вторник, 9 јуни, 2026
Meta.mk

„Only Artists Left Alive“, театарската претстава што си игра со временската хронологија – премиерно во сабота во Битола

„Only Artists Left Alive“ е нова претстава во режија на Мартин Кочовски од независното театарско здружение „ШТРИХ“ чија премиера ќе се одржи во сабота (30 јули) во 20 часот во Народниот театар Битола.

„Претставата говори првенствено за моќта и способноста на актерот и сè она кое актерската уметност може да му го пружи на човештвото со поставување на прашањето „Дали научивме нешто од сево ова?“. Начинот на кој ова функционира е со склоп на повеќе сцени од разни автори и временски периоди кои говорат за многу повеќе од обичните и секојдневни човекови проблеми“, пишува во описот на најавата за премиерата.

Претставата е во сценарио на Стефан Миленков, а продуцент е Борис Василески.

Актерската екипа ја сочинуваат Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Здравко Стојмиров и Марија Стефановска.

Музиката е на подготвено Пеце Трајковски, сценографијата е на Филип Јовановски, а костимографијата на Марта Дојчиновска.

Претставата е ко-продукција на независното здружение „Штрих“, Народен театар Битола и Младински културен центар – Скопје.

[ФОТО] Заврши 13. издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“

Заврши првиот дел од тринаесеттото Патувачко кино на фестивалот „МакеДокс“ што се одржа низ струмичкиот регион.

За време на Патувачкото кино, од организацијата информираат дека успешно се одржа првата сесија со новата генерација на млади документаристи – „Докуникулци“.

Вториот дел од Патувачкото кино на „МакеДокс“ ќе продолжи во септември во преспанскиот регион.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Општина Струмица и Општина Босилово.

Фестивалот „МакеДокс“ ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје.

 

Фото: МакеДокс

Евросонг 2023 официјално ќе се одржува во Обединетото Кралство

Евросонг 2023 ќе се одржува во Обединетото Кралство, потврдува Би-би-си.

Организаторите на евровизискиот контекст одлучија дека не може да се одржува во земјата на годинешниот победник, Украина поради тековната војна со Русија.

Фолк-рап бендот „Калуш оркестра“ со песната „Стефанија“ победи на годинешното 67 издание, а британскиот пеач Сем Рајдер со песната „Вселенски човек“ заврши на второто место.

По ова, Украина отвори преговори со Би-Би-Си што ќе биде еден од организаторите на 68. издание на Евросонг. По разговорите е постигнат компромис и е потврдено дека контекстот ќе се одржува во Обединетото Кралство иако се’ уште не се знае во кој град. Засега, интерес пројавиле Глазгов, Манчестер и Бристол.

Годинава Украина ќе се квалификува во големото финале заедно со познатата петорка, односно Франција, Шпанија, Германија, Италија и Обединетото Кралство, како што тоа е случај со победникот секоја година.

„Шоуто ќе ја слави културата и наследството на Украина како победници на Евросонг 2022 заедно со евровизиската традиција да се слави различноста преку музика“, посочуваат од Би-Би-Си.

Ова не е прв пат Евровизија да се одржува надвор од државата што победила. Најскорешен пример за тоа е кога Израел во 1980 година ѝ ги препушти организациските должности на Холандија поради финансиски причини.

Бавното законско дефинирање на „Родово буџетирање“ ја забавува родовата рамноправност

Вклучувањето на родовите перспективи во буџетскиот процес, односно родовото буџетирање директно влијае врз унапредувањето на родовата еднаквост во земјава. Родовото буџетирање во Северна Македонија е дефинирано преку Законот за еднакви можности, а истото се имплементира преку претходно постоечка стратегија за негово воведување.

Стратегијата за воведување на родово буџетирање како национален документ постои од 2012 година, но родовото буџетирање сè уште не е уредено во Законот за буџетите. Имено, Национална стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година сѐ уште не е донесена.

Во новиот извештај од Државниот завод за ревизија се наведува дека поради не дефинирањето на поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори и родови цели во Законот за буџетите, не може да се направи родова анализа на буџетските програми и под програми.

Недостаток за поимно дефинирање

Во 2019 година Министерството за финансии воведе Образец за родово буџетска иницијатива. Според доставената документација за 2021 година, само 13 буџетски корисници пополниле и испратиле ваков образец.

Нацртот за Предлог законот за буџети беше составен во 2020 година. Согласно извештајот „Ефективност на мерките на владата на Република Сверна Македонија за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи“, во предлог Законот за буџетите не се дефинирани поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори и родови цели. Овој предлог-закон беше разгледан и усвоен од Владата и истиот треба да важи од 01.01.2023 година.

„Доколку се воведат измени на буџетскиот циркулар истите ќе овозможат буџетските корисници на централно ниво да подготвуваат родово буџетски иницијативи за нивните буџетски програми“, стои во извештајот.

Според извршениот ревизорски увид, реализирањето на буџетски иницијативи би влијаело врз жените и мажите и со тоа би се придонело кон имплементација на Законот за еднакви можности на жените и мажите.

Родово буџетирање преку родово буџетска изјава во периодот 2017-2020

Со родовата буџетска изјава од Министерството за Економија избрана е под програма за поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија и занаетчиство од која се избрани неколку мерки, односно:

Бројот на жени апликанти во занаетчиството бележи тренд на зголемување во периодот 2017-2020 година.

 

Состојбата во женско претприемништво за што може да аплицираат исклучиво претпријатија во сопственост и управувани од жена.

 

Во однос на третата и последна мерка – кофинансирање на проекти за развој и поддршка на мали и средни претпријатија и промоција на претприемништвото, ревизијата покажува дека во 2017 година одобрени биле апликации од 13 жени и 11 мажи, а бројката бележи пад по пандемијата кога нема ниту една одобрена апликација.

Уредување на Предлог законот за буџети во пракса

„За успешно исполнување на заложбите за родова рамноправност, преку родовото одговорно буџетирање, потребно е активно учество од страна на сите релевантни институции – Владата и ресорните министерства, Парламентот, локалните самоуправи и градските совети, државниот ревизор, граѓанското општество и академската заедница“, пишува во ревизијата.

Собранието на РСМ е во функција да го анализира степенот на родово одговорно буџетирање. Согласно досегашната пракса, како што укажува извештајот, предлогот на Буџетот на РСМ кој се доставува до Собранието од страна на извршната власт, не содржи пропратни документи како што се родовите буџетски изјави.

Оттука, со доставување на предлог буџетот и буџетска документација, треба задолжително да се доставуваат и родово буџетските изјави/иницијативи.

За тоа, Државниот завод за ревизија упатува препорака до Министерството за финансии за доуредување и прецизирање на предлог Законот за Буџетите и дефинирање на поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори и родови цели.

