петок, 10 април, 2026
Meta.mk

Фон дер Лајен: Проширувањето останува приоритет, но треба да поминат уставните измени на кои вашата држава се согласи

„Треба да поминат уставните промени кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи и со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок и уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Таа го увери премиерот дека проширувањето ќе остане врвен приоритет за ЕК во следните пет години.

Фон дер Лајен при посетата на земјава нагласи дека добро е да се слушне дека Македонија е посветена на пристапниот пат кон ЕУ.

„Сега работата навистина мора да продолжи, сакам да одадам почит и на фактот дека сте 100 проценти усогласени со нашата надворешна и безбедносна политика и да ви се заблагодарам за поддршката за Украина“, рече Фон Дер Лајен, уверувајќи – „може да сметате на нас“.

„И мене ми е навистина важно, да не се вртиме многу наназад, туку да гледаме кон иднината. Сакаме да го пишуваме заедно наредното поглавје од нашата заедничка иднина“, рече претседателката на ЕК.

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата останува цврсто посветена на својот пат кон полноправно членство во Европската Унија.

„Нашата визија е јасна, сакаме да бидеме дел од европското семејство, споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права.Свесни сме дека пред нас стојат значајни предизвици. Реформите кои ги спроведуваме во областите на правосудството, борбата против корупцијата, економскиот развој и зајакнувањето на институциите се клучни за нашата иднина. Овие промени не се само услов за членство во ЕУ, туку се неопходни за подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека очекува Европската Унија да помогне во изнаоѓањето на начини како да продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ.

„Очекуваме од Европската Унија да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес, многу е важна поддршката. Веруваме во принципот на фер и заслуги и верувавме дека нашите континуирани напори ќе бидат соодветно вреднувани. Нашата цел е јасна, но патот до неа бара заеднички труд. Соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање кои што се од суштинско значење. Убедени сме дека заедно можеме да ги надминеме сите пречки и да изградиме подобра иднина за нашите граѓани“, рече Мицкоски.

Националното студентско тело бара ваучери до 10.000 евра за стартапи на младите

Националното студентско тело, во соработка со Институтот за добро управување и евроатлански перспективи, го претстави проектот „Младите создаваат во својата земја“, иницијатива за која сметаат дека ќе одговори на актуелните предизвици со одливот на млади таленти од земјата, нудејќи конкретни мерки за финансиска и институционална поддршка на младите дипломци во Македонија.

Проектот е насочен кон стимулирање на претприемачкиот дух кај младите преку доделување ваучери до 10.000 евра, кои ќе можат да се користат за основање на стартапи, сопствени бизниси или продолжување на образованието. Оваа мерка, според Националното студентско тело, има за цел да создаде можности за младите да ги реализираат своите професионални амбиции дома, наместо во странство, и со тоа да придонесат за економскиот и општествениот развој на земјата.

Во рамки на проектот, младите ќе имаат можност да аплицираат за ваучери кои ќе им овозможат: Основaње на сопствен бизнис со поддршка од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија; Креирање стартапи со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој; Продолжување на образованието на втор и трет циклус студии на домашните универзитети a поддршката од државните институции, вклучувајќи ги Министерството за економија, Министерството за образование и наука и Агенцијата за вработување, би биде клучна за успешната реализација на проектот.

„Нашата цел е да го намалиме одливот на млади од Македонија, нудејќи конкретни и одржливи решенија за развој на кариерите на младите тука во нивната земја“, изјавија од Националното студентско тело, додавајќи дека овој проект ќе помогне да се зголеми иновативноста и креативноста на младите, кои се клучен двигател на секоја модерна економија.

„Преку развој на стартапи и претпријатија, младите ќе имаат можност да ги имплементираат своите идеи и да ја градат иднината на земјата со нови и иновативни бизнис модели“.

Во однос на обезбедувањето средства за овој проект, Националното студентско тело предлага тоа да биде направено преку распределба на веќе постоечките фондови, буџетско финансирање, ЕУ фондови и меѓународни донатори, како и кредитирање.

Струмица и Карпош го напуштаат ЗЕЛС, Костадинов вели: „Ова е еден од најголемите скандали во Европа“

Општина Струмица ќе ја напушти Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Градоначалникот на Општината, Костадин Костадинов на Фејсбук најави дека за тоа ќе подготви и официјален допис.

„Со огромна грижа кон народот на моја Струмица, утре ќе спремам и официјален допис, ЗЕЛС не ја заслужува партиципацијата на Струмица. Го напуштаме ЗЕЛС, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е. Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните! Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи. За мојата Струмица, компромиси немало, нема и нема да има! Нека ви е со среќа“, напиша Костадинов на Фејсбук.

И градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски најави дека ќе ѝ се придружат на Општина Струмица во напуштањето на ЗЕЛС. Тој во гостување на поткаст емисија, а коментирајќи го случајот со Општина Струмица, рече дека одамна се подготвувал на овој чекор.

„И јас ќе се придружам на Општина Струмица. И така одамна се спремам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава“, рече Јакимовски.

Тој посочи дека истото треба да го направи и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска, оти градот е главен финасиер на ЗЕЛС, а за возврат не добива ништо.

Напуштањето на ЗЕЛС следува од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера информираше дека водата од струмичкиот водоснабдителен систем и натаму е забранета за пиење, иако градоначалникот Костадин Костадинов тврди дека таа е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки. Препукувањето за тоа дали водата е исправна за пиење или не, трае веќе три недели кога од АХВ соопштија дека таа е неисправна поради зголемено присуство на минералот манган, кој е витален за човечкиот организам, но во многу мали дози.

Пред една недела, пак, Владата одлучи дека со 65 милиони евра од унгарскиот заем ќе се реализираат 274 проекти во вкупно 77 општини. На списокот на општини недостасуваат четири кои ги предводи опозицијата – Струмица, Град Скопје, Сарај и Теарце. Премиерот Христијан Мицкоски информира дека Струмица била одбиена зашто конкурирала со проект што веќе бил тендериран. Зелено светло нема ниту Град Скопје.

Преку „Скопје 2014“ кич тура КРИК се вклучува во одбележувањето на 300-годишнината од раѓањето на Кант

Деветотто издание на КРИК фестивалот за критичка култура завршува в сабота (26 октомври) со настанот насловен „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“.

„Во партнерство со Гете институт – Скопје, Контрапункт му го посветува 26 октомври (сабота) на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање. Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ“, велат од КРИК.

„По патеките на (не)разумното” е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како „Скопје 2014“ кич тура. На одредни точки од прошетката публиката ќе има можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визијата на Алембик (Ива Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг).

Прошетката ќе започне во 15:30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17:30 часот.

Вториот дел од критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата што ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18:30 часот. Панелисти ќе бидат Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Модератор е Артан Садику, а воведничарка е Тијана Ана Спасовска.

„Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено, може да се применат на новите знаменитости воведени од Скопје 2014, и воопшто, на клучните прашања кои креираат еден јавен, критички, и општествен простор. Фундаменталната идеја на Кантовата „критичката филозофија“ е човечката автономија како предуслов за функционалната заедница“, велат од КРИК.

Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има за цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива, адресирајќи ги современите предизвици со кои се соочуваме во Европа, Балканот и поконкретно Северна Македонија. Токму затоа, во фокусот се „етиката на единството“, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет и „естетика на хармонијата“, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион кој се карактеризира со културен диверзитет.

Запалено возилото на Благој Серсемов, уредник на М-нет од Штип, се бара итна акција на МВР

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осудува вандалскиот чин на дрско опожарување на возилото на колегата Благој Серсемов, уредникот на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип.

Инцидентот се случил во текот на изминатата ноќ во кој патничкото моторно возило на новинарот и уредник од штипската телевизија М-нет, било запалено од страна на непознати сторители во дворот на неговата семејна куќа. Со ова сторителите ризикувале да нанесат и поголема штета во смисла на изложување на потенцијален ризик по безбедноста на членовите на семејството на новинарот и на неговите соседи.

Колегата Серсемов за ова тенденциозно уништување на неговиот личен имот изјави: „Ова го сметам за директен удар врз сите медиуми, не само кон мене лично. Дефинитивно е загрозена безбедноста и на членовите на моето семејство“.

Фото: ЗНМ

„Ваквиот чин на вандализам претставува сериозна закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, како и напад врз слободата на говорот и правото на јавноста да биде информирана“, велат од ЗНМ.

Затоа, здружението го повикува МВР веднаш да преземе мерки за целосно и брзо расветлување на случајот, идентификување и санкционирање на сторителите.

Освен ова, колегата Серсемов има и правни притисоци оваа година и тој се соочува со неосновани тужби за клевета за што адвокатите на ЗНМ го застапуваат во Основниот суд во Штип.

„Заканите од ваков тип се неприфатливи во едно демократско општество кое тежнее кон заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари. Овој напад не е само физички чин на уништување на имот, туку има за цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши медиумскиот сектор во земјава во целост“, велат од ЗНМ.

За овој случај ЗНМ ќе ги извести меѓународните новинарски организации кои ги следат правата и медиумските слободи.

(АНАЛИЗА) Јавниот долг „лимитиран“ на 60 отсто, но ќе надмине 66 отсто од БДП – детали од владиниот план за задолжувањата

Во најава има нов заем од 500 милиони евра. Државата ги доби првите 500 милиони евра од унгарскиот кредит, веќе е најавена и втората „транша“, најверојатно повторно од Будимпешта, пишува Порталб.мк. Новите задолжувања веќе ги цртаат проекциите за зголемен јавен долг.

