понеделник, 18 мај, 2026
Meta.mk

Фирмата на владиката Петар влегува во медиумскиот бизнис, ќе отвора телевизија

Фирмата „Преобразба“, во сопственост на владиката и митрополит преспанско-пелагониски Петар на Македонската православна црква (Петар Каревски), доби дозвола од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за отворање телевизиски канал со претежно забавен општ формат.

Одлуката е објавена на веб-страницата на АВМУ и истата се однесува на Скопскиот регион, со времетраење од девет години.

Преобразба ДООЕЛ барањето за отворање телевизиски канал, без објавување јавен конкурс, го доставило во ноември минатата година. Како што стои во одлуката на АВМУ, барањето било враќано за корекција неколку пати, пред да биде донесена конечната одлука – доделување дозвола за телевизиско емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи јавен ресурс, на регионално ниво.

Според податоците од Централниот регистар, Друштвото за производство туризам промет и услуги Преобразба ДООЕЛ Скопје е основано во август 2021 година, со влог од 5 илјади евра. Сопственик и управител на фирмата е Петар Каревски.

На владиката Петар денеска му беше исклучен мобилниот телефон и не бевме во можност да го прашаме какви се неговите планови во медиумскиот бизнис.

Нема повеќе апанажа за разрешените функционери и за оние кои дале оставки

Уставниот суд на денешната седница укина член од законот, кој предвидуваше дека апанажа можат да земаат функционерите, пратениците и раководните лица кои поднеле оставки пред истекот на мандатот, или пак биле разрешени од функциите.

Со денешната одлука, практично престанува да важи оваа одлука, односно овие лица веќе ќе немаат право на апанажа, односно право на паричен надоместок.

Членот што едногласно се укинува од страна на уставните судии е член 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избраните и именуваните функционери кој предвидуваше дека „пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има сите права од член 19 на законот“.

Членот 19, пак, предвидуваше дека функционерите можат да остваруваат плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа: три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци; шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци; девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци; и 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Според Уставниот суд, овој законски член не е во согласност со владеењето на правото. Уставните судии сметале дека овој член од законот нема оправданост, бидејќи до оставка или до разрешување доаѓа поради некаков вид одговорност со вршењето на функцијата и оттаму лицето нема ниту право на иден паричен надоместок.

Одлуката на Уставниот суд е конечна и ќе стапи во сила по објавувањето во „Службен весник“.

Дојави за бомби утринава испразнија 31 училиште во Скопје

На електронските адреси на 31 училиште во Скопје утринава е упатена закана за поставена експлозивна направа, информираа од Министерството за внатрешни работи.

Веднаш по добиените пријави, преземени се мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки.

Дојавите за бомби овојпат се случиле многу порано, уште на првиот час, во 8.30 утринава. Дел од родителите, само што ги оставија своите деца на училиште, мораа да се вратат да ги земат. Големи се реакциите на родителите на социјалните мрежи, кои велат дека секојдневните дојави за поставени бомби во училиштата сериозно го нарушуваат образовниот процес на децата.

Првите дојави за поставена експлозивна налрава стаса во пет гимназии во Скопје на 26 октомври минатата година.

Министерството за образование и наука испрати допис до училиштата за основно и за средно образование во државата, во кое наложуваат во деновите откако ќе стаса дојава, наставата да продолжи онлајн, наместо да се губат цели работни денови.

Бектеши: Компаниите не се оштетени со замрзнувањето на цената на лебот

На компаниите не им се ускратува ништо, само дополнителниот профит што некои од нив, не повеќе од десетина, сакаат да го прават согласно утврдените планови, изјави министерот за економија Крешник Бектеши, во врска со одлуката да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

„Сметаме дека тоа е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит што останува кај пекарите. Значи, 32 денара со шест денара профитна маржа од страна на пекарите, пет отсто маржа од трговците или во малопродажба и пет отсто ДДВ“, рече Бектеши.

Владата на денешната седница ја замрзна цената на лебот на 33 денари и ја укина субвенционираната цена на струјата за компаниите.

Замрзнувањето на цената на лебот ќе важи до 31 мај, а ќе стапи во сила откако ќе се објави во „Службен весник“, вечерва или утре. Укинувањето на субвенционираната струја за компаниите, пак, ќе важи од 1 април.

Компаниите од декември лани имаа можност да користат повластена цена на електричната енергија, но потоа анализите покажале дека и покрај ова, тие не ја намалиле цената не лебот.

„Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана струја, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Неоправдно покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Цената на лебот се замрзнува на 33 денари, нема веќе повластена цена на струјата за компаниите

Владата ја замрзна цената на лебот на 33 денари и ја укина субвенционираната цена на струјата за компаниите. Со замрзнувањето на цената, белиот и полубелиот леб сечен на париња или цел од 450 грама, ќе биде 33 денари, а под 450 грама до 33 денари по леб во сооднос со тежината на лебот.

Замрзнувањето на цената на лебот ќе важи до 31 мај, а ќе стапи во сила откако ќе се објави во „Службен весник“, вечерва или утре. Укинувањето на субвенционираната струја за компаниите, пак, ќе важи од 1 април.

Компаниите од декември лани имаа можност да користат повластена цена на електричната енергија, но потоа анализите покажале дека и покрај ова, тие не ја намалиле цената не лебот.

„Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана струја, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Неоправдно покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Производителите на леб вчера се заканија дека ако се замрзне цената на лебот, тие ќе го прекинат производството.

Во Источна Украина за едно деноноќие имало над 60 напади од руска страна

Руските трупи ги фокусираат напорите на изведување офанзивни дејства во Купијанск, Лиман, Бахмут, Авдиивка и Шахтарск, пренесува Асошиејтед Прес, во однос на најновите случувања од руската инвазија врз Украина.

„Во текот на изминатиот ден, нашите бранители спречија над 60 непријателски напади во овие правци. Во меѓувреме, непријателот изврши осум ракетни напади и 32 воздушни напади, а 85 пати отвори оган со повеќекратни ракетни системи за лансирање (MLRS). Заканата од понатамошни ракетни напади е присутна низ цела Украина“, се наведува во извештајот на Генералштабот на вооружените сили на Украина на Фејсбук, како што јавил дописникот на Укринформ.

Според Укринформ, руските трупи утринава го гранатирале градот Херсон, а имало и цивилни жртви. Ова на својот канал на Телеграм го објавил шефот на кабинетот на претседателот, Андриј Јермак.

„Русите повторно го гранатираа Херсон. При гранатирањето е уништена приватна станбена зграда. Една жена е повредена, а едно лице загинало“, напишал тој.

Украинската војска во изминатите 24 часа уништила 11 беспилотни летала Шахед-136 од иранско производство и едно беспилотно летало Зала (UAV).

Жан Митрев ангажирал нови адвокати, одложено првото рочиште за измама на пациенти

Поради промена на адвокатскиот тим на одбраната и потреба од негово докомплетирање, денеска се одложи првото рочиште за судењето на кардиохирургот и сопственик на приватна болница, Жан Митрев. Новото рочиште е закажано за 5 април.

Митрев ангажирал нов адвокатски тим, кој бара време да се запознае со предметот, да се направи увид и да ја подготви одбраната. Тој беше присутен на првото рочиште и изјави дека верувал во институциите на државата и дека ќе ја докаже вистината.

Од клиничката болница „Жан Митрев“ информираат дека вчера Кривичниот суд донел решение за определување на предлог мерки кои предвидуваат целосно блокирање на сметките на клиниката. Оттаму констатираат дека со тоа им била изречена „пресуда“ уште пред да почне судскиот процес.

Во однос на предметот, Митрев се товари за измама односно за прикривање клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод, за кој според обвинителството, пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Во текот на постапката, како што информирааат од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.

Според обвинението, Митрев на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.

Случајот со примена на хемофилтрација при лекувањето на болни од ковид-19 го обелодени Истражувачката репортерска лабораторија во документарецот со наслов „Нечиста крв“, по што имаше притисоци и тужби против истражувачките новинари од ИРЛ.

Собранието, по три недели расправа, ги изгласа четворицата нови министри во Владата

На предлог на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, доцна вечерва, со мнозинство гласови, Собранието ги избра четворицата нови министри: Кренар Лога, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда; Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство; Азир Алиу, министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.

Реконструкцијата на Владата доаѓа откако во владејачкото мнозинство влезе и Алијанса за Албанците што беше причина дотогашниот партнер, партијата Алтернатива, да замине во опозиција.

Оттаму, тројцата нови министри, Лога, Меџити и Алиу доаѓаат од Алијанса за Албанците, а Шукова е од редовите на СДСМ.

„Како Влада, продолжуваме, ефикасно да ги спроведуваме реформите во интерес на граѓаните и ќе го зајакнуваме парламентарното мнозинство, по трасираниот, европскиот пат, со цел членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, како национален и стратешки државен интерес“, изјави Ковачевски, додавајќи дека реконструкцијата не ја правел според имиња или лични и партиски интереси и дека станува збор за квалитетни кадри.

Новите министри вечерва пред полноќ дадоа свечена изјава пред пратениците, со што официјално ги презедоа функциите.

Нивниот избор во Собраниетто траеше точно три недели, а во обраќањата пратениците со денови меѓусебно се обвинуваа за криминал и за корупција.

Спикерот во Собранието, Талат Џафери на денешната седница ги констатираше и разрешувањата на замениците министри за одбрана, Башким Хасани, за земјоделство, Абдулшуќур Абедини, и за образование – Лулзим Алиу.

На предлог на премиерот Ковачевски на нивно место ќе дојдат Тирон Јајага за одбрана, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука, а именувани ќе бидат и Викторија Аврамовска-Матиќ за заменик-министер за правда и Маја Манолева за заменик-министер за здравство.

Седницата продолжува утре со изборот на замениците министри, а за збор се пријавени 40 пратеници.

Поради судски пропуст одложен е новиот старт на судењето за „Таргет-Тврдина“

Иако беше најавено дека ќе се интензивира, сепак се одложи почеток на повтореното судење за случајот „Таргет-Тврдина“, поврзан со масовното прислушување.

На судењето не се појави обвинетиот Тони Јакимовски, кој требаше да биде спроведен од Охрид каде е во домашен притвор за друг случај. По еден час чекање, било утврдено дека грешката е во судот, односно до Јакимовски била испратена покана за судење, но не и наредба до полициската станица за негово спроведување.