Вистиномер: Фотографијата не е од актуелните протести во Холандија, туку е стара три години

На фотографијата споделена во постот се прикажани холандски земјоделци кои одбиваат да ги прифатат политиките на нивната влада, но не е направена на сегашните протести туку е стара три години. Таа потекнува од демонстрации кои се случиле во октомври 2019 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Инспиративна фотографија. Холандските земјоделци стануваат и одбиваат да ги прифатат налудничавите политики на нивната влада.
Во склоп на постот, споделена е и фотографија на која се гледа дека со бројна земјоделска механизација, се целосно блокирани неколку ленти на автопат. Целиот настан на фотографијата навистина наликува на протест.
Меѓутоа, не е точно дека фотографијата е од холандски земјоделци кои одбиваат да ги прифатат политиките на нивната влада. Фотографијата потекнува од 2019 година и во конкретниот пост што е предмет на нашата рецензија, таа е извадена надвор од контекст.
Со пребарување на фотографијата во базата на онлајн фотографии, се доаѓа до сознанието дека таа потекнува од демонстрации кои се случиле пред три години.
На следниот линк се наоѓа фотографијата во вест објавена на 17 октомври 2019 година. Во склоп на информацијата којашто е поврзана со настанот од 2019 година, се известува за бунт на холандски фармери  поради тоа што владата барала усогласеност со стандардите на ЕУ за азот и донела нов данок за гориво. Насловот на текстот е „Холандските фармери се бунтуваат против зелената агенда“.
Владата на Холандија се труди да ги следи барањата на Европската Унија поврзани со климатските промени со емисија на азот. Тоа претставува намалување на големината на нивните фарми за 50 проценти, како и зголемување на цената на бензинот, пишува во написот.

Исто така, се додава дека фармерите возеле во текот на ноќта за да се сретнат во градот Де Билт каде се наоѓа седиштето на Националниот институт за јавно здравје за кого демонстрантите тврдат дека ги манипулирал резултатите за азот, а коишто владата ги следела за да ја диктира својата политика за заштита на животната средина.

По протестот таму, конвојот продолжил кон Хаг.

Фармерите протестирале со тврдења дека нивниот опстанок е доведен под знак прашалник, поради заканата фармите да им се намалат во големина за 50 проценти поради борбата за почиста клима.

Во врска со ова медиумите известуваат дека фармерите по третпат го блокирале сообраќајот со илјадници трактори кои се паркирале во холандските градови. Холандската армија и полиција се обиделе да ги сопрат фармерите да влезат во Хаг со тоа што им го блокирале патот. Учесниците во протестот ги игнорирале наредбите на полицијата да не влегуваат во парк наречен Маливелд, кој се наоѓа спроти главната железничка станица во Хаг.

И во 2022 година во Холандија земјоделците одржуваат низа протести поради владиниот план за намалување на емисијата на гасови, но медиумските известувања за овој настан не ја вклучуваат фотографијата во склоп на постот кој го рецензираме.

Поради тоа што фотографијата се појавува во медиумски написи од 2019 година, а не во оние од 2022 година, оценуваме дека во постот што рецензираме се пропушта контекстот.

Вистиномер: Лажна фејсбук страница на КАМ ги мами граѓаните со измислена наградна игра

Станува збор за Фејсбук страница креирана на 18 јуни која има речиси 5.000 следбеници и која го користи логото на КАМ маркетите, кое иако е слично, не кореспондира со оригиналното. Истото е злоупотребено и искористено на главната фотографија на фан-страницата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во објавата се наведува:

„ПОДАРОК ПАКЕТИ

Ова не е измама..

Денес нашата компанија донираше и подели финансиска помош на 200 среќници, ПРИЈАВЕТЕ СЕ ТУКА ЗА ДА ПОБЕДИТЕ� https://tinyurl.com/mr32rvvz �

Изберете ја првата буква од вашето име и ќе добиете парична награда врз основа на вашето име. Направете го тоа сега и верувајте ми!

А ➤ € 10.000 ��

Б ➤ 20.000 € ��

C ➤ € 30.000 ��

D ➤ € 50.000 ��

Е ➤ 20.000 € ��

F➤ € 20.000 ��

G➤ € 20.000 ��

H ➤ € 20.000 ��

I ➤ 10.000 ��

J ➤ 60.000 € ��

К ➤ 70.000 € ��

L 50 € 50.000 ��

М➤ 70.000 € ��

N ➤ € 60.000 ��

О ➤ 10.000 € ��

P ➤ € 40.000 ��

Q ➤ 20.000 € ��

R ➤ € 10.000 ��

S ➤ € 20.000 ��

Т ➤ 50.000 € ��

U ➤ € 60.000 ��

V ➤ 40.000 € ��

W➤ € 10.000 ��

X ➤ € 90.000 ��

Y ➤ € 30.000 ��

Z ➤ 50.000 € ��

ЗАБЕЛЕШКА. Оваа награда се доделува на секој кој никогаш не освоил награда. Ако никогаш не сте добиле подарок картичка, дајте некому шанса да победи.“

Постот е исклучително вирален, за само еден ден откако е објавен има 13 илјади коментари, 3,2 илјади допаѓања и 3 илјади споделувања.

Доколку го отворите линкот оставен за регистрација, ќе видите дека на истиот се појавува грешка (ЕРОР).

На официјалната Фејсбук страница на „КАМ Маркет“, не може да се најде објава со ваква содржина. На официјалната Фејсбук страница има и линк до веб-страницата на КАМ, адреси на маркетите со работно време, нема никаква наградна игра и никој никому не му бара лични податоци за наводна награда што ја добил, како што тоа се прави на лажната страница.

Не е првпат името и логото на „КАМ маркет“ да бидат злоупотребени за лажни наградни игри со кои се мамат граѓаните.

Крајната мотивација на креаторот на лажната група е најверојатно да собере што поголем број следбеници, за потоа да ја ребрендира, преименува групата и да ја продаде. Тоа се има случувано и порано. На крајот од 2021 година, уште една лажна страница на КАМ  на сличен начин собираше следбеници и го добиваше своето присуство и популарност на социјалните мрежи.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го анализираме е невистинит.

Се урна товарен авион со оружје во Грција, починаа осум украинци кои биле членови на екипажот

Товарен авион што пренесуваше 11 тони оружје од Србија до Бангладеш вчера се урна во близина на Кавала, Северна Грција. Според грчките власти за цивилна авијација, авионот се движел на релација Србија – Јордан пред да пристигне во Бангладеш и се урнал на 40 километри западно од аеродромот, пренесува Еуроњуз.

Со авионот управувала украинската карго авиокомпанија „Меридијан“, но според официјалната изјава на министерот за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ истиот нема никаква врска со воената ситуација во Украина.

„Тоа беше авионот Антонов 12 во сопственост на украинската компанија Меридијан. За жал според информациите со кои располагаме животот го загубија сите 8 членови на екипажот“, изјави Стефановиќ.

Информацијата дека осумте члена на екипажот што ги загубија животите се украински државјани ја потврди и официјален Киев.

Како што изјави градоначалникот на Општина Пагајо, Филипос Анастасијадис, по уривањето настанала голема експлозија што траела со часови.