Во 2029 стабилизација на јавниот долг на ниво од 60%, а до тогаш…

„За да се задржи нивото на јавен долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот Јавен долг на среден и на долг рок којшто не треба да го надмине нивото од 60% од БДП. Среднорочните проекции прикажани во оваа стратегија покажуваат дека јавниот долг во однос на БДП ќе го намине максималниот праг од 60%. Во 2025 година се очекува умерен пад а опаѓачкиот тренд ќе продолжи во 2026-2028 и во 2029 година кога се очекува да се стабилизира на 60% од БДП“, се наведува во новиот документ „Стратегијата за управување со јавен долг“.

Оваа 2024 година завршува со веќе земениот унгарски кредит од 500 милиони евра. За следната 2025 година, во најава е уште една „транша“ од 500 милиони евра, најверојатно, повторно од Будимпешта, но сè уште се прават анализи за состојбите на меѓународниот финансиски пазар. Ова задолжување , веќе извесно, ги помести границите на јавниот долг. Годинава, според проценките од новите документи на Министерството за финансии, ќе заврши со ниво на јавен долг од 66,4%.

И покрај растечкото ниво на јавен долг, од Владата тврдат дека нема да има неоправдани задолжувања и дека нема да биде згрозена финансиската стабилност на државата.

„Политиката на управување со јавен долг ќе биде насочена кон обезбедување на неопходните средства за финансирање на буџетскиот дефицит, за отплата на долговите што достасуваат како резултат на задолжувањата од претходните години и за проектно финансирање, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст на државата“, се наведува во новата Фискална стратегија.

За 5 години треба да се вратат 6 милијарди евра по основ на државен долг..

Се земаат нови заеми, а на „врата“ ќе тропнат доспеани, за отплата. Според пресметките на Министерството за финансии, за пет години само централната власт по основ на доспеани обврски треба да врати 6 милијарди евра на домашните и на странски кредитори.

Најголем износ, 1,5 милијарди евра, треба да се врати во 2028 година. Најголемите суми се по основ на еврообврзници. Во секоја од следните 4 години треба да се исплати по една еврообврзница или вкупен износ од 2.400.000.000 (две милијарди и четиристотини милиони евра) само по основ на главница.

Во 2025 година, според проценките на Министерството за финансии, задолжувањето по основ на државниот долг се лимитира на 600 милиони евра, односно тоа треба дa биде максималниот износ на заем кој ќе биде земен од домашните и од странските кредитори.

На истекот од 2024 година, според последните достапни податоци , Јавниот долг на крајот од првото економско полугодие изнесувал 60,5% или 8 870 900 евра.

Се отвора изложбaта „Тука, но некаде другаде“ во „Мала станица“

Денеска во 19 часот во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе се отвори групната изложба „Тука, но некаде другаде“, копродукција на непрофитната организација за промоција на женската активност – Тиииит! Инк. (Скопје) и Галерија ШКУЦ (Љубљана).

Изложбата „Тука, но некаде другаде“, ги истражува универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни. Прикажува дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи.

„Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние кои ги минуваат границите. Кураторка на изложбата е Јана Старделова“, соопштија организаторите, додавајќи:

„Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадноста – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Замислено како долгорочна иницијатива, „Тука, но некаде другаде“ нè предизвикува да мислиме на луѓе наместо на географии, да ги замениме омразата и стравот со солидарноста. Наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже нешто, таа го свртува погледот кон промената, како се стигнува до неа и како таа влијае на нас и нашите заедници.“

Изложбата „Тука, но некаде другаде“ ќе биде отворена за посета до 4 ноември 2024 година. Влезот е слободен.

Таравари ја прими вакцината против сезонски грип

Министерот за здравство Арбен Таравари денес ја прими вакцината против сезонски грип во Институтот за јавно здравје, каде е пунктот за вакцинирање здравствени работници, соопшти Министерството за здравство.

„Оваа превентивна мерка за заштита на здравјето ја препорачувам и како министер и како здравствен работник, бидејќи сметам дека секој треба да се заштити од потешки форми и компликации од сезонскиот грип“, истакна министерот за здравство.

Вакцината против сезонски грип е бесплатна за ризичните групи население. Вакцинацијата започна во понеделникот.

Околу 33.000 граѓани изразиле интерес да примат вакцина против сезонскиот грип, преку онлајн пријавата на vakcinacija.mk, а Министерството за здравство набави вкупно 70.000 вакцини.

