриските Алпи. Тамошните медиуми синоќа јавија дека се пронајдени телата на девојката и момче по кои се трагаше од неделата.

Дел од медиумите јавуваат дека потрагата по исчезнатите е многу опасна, а спасувачките екипи се во постојана готовност. Пишваат дека допрва се очекува нова количина на снег каква се гледа еднаш во 10 години.

Меѓу загинатите се и тројца Германци.

Рокада во Владата: Ќахил и Ахмедовски излегуваат, а Хасан и Бајрам влегуваат

Со почеток во 14 часот денеска, Собранието ќе гласа за предлогот на премиерот Зоран Заев да бидат разрешени министерот за странски инвестиции Аднан Ќахил и министерот за имплементација на Стратегијата за Ромите, Аксел Ахмедовски, а потоа за изборот на нивните заменици.

За нови министри премиерот ги предлага Елвин Хасан за странски инвестиции и Музафер Бајрам за имплементација на Стратегијата за Ромите.

Потоа пратениците во прво читање треба да гласаат и за пакетот судски закони, кои се со европско знаменце.

Тоа се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, потоа Предлог-закон за прекршоците, Предлог-закон за Судскиот совет, Предлог-закон за управни спорови, предлог-закон за извршување на санкциите.

Во скратена постапка ќе се гласа за донесување на законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој е предложен од пратениците од владејачката коалиција.

Косово ги донесе законите за формирање армија, Србија на готовс

Косовските пратеници претпладнево ги изгласаа трите закони кои се однесуваат на промена на мандатот на Косовските безбедносни сили (КБС) во војска, со што Косово и официјално влезе во процес на добивање своја армија.

Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, порача дека војската е на готовс.

Седницата на косовскиот парламент, започна со едноминутен молк во знак на почит за, како што рече парламентарниот спикер Кадри Весели, „сите поколенија кои во различни околности, ги жртвуваа своите животи за овој ден“.

– Да ги испочитуваме генерациите на политички затвореници, студентите од студентските движења, интелектуалците и рударите на Косово. Да ги испочитуваме нашите сонародници секаде низ светот, политичките дејци на мировниот отпор, момчињата и девојките на Ослободителната војска на Косово. Ние денеска стоиме тука благодарение на таа натчовечка жртва, горди на минатото и сигурни во нашата евроатлантска иднина – изјави Весели.

Првиот закон што е донесен е законот за трансформација на косовските безбедносни сили во министерство за одбрана, а вториот за трансформација на КБС во оружени сили. Во 11:20 усвоен е и последниот, третиот закон, за служба во безбедносните сили со што официјално заврши процедурата за формирање косовски оружени сили.

-Со ова гласање денеска почнува една нова епоха за нашата држава. Од овој момент официјално имаме војска на Косово – рече Весели.

Министерот за одбрана на Србија Александар Вулин изјави дека е направена процена на ситуацијата на Косово и Метохија и дека за сѐ е информиран и српскиот претседател Александар Вучиќ.

-До доцна синоќа имавме средби со претседателот на Србија и врховен командант на српската војска Александар Вучиќ. Тој е информиран за секој детаљ за сѐ она што се случува на просторот на Косово и Метохија, не само од претставниците на српската војска, туку од сите безбедносни служби – кажа Вулин.

Тој додаде дека српскиот претседател е многу загрижен и заинтересиран за сѐ што се случува на просторот на Косово и дека сите одлуки ќе ги донесе врз основа на директните информации за сѐ што се случува на тој простор.

Земјотрес во Грција почувствуван во Македонија со јачина од три степени

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје соопшти дека во 5.47 часот во Грција се случил земјотрес од 4,2 степени според Рихтер, кој во јужните делови на Македонија имал интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала.

Белград без официјална реакција за „случајот Груевски“

Поголемиот дел медиуми во Србија денеска ги пренесуваат информациите од министерствата за внатрешни работи на Албанија и Црна Гора дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски избегал од Македонија преку Албанија и Црна Гора во автомобил на амбасадата на Унгарија во Тирана, и тоа два дена пред за него да биде распишана потерница.

Но српската власт сè уште не се огласила за „Случајот Груевски“.

Министерството за внатрешни работи на Србија за регионалната телевизија „Н1“ претходно објасни дека Груевски нема српски пасош, ниту државјанство. Но, одговор на прашањето дали Груевски на пат кон Унгарија поминал и на територијата на Србија уште не стаса.