Поради мерки за претпазливост од силната миризба што произлегува од местото на несреќата, на жителите што се најблиску до двата локалитета им е кажано да не излегуваат и да не отвораат прозорци и да носат маски. Утринава, специјалните служби за истражување користеле дронови за пристап до местото каде се наоѓаат урнатините од авионот. Властите стравуваат дека во авионот имало опасни хемикалии, вклучувајќи ги и оние содржани во батериите.

Објавен конкурсот за прием на студенти во државните и приватните студентски домови за студиската 2022/2023 година

Министерството за образование и наука (МОН) го распиша конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година. 

За претстојната студиска година за студентите се обезбедени вкупно 4.834 легла во државните и приватните студентски домови, од кои 1.165 се предвидени за студенти од прва година, а 3.669 за студентите од втора, трета, четврта, петта, шеста година и апсолвенти.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година, осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

За пријавување на конкурсот, студентите треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет порталот на МОН. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од утре (18.07.2022) и трае до 05.08.2022 година. Рокот за пријавување на студентите од прва година почнува од 05.09.2022 година и трае до 16.09.2022 година.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи се до пополнување на истите, но најдоцна до 15.11.2022 година.

Повеќе информации околу потребната документација за пријавување и начинот на кој ќе се спроведува истото може да се најдат тука.

Анализа: 40% од младите изјавиле дека корупцијата во земјава ги мотивира да се иселат надвор

4 од 10 млади изјавиле дека ќе ја напуштат државата поради степенот на корупција, додека секоја трета млада личност изјавила дека токму корупцијата е главна мотивација да се приклучи и да придонесе во борбата против коруптивните дејства, покажува анализа спроведена од Младинскиот сојуз – Крушево.

Во анализата учество земале 440 млади, од кои речиси 64 отсто изјавиле дека досега директно никогаш не учествувале во коруптивни активности. Сепак, 4% од нив состојбата со корупцијата во земјава ги наведува да стаант дел од нејзиниот синџир.

Генералната оценка за борбата против корупцијата од испитаните млади е 2 на скалата од 1 до 5.

„Прашани за тоа како ја идентификуваат корупцијата, младите испитаници во најголем процент изјавиле дека тоа претставува „пари во индекс за професорот/ката“ (57%), една третина дека тоа се партиските вработувања, а најмал процент дека тоа се „кафе и бонбониера за докторот“ (7%), односно „подарок во вредност до 1.000 денари, 3%“, се вели во соопштението од Макдинскиот сојуз.

Според резултатите, на младите корупцијата најмногу им пречи во сферите на правосудството, дури на 58%, во здравството, 27% и државната администрација, 18%, додека младите се изјасниле дека најмалку ја идентификуваат корупцијата како проблем кај полицијата, само 7% од нив.

Исто така, анализата покажува дека за младите луѓе најважно е лидерите и лидерките да бидат решителни и праведни, над 50%, понатаму транспарентни, над 15%, а најмалку или 6% посакуваат да бидат авторитативни.

„Според оваа анализа корупцијата претставува еден од најголемите проблеми кој го нотираат младите луѓе, а како дел од решението е целосната посветеност кон градење на транспарентно општество. Промовирањето на младинската активност и подигањето на гласот на младите е нашата главна цел во реализацијата на овој Проект“, вели Анелија Митрова од Младинскиот сојуз – Крушево.

Потпишан вториот билатерален протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија

Министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска денес по одржувањето на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија го потпишаа вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017.

Протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, истиот го отвора патот за одржување на првата меѓувладина политичка конференција. Министерството за надворешни работи најави дека протоколот ќе биде достапен за јавноста по потпишувањето.

„За нас е историска можност што после 17 години кандидатски статус РСМ добива можност да ги почне преговорите уште утре, задутре со ЕУ што почнува последната фаза од нашето пристапување кон ЕУ. Се надеваме и овој билатерален процес на соработка со Република Бугарија, меѓутоа и другиот пат на пристапни преговори со ЕУ ќе овозможат поблиска соработка меѓу двете држави“, изјави Османи и додаде дека се очекува поддршката од страна на Бугарија на овој пат, кој како што рече, почнува на пристапни преговори на членство во ЕУ.

Генчовска порача дека Бугарија најсилно ја поддржува интеграцијата на Македонија и Албанија во Европската Унија. Според неа, сега останува да се исполни договореното за што, како што изјави, ќе биде потребен сериозен ангажман од двете држави.

Kако дел од Владината делегација на состанокот присуствуваа и Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Маричиќ изјави дека со потпишувањето на Протоколот, Договорот за пријателство и добрососедство веќе добива нов дух, а Бугарија станува наш партнер и сојузник на европскиот пат, што било потврдено и на состанокот на меѓувладината комисија дека со овој чин ја зајакнуваме меѓусебната доверба и улогата на соработката.

„Секторските групи продолжуваат да работат и во следниот период ќе се фокусираат на заедничко делување во менаџирањето и надминувањето на кризите со кои се соочуваме. Имаме здрава и цврста основа да го продолжиме дијалогот во позитивна атмосфера, достоинствено чекорејќи кон ЕУ“ истакна вицепремиерот Маричиќ на состанокот.

Со 68 гласа за, пратениците вчера ги изгласаа предлог-заклучоците за пристапните преговори со Европската Унија, предложени од страна на француското Претседателство со Советот на Европа.

Владата вчера ги разгледа и усвои заклучоците кои ги изгласа Собранието и врз основа на тие заклучоци донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство од 30 јуни.

Владата го одобри францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ

Украинската војска ги одбива нападите на Русија во Донбас, во артилериски напад во Днипро загинаа 3 лица

Украинската војска го одби нападот на Русија близу местото Ивано-Даривка лоцирано во регионот Донбас, а го одврати и обидот на руските војски да напредуваат кон Верхинокамијанка во правец на Славјанск, пренесува Укринформ.

Во насока на Харков, рускиот окупатор се ги задржи под контрола веќе заробените гранични премини. Во истата насока се извршени воздушни напади со беспилотно летало „Орлан-10“ кон населбите Петривка, Ридне, Соснивка, Слатине и други.

Во градот Славјанск се извршени напади кон местата Дибровне, Подоливка, Микилски, Адамивска, Чепил и други. Руските сили за овие напади употребиле минофрлачи, топови и рактена артилерија.

Би-би-си јавува дека руски крстаречки ракети удриле во фабрика за изработка на вселенски ракети во централниот украински гад Днипро и убиле три лица што се наоѓале во близина на фабриката, а 15 биле повредени.

По ова, руското министерство за одбрана соопшти дека фабриката изработувала делови за украински балистички ракети.

Регионален лидер изјавил дека уште две лица загинале кога десетици руски ракети биле истрелани во Никопол, јужно од Днипро.

Според Обединетите Нации во руско-украинската војна животот досега го загубиле повеќе од 5.000 лица од цивилното население.

Ако се користи транспарентно, вештачката интелигенција ветува понатамошен развој во корист на човештвото

„И покрај капацитетите кои ги имаме, работната сила кај нас, а ова најверојатно важи и за целиот регион, сѐ уште е доволно евтина за да нема доволно интерес за автоматизација со ВИ, па заради тоа можеби ја имаме перцепцијата дека заостануваме“ – Д-р. Петре Ламески, продекан на ФИНКИ. 