Вакцинацијата против сезонскиот грип е незадолжителна. Бесплатната вакцинација е наменета за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Од денеска нови цени на услугите во Агенцијата за катастар

Од денес стапуваат на сила новите намалени цени за дел од услугите на Агенцијата за катастар на недвижности. Минатата недела во „Службен весник“ беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75%.

Досега, граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови вкупно 5.000 денари. Со новите промени, таа услуга ќе чини 1.250 денари, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина.

Со намалувањето се опфатени и наследните решенија и договорите за дар каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1250 денари, а не како досега, за секој имотен лист по 1250 денари.

Во следниот период, како што велат од Агенцијата за катастар, фокусот ќе биде ставен на дигитализацијата на катастарот, со цел услугите да бидат подостапни за граѓаните и правните лица.

Птичји грип во ЗОО Скопје: Четворица вработени ќе бидат под надзор, АХВ прстот го вперува кон зоолошката

Завршена е епидемиолошката анкета на 15-те вработени во скопската Зоолошка градина од страна на епидемиолози од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако во скопската Зоолошка градина беше откриен вирусот птичји грип кај една од гуските, по што инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство усмртија над 30 птици кои се движеле слободно во установата.

За четворица од вработените во текот на утрешниот ден ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај еден од нив, кој во петокот пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.

„Здравствен надзор согласно протоколите не подразбира  карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават било каков симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Тие секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба, изјави денеска Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.

Во меѓувреме, за случајот со птичји грип, од АХВ прстот го вперуваат кон Зоолошката градина, а големи реакции има во јавноста по објавувањето на снимките на кои се гледа како инспекторите на терен фрлаат полуживи шатки и гуски во канти за отпадоци.

Принтскрин, видео од ЗОО Скопје

„ЗОО Скопје иако детектирало угинато животно на ден 14.10.2024 год, не постапила по законски процедури каде што се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар согласно Член 50 на (Закон за ветеринарно здравство бр.113/2007; бр.24/11; 136/11; 123/12;154/15 и 53/16), Прекршувајки ги законските обврски, самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој е примен на обработка на 15.10.2024 год. На ден 18.10.2024 год за жал на сите нас е добиен наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој H5N1 кај гуска. И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ“, се вели во соопштението на АХВ.

Вчера, надлежниот официјален ветеринар од АХВ заедно со Раководителот на СЗЗБЖ овластен од страна на в.д. директорот Оливер Миланов изврши вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје. Донесена е забрана за влез на посетители и забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена угинатата птица, со исклучок на тројца вработени кои со полна заштитна опрема вршеа убивање и манипулација со птиците.

Останати мерки кои се донесени се следните: Земање, пакување и испраќање на примероци за лабораториски тестирања согласно дијагностичкиот протокол од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца; чистење и дезинфекција на просторот околу езерцето во зона во која се движат овој вид на птици; Забрана за движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето.

Дополнително, се задолжува надлежната ветеринарна служба задолжително да врши пријавување на промени на здравствената состојба на живината и дивите птици до надлежниот официјален ветеринар.

„Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи, и коментарите по истите не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото“, велат од АХВ и најавуваат дека сомнежите за тоа дали ЗОО Скопје е извор на бактерии или вируси, дали е постапувано и до сега според законските прописи и угинувањето на многу животни за краток временски период ќе бидат предмет на дополнителни истражувања од надлежните органи.

Даниловски: Граѓаните можат да бидат спокојни

Птичјиот грип циркулира меѓу дивите птици, како што се патките, гуските и крајбрежните птици. Подтипот H5N1 и е многу заразен меѓу птиците, а дивите птици лесно можат да го пренесат вирусот на домашната живина, како што се кокошките и патките. Додека некои видови птици може да го носат и шират вирусот без да покажуваат симптоми, други може да доживеат тешка болест и високи стапки на смртност.

Освен тоа што е високо заразна меѓу живината, вирусите на Авијарна Инфлуенца лесно се пренесува од одгледувалиште до одгледувалиште преку движење на домашните птици и луѓето (преку контаминирани чевли и облека), контаминирани возила, опрема, храна и кафези.

Период на инкубација на болеста е 3 до 5 дена.

Високо патоген вирус може да преживее долги периоди во животната средина, особено на ниски температури. На пример, на високо патоген Х5Н1 вирус може да опстане во измет од птици најмалку 35 дена при ниска температура (4ºC). На повисока температура (37ºC), Х5Н1 вирусот во фекални примероци преживува шест дена.

Случаите на пренесување на овој вирус кај луѓето се ретки, односно тоа може да се случи преку близок контакт со заразени птици или нивните средини. Вирусите на грип, подложени на мутација, можат да патуваат од нивните оригинални домаќини – во овој случај, птиците – до луѓето. Преносот може да се случи преку различни средства, како што е вдишување на вирусни честички во воздухот или преку контакт со контаминирани површини.