Провладиниот српски весник „Политика“ вчера на насловната страница објави текст потпишан од редакцијата кој, без да наведува извори, изнесе повеќе тврдења за бегството на Груевски, меѓу кои и неточното, дека Груевски од Тирана одлетал за Будимпешта. Но албанската полиција вчера соопшти дека Груевски во неделата, два дена пред за него да биде распишана меѓународна потерница, ја напуштил Албанија на граничниот премин „Хани и Хоти“ кон Црна Гора.

Албански медиуми: Груевски излегол од Албанија со автомобил на унгарската амбасада

Откако српскиот весник „Политика“ денеска излезе со верзија дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски со лажен пасош ноќе ја минал македонско-албанската граница и стасал во амбасадата на Унгарија во Тирана, од каде одлетал за Будимпешта, влијателен портал на албански јазик изнесе друга верзија, повикувајќи се албанската полиција.

Според порталот „Диалогплус“ „извештаите на албанската полиција сугерираат дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски на 11.11.2018 година во 19:11 излегол од Албанија во Црна Гора со автомобил на унгарската амбасада во Тирана – возило со таблички CD1013A.“, пренесува „Порталб“.

Преминувањето наводно било на граничниот премин „Хан Хоти – Божај“ крај Скадарско езеро, од каде следното поголемо населено место е Подгорица. Како потоа се одвивало патувањето на Груевски до Будимпешта, каде што тој завчера соопшти дека се наоѓа, не се наведува.

Според албанската телевизија „Топ Ченел“, полицијата во Тирана тврди дека Никола Груевски не полетал од тиранскиот меѓународен аеродром „Ринаси“.

ЗНМ: Власта не го исполни ветувањето за укинување на платената пропаганда

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска реагираше на последните измени и дополнувања на Изборниот законик (ИЗ), коишто по скратена постапка се предложени од власта и опозицијата во Собранието, а во кои не е предвидено и бришењето на спорниот член за финансирање на политичката пропаганда на партиите за време на изборна кампања.

„Разочарани сме што Владата не ги исполнува јавните ветувања пред македонската јавност и меѓународните партнери дека по референдумот ќе ја укине можноста јавни пари да се трошат за плаќање на политичка пропаганда во медиумите“, се вели во реакцијата од новинарското здружение.

ЗНМ потсетува дека на почетокот на септември годинава, Владата писмено одговори до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која во август објави предупредување во врска со спорните измени на Изборниот законик. Владата притоа вети дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница.

ЗНМ предупредува дека со ваквото решение, ќе продолжи практиката на контрола на власт врз медиумите.

„Ако остане решението со јавни пари да се финансира политичката пропаганда во приватните медиуми нема да прекинат старите клиентелистички односи меѓу политичките партии и медиумите. Преку ваквите коруптивни односи што претходната власт ги воспостави со владините реклами, власта ја купуваше наклонетоста на медиумите и ги претвори нив во инструмент за ширење политичка пропаганда“, вели ЗНМ.

Канческа – Милевска: Власта ги прифати нашите предлози за амандманите

Власта ги прифати нашите барања за нацрт-амандманите за измена на уставот. Баравме амандман со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет во Уставот, со обврска на републиката да го штити културното и историското наследство на македонскиот народ. Второто наше барање е доколку Грција не го ратификува Договорот и повторно блокира, да има поништување на сите уставни амандмани, рече Координаторката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа – Милевска.

Таа порача дека за Македонија може многу да се направи само со „соработка, позитивна енергија и позитивна мисла, ни треба обединување“, а за собраниското тело помирување, поранешната министерка за култура појасни дека до претседателот на Собранието е поднесена иницијатива за негово формирање.

– Се надевам в понеделник ќе имаме координација во оваа насока и ќе заземеме став како ќе се води и која ќе биде методологијата. Сериозно е ова тело и сериозно треба да се пристапи и сите да се вклучиме со цел да одиме во насока на помирување и во насока на зацврстување на односите. Очекувам дека ќе земат учество во телото и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – изјави таа.

Првиот нацрт амандман, предложен од независните пратеници кои во Собранието влегоа како членови на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде вграден во членот 49 од Уставот и ќе гласи: Република Македонија ќе го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ, појасни Канческа – Милевска.

– Второто наше барање беше прифаќање одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Грција не го ратификува договорот и ги попречи интеграциите ќе има безуслсовно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од договорот од Преспа. За мене е ова многу важно и нашето барање е прифатено – рече таа.