Минатата недела во Дубаи беше докажано дека изведувањето на лапароскопска операција со помош на робот со вештачка интелигенција (ВИ) дава подобри резултати од традиционалниот начин, односно значително се намалува губитокот на крв и овозможува побрзо заздравување на пациентот.

Иако речиси 69 отсто од студентите во светот сметаат дека некои професии во иднина ќе бидат преземени и извршувани од страна на уреди со вештачка интелигенција, а 63 отсто сметаат дека најверојатно тоа се професиите касиер, возач и преведувач, неодамнешниот пример за роботската интервенција покажува дека светот не е толку далеку од промена на начинот на управување со професиите што засегаат поголеми компетенции.

„Прашањето не е дали некоја работа која ја работат луѓето ќе биде автоматизирана, туку кога“, вели за Мета.мк, д-р Петре Ламески, доцент и продекан за настава на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Д-р Ламески објаснува дека придобивките од научните достигнувања од областа на вештачката интелигенција ќе овозможат работата за која имало потреба од 20 или 30 луѓе, да ја работи само еден човек кој ќе се бави со конфигурација на машините и
мониторинг на процесите.

„Физичкиот дел од работата ќе го преземат „интелигентните“ машини. Пред неколку месеци имав прилика да посетам скоро целосно автоматизирана фарма во Холандија. Еден до двајца луѓе се доволна работна сила за покривање на целиот процес на одгледување на 150 млечни крави. Нешто што без користењето на интелигентните машини и автоматизацијата би било незамисливо. Секако, ваквото ниво на автоматизација бара и обезбедување на посебна логистика и дополнителна инфраструктура“, вели тој.

Д-р Петре Ламески активно се бави со истражувања од областа на вештачката интелигенција и нејзината примена во финансиите, медицината, екологијата и земјоделството. Покрај тоа, активно работи и како консултант за развој на апликации кои користат вештачка интелигенција за домашни и странски компании.

Според него, ВИ во блиска иднина ќе ги замени оние професии за кои е поедноставно да се автоматизираат, односно како што објаснува, професии каде работните процеси се репетитивни, а во подалечна иднина ќе ги замени и покомплицираните професии, (како што е случај во некои од поразвиените земји) па дури и оние професии кои бараат високи квалификации, како научници, доктори и инженери.

Развој на уреди со вештачка интелигенција

„Веќе постојат продавници по Европа каде што бројот на касиери е сведен на минимум преку користење на каси кои автоматски ги пресметуваат сумите преку ставање на сите производи во една корпа. Таму каде што овие системи се присутни, просечната плата на касиерите е преку 2000 евра. Автоматизацијата на процесите, со или без ВИ, се прави таму каде што тоа е исплатливо и како што спомнав претходно, сите професии кои денес постојат ќе бидат автоматизирани, најверојатно со користење на ВИ“, поентира Ламески.

Тој како причина за замената на професиите со ВИ го посочува и примерот со Велика Британија каде како што вели има недостаток на определен кадар.

„Во недостаток на медицински кадар и обид да се намалат трошоците во нивниот здравствен систем, Велика Британија сериозно инвестира во користење на роботи кои користат ВИ, како замена за докторите и медицинските сестри во јавното здравство“, вели Ламески.

Според него, С. Македонија не заостанува зад другите земји, напротив на нашите универзитети и институти активно работат на истражувања од областа на вештачката интелигенција.

„Како пример ќе го издвојам ФИНКИ како водечки факултет во областа на ВИ во државата, па и во регионот. Добар дел од професорите и асистентите кои работат на ФИНКИ, активно и посветено истражуваат во оваа област. Исто така, студентите кои студираат на ФИНКИ, се запознаваат со најновите трендови и достигнувања од областа на ВИ. Значи, во државата продуцираме кадар кој може да се носи со сите предизвици и кој може да го води развојот на ВИ во домашната индустрија“, посочува д-р Ламески.

Влијанието на ВИ врз однесувањето на луѓето

Ламески укажува дека ВИ е веќе распространета насекаде околу нас и ние сме навикнати на нејзиното влијание, до таа мера што не би можеле ни да го замислиме нашето секојдневие без она што ВИ ни го овозможува.

„Кампањите на политичките партии кои ги анализираат целните групи и носат одлуки врз основа на тие анализи овозможуваат директно влијание на ВИ на нашите политички одлуки. Камерите од мобилните телефони користат алгоритми од ВИ за да ја подобрат сликата која ја сликаме. Апликациите кои мерат активност користат сензори во комбинација со алгоритми од ВИ за да ги класифицираат нашите активности (возење велосипед, одење, трчање и сл.)“, вели продеканот на ФИНКИ.

Злоупотреба и контрола на уредите со вештачка интелигенција

Според, д-р Ламески, Контролата на ВИ може да се постигне само преку регулација на користењето на ВИ и транспарентност.

Алатките кои ни ги овозможува развојот на ВИ би ги споредил со ножот како алатка во кујна и ножот како оружје на бојно поле. Некаде овие алатки ќе бидат корисни, а некаде ќе предизвикаат штета во зависност од нивната апликација. На крајот алатката ја користат луѓето и одговорноста паѓа на оние кои ја користат – на овој начин д-р Ламески го опишува можното злоупотребување на вештачката интелигенција од страна на човекот.

Транспарентноста на ВИ предизвикува доста голем интерес во научните кругови во последниов период и доста ресурси се алоцирани на нејзино изучување.

„Целта е да се направи машина или софтвер кои во исто време ќе бидат доста ефикасни и прецизни во својата работа и ќе бидат способни да дадат и отчет за работата. Алатките кои користат ВИ и сега го прават тоа, ама го прават на јазик кој е разбирлив само за инженерите и научниците. Интензивно се работи на отстранување на овој недостаток на ВИ. Мислам дека и политиките на регулација на ВИ ќе одат во насока на градење на системи базирани на ВИ кои се транспарентни и чии одлуки можат да бидат објаснети“, вели д-р Ламески.

Тој посочува дека е потребна регулација која треба да биде насочена кон спречување на штетни апликации која истовремено ќе овозможи понатамошен развој на вештачката интелигенција.

„Станува невозможно да се следи развојот на вештачката интелигенција до таа мера што во иднина ќе биде потребно да се истренира вештачка интелигенција која ќе го следи развојот и ќе го резимира за нас. Интересно е што веќе постојат методи кои го овозможуваат ова“, вели Ламески.

Постојат и воени оружја кои користат технологии од ВИ и високо развиените земји веќе се во трка за создавање на што посовршени вакви оружја.

„Додека едни земји прават преголема регулација на пристапот до податоци, други земји создаваат доста напредни иновации користејќи ги податоците со кои располагаат, игнорирајќи ги понекогаш етичките правила и норми“, подвлекува Ламески.

Луѓето, апаратите и машините кои ги користиме, па дури и самата природа околу нас, секојдневно генерираат огромно количество на податоци.