Епидемиологот Драган Даниловски на својот Фејсбук профил напиша дека нема потреба од паника кај граѓаните за овој случај и порача да бидат спокојни.

„Мутации кај вирусот се случуваат кога циркулира меѓу големи популации на животни (во случајов птици), со што може да ја зголеми патогеноста. Но, една угината птица од која е изолиран вирусот не мора да значи дека цела зоолошка градина и цел парк се со заразени птици. Мерките што АХВ ги има преземено денес (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца“, напиша тој.

Даниловски тврди дека практично, под ризик да се заразат се исклучиво птиците и ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.

„Нема овде работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центрите за јавно здравје, освен ако има заболени граѓани. А за тоа ризиците се минимални. Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.
Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо“, пишува Даниловски.

Тој додава дека преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.

„Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).
Стапката на смртност од инфекција со H5N1 кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен. Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали“, заклучува Даниловски.

Гуската со птичји грип во ЗОО угинала уште во вторникот, периодот на инкубација е веќе поминат

 

Гуската со птичји грип во ЗОО угинала уште во вторникот, периодот на инкубација е веќе поминат

Пред четири дена, односно во вторникот угинала гуската од скопската зоолошка градина, покажува документот од наодот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, до кој дојде Мета.мк. Ова значи дека периодот на инкубација на вирусот, кој трае од 3 до 5 дена е веќе поминат и неизвесно е дали и колку птици се заразиле во овој период, особено кога станува збор за гулаби, чавки и сл.

Во овие четири дена, Зоолошката градина Скопје работеше непречено и беше отворена за посетители.

Според наодот, птицата угинала на 14 октомври, а на обдукција била однесена наредниот ден, на 15 октомври.

Од Факултетот за ветеринарна медицина за Мета.мк велат дека во дописот од Зоолошката градина доставен до нив не било наведено што да се испита, а со оглед на тоа што не станувало за помор, се одело според протокол, односно прво било направена обдукција, а потоа биле направени базични испитувања, но на микробиолошките и паразитарни испитувања не се утврдиле причини за угинувањето. Потоа следувала молекуларна идентификација, a потоа следувало утврдување дека станува збор за птичји грип, за високо патоген сој.

Вчера, на 18 октомври резултатот бил испратен до Зоолошката градина и до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Инспектори од АХВ утринава веднаш влегле во зоолошката градина, каде што беа усмртени 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата.

Случајот доби и пошироки димензии, кога Зоолошката градина во Скопје испрати соопштение до јавноста со снимени вознемирувачки видеа од усмртувањето на птиците (кои инспекторите полуживи ги фрлаат во канта за ѓубре), а во соопштението не се спомнуваше ништо околу птичјиот грип, туку дека „целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затварање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“.

„Од изутринава без налог, решение или било каков друг доказ инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк“, стоеше во соопштението, во кое се најавува кривични пријави против директорот на АХВ како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднале во ЗОО Скопје.

Од АХВ соопштија дека скопската Зоолошка градина ќе биде затворена 21 ден. Наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.

Што е птичји грип?

Птичјиот грип циркулира меѓу дивите птици, како што се патките, гуските и крајбрежните птици. Подтипот H5N1 и е многу заразен меѓу птиците, а дивите птици лесно можат да го пренесат вирусот на домашната живина, како што се кокошките и патките. Додека некои видови птици може да го носат и шират вирусот без да покажуваат симптоми, други може да доживеат тешка болест и високи стапки на смртност.

Освен тоа што е високо заразна меѓу живината, вирусите на Авијарна Инфлуенца лесно се пренесува од одгледувалиште до одгледувалиште преку движење на домашните птици и луѓето (преку контаминирани чевли и облека), контаминирани возила, опрема, храна и кафези.

Период на инкубација на болеста е 3 до 5 дена.

Високо патоген вирус може да преживее долги периоди во животната средина, особено на ниски температури. На пример, на високо патоген Х5Н1 вирус може да опстане во измет од птици најмалку 35 дена при ниска температура (4ºC). На повисока температура (37ºC), Х5Н1 вирусот во фекални примероци преживува шест дена.

Случаите на пренесување на овој вирус кај луѓето се ретки, односно тоа може да се случи преку близок контакт со заразени птици или нивните средини. Вирусите на грип, подложени на мутација, можат да патуваат од нивните оригинални домаќини – во овој случај, птиците – до луѓето. Преносот може да се случи преку различни средства, како што е вдишување на вирусни честички во воздухот или преку контакт со контаминирани површини.

Епидемиологот Драган Даниловски на својот Фејсбук профил напиша дека нема потреба од паника кај граѓаните за овој случај и порача да бидат спокојни.