Судењето, на кое беа спроведени ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е одложено за утре.

Судењето го води судијата Илија Трпков.

Пред два месеца беше укината пресудата за најголемиот предмет за прислушувањето. Апелацискиот суд во образложението за укинување на пресудата, меѓу другото, наведе дека во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и останатите обвинети се прогласени за виновни. Второстепениот суд бараше точно да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.

За предметот во Апелацискиот суд се одлучуваше две години, а судењето во Кривичниот суд траеше три. Ова значи дека вкупно пет години предметот „Таргет-Тврдина“ се наоѓа во судските инстанци.

Предметот застарува во 2025 година.

Сашо Мијалков повторно во обвинителна клупа за масовното прислушување

Во Основниот кривичен суд во Скопје почнува повтореното судење за најголемиот предмет за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Од затворот во Струга во судот ќе биде донесен поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Пред два месеца беше укината пресудата во која Мијалков беше осуден на 12 години затвор, а новото судење започнува денеска и продолжува утре, кога обвинетите треба да се произнесат дали чувствуваат вина.

Апелацискиот суд во образложението за укинување на пресудата, меѓу другото, наведе дека во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и останатите обвинети се прогласени за виновни. Апелацискиот суд бараше точно да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.

За предметот во Апелацискиот суд се одлучуваше две години, а судењето во Кривичниот суд траеше три. Ова значи дека вкупно пет години предметот „Таргет-Тврдина“ се наоѓа во судските инстанци. Тој застарува во 2025 година.

Претседателот на судот Иван Џолев минатата недела најави дека поради опасноста предметот за застари, со судијата веќе е договорено процесот да се интензивира.

За „Таргет-Тврдина“ обвинети се и двајцата бегалци во Грција, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, на кои им се суди во отсуство. Меѓу обвинетите е и шефот на кабинетот на Мијалков, и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која со првата пресуда беше осудена на 4 години затвор.

Груев: Има епидемија на заразна болест штенечак кај кучињата, сопствениците да внимаваат на своите миленици

Заразната болест штенечак сè повеќе се шири меѓу кучињата во Скопје и во многу други градови низ земјава. Граѓаните на социјалните мрежи со загриженост споделуваат фоотографии, најчесто од бездомни кучиња, со нервни симптоми, како се мачат со фаталната заразна болест, бидејќи дел од нив не знаат точно за што станува збор, ниту пак знаат како да помогнат во вакви случаи. Пред два месеца и стационарот „Лајка“ беше затворен 30 дена поради епидемијата со штенечак. Болеста не е заразна за луѓето, но може да биде погубна и за домашните миленици, особено оние кои не се вакцинирани редовно.

На оваа тема разговаравме со Виктор Груев, доктор по ветеринарна медицина, кој меѓу другото објаснува и како сопствениците на миленици можат да ги заштитат своите кучиња од смртоносниот вирус.

Што претставува болеста штенечак и какви симптоми јавува кај кучињата?

Груев: Болеста штенечак (Distemper) претставува висококонтагиозна или заразна вирусна болест, која кај нас ги напаѓа кучињата како приемчиви организми за истата.
Под високозаразна болест подразбираме дека болеста многу брзо и лесно се шири помеѓу единките, особено кај оние единки кои се невакцинирани воопшто, делумно вакцинирани или кај постари и изнемоштени единки со ослабнат имунолошки систем.
Неговата инкубација или периодот од кога животното ќе се зарази па до појавата на првите клинички знаци на болеста може да биде од три до 20 дена, во зависност од надворешната температура и временската сезона, затоа што ладните температури му одговараат на вирусот за преживување и размножување, додека екстремно високите го уништуваат и тој не може да преживее на површините или во средината.

Штенечакот е вирус кој е познат во ветеринарната медицина предизвикан од едноверижна РНК вирус од фамилијата Paramyxoviridae, кој е пак близок со вирусите кои ги предизвикуваат малите сипаници кај луѓето.

Штенечакот претставува мултисистемско заболување, односно зафаќа повеќе органски системи, респираторен тракт,гастроинтестинален и централен нервен систем, неизлечив, кој најчесто завршува фатално или со нервни последици познати како тикови.

Во зависност од кој органски систем е зафатен, такви ќе бидат и клиничките знаци на животното. Имаме случаи кои се со респираторен проблем како што е кашлица, пропратена со исцедок од ноздрвите и стварање на горилки на очите, која преминува во пневмонија. Животното станува летаргично или изнемоштено, губи апетит, повраќа, се тресе, има дијареја и дехидрира. Во терминалниот стадиум од болеста веќе е зафатен и централниот нервен систем кој најчесто се манифестира со тикови или дезориентирано движење на животното низ средината.

Дали во моментов имаме епидемијата на штенечак и на што се должи тоа? Сте имале ли во својата пракса толкав број кучиња заразени од штенечак?

Груев: Во изминатиов период, особено во последниве 7-8 месеци, сведоци сме на зголемен број позитивни кучиња заразени со штенечак. Да, имаме епидемија на територијата на целата наша држава, со оглед на тоа што нема град каде немаме позитивни случаи, особено онаму каде што има поголем број кучиња по улиците и поголема фреквенција на истите.

Во однос на прашањето на што се должи тоа, моја претпоставка е дека со оглед на тоа што штенечакот не го зафати првично Скопје, туку други градови, и тоа траеше сигурно 3 – 4 месеци, каде вирусот се размножуваше и се пренесуваше од куче на куче, дека во другите градови не се врши вакцинација на уличните кучиња, а нив ги има во енормен број. Истите тие кучиња заловени во тие прифатилишта подлегнуваат нели на хуман третман кој подразбира „залови – вакцинирај – стерилизирај – врати на локација“, и од самото ова се ослабнува имунитетот, тие се доведуваат во стресна ситуација, а не се заштитени со вакцина. Така болеста си го направи своето, се ширеше и зафати голем број кучиња и во главниот град. Тука пак, ЈП Лајка, која што е одговорна за уличните кучиња, според програмата, треба да ги вакцинира кучињата. Оттаму, се поставува прашањето зошто имаме позитивни случаи, кои се нели вакцинирани? Ова е дискутабилно, затоа што по нивниот прв случај кој се појавил таму (а се спретпоставува дека станува збор за куче заловено од улица со непознат вакцинален статус, а не за куче кое веќе го поминало третманот), требаше да следува целосно затворање на прифатилиштето. Ова беше направено, но морам да кажам дека беше задоцнето.

Како најчесто се заразуваат кучињата и дали болеста се пренесува на луѓе?

Груев: Кучињата најчесто се заразуваат преку близок контакт со заболено куче, аерогено, преку кашлање или кивање. Секако, вирусот е присутен и доколку кучето повраќа или пак има дијареја или пак секрет од ноздрвите и дојде во контакт со друго куче. За среќа, болеста не се пренесува на луѓе, ниту пак на мачки.

Сопствениците на домашни миленици периодов треба да избегнуваат групирање на повеќе кучиња со непознат вакцинален статус, вели Груев / Фото: Мета.мк

Дали можат да се заразат и домашните миленици – вакцинираните и невакцинираните?

Груев: Да, секако дека можат. И уличните и домашните кучиња се приемчиви на болеста. Во однос на домашните миленици, тие се веќе со познат вакцинален статус, со тоа што се повеќе заштитени од уличните кучиња. Во однос на вакцинацијата, граѓаните кои се сопственици на домашни миленици, треба доследно да ја применуваат. Имено, вакцинацијата кај кучето треба да се спроведе на навршени четири недели старост, а потоа следуваат две ревакцинации во растојание од по 21 ден, за таа да биде комплетна, а кучето заштитено. Секоја година треба да се врши ревакцинација на кучето, за да тоа го одржи имунитетот против оваа, но и против други заразни болести.

Имаме многу случаи на штенечак по улиците, а активистите се оставени сами на себе, бидејќи никој не прима куче со штенечак, ниту во ветеринарна амбуланта, ниту пак во пансион за миленици. Што треба да направат граѓаните доколку во населбата забележат куче со јасни симптоми на штенечак?

Груев: Прво нешто што треба да направат е да контактираат ветеринар кој ќе им даде понатамошни насоки што и како да се направи. Во однос на лечењето на оваа болест, тоа е таканаречена симптоматска терапија, кога ние ветеринарите се обидуваме да ја вратиме нарушената хомеостаза во нормала, со рехидрирачки раствори, антибиотици, антиеметици, витамини и минерали за поткрепа и секако други медикаменти доколку е тоа потребно.

На што треба да внимаваат сопствениците на домашни миленици?

Груев: Сопствениците на домашни миленици периодов треба да избегнуваат групирање на повеќе кучиња со непознат вакцинален статус и секако, сега, додека трае ова, да ги намалат прошетките колку што е можно повеќе по парковите и по местата каде што циркулираат повеќе улични кучиња.
Сепак, најважно сите сопственици да проверат дали нивниот миленик е со активна вакцина против штенечак.

Какви се очекувањата, кога можеме да очекуваме да се намали ширењето на вирусот?

Груев: Како што веќе нагласив, ладните температури му одговараат на овој вирус повеќе од топлите, така што се надеваме дека со затоплувањето, веќе од наредниов период треба самиот вирус да не е толку активен, а потоа треба да се вакцинираат што поголем број кучиња.

Гир: Над 2 милиони ученици заминале од Украина без можност да го завршат образованието

Со руските ракети се оштетени над 2.700 училишта во Украина, комплетно се срамнети со земја над 100 образовни институции, а над два милиони украински ученици заминале од земјата без можност соодветно да го завршат образованието.

Ова на денешната панел дискусија по повод годишнината од руската инвазија во Украина, го посочи евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, зборувајќи за штетите од војната врз образованието и врз младите генерации. Панел дискусијата беше насловена како „Интегрирање на учениците и студентите бегалци во образовниот систем: Презентирање на Резолуцијата за изразување солидарност и барање акција во врска со руската војна во Украина“ во организација на „Јуроп хаус“.

„Сојузот на средношколци од Северна Македонија ќе ја претстави Резолуцијата на Организирачкото биро на европските средношколски сојузи. Овој документ се посветува на тешкотиите на младите Украинци, на влијанието на војната врз нивната безбедност, на нивниот извор на приход, на нивната благосостојба и психичка и физичка, како и на нивното право за образование кое што е гарантирано во Универзалната декларација за човекови права. Па така во еден дух на солидарност средношколците размислуваат како да им помогнат на пријателите во Украина и осмислија конкретни предлози“, изјави Гир.

Украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир, исто така се осврна на стравотните бројки на уништени образовни институции и иселени ученици, како последица на руската агресија.

„Со бомбардирање и артилерија руската армија уништи 3.126 образовни установи и 338 од нив беа срамнети со земја. За време на војната руската војска уби 461 дете, рани 923 деца, 368 деца исчезнаа, над 16.000 беа нелегално депортирани во Русија. Агресијата од Русија предизвика неколку сложени проблеми во образованието во Украина, главно ова се однесува на присилно раселените деца, кои беа принудени да го прекинат образованието одреден период, а уништувањето на инфраструктурата на училиштата, градинките, универзитетите, е непроценлива штета“, рече Дир.

Таа појасни дека услов за сите училишта и универзитети во Украина е да постои засолниште од бомби, кои мора да се опремени со сè што е неопходно ако дојде до ракетен напад.

„Во случај на напад, часовите се одржуваат во овие засолништа, универзитетите во опасните области во Украина, се преселени во делови во Украина каде што нема такви напади, на пример неколку универзитети од Мариупол се преселија во Киев“, изјави таа.

Дир потсети дека Северна Македонија обезбеди привремено засолниште и заштита на над 300 Украинци кои беа принудени да ја напуштат својата татковина, при што украинските деца учат во македонски училишта и добиваат образование на македонски јазик.

Скопски Водовод демантира: Цената за вода во Скопје нема да се зголеми

ЈП Водовод и канализација Скопје ја демантира веста дека е можно да се зголеми цената на водата во Скопје.

„Во согласност со Законот за утврдување цени на водните услуги се доставува известување за зголемените трошоци на претпријатието по основ на електрична енергија и енергенси во форма на барање за утврдување на тарифите за водните услуги, барање кое е доставено во 2022 година. Околу евентуалната промена на цената на водните услуги надлежни се Регулаторна комисија за енергетика и Советот на Град Скопје како основач на претпријатието, при што ЈП Водовод и канализација – Скопје ниту донело нови тарифи, ниту истото го има побарано од Советот на Град Скопје“, стои во соопштението.

Оттаму потенцираат дека ЈП Водовод и канализација – Скопје не побарало зголемување на цената на водата во Скопје, ниту е тоа во план на претпријатието во тековната година.

Претходно, на својот официјален профил на Фејсбук, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, напиша дека ЈП Водовод и Канализација доставиле барање во кое побарале зголемување од 30 денари во просек на сметките на месечно ниво.

„РКЕ по направените анализи даде предлог цена што на крајните сметките ќе значи зголемување од 7 денари. Советот треба да донесе конечна одлука“, објави Бислимоски.

Ќе нема субвенционирана струја за прехранбената индустрија која не ги намали цените

Министерството за економија испратило предлог-одлука до Владата за укинување на мерката за субвенционирана електрична енергија на компаниите од прехранбената индустрија. Мерката се однесува на компаниите кои произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи и други прехранбени продукти.

Како што стои во соопштението, анализите на Министерството за економија покажале дека кај голем дел од компаниите кои користеле субвенционирана електрична енергија од ЕСМ Продажба по цена од 80 евра за мегават час, немало намалување на цените на основните прехранбени производи.

„Врз основа на податоците од Државниот пазарен инспекторат, предлогот на Министерството за економија до Владата е мерката да се укине за сите компании од прехранбениот сектор. Мерката за субвенционирана електрична енергија од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи важеше од 1 декември 2022 до 30 април 2023 година. Мерката се однесуваше на компаниите кои што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Целта на оваа мерка беше компаниите од прехранбениот сектор да ги намалат цените на основните прехранбени производи“, се вели во соопштението на Министерството за економија.

Премиерот Ковачевски денеска изјави дека ако компаниите не ги намалуваат цените на нивните производи, а за тоа немаат објективни причини, тие не треба да добиваат субвенционирана струја од државата.

„Доколку нема објективни причини за тоа да не бидат намалени цените и покрај субвенционираната цена на електрична енергија, тогаш нормално дека нема да добиваат субвенционирана цена на електрична енергија, бидејќи таа електрична енергија ја субвенционираат граѓаните на државата. И тоа се средства на граѓаните за да може да се намалат цените на производите“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на презентација на новата инвестиција на германската компанија „Гересхајмер“ во земјава.

Скопјани од наредниот месец најверојатно ќе пијат поскапа вода

Скопјани од март годинава најверојатно ќе плаќаат поскапа вода за пиење. Скопски „Водовод и канализација“ доставило барање до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со кое бара зголемување на цената на водата од 30 денари во просек на сметките на месечно ниво. Од Регулаторната комисија, пак, предлогот е цената да се зголеми за седум денари, а конечната одлука треба да ја донесе Советот на општината.

Според предлогот на РКЕ, просечната тарифа за вода наместо 23,14 денари за метар кубен како досега, со зголемувањето ќе изнесува 26,36 денари.

„РКЕ не носи конечна одлука за цена на водата. Советите во општините ги носат конечните одлуки. Јавните комунални претпријатија поднесуваат барање за одредување на цена до РКЕ, а ние им даваме минимална и максимална цена како опција. Овие предлог цени се врзани со трошоците, односно инвестициите во мрежата за да нема дефекти и да се модернизра. Која цена ќе биде на сила, одлучува Советот на општината. Фактите покажуваат дека на национално ниво 60% имаме загуба на водата. Што значи дека губиме непроценливо богатство поради отсуство на инвестиции. Советите отчетно и транспарентно да им објаснат на граѓаните каде се инвестира секој денар“, пишува на својот профил на Фејсбук претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој вели дека РКЕ останува на ставот во целост да го преземе регулрањето во делот со цени на води за да се зголемат инвестициите, да се подобри услугата и да се регулираат вработувањата согласно потребите.

ЈП Водовод и канализација Скопје барањето за поскапувањето на услугата го поднесе лани во ноември. Во него беше посочено дека се бара зголемување на просечната цена на водната услуга снабдување со вода за пиeње за крајот на 2022 година на 38,57 денари за метар кубен, додека за следната 2023 година на 38,81 денар за метар кубен. Тоа значи дека за оваа година РКЕ само делумно го прифатило барањето на градското претпријатие за поскапување на главната услуга.

По падот на системот на ФЗО, во земјава доаѓа претставник на НАТО за сајбер и хибридни напади

Премиерот Димитар Ковачевски, по хакерскиот напад на системот на Фондот во здравство кој не беше изолиран случај, најави дека во државата треба да дојде помошник-генералниот секретар на НАТО за сајбер напади и хибридни напади.

„Го договараме терминот на кој ќе разговараме за детали за соработката со централата на НАТО во Брисел, меѓутоа и со поединечните земји членки кои се понапредни во оваа област“, изјави Ковачевски.

Тој рече дека формирано е посебно тело за справување со хибридни напади кое има поширок спектар на задачи, под надлежност на Бирото за јавна безбедност. Во него учествуваат и експерти од Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, военото разузнавање и од Министерството за внатрешни работи.

Во врска со сајбер нападот на системот на ФЗО, Ковачевски вели дека главниот инжинер во ФЗО ќе го предложи за одликување на една од државните награди, бидејќи брзо, за само 14 дена, го решил проблемот.

„Успеаја во Фондот за 14 дена да го решат проблемот со хакерскиот напад, додека ваков сличен напад со сличен интензитет во светот е просек 21 со 24 дена. Се потврди мојата проценка дека Филиповска-Грашкоска е добар избор за директор за Фондот. Главниот инженер кој работеше на овој проблем поради исцрпеност е сега на боледување. На една од следните државни награди кои ги доделува државата, ќе предложам да биде одликуван со државна награда во име на систе компјутерски инженери кои во моментов работат на спречување на сајбер напади“, изјави Ковачевски.

За хакерскиот напад на системот во ФЗО отворена е истрага. Директорката Магдалена Филиповска-Грашкоска во средата, на брифингот со новинарите, одби да одговори на сите прашања поврзани со сајбер нападот.

„Сето тоа е предмет на истрага“, беше одговорот на Филиповска-Грашкоска на прашањата дали имаат сознанија кој го извршил хакерскиот напад, дали им бил побаран откуп, дали ФЗО исплатило пари некому со цел системот да профункционира, дали нападот бил извршен од земјава или пак од некоја друга држава итн.

Таа единствено беше децидна дека податоците на сите граѓани се безбедни, дека немало никакво одлевање и дека системот е вратен во функција.

УНХЦР: Поради несигурноста, над 13 милиони луѓе од Украина остануваат раселени

Дванаесет месеци по руската инвазија на Украина, повеќе од 13 милиони луѓе остануваат раселени од нивните домови, вклучувајќи речиси 8 милиони бегалци низ Европа и повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица во рамките на Украина, се вели во соопштението на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, по повод годишнината од руската инвазија врз Украина.

Во два нови извештаја издадени денеска од УНХЦР се вели дека можностите за враќање на бегалците во блиска иднина се оневозможени поради продолжените воени дејствија, несигурност и уништувањето на нивните матични региони.

„Со третина од населението на Украина приморано да избега од своите домови, ситуацијата останува непредвидлива. Мораме да продолжиме да одговараме на потребите на раселените луѓе и да ја осигураме нивната безбедност сѐ додека не можат да се вратат дома“, изјави Паскал Моро, Регионалната директорка за Европа на УНХЦР.

УНХЦР спровело анкета на намери и интервјуирало илјадници луѓе раселени од војната. Насловени „Животи на чекање“, најновите извештаи – еден со фокус на бегалците, а друг на внатрешно раселените лица – даваат увид во искуствата на раселените Украинци по една година, како и нивните намери и фактори кои влијаат на нивните избори.

Помеѓу клучните наоди од најновите извештаи се:

– Најголемото мнозинство бегалци и внатрешно раселени Украинци – 77 проценти бегалци и 79 проценти внатрешно раселени лица – сакаат да се вратат дома еден ден, но, само 12 проценти и од бегалците и од внатрешно раселените лица планираат тоа да го сторат во следните три месеца.

– Главните пречки кои ги спречуваат бегалците да се вратат се грижите околу безбедноста и сигурноста во нивните матични области. Други грижи кои се наведуваат се однесуваат на пристапот и достапноста на основни услуги – вклучувајќи струја, вода и здравствена грижа, работни можности и соодветно домување, од кои сите претрпеле во огромна мера заради војната.