„Овие податоци може да ги собираме и снимаме и врз основа на нив, преку користење на методите кои ни ги нуди ВИ, да дизајнираме и продуцираме различни паметни уреди кои би биле од корист за нас и нашето општество“, забележува д-р Ламески.

ДЗР: Институциите недоволно и нецелосно работат за подобрување на родовата еднаквост

Иако уште во декември минатата година беше поддржана од меѓународните организации UN Women, УНФПА, Mисијата на ОБСЕ и УНДП, Националната стратегија за родова еднаквост 2021 – 2026 година сè уште не е донесена од страна на Собранието на РСМ. Покрај тоа, на национално ниво не се целосно спроведени мерките и активностите кои се планирани и поставени со донесената тековна Стратегија за родова еднаквост. Ова се дел од утврдените состојби внесени во извештајот „Ефективност на мерките на Владата на Република Северна Македонија за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи“ спроведен од Државниот завод за ревизија.

Ревизорскиот извештај што го опфаќа периодот од 2018 до 2020 година забележува дека треба да се преиспита потребата од формирање на Секретаријат за родова еднаквост и треба да се донесат законски измени и дополнувања во материјалните закони, со цел дефинирање на принципите на родовата еднаквост.

Во стратешка и правна рамка за имплементација и постигнување на целите за родова еднаквост во Извештајот се утврдени и наведени следните состојби: Годишните извештаи за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите не содржат заклучоци и препораки. Отсуството на анализи во стратешките планови кои треба да содржат и родово разделени податоци за да се добие јасна слика за состојбите во однос на статусот и положбата на жените и мажите по различни основи. Со предлог Законот за буџетите не се дефинирани поимите родово буџетска изјава/иницијатива, родови индикатори како и родовите цели и не е воспоставен механизам за следење на имплементацијата на Националниот акционен план на Истанбулската конвенција.

Ревизорскиот увид забележува и дека постои недоволна координација и комуникација помеѓу надлежните институции, недостиг на финансиски средства за спроведување и имплементација на процесот на родова еднаквост и родово одговорно буџетирање.

„На институционално ниво потребно е преземање на активности за подигнување на свеста за значењето на родовата еднаквост на раководните лица во институциите, подобрување на кадровската екипираност за спроведување на процесот на родова еднаквост, како и континуирано стручно усовршување на вработените во институциите за родова еднаквост“, стои во ревизијата за успешност.

Во извештајот се наведени препораки за преземање на мерки и активности со што ќе се подобри состојбата со родовата еднаквост во Македонија. Истите се упатени до Собранието и Владата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за одбрана и до Министерството за финансии.

Дел од препораките се да се спроведат соодветни анализи при изготвување на нацрт стратешките планови на министерствата и другите органи на државна управа, кои треба да содржат родово разделени податоци со цел правилно насочени стратешки цели, да се зголеми учеството на жените на јавни функции во државата и донесување на Националната стратегијата за родова еднаквост 2021 – 2026 година, а по нејзиното донесување да се донесе и Национален акциски план за спроведување на истата, којшто ќе содржи мерливи индикатори, кои ќе го следат напредокот на остварените резултати и исполнетоста на специфичните цели, се дел од препораките.

„Укажуваме дека е потребно надлежните институции да ги интензивираат активностите со цел посеопфатен пристап за спроведување на процесот на родова еднаквост од страна на сите носители во државата. Со имплементација на дадените препораки се очекува да се намалат ризиците и да се даде придонес во подобрување на процесот за родова еднаквост на жените и мажите, да се подобрат и отстранат утврдените слабости, недостатоци во организацијата и функционирањето на надлежните институции, со цел воведување на концептот на родова еднаквост во сите институции“, се вели во резимето на ревизорскиот извештај.

Целиот извештај може да се види овде.

С. Македонија има полиберален Закон за прекин на бременост од некои земји-членки на ЕУ [инфографик]

Минатонеделната одлука на Врховниот Суд во Соединетите Американски Држави да го поништи 50 години стариот закон „Ро наспроти Вејд“ со што го одзема легалното право на абортус на жените во САД го стресе светското тло предизвикувајќи големи протести низ целиот свет. Поништувањето на „Ро наспроти Вејд“ дава право на секоја држава во САД одделно да одлучува за регулирање на абортусот.

Во Европа правото на прекин на бременоста е легално во 39 земји што ги исклучува Малта, Ватикан, Лихтенштајн, Андора и Полска каде е регулирано со посебни рестрикции. Во С. Македонија, пак, Законот за прекин на бременоста е прилично либерален и демократски, а во однос на законската рамка за прекинување на абортус стоиме најдобро во Западен Балкан и Источна Европа, а подобри сме и од некои земји членки на ЕУ.

*Зголеми мапа за подобар преглед

Правна легислатива за легален абортус во Македонија

Во Република Северна Македонија правото на абортус е регулирано со Законот за абортус што од 2019 година ја воведува можноста за прекинување на бременоста до 9 гестациска недела со медикаментозен метод и во здравствена установа од примарна здравствена заштита (ПЗЗ).

Кај нас жената одлучува за сопственото репродуктивно право до истекување на 12 гестациска недела со нејзина писмена согласност. Ако таа е малолетна или ѝ е одземена деловната способност, абортус може да се изврши со писмена согласност од нејзиниот родител/старател.

По истекот на 12 гестациска недела, бремената жена може да поднесе писмено барање во случаи кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето.

Тоа се одредува врз основа на научни сознанија според кои може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело, односно силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето жената би можела да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.

По 22 гестациска недела, за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста во здравствена установа составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство и еден социјален работник. Доколку жената не се согласува од одлуката на првостепената комисија има право на приговор до второстепената комисија составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во
областа на родовата еднаквост.

Откако постои можноста жените кај нас да ја прекинат бременоста со помош на лекови наместо со класичниот хируршки начин, тоа тие го избираат и кога се обраќаат на Клиниката за гинекологија и акушерство.

Податоците се од 2021 година од Клиниката за гинекологија и акушерство
Иако дури 70 отсто од бремените жени со мисетриан плод лани избрале да ја прекинат бременоста со помош на лекови, лекот сѐ уште не е регистриран кај нас.

 

„Сега со тендер го имаме доволно лекот, но се вложуваат напори да биде подостапен. Законски, секоја пациентка која е бремена до 12 гестациски недели, може по новиот закон за абортус да абортира, дали по социјална или медицинска индикација. Таблетите се пијат по шема. Законот дозволува тие да се земаат до 9 недели. Ако таблетите се регистрирани, и матичните гинеколози треба да ги применуваат. Но кај нас, се набавени само на Клиника“, објаснува Д-р Јадранка Георгиевска од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Медикаментозниот абортус безбедна алтернатива на хируршкиот метод, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80 отсто од абортусите во земјите во ЕУ. Тој во моментов е достапен само во една здравствена институција во Македонија. Како последица, девојките и жените кои живеат надвор од Скопје немаат можност да изберат како ќе ја прекинат бременоста, што значително ја ограничува нивната репродуктивна слобода.