„Мутации кај вирусот се случуваат кога циркулира меѓу големи популации на животни (во случајов птици), со што може да ја зголеми патогеноста. Но, една угината птица од која е изолиран вирусот не мора да значи дека цела зоолошка градина и цел парк се со заразени птици. Мерките што АХВ ги има преземено денес (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца“, напиша тој.

Даниловски тврди дека практично, под ризик да се заразат се исклучиво птиците и ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.

„Нема овде работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центрите за јавно здравје, освен ако има заболени граѓани. А за тоа ризиците се минимални. Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.
Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо“, пишува Даниловски.

Тој додава дека преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.

„Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).
Стапката на смртност од инфекција со H5N1 кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен. Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали“, заклучува Даниловски.

Зоолошката градина ќе биде затворена 21 ден по откривањето на птичји грип, усмртени се над 30 птици

 

Зоолошката градина ќе биде затворена 21 ден по откривањето на птичји грип, усмртени се над 30 птици

Скопската Зоолошка градина ќе биде затворена 21 ден по откривањето на птичји грип кај една од гуските кои слободно се шетале во паркот, соопшти АХВ.

Инспектори на АХВ утринава усмртиле уште 35 птици кои се движеле слободно низ зоолошката градина, поради ризикот од зараза.

„Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата.Наредени се мерки согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста Авијарна инфлуенца“, соопшти АХВ.

Агенцијата забранила влез и излез на животни од зоолошката градина, го ограничила движењето на луѓе (посетители) во зоолошката градина, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина за присуство на вирусот на птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.

Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од денес за кој временски период и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители.

Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.

Птичјиот грип, познат како авијарна инфлуенца (АИ), е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип „A“ која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија, во производството на птици (кокошки, мисирки, потполошки, бисерки, итн) и ограничувања во увозот и извозот живи птици и производи од живина. Болеста е зооноза (болест која првенствено влијае на животните – птиците, но предизвикува болест и кај луѓето). Од вирусите на авијарна инфлуенца во ретки случаи можно е да се заразат и луѓето. Пренос на луѓето се случува кога постои близок контакт со заразени птици или во високо контаминирана средина.

Зоолошка градина: Влегоа без налог и извршија масакр врз птиците

Од скопската Зоолошка градина, спротивно на АХВ, велат дека „повторно се потврдува секташката политика на Владата на Христијан Мицкоски“. Оттаму тврдат дека изутринава без налог, решение или било каков друг доказ инспекторите придружувани од лица со оружје упаднале во ЗОО Скопје и извршиле масакр врз птиците.

„Без образложение, овие лица по наредба на диркторот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк“, велат од Зоолошката градина и додаваат дека „целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затварање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“, велат од зоолошката.

За ова, ЗОО Скопје најави дека ќе поднесе кривични пријави против директорот на АХВ како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднале во установата.

 

*Првичната верзија на текстот е обновена, односно дополнета со нови информации на 19.10.2024 година во 16.30 часот

Доделени наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2024

Ирена Мулачка, Миомир Серафиновиќ, Снежана Лупевска, Александар Методијев и Сузана Мицева се добитници на наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2024 кои беа доделени вчера.

Ирена Мулачка од „Фокус“ ја доби првата награда за сторијата „Скандал Онкологија“ со која се открија злоупотреби со терапиите за онколошките пациенти.

Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен ја добија втората награда за сторијата „Семејно стебло Зајас, Соравиа, струја, дипломатија“ од емисијата КОД, ТВ Телма која открива фамилијарни врски и злоупотреби од високи функционери.

За сторијата „Кревките Шуми“ (Нота.мк) која истражува нелегална сеча на шуми и институционална негрижа за животната средина третата награда им припадна на Методијев и Мицева.

Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.

„Новинарството ни треба за функционира демократијата. Професионалното новинарство ни помага да се справиме со многу предизвици. Социјалните мрежи лесно креираат јавно мислење. Она што е потребно е да се обидеме да асистираме на професијата, да не кажам, да ги достигне ЕУ стандардите, туку да се осигураме новинарите да можат да работат на истражувања. Ова е можност да се покаже импактот на истражувачкото новинарство кое креира општествени промени и средина во која граѓаните ќе просперираат“, рече амбасадорот Рокас.

„Во целата приказна, вработените на онкологија се охрабрија да учествуваат во сторијата и да зборуваат за тоа што се случувало таму. Искрено се надевам дека малку од малку успеав оваа приказна да помогне на пациентите во Македонија и се надевам дека до крај на годината ќе има правна разврска. Благодарност до редакцијата Фокус, до жирито и до моето семејство“, рече Ирена Мулачка на церемонијата.