– Кај внатрешно раселените лица, пристапот до соодветно домување е втората главна пречка кон одржливо и достоинствено враќање, по размислувањата за безбедност и сигурност.

– Бегалците кои изразиле намера да се вратат во следните три месеца се претежно повозрасни луѓе, луѓе разделени од своите семејства коишто се сè уште во Украина или луѓе кои се соочуваат со предизвици со инклузијата во државата-домаќин.

– Околу 18 проценти од испитаните бегалци се сè уште неодлучни дали да се вратат. „Не можеме да размислуваме за иднината или за тоа каква е состојбата во Украина, како и колку долго таа ќе биде таква. Можеме да размислуваме само за сегашноста“, изјавил учесник-бегалец.

УНХЦР дава повеќе препораки во извештајот.

„Клучно е да се осигура бегалците да добиваат постојана помош за да направат слободни и информирани одлуки за својата иднина, а државите-домаќини и локалните заедници да добиваат поддршка за бегалците да можат да добијат пристап до своите права, услуги и соодветна работа. Поддршката на раселените популации во Украина исто така е клучен приоритет. Спонтаните враќања треба да бидат помогнати преку комбинација од хуманитарни, обновувачки, развојни и програми од приватниот сектор, со што ќе се поплочи патот за економско заживување, обнова и реконструкција“, се вели во соопштението.

Минатата недела, УНХЦР го објави својот Дополнителен апел за украинската ситуација, заедно со план за одговор и финансиски побарувања за 2023 година. Вкупните потреби се проценети на 1,1 милијарди долари – 602,5 милиони за внатре во Украина и 517 милиони во државите домаќини на бегалци во Европа.

Продолжува расправата за избор на нови министри за правда, информатичко општество и за животна средина

Во Собранието денеска на пладне продолжува расправата за изборот на новите министри за правда, информатичко општество и администрација и за животна средина и просторно планирање. Нови министри предложени од Владата се Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.

Вчерашната седница траеше до доцна вечерта, со долги расправи и обвинувања меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и од опозициските партии. Дополнително, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со десетици соопштенија до јавноста и вчера, но и утринава, продолжуваат со меѓусебни обвинувања.

Се очекува и денешната седница да трае до доцна вечерта.

На седницата треба да бидат разрешени замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.

Вчера, пратениците со 65 гласа „за“ ги разреши министрите кои доаѓаа од Алтернатива, партија која по влезот на Алијанса за Албанците ја напушти владината коалиција. Станува збор за министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.

Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на расправата за изборот на новите министри од кои тројца се од редовите на Алијанса за Албанците ја побара довербата од пратениците за формирање на, како што рече, постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада.

Пред десет дена пратениците ги констатираа оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

Собранието расправа за избор на новите министри, ВМРО-ДПМНЕ реагира за безредие и хаос

Собранието вечерва продолжи со расправата за избор на новите членови на Владата. Нови министри предложени од Владата се Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.

„Го заокружуваме процесот на реконструкција на Владата преку изборот на нови министри. Конкретно, денес имаме можност, шанса, јас би рекол обврска да креираме подобра, поуспешна и поефикасна Влада којашто целосно ќе продолжи да ги реализира поставените цели и задачи. Да добиеме Влада којашто на вистински и успешен начин ќе продолжи да ги решава проблемите на граѓаните, којашто ќе генерира и покажува успех!“, рече премиерот Ковачевски во Собранието.

Според него, како што рече, „опозицијата предводена од Левица, во којашто мозокот е Левица, а извршителите се ВМРО-ДПМНЕ, повторно покажува само гнев, црнила, закани, празни фрази“.

„Не само што не помагаат, не само што не нудат алтернативи, туку тие ѝ одмагаат на државата. Не на мене и на Владата, туку одмагаат и работат против државата и граѓаните. Посакуваат и работат да има проблеми, посакуваат и работат како што тоа го прават анти-македонските фактори надвор, секој ден да биде пропаст, проблеми, кризи. И за жал, несфатливо и неприфатливо за секој разумен човек, се радуваат кога има проблеми“, изјави Ковачевски.

Затоа, рече тој, се зголемуваме парламентарното мнозинство и се формира нова Влада, и со влезот на Алијанса за Албанците и со избор на нови министри и заменици министри.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа за предлогот на новите министри, особено за предлогот Каја Шукова да биде нова министерка за животна средина.

„Неизбран премиер разрешува, неизбран премиер назначува, не деловнички избран претседател на Собрание толкува деловник, затоа сме до ова дереџе, затоа државата ни тоне. Целиот овој хаос се пресликува во институциите. Ваков апсурд нема никаде во светот. Ваква влада ќе биде предмет на истражување долго, долго после нас. Едни стануваат други седнуваат, никој за ништо не одговара. Тотално безредие и хаос. Новите кандидати за министри однапред знаеме дека се нечесни и неспособни затоа што да се нафатиш да бидеш дел од нечесен и неспособен тим значи дека ти и самиот си таков. Според некои извори за кои ќе кажам дека се неофицијални Кренар Лога кој по дефиниција треба да се бори за владеење на правото би го советувала ако седне на министерското место веднаш и без одлагање да ги расветли најпрво случаите за сопствениот брат. Имено братот на Кренар Лога е осомничен за најстрашни дела кои не сакам ни да ги изговорам овде бидејќи се навистина страшни. Велам дела не дело што значи ги има повеќе, рече на собраниската говорница Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, пратениците со 65 гласа „за“ ги разреши министрите кои доаѓаа од Алтернатива, партија која по влезот на Алијанса за Албанците ја напушти владината коалиција. Станува збор за министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.

Пред десет дена пратениците ги констатираа оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

ИДСЦС со оптимистичко и песимистичко сценарио до 2030 година за развојот на корупцијата

Институтот за демократија (ИДСЦС) на денешната тркалезна маса презентираше анализа насловена „Антикорупција 2030: Сегашни и идни антикорупциски предизвици”, каде што беа презентирани две можни сценарија по кои би се развивала корупцијата и борбата против корупцијата до 2030 година, но и препораки како институциите да се справат со идните предизвици.

Во дел од првото, поволно сценарио се предвидува:

СЦЕНАРИО 1: По завршување на војната во Украина, Европа е на патот на закрепнување. И покрај започнатото подобрување на односите со Русија, земјите членки на ЕУ градат консензус дека нејзиното влијание треба да се намали и посериозно го сфаќаат потенцијалот за нејзино мешање во Западниот Балкан. Кон крајот на 2023 година Европската Унија го враќа кредибилитетот на процесот на проширување објавувајќи појасен пат за пристапување. Тоа им дава поттик на повеќето земји од Западен Балкан. Седум години подоцна, во 2030 година, Северна Македонија е во поодмината фаза на пристапни преговори со Европската Унија. На слично ниво е и Албанија. Косово и Босна и Херцеговина напредуваат во своето приближување кон ЕУ, но се на почетокот.

Второто, неповолно сценарио, пак, е следното:

СЦЕНАРИО 2: Војната на Русија во Украина е трансформирана во продолжена нестабилност со повремено засилување на воени судири. Местоположбата на конфликтот – на периферијата на Европа овозможува олеснета недозволена трговија со оружје што дополнително ги збогатува и засилува регионалните мрежи на организиран криминал кои оперираат и на Балканот. Фокусот на членките на ЕУ и НАТО да се спречат хибридните закани врз стабилноста на Западниот Балкан предизвикува засилен фокус кон политики за безбедност и стабилизација. Стратегијата да се удоволат и смират структурите на власт во ЗБ кои може да предизвикаат конфликти негативно влијае на реформските потенцијали во регионот. Во услови на забавени европски амбиции, Отворен Балкан станува доминантен процес на регионална економска интеграција. Ова носи ризик од нови форми на измама, во смисла на шверц и даночно затајување кои институциите тешко ги санкционираат поради недоволниот интерес за инвестиции во реформи.

Претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски вели дека врз основа на анализата со две сценарија во кои би се наоѓала нашата земја во наредните седум години, треба да се градат, менуваат и дополнуваат идните стратешки планови.

„Ваквите документи, не ја предвидуваат иднината туку предвидуваат во какви можни контексти би се наоѓала нашата земја кои што ќе имаат импликација врз спроведувањето на стратегиите, конкретно за антикорупција. Ова што сега го правиме треба да биде дел од планирањето на голем број на институции кога ги планираат своите идни активности и политики за да бидат подобро спроведливи како и навремено да планираат ресурси за подобра имплементација на тие политики“, рече Трошановски.

Миша Поповиќ, раководител на Центарот  за добро управување при Институт за демократија рече дека целта на форстајт анализата е да се поттикне размислување за идни состојби, кои можеби денес само се наѕираат, но можат да бидат значајни во блиска иднина.

„Бидејќи иднината е непредвидлива, сакаме да работиме со она што е познато или веројатно. Резултатот е дека неретко остануваме затекнати од нови начини на кои корупцијата може да се појави и да направи штета. Но, задача на оние што носат одлуки е да размислуваат и за непредвидливото, она што е можно, без разлика дали можеме да кажеме дека е веројатно“, додаде тој.

Анализата содржи препораки во однос на намалувањето на корупцијата, кои подразбираат, како што се вели, спроведување квалитетни постапки за испитување на потеклото на имот на носителите на јавни функции, квалитетно спроведени финансиски истраги за утврдување прикриен приход стекнат како резултат на кривични дела најчесто поврзани со „висока корупција“, и спроведување проширена конфискација.

Понатаму, со зголемување на транспарентноста на податоците и дигиталната трансформација, стои во анализата, корупцијата би се фокусирала во области и на нивоа каде што сè уште одлуките се носат од луѓе.

„Ова подразбира дека значајната корупција како што е и сега, ќе зависи од политички одлуки донесени на високо ниво, како одлуки за концесии, јавно-приватни партнерства, државна и меѓународна помош и обезбедување економски привилегии за посакувани бизниси преку креирање и измена на закони“, се вели во анализата.

Централна одговорност за ова, како што пишува, имаат Владата и Собранието. Владата да изнајде начин да го напушти именувањето врз основа на партиска припадност и да овозможи квалитетен процес на формулирање на идни антикорупциски цели и политики, додека должност на Собранието да ги штити институциите, овозможувајќи им ресурси и квалитетни закони по кои тие треба да постапуваат.