Иако законот кај нас е многу либерален, д-р Георгиевска вели дека како гинеколози се загрижени за случувањата во САД, каде што изгласаа одлука против абортус.

Со истиот став се и од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, Хера, од каде велат дека случувањата во САД имаат огромно влијание насекаде во светот, така што мошне веројатно е дека би се почувствувале и кај нас.

„Размислувањето дека ваквите случувања се појава само во одредена земја и дека не нѐ засегаат е навистина опасно, особено во ера на растечки трендови на ограничувањето на правата на жените дури и врз нивните сопствени тела. Околу Европа, овој тренд на укинување на правото на абортус веќе постои и тоа недалеку од нас. Кога зборуваме за оваа проблематика никогаш не можеме целосно да се изолираме и да кажеме „Ама кај нас е во ред”. Секогаш постои опасност да ни се случи нам она што се случува во САД или каде и да е и покрај тоа што во моментот имаме еден од најпрогресивните закони во Европа во врска со абортусот, борбата и едукацијата никогаш не смеат да престанат и за жал не смееме да се опуштиме“, појаснуваат оттаму.

ФЗО да го покрие абортусот по барање на жената од лични причини 

Законот е прилично либерален и демократски во Македонија, а во однос на законската рамка за прекинување на абортус стоиме најдобро во Западен Балкан и Источна Европа, а подобри сме и од некои ЕУ земји. Сепак, на две работи треба да се застапува за да повеќе се подобри пристапот до грижа за абортус и услугите, смета Бојан Јовановски, извршен директор во ХЕРА.

„Покривање на абортусот од лични причини (по барање на жената) од Фондот за здравствено осигурување. Оваа услуга жените ја плаќаат приватно во државните болници, освен во случај на медицински индикации кога се ослободени од трошоци. Ама ова значи или да се има медицински проблем кој преставува загрозување по животот на плодот или на мајката, но не и во случај ако жената сама тоа го побара заради свои лични, можеби и социјални или економски причини“, вели Јовановски.

Втора работа која според него треба да биде решена е можност медикаментозниот метод да биде достапен во другите државни болници, а не само на Клиника.

„Лекот не е достапен во другите државни болници, заради малите количини кои се набавуваат и заради се уште необучениот кадар. Иако ХЕРА во моментов работи на обуки на болнички гинеколози од други градови заедно со Клиниката, па се надевам до крајот на годината ќе имаме повеќе обучени, ама пак ќе биде проблем ако тие болници не можат да ги набават лековите“, додава директорот Јовановски.

Лековите се набавуваат преку интервентен увоз бидејќи не се регистрирани на пазарот, една од причините е малиот пазар во Македонија. Исто така законот предвидува дека и матичните гинеколози односно гинеколозите во примарна здравствена заштита имаат законско право да прават медикаментозен абортус (само овој метод), но во законот ова не е доволно прецизирано што како услови и стандарди они треба да исполнуваат за да ја даваат оваа услуга, а и не се согласуваат дека треба да се акредитираат дополнително бидејќи имаат звање специјалисти-гинеколози, и веќе ако можат да обавуваат толку многу специјалистички услуги, зошто не и медикаментозен абортус.

„Но, ова не е доволно јасно, а и незначителен број на матични гинеколози, дали неколкумина, даваат ваква услуга. Законската можност да се има пристап до оваа опција, медикаментозен абортус беше дадена во функција да се зголеми пристапот до абортус низ целата територија на земјата, бидејќи бројот на гинеколози, особено во источниот дел се намалува, особено болнички гинеколози, па со тоа би се заштедиле трошоци на жената да не патува за да ја добие услугата, ако постои матичен гинеколог во некое блиско опкружување“, вели Јовановски.

Она што за него е проблематично е што во приватните болници цената на абортус до 10 недела (не прават абортуси по 10 недела од бременоста) е драстично зголемена последната година, две. Денес таа се движи околу 350 евра, а само пред некое време беше околу 150 до 200 евра.

„Тоа покажува за мене и несензибилност на приватните болници околу оваа услуга – да тие се водат од профит, ама мислам дека зголемувањето на цените е непропорционално со стандардот во моментов, а за услугата не е потребно болнички престој и се завршува брзо. Државните болници не сметам дека ја зголемија цената – таа се движи околу 100 Евра за до 10 недела, иако имаше обиди некои болници тоа да го направат пред некоја година, ама се направи притисок во услови на пандемија да не се гази по потребите и правата на жените и репродуктивната слобода.

Антиродовите движења и пропаганди како поттик за одземање на слободното репродуктивно право

„Антиродовото - или како што ние повеќе сакаме да го нарекуваме, антифеминистичкото - движење уште пред укинувањето на правото на абортус во САД јасно укажа дека е против репродуктивната слобода, вклучително и правото на абортус, споделувајќи информации и ставови дека абортусот претставува прекинување на животот и дека како таков треба да биде претставен во рамките на сеопфатното сексуално образование (иако во ССО речиси и да не се зборува за абортусот)“, посочуваат од Хера.

Всушност поимањето на фетусот како личност и верувањето дека животот започнува уште од моментот на зачнувањето, а не по раѓањето е идеолошката основа на движењата против абортусот што се поклопува со ставот на антифеминистичките движења што се појавуваат на глобално ниво.

Истражување на Европскиот парламентарен форум покажува дека  антифеминистичкото движење во светот било финансирано со над 700 милиони долари во периодот од 2009 до 2018 година, при што најголемиот дел од донаторите доаѓаат од САД, Европа и Русија, што значи истото зазема забележителен замав.

„Огромен е порастот на ваквите движења што кај нас ги предводат здруженија и неформални иницијативи и токму тоа треба да нѐ тера да размислиме колку сме далеку од САД во однос на ускратувањето на правата. Нивната навидум невина и грижлива кауза зад себе има за цел одржување на слоевитата нееднаквост меѓу мажите и жените. Под маските на грижа за децата и семејството, овие движења ги угнетуваат токму оние за кои наводно се борат“, децидни се од Хера.
Автори: Антонија Поповска и Ангела Бошкоска
Инфографици: Ангела Бошкоска

Трансдисциплинарниот проект „Дизајн на оживување“ доби награда за истражување и ликовна критика

Трансдисциплинарна дизајнерка Клелија Живковиќ со проектот „Дизајн на оживување“ е добитничка на наградата за истражување и ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ за 2022 година што ја  доделува здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“.

Како што вели дизајнерката, истражувањето е дел од проектот „Creature Comforts“ (Суштински удобства), односно од нејзината неколкугодишна љубопитност за тоа како дизајнерските пракси го обликуваат човештвото како вид. Во центарот на оваа пракса е процесот на прототипирање, развивање на модели за отелотворување и
спекулација, барајќи увид во начините на кои човештвото се поврзува со остатокот
од живиот и неживиот свет.