„Благодарност до жирито за наградата. Рекоа дека е храброст да се истражува и жирито ја препозна храброста да се истражува едно семејство кое до скоро беше во власта. Истражувачкото новинарство расте, многу ми е мило што ЕУ не се откажува од нас и и ни дава поддршка“, рече Миомир Серафиновиќ по примањето на наградата.

„Чест ми е што сум овде, што ова неверојатно патување кое го имавме со колегите, ја доби втората награда по она од СЕММ и УНЕСКО. Беше предизвик да се отиде на Јабланица, непокорот на локалното население заслужува признание затоа што нивното противење да се уништува шумата не мотивираше да ја направиме сторијата“, изјави Сузана Мицева.

Победниците на националниот конкурс за ЕУ наградата за истражувачко новинарство ќе имаат шанса да се натпреваруваат и за регионалниот конкурс на кој се наградуваат стории со регионално влијание од посебна жири-комисија. Победниците на регионалниот конкурс ќе бидат објавени во последната недела на октомври во Анкара, Турција.

Битиќи: Со месеци доцни повратот на ДВВ за компаниите, власта веќе им должи 300 милиони денари

Повратот на ДДВ станува сериозен проблем за македонската економија, особено што повратот на ДДВ директно влијае врз ликвидноста на самите компании, изјави денеска во одговор на новинарско прашање Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.

Тој рече дека според неговите информации, околу 1.500 компании чекаат повеќе од еден месец, а некои и до три месеци и вкупниот долг коишто компаниите треба да го добијат од страна на УЈП е од 250 до 300 милиони денари, нешто што не се случувало во последните 7 години.

„Дополнително, советот коишто би требало да се свикува за поврат на ДДВ во рамки на УЈП не е свикана веќе 4 месеци, ова покажува дека се враќаме во ерата на селективно плаќање и исплаќање на ДДВ коешто беше карактеристика и пракса до 2016 година“, рече Битиќи.

Уапсени три лица за криумчарење мигранти од Мароко, Тунис, Индија и Сирија

Во текот на вчерашниот ден во два одвоени случаи полициски службеници Куманово и Делчево откриле случаи на криумчарење мигранти, а три лица биле уапсени за кривично дело „криумчарење мигранти“.

Вчера во Делчево пред правен субјект на булевар „Македонија“ полициски службеници ги привеле Л.П.(22) и К.Ѓ.(23), двајцата од Делчево кои со две возила превезувале шест мигранти (тројца од Мароко и тројца од Тунис). За настанот бил известен надлежен јавен обвинител од Скопје.

Во вториот случај во 12,30 часот на бензинска пумпа во Куманово во товарно моторно возило „Даф“ со приколка со регистерски таблички од Србија, управувано од Н.Ф.(43) од Р.Србија од страна на полициски службеници од Куманово биле откриени четворица мигранти – двајца од Индија и по еден од Сиера Леоне и од Сирија.

„За настанот бил запознат обвинител, и согласно насоките на надлежното обвинителство се работи на расчистување и на овој случај“, извести МВР.

Затворена е Зоолошката градина, а вработените се евакуирани поради сомнеж за смртоносна болест кај птиците

Зоолошката градина од утринава е затворена, а евакуирани биле и вработените, дознава Мета.мк од извори во ЗОО Скопје кои инсистираат на анонимност.

Неофицијално, станува збор за бактерија, а не се исклучува ниту вирис кај гуските од кој можат да се заразат и луѓето.

В.д. директорот на ЗОО Скопје, Зоран Попов не одговори на нашите повици, а директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов кратко ни изјави дека од рано изутрина е во Зоолошката градина и дека ќе се вршат сите можни испитувања за да се види точно за што станува збор.

„Во моментов не можам да дадам никакви конкретни информации додека немаме резултати од испитувањата“, ни изјави Миланов.

Зоолошката градина во Скопје, каде градоначалничката Данела Арсовска во нејзиниот досегашен мандат смени четворица директори, постојано е мета на сериозни критики во јавноста поради големиот број угинати животни и нетранспарентност во работењето во последниве години.

Сè повеќе угинати животни, сè помалку одговори од скопската Зоолошка градина

 

Најмалку 33 лица загинаа во израелски напад врз бегалски камп во Газа

Најмалку 33 цивили загинаа, а 85 се ранети во израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа.

Бројот на жртви може да биде значително поголем, околу 50, бидејќи се претпоставува дека многу други се затрупани под урнатините, се вели во соопштението на властите во Појасот Газа.

Израел сè уште се нема огласено, пренесуваат светските медиуми.

Израелските сили со недели го напаѓаат густо населениот камп, велејќи дека акциите имаат за цел да ги спречат борците на Хамас да се прегрупираат за нови напади.

Околу 400.000 луѓе се заробени во кампот со малку храна или вода повеќе од две недели.

„Продолжуваат борбите во Либан, каде Израел врши копнена инвазија против Хезболах“, јавува Би-Би-Си.

Израелската војска тврди дека убила околу 60 борци на Хезболах и го уништила регионалниот команден центар на групата во воздушен напад, додека Хезболах вели дека истрелала разорни проектили врз израелскиот град Хаифа.

Во исполнетата сала на Домот на АРМ се отвори 15 издание на ЕХО фестивалот на планински филм

Синоќа започна 15-тото издание на Фестивалот на планински филм Ехо. Во исполнетата сала на Домот на АРМ, вљубениците во планинската култура можеа да уживаат во филмот на режисерот Игор Вртачник од Словенија, „Виорник од работ“, кој ја содржеше следната порака:

„Треба да го почитуваме нашето минато, нашите предци… Доколку не ги почитуваме, нема самите да се почитуваме и нема да бидеме почитувани од другите.

Треба да знаеш кој си и каде одиш. Во спротивно, некој друг ќе одлучува за тоа.

Ние треба да знаеме дека личноста е како дрво. Дрво кое расте, се раѓа и умира, гледа со крошната кон целиот свет.

Доколку немаш корења во земјата, како дрвата, повеќе не си дрво – ти си трупец. А трупецот може секој по желба да го шутира наоколу…“

Програмата во следните денови продолжува во Кинотека на РСМ, со почеток од 18 часот.

„Први на програмата се Национален Парк Шар Планина, најмладиот национален парк во нашата држава, преку чија презентација ќе можеме да се запознаеме со нивните активности и предизвици, а продолжуваме со “жешката” тема околу Пожарите заедно со Македонско Еколошко Друштво со презентацијата „Пожари: што пред и после нив?“, известуваат организаторите.

Веднаш потоа следи филмот „Рај“ на Александар Абатуров, кој ја освои наградата за најдобра кинематографија на ИДФА.

„Овој филм не само што плени со својата извонредна визуелна уметност, туку и нуди длабока човечка приказна која остава без здив“, се вели во соопштението.

Во 2021 година, екстремен топлотен бран предизвика огромни шумски пожари во огромните субарктички шуми на Саха, североисточна република во Сибир. Селото Шологон лежи во овој пејзаж на тајга, обвиен со портокалов чад и црн пепел. Гори шумата, а пламените јазици брзо се приближуваат. Сепак, жителите на областа не очекуваат помош од владата, бидејќи Шологон е на работ на „контролната зона“. Ова е официјалниот руски термин за која било оддалечена или ретко населена област каде што властите не се обврзани да се борат со шумските пожари доколку трошоците за нивно гаснење би ги надминале трошоците за проценетата штета. Оставени на сопствената судбина, селаните ги здружуваат силите“

Влезот на ЕХО фестивалот за планински филм е слободен.

Седумдесетгодишен маж од Липково осомничен за силување на 13-годишно дете

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против 70-годишник од Липково, поради сомнение дека во повеќе наврати вршел сексуално насилство врз 13-годишно дете.

Toj се сомничи за сторено кривично дело „силување на дете кое не наполнило 16 години“.

„Пријавениот во повеќе наврати во временски период од околу два месеци вршел полови дејствија врз 13–годишно дете“, стои во полицискиот билтен.

„М“ на Вардан Тозија победник на „Гримфест“

Филмот „М“ на Вардан Тозија освои уште една голема награда, откако е прогласен за апсолутен победник на Интернационалниот филмски фестивал „Гримфест“ во Манчестер.

Македонскиот филм, во продукција на Фокус Покус, ја имаше својата британска премиера на 16-тото издание на „Гримфест“, кој се вбројува во најзначајните жанровски компетитивни фестивали во Велика Британија.

Одржан од 3-ти до 6-ти октомври во Odeon Great Northern, главната селекција на годинешниот фестивал вклучуваше 21 долгометражен филм од сите делови на светот, во најголем дел светски или британски премиерни прикажувања. Со извонредна постава на хорор, научно-фантастични и фантастични филмови, фестивалот кулминираше со долгоочекуваното објавување на победниците на наградата Grimm Reaper, наградувајќи ги најдобрите во различни категории.

Добитник на наградата за најдобар филм беше „М“ на Вардан Тозија, филм што го воодушеви жирито со својот емотивен интензитет и длабоко тематско истражување. Жирито подвлече дека „М“ беше истакнат во речиси секоја категорија во која се натпреваруваше, што го прави јасен избор за годинешното главна награда.

„Наградата за најдобар филм ја доби „М“ на Вардан Тозија. Дистописката приказна која доаѓа од Северна Македонија и следи мало момче кое патува само како последица на пандемијата што го опустоши човештвото“, пренесе престижниот Screen Daily непосредно по доделувањето на наградите.