За своето дело, Живковиќ пишува: „Прашањето „како ја замислуваме иднината?“ е вткаено во нашите избори додека ја градиме сегашноста. Испреплетеноста на тоа прашање со оваа комплексна сегашност која ја населуваме, овозможува полето на спекулативен дизајн да порасне како никогаш досега. Оттука, се поставуваат прашањата – што претставуваат овие спекулации?; Дали во себе содржат значаен увид во шансите живиот свет да опстане на оваа оштетена планета, или се палијативни заспивалки во подготовка за истребувачкиот настан кој се чини сѐ поверојатен?“

Ова истражување ќе ги прегледа трансдисциплинарните напори на дизајнерите за излегување од оваа моментална состојба на безизлезност, во која е неопходно да ги напуштиме застарените имагинации кои ја реализирале својата улога и да се впуштиме во потрага по нови, кои допрва ќе се раѓаат.

Клелија Живковиќ е автор на книгата „Prototyping Tenderness: a personal log of a dying world”и ко-основачка на Платформата за граѓанско учество преку културни и уметнички пракси – Социопач и интердисциплинарното дизајн студио Pillow Talks.

Европскиот парламент го поддржа предлогот гасот и нуклеарната енергија да се сметаат за одржливи

Европскиот парламент одржа средба во Стразбур, Франција на која 328 пратеници гласаа за предлогот од Европската комисија некои инвестиции во гас и нуклеарна енергија да се сметаат за одржливи. Против предлогот гласаа 278 пратеници, пишува Њујорк Тајмс.

Европската комисија го претстави овој предлог со цел инвеститорите да добијат пристап до евтини заеми или државни субвенции. Предлогот е дел од новиот поширок закон на Европската Унија да ги класифицира различните видови на енергетски инвестиции како еколошки прифатливи и поставува детални правила за тоа како да се проценат.

Противниците на одлуката денес протестираа и внатре и надвор од зградата на парламентот.

Политиката позната како „Таксономија“ значи да престане именувањето на различните енергетски проекти како еколошки кога не се. Исто така тоа ќе им даде дополнителен простор на 27-те индустријализирани и богати нации што се обидуваат да ги заменат руските извори на енергија притоа казнувајќи го Кремљ за воената инвазија во Украина.

Ваквата класификација на енергетските проекти останува контроверзна меѓу еколошките друштва. Критичарите на предлогот велат дека ваквиот обид за именување на гасот и нуклеарната енергија како зелени претставува „Зелено перење“ и е контрадикторен на напорите на ЕУ да ги намали емисиите на јаглерод за 55 отсто до 2030 и да постигне неутралност до 2050 година.

Експертите апелираат дека оваа одлука на ЕУ може да излезе и надвор од границите бидејќи може да послужи како глобален репер и да се реплицира и во други делови од светот. Исто така, според нив ова ќе овозможи финансиски стимулации за европските земји и воедно ќе го одложи префрлувањето на обновливи извори на енергија како што се ветерот и соларната енергија.

Европската комисија се изјасни дека знае дека гасот и нуклеарната енергија не се совршено усогласени со еколошките цели, ама дека сепак се сметаа за важна транзиција на Европа од моменталната состојба кон јаглеродно неутрална иднина. Според нив, гасот е гориво со ниска емисија, но само доколку се спореди со јагленот што е голем загадувач.

Стручното образование нуди поголем избор за професија – 70% од деветтооделенците запишаа стручно училиште

„Учи паметно, работи стручно“, оваа година звучи примамливо за голем број основци што наесен започнуваат ново, средношколско поглавје. Дури 7.698 ученици од првиот уписен рок годинава, се со цврста одлука да се запишат во средно стручно училиште.

Наспроти тоа, 3.971 ќе појдат во гимназиско училиште, што е речиси половина помалку од пројавениот интерес за стручното образование. Овој пораст на бројките веројатно се должи на неколкугодишните проектни програми наменети за унапредување на програмите во стручните училишта, но и прифаќање на можностите што подоцна носат кон исполнување на вистинските потреби на пазарот на трудот.

 

Некои од стручните училишта, магнет за деветтооделенците

Во Средното електротехничко училиште на Град Скопје „Михајло Пупин“ во 2018 година учеле 614 ученика. Денес со завршено второ пријавување бројката на запишани е 915 ученика. Овие податоци за Мета.мк ги споделува директорот на училиштето, Димитар Ѓорѓиев.

„Интересот за нашето училиште е зголемен и тоа со бројки кои можеби се најголеми на територија на целата држава. Минатата година во насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика на македонски јазик имавме пријавено околу 150 ученика, а оваа година 182 што претставува рекорд во овој профил откако е воведен. Ова е можеби и најпопуларен профил“, вели Ѓорѓиев.

Според него, оваа насока не треба да се изучува во училишта каде има повеќе различни струки, бидејќи истиот бара одредени услови за правилно изучување.

„Добро е да има конкуренција, но мора да им се понуди и квалитет на заинтересираните ученици. Сепак, ниту едно училиште нема потребен кадар за профилот и лаборатории како што има „Михјало Пупин“. Дигитализацијата во светот и општеството е пресудна за овој профил биде на врвот и еден од најбараните од страна на деветтоодделенците. Сите стручни училишта мора да воведуваат новитети, да инвестираат инфраструктурно и најмодерна опрема за настава, да остваруваат поголема соработка со компаните, да вложуваат во учениците, да има размена со други држави и слично“, објаснува директорот и додава дека од денешна гледна точка „Михајло Пупин“ постојано се труди да ги понуди споменатите работи колку што може повеќе што како што појаснува тој, е видливо по бројот на ученици што аплицираат од година в година.

Клучно за определбата на учениците е главната разлика меѓу гимназиското и стручното образование, што според Ѓорѓиев нуди повеќе можности, занает, иднина и просперитет.

„Гимназиите нудат нешто друго. Реално сѐ уште има повеќе интерес за гимназиите, но од година во година стручното образование зема поголем замав, пред сѐ поради огромната побарувачка од страна на компаниите и дефицитарниот кадар на пазарот на трудот. Сепак, на крај од денот учениците сами си ја бираат својата иднина. Се надевам дека на огромен број од нив ќе им се исполнат сништата“, вели директорот Ѓорѓиев.

Надвор од стегите на бројките, идните „гимназијалци“ и „стручњаци“ со спротивни ставови 

Од сличен аспект како директорот на училиштето „Михајло Пупин“, но генерациски различна перспектива размислува и ученичката Јана Симоска од Тетово, што својата иднина ја гледа токму во навидум една од најпопуларните насоки низ стручните училишта, електротехничар за компјутерска технологија и автоматика.

„Уште од најмала возраст сум опкружена со компјутери и друга информатичка технологија, а и денес, таа е многу значајна за секој дел од животот. Постојано прашував и истражував. Од тие причини, мислам дека најмногу можам да ги реализирам моите желби во средното стручно училиште „Моша Пијаде“, Тетово“, вели Симоска.

Фото: Јана Симоска, лична архива

Според неа, стручното образование претставува поперспективен избор бидејќи, како што вели, дава можност ученикот да се стекне со конкретни знаења од одредена струка.

„Очекувам во ова средно стручно училиште да стекнам знаења и вештини кои се потребни за моето идно занимање. Се надевам дека покрај стекнување на теоретски знаења ќе имаме можност и за нивна практична примена“, посочува идната ученичка во ССОУ „Моша Пијаде“.

 

Симоска забележува дека стручното наспроти гимназиското образование нуди поширок спектар за понатамошна професија.

„По завршувањето на стручното образование добиваш две можности: доколку не сакаш или не можеш да продолжиш со образованието, имаш струка со која можеш веднаш да најдеш работа, а од друга страна пак, ако сакаш можеш да продолжиш да студираш на некој од факултетите. Додека пак, со завршувањето на гимназијата, ако не продолжиш на факултет, шансите за избор на работа се ограничени“, вели четиринаесетгодишната ученичка.

„Сепак“, додава таа, „најважно е секој да го одбере тоа што сака да го работи, да ја избере професијата во која најмногу ќе се пронајде“.

Тамара Наумовска од Битола изнесува сосем различно мислење; која е решена својот образовен пат да го изоди со гимназиски чевли, за што како што вели ќе има избор да ги промени по желба без да си наметнува определена струка.

„Уште во 6-то одделение, кога за прв пат почнав да размислувам за средното образование, сакав да се запишам во гимназијата „Јосип Броз-Тито” – Битола, бидејќи мислев дека она што сметам дека сакам да ми биде идна професија, во иднина може да се промени“, споделува Наумовска која годинава заврши деветто одделение во ОУ „Д-р Трифун Пановски“ во Битола.

Фото: Тамара Наумовска, лична архива

Таа смета дека желбите што учениците ги имаат на 14 или 15 години многу верјотано ќе се променат по 4-годишното изучување на средното образование и оттука размислува дека гимназиските средни училишта можат да отворат многу повеќе можности и простор за промена на ставовите и желбите.

„Мислам дека средните гимназиски училишта нудат познавања од повеќе области, во споредба со стручните, а и во гимназиските средни училишта има повеќе простор за промена на одлуката за идна професија“, вели Наумовска.

Реформите на наставните програми во средните стручни училишта активно започнаа да се надополнуваат уште во 2019 година. Оттогаш, на позицијата министер за образование и наука се сменија тројца, но се работеше на една цел – поттик на интересот за запишување во училиште со однапред определена насока по одредена струка. И покрај тоа, гимназиското образование останува популарно меѓу деветтоодееленците, но скорешниот пример со приемниот испит во Скопската гимназија „Орце Николов“ го поставува прашањето колку гимназиското образование е ефективно да при процесот на градење добри образовни профили?

Резултатите од приемниот испит минатата недела посочија дека иако 337 ученици со супер одличен успех се пријавуваат за 285 слободни места, многу мал дел од нив навистина застапуваат „петкашки“ успех. По тестирањето на 292 супер одлични ученици, само 11 од нив успеаја да добијат петки.

Димовски: Ако ги примиме сите што аплицирале во „Орце Николов“, ќе останат непополнети другите гимназии

Вечерва отворање на изложбата „Сизифов пат“ од карикатуристот Лука Лагатор

Вечерва со почеток во 20:00 часот во галеријата „Остен“ ќе се отвори изложбата на карикактури на познатиот карикатурист од Црна Гора, Лука Лагатор.

Изложбата именувана „Сизифов пат“ ќе биде отворена со перформанс од карикатуристот. Притоа, како што информираат од галеријата, ќе бидат изложени 30 дела од неговиот доживотен циклус.

„Преку „Сизифов пат“, Лагатор мајсторски игра со атрибутите на овој извонреден визуелен, интелектуален и универзален стил на изразување, при што испраќа моќна порака истовремено покажувајќи потполна уметничка слобода во изразувањето“, стои во соопштението за вечерашната изложба.

Лука Лагатор објавил повеќе од 4500 дела во различни весници дома и во светот. Досега илустрирал приближно 80 книги. Има учествувано на голем број меѓународни натпревари за цртани филмови и неговите уметнички дела беа наградени со 67 престижни награди. Лагатор исто така е влезен во енциклопедијата „Топ 20 дела од 20 најдобри светски карикатуристи“. Тој е и на два кратки филма: „Задачата на Сизиф“ и „Напорот Сизиф“.

Отворен повик за учество во школата за млади лидери

Од Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов информираат дека е отворен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери што оваа година ќе се одржи по 13-ти пат.

Годинава темата на школата ќе биде „Морално лидерство“. Обуките ќе се организриаат комбинирано, онлајн и со физичко присуство и истите ќе се одржат во периодот од 16 до 30 септември. Предавањата за истата ќе се одвиваат на македонски и на англиски јазик.

„Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство кои ќе споделат искуства и знаења кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат
аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, како и интерактивно да се вклучат на предавањата“, се вели во соопштението од Кабинетот.

Оттаму велат дека бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.

Повеќе информации околу конкурсот може да се најдат тука, а апликацијата се врши тука.

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 12 обуки учествуваа околу 480 млади луѓе од целиот свет со различен академски и професионален фокус.

Костадиновска-Стојчевска: Културното наследство ни ја дава основата на заедништвото

Културното наследство ни ја дава основата на заедништвото, заедничката припадност во рамките на Европа, бидејќи ние споделуваме заедничка повеќемилениумска испреплетена традиционална култура која резултира со сегашните позитивни процеси на промовирање на истата, ова го посочи министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот Министерски состанок на промоција на Првата министерска платформа на Западен Балкан за култура во Тирана, Албанија.

На министерската платформа за култура денес во Тирана учествуваа министрите од земјите од Западен Балкан каде ги истакнаа предизвиците со кои се соочуваат со младите и културното наследство.

Преку платформата ќе се овозможи негување на културното наследство и таа е важна за заедничко делување на земјите во културата.

Според Костадиновска-Стојчевска преку развивање на програма на размена на млади луѓе од цела Европа, кои ќе ги презентираат културните традиционални особености – културно наследство, разноликости и вредности на земјата од која доаѓаат ќе се придонесе уште повеќе за запознавање со истите и промовирање на вредностите на заедничка културолошка припадност.

„Во минатото, поради одржливоста, беше постигнат напредок на цивилизацијата. Стручните профили како кустос, конзерватор, документарист, фолклорист, филмолог, токму овие професии ни дадоа можност да ја разбереме сегашноста, преку истражување и заштита на вредностите од минатото, а обезбедивме и патоказ за иднината. Tокму затоа преку Годишните отворени повици, Министерството за култура ги охрабрува младите и младинските здруженија да овозможат проекти во областа на културното наследство“, рече министерката за култура.

На самитот, таа порача дека развивањето на свеста за заштитата на културното наследство како дел од секојдневниот живот треба да започне од најмладата возраст. Таа свест мора да се развива како потреба на локално и пошироко државно ниво. Културата нетреба да биде сувенир туку економски фактор, а треба да се инвестира во образованието уште од најмала возраст сè со цел да се развие свеста кај младите за културното наследство.

Министерскиот состанок е клучен настан во заедничките напори за одржување на политичкиот моментум поттикнат од започнувањето на Агендата за Западен Балкан организиран од страна на Марија Габриел, европска комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади.