Советот за етика во медиумите на Македонија остро реагира за невнимателното и неетичко известување на медиумите околу самоубиство на ученик во скопската гимназија Корчагин.
„СЕММ ги потсетува своите членки и сите медиуми на професионалните препораки кои строго дефинираат кога и како смее да се известува за вакви трагедии. Прво, строго правило е дека за самоубиства не се информира, оти стручњаците одамна ја имаат потенцирано опасноста и корелацијата меѓу информациите за самоубиствата и нивниот број, односно како тие објави влијаат врз луѓето кои се ранливи и се во опасност. Од нив, токму младите се најизложени на тој ризик. Понатаму, доколку медиумите проценат дека се работи за исклучителен јавен интерес и дека информацијата мора да биде објавена оти отвора општествен проблем, тие во никој случај не смее да се повикуваат на неофицијални извори и/или да шпекулираат за можните причини“, се наведува во реакцијата.
Оттаму додаваат дека информацијата мора да биде не само сериозно проверена, туку така и обработена, со фокус на анализа на големата слика, а не на конкретниот случај и/или експликација на подробности.
„Имајќи ја предвид сензитивноста на темата, во своите пишувања медиумите исто така мора да се вклучат и во процесот на едукација на јавноста и превенција, а никако не да газат по линијата на сензационализмот“, подвлекуваат од СЕММ.
Покрај на експертските препораки за известување за самоубиства, Советот во реакцијата потсетува и на членовите 7 и 8 од Кодексот на новинари кои налагаат новинарите да ја зачуваат приватноста на личноста и да не известуваат со сензационализам во случаи на самоубиство, бидејќи станува збор за семејна трагедија.
Научници создадоа прототип на еколошка батерија составена од хитин и цинк која има 99,7% енергетска ефикасност и по 400 часа работа.
Според истражувањето за создавање на обновливи батерии, научниците сакаат да ја употребат хемиската материја што се наоѓа во оклопот на раковите и јастозите.
Светот се движи во насока на наоѓање на примена и решенија за зелена енергија и електрични возила, па и батериите што се користат за создавање на таа технологија треба да бидат еколошки.
На хемикалиите што се користат во конвенционалните батерии, како што е литиумот, потребни им се стотици или дури илјадници години да се разградат. Овие хемикалии често се и корозивни и запаливи. Во некои случаи батериите од потрошувачки гаџети имаат предизвикано пожари на места за отпад и рециклирање, а тие може да предизвикаат пожар и во авион.
Раковите, помалите ракчиња и јастозите имаат надворешни скелети изградени од клетки што содржат хитин – полисахарид што ги прави нивните оклопи цврсти и отпорни. Овој значаен материјал во природата е застапен во огромни количини, а го содржат и габите и инсектите, но обично се наоѓа како нуспроизвод од прехранбената индустрија.
Научниците долго време ги истражуваат различните примени на хитинот во биомедицинското инженерство, антиинфламаторни третмани и сега во електричното инженерство.
Преку хемиска обработка и додавање воден раствор на оцетна киселина, хитинот може да се синтетизира во цврста гел-мембрана и да се користи како електролит во батерија.
Тимот истражувачи кои работат на студијата направиле комбинација од цинк и хитински електролит, по што успеале да ја создадат обновливата батерија.
Батеријата има 99,7% енергетска ефикасност, дури и по 400 часа работа. Тоа значи дека тие може брзо да се полнат и празнат без истото да влијае врз нивниот перформанс.
Обновливите батерии не се запаливи и две третини од една батерија може да се разгради во почвата за само пет месеци и зад себе да остави рециклирачки цинк, сето тоа благодарение на микробната деградација.
Платформата за родова еднаквост со поддршка на активистите и протестите кои беа организирани и во Скопје во знак на солидарност за случајот со силуваното 11-годишно девојче во Приштина.
Во реакцијата доставена од организациите-членки на Платформата за родова еднаквост стои дека силувањата, фемицидите и сексуалното вознемирување врз жените и девојките/девојчињата станаа секојдневие насекаде во регионот, каде патријархалните вредности го нормализираат, замолчуваат и охрабруваат самото насилство.
„Ги повикуваме надлежните институции:
1. Навремено да преземаат мерки со кои ќе го превенираат и спречат насилството. 2. Обезбедат ефикасна заштита на жртвите на родово базирано насилство. 3. Воспостават функционални и достапни сервиси, особено шелтер центри, за заштита на жртвите на РБН и семејно насилство, и кои ќе работат според унифицирани стандарди на територија на целата држава. 4. Соодветно да ги санкционираат насилниците“, пишува во реакцијата.
Од Платформата посочуваат дека, EULEX за две години имало 228 пријави за силувања во Косово, но 90% од силувањата остануваат непријавени, што значи дека вистинската бројка е многу поголема. Согласно податоците, во реакцијата е наведено дека во Косово, силувањето се казнува од две до десет години, додека во случаите со малолетници, казната е од пет до 20 години. Според Мрежата на жените на Косово, над 70% од случаите на сексуални напади и силувања во земјата се врз малолетни девојчиња.
„Во знак на солидарност за трагичниот случај на грозоморното силување на малолетно девојче од страна на 5 мажи во Приштина, во Скопје протестот имаше за цел да повика за поголема заштита на девојките и жените од насилство во Македонија и низ целиот регион. Демонстрантите бараа превенирање и заштита на жените и девојчињата од насилство, како и поголема одговорност од страна на институциите и соодветно казнување на насилниците. За жал, непосредно пред протестот, физички беа нападнати еден активист и една активистка, што дополнително говори за доминантната насилничка култура и широката распространетост на одобрување и нормализирање на насилството во нашите општества“, се вели во соопштението.
Оттаму потенцираат дека различните форми на родово базирано насилство се секојдневие и во Македонија, со оглед на тоа што, како што се вели во реакцијата, на 28 август имаше обид за фемицид во Арачиново, кога сопруг пукал во својата сопруга. Неколку недели претходно 46-годишната жена од Неготино почина по четири дена борба за живот, откако нејзиниот партнер ја претепал нанесувајќи и многу тешки повреди на мозокот и черепот.
Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во 2020 година се случиле четири убиства на жени, фемициди.
Во сите овие случаи, претходно било пријавено насилство, но, немало соодветна реакција за заштита на жртвите.
„Изминатиот месец, Платформата за родова еднаквост реагираше неколку пати во однос родово базирано насилство и неговото системско игнорирање. Фемицидот од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Неколку дена покасно, Платформата алармираше и за непостапувањето од страна на надлежните институции во однос на лицата кои се соочуваат и справуваат со семејно насилство. Родово базираното насилство останува дел од нашата реалност се додека општествено и системски на се адресира и соодветно санкционира“, децидни се од Платформата.
Оттаму потсетуваат дека измените на Кривичниот Законик се сѐ уште блокирани во Собраниска процедура и ги повикуваат пратеничките и пратениците во најбрз можен рок истите да ги стават на дневен ред.
Твитер конечно ја овозможува опцијата за промена на твитовите кога веќе еднаш се објавени. Ова е нешто што корисниците долго го очекуваа и посакуваа, јавува Би-би-си.
„Ако забележите преуреден твит, тоа е затоа што ја тестираме опцијата. Ова се случува и сите ќе бидете добро“, споделија во твит од компанијата.
Во моментов истата се тестира, а ќе биде достапна во следните неколку недели, првично само за претплатениците на „Твитер Блу“ кои плаќаат 4,99 долари месечно.
Твитовите ќе може да се менуваат неколку пати во период од 30 минути по објавувањето.
„Твитер Блу“ во моментов е достапна во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, но од компанијата информираат дека тестирањето ќе биде ограничено само во една земја.
Променетите твитови ќе се појавуваат со известување и линк до нивната „историја на менување“ за да има можност сите менувања да бидат јавно достапни и „да се заштити интегритетот на конверзацијата“, велат од Твитер.
Сепак, и покрај долгото чекање социјалната мрежа да воведе ваква опција, некои од корисниците сметаат дека на овој начин ќе се изгуби автентичноста на оваа мрежа.
„Зошто Твитер потпаѓа под притисокот да го овозможи копчето за уредување? Со тоа ќе ја уништи сета оригиналност и „прифаќање“ на уникатноста на платформата“, напиша корисник на Твитер.
Why is Twitter bowing to the pressure of giving us an edit button? It will spoil the whole originality and “receipt” uniqueness of the platform.
Ко-основачот и поранешниот извршен директор на компанијата во една прилика изјави дека веројатно никогаш нема да воведе ваква опција. Но, во април кога Илон Маск сакаше да ја откупи компанијата, спроведе анкета за воведување на ваквата опција, на која 73,6% од 4,4 милиони корисници одговорија дека би сакале ваква опција.
Апарат голем колку кутија за складирање храна успешно генерираше кислород за дишење на Марс извршувајќи ја функцијата на мало дрво, пишува лондонскиот весник Гардијан.
Станува збор за „Мокси“ – експеримент за користење на ресурси што од февруари минатата година постојано и успешно создава кислород користејќи го јаглеродниот диоксид што го има во атмосферата на Црвената планета.
Истражувачите сугерираат дека поголема верзија на „Мокси“ може да биде испратена на Марс пред луѓето да почнат да одат таму, со цел да создава кислород со брзина од стотици дрвја.
„Мокси“ ја допре површината на Марс со помош на ракетата „Истрајност“ од НАСА.
Истражувачите во својата студија пишува дека до крајот на 2021 година „Мокси“ успеа да произведе кислород на седум експериментални патеки во различни атмосферски услови, вклучително и во текот на денот и ноќта и во текот на различните сезони на Марс.
Во секој обид, „Мокси“ ја постигна целта да произведува шест грама кислород на час, што е слично како едно скромно дрво на Земјата.
Постои надеж дека со својот целосен капацитет, системот може да генерира доволно кислород да ги снабдува луѓето кога ќе пристигнат на Марс, а дури и да овозможи гориво за ракета да може да ги врати на Земјата.
Заменикот главен-истражувач на мисијата, Џефри Хофман, професор во одделот за аеронаутика и астронаутика на технолошкиот институт во Масачусетс изјавил дека ова е прва демонстрација за вистинско користење на ресурсите од површината на друга планета и нивно трансформирање во нешто што може да му користи на човекот.
Моменталната верзија на апаратот е мала, дизајнирана за да ја собере во ракетата „Истрајност“ и е изградена да работи за кратки временски периоди. Фабрика за кислород во целосен капацитет би вклучувала други, поголеми единици кои би овозможиле константна работа.
За сега се знае дека „Мокси“ може да произведува кислород во речиси секое време во од денот и годината на Марс, освен во зори и самрак.
Ако системот работи успешно и покрај постојаното вклучување и исклучување, тоа значи дека е возможно да се дизјанира систем што ќе работи непрекинато илјадници часови.
„За да ја поддржиме човечката мисија на Марс треба таму да однесеме многу работи од Земјата, како компјутери, вселенски одела и живеалишта, но кислород? Ако може истиот да се прави таму, тогаш сме многу понапред од целата игра“, изјавил професорот Хофман.
Утре во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп со почеток од 19:30 часот ќе биде отворена групната изложба „Убавината како хармонија и единство на противречностите“.
Изложбата е содржана од дела од деветмина сликари, односно Александар Џинго,
Атанас Атанасоски, Бојана А. Трпческа, Ванчо Кеков, Верче Николоска, Марија Светиева Ергас, Марјан Стојаноски, Филип Јовески и Христина Мазнеска. Куратор на изложбата е Викторија Димеска, историчар на уметност.
„Неопходноста од разгледување и редефинирање на различните сфаќања
за суштината и улогата на естетската категорија убавина во современата епоха
преку уметноста, како најсоодветна алатка за нејзино проучување, претставува
основен мотив за реализацијата на целиот проект“, пишува во описот на Димеска за изложбата.
Изложбата ќе биде отворена до 16 септември, а истата се реализира во поддршка на Министерството за култура.
Повеќе од 400 средношколци од пет градови од земјава кои беа дел од Проектот за граѓанско учество на УСАИД утврдија дека младите можат и треба да бидат вклучени во процесите на креирање политики, во борбата против корупцијата и во градењето на личниот интегритет.
Во склоп на завршниот настан на проектот што се одржа вчера, свое излагање имаше ученичката во четврта година, Анисија Угриновска, воедно и претседателка на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците – ОДАС. Угриновска го најави одржувањето на најголемиот и прв од овој вид средношколски настан, Националниот средношколски самит на кој средношколците од Северна Македонија заедно ќе донесат Декларација за решавање на средношколските прашања.
Во обраќањето, Угриновска порача: „Вие живеете во времето на нашата генерација, а нашата генерација живее во времето на вашите одлуки, па затоа бидете во чекор со генерацијата“.
„Низ разговорите коишто ги водевме со многу млади луѓе дојдовме до заеднички заклучок дека главен предуслов за решавањето на проблемот со корупција и за одржлив успех во борбата против истата сме ние, односно нашата отпорност на неетички и коруптивни практики“, рече Угриновска.
Националниот средношколски самит, предвиден да се одржи во октомври 2022 година, како што информираат од ОДАС ќе ги идентификува потребите на средношколците и ќе се стреми кон нивно решавање.
Со поетско читање во Даут пашиниот амам на кое учествуваа 18 поети од странство, вчера официјално заврши годинешното 61. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшките вечери на поезијата“
„Читањето започна со аудиозапис со гласот на годинешниот добитник на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, кој поради поодмината возраст не присуствува на фестивалот. Таникава ја изведе песната „Да посадиш дрво“, англискиот препев го прочита јапонскиот поет Јасухиро Јоцумото, а македонскиот препев го прочита Зоран Анчевски, кој воедно е препејувач на оваа песна“, информираат од фестивалот.
Зоран Анчевски е препејувач и на целокупниот избор песни на Таникава, застапени во објавената Монографија посветена на лауреатот на „Златниот венец“. Тој е годинешниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на СВП за неговата збирка „Збунети компаси“.
Оваа година, специјален гостин на фестивалот беше лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор. Поетот Ценд Ајуш Бујанзаја, годинава не беше присутен на фестивалот и поради тоа во негово име неговата песна ја прочита почесниот конзул на Монголија, Литов Намдагјанчивин.
Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Во рамки на фестивалот имаше и меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, а објавена беше и тематската антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја приреди македонскиот поет Владимир Мартиновски.
Со кино на точак, младински волонтеризам, изложби и тематски работилници за рециклирање, денеска (11 август) и утре (12 август) со почеток во 17 часот во Домот на култура „Билјана Беличнец“ во Кисела Вода започнува одбележувањето на Денот на младите.
Концептот е сместен во духот на младинското волонтирање и зелениот активизам што има за цел, како што се вели во соопштението, да ги поттикне младите и да даде простор за идеи, разговори и размислувања за создавање подобра и поодржлива иднина, велат организаторите на настанот, Волонтерски центар Скопје и здружението Гоу Грин.
„Преку разни работилници младите ќе можат да се дружат и да научат повеќе за Работилници како дизајнирање и креирање еко-торба, инструменти од рециклиран материјал, „Спасете ја планетата дома“, работилница за рециклирање, работилница за климатски промени околу 125 кг јаглеродна коцка, намалување на отпадот и правилен избор на отпад во секојдневните активности. Ќе има и видео-продукција со паметни телефони“, стои во најавата.
Организаторите информираат дека и двата дена ќе има изложба од млади уметници, како и фотоизложба за волонтеризам и еко-активизам. Покрај тоа, предвиден е и забавен дел што ќе биде покриен од млади бендови и артисти.
Утре, во склоп на програмата ќе има и кино на точак, каде ќе се прикажуваат филмови на тема волонтеризам и екоактивизам. Дел од кратките филмови ќе бидат од програмата на EU Youth Cinema: Green Deal.
Годинава Денот на млади се слави во Европската година на млади, па според најавата, младите ќе имаат можност преку инфо-точките на ЕУ и Националната агенција да се запознаат поблиску со програмите и активностите што ги нудат за млади.
Настанот се реализиран во поддршка на општина Кисела Вода, Националната агенција за образовни програми и мобилност и EU House Skopje.
Македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски со поетската збирка „Збунети компаси“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија што ја доделува организацијата на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.
По наградувањето на стихозбирката „Небесна пантомима“ во 2018 година, ова е втор пат Анчевски да ја добие оваа награда.
Збирката „Збунети компаси“, како што соопштуваат од фестивалот, беше оценета за најдобра меѓу двете фестивалски изданија од вкупно пристигнатите 39 наслови.
„Поетската книга „Збунети компаси“ (Или-Или, 2021) е зрело и интимно, во извесна смисла и исповедно поетско, односно автопоетичко огласување на Зоран Анчевски. Книгата е доследно изградена како суштествено лирски, поетски израз во рамновеесието на сензуалната доживелица на мигот и воедно мигот на медитативната сосредоточеност во наслушнувањето на душевните напливи. Лирскиот израз на Анчевски во оваа поетска книга се огласува од средиштето на длабоката вкотвеност во појавноста на светот што нѐ опкружува, среде нејзината мена, која е воедно и тежиште на јарболот на аксиолошката вертикала по која угоре заблазува и удолу, пред стрмоглавоста, зазира духот“, се вели во описот за одлуката на жирито.
Анчевски има објавено девет поетски збирки што се високо оценети и наградени со различни награди во земјата и во странство, а покрај тоа е автор и на голем број есеи, критички осврти, и студија од доменот на книжевната теорија. Избори од неговата поезија се преведени и објавени на над дваесет јазици во значајни странски списанија и антологии. Тој е член е на Друштвото на писатели на Македонија, бил двапати секретар на македонскиот ПЕН центар и е негов актуелен претседател.
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) остро го осудува физичкиот напад врз претседателот на „ЛГБТИ Јунајтед“ – Тетово, Беким Асани кој се случил во Струмица во понеделникот на 8 август.
Како што се наведува во реакцијата, според сведоштвото на Асани и неколку други сведоци, нападот се случил во центарот на Струмица, каде тој бил со волонтер(к)и од „ЛГБТИ Јунајтед“ на јавен настан за промоција на нивната организација. Според неговото кажување, Асани бил нападнат од возрасно машко лице кое прво му упатило закани и навредливи зборови, а потоа го нападнал, по што му се нанесени телесни повреди.
„Според информациите изнесени од Асани на Фејсбук, постојат докази за докажување на идентитетот на сторителот на делото. Дополнително, известува дека полицијата не дошла итно по нападот, иако за настанот биле известени навреме и од нив било побарано обезбедување – кое не го добиле. Дополнително, Асани информира дека во самата полициска станица каде што подоцна се упатил, бил мета на дискриминација и навреда од страна на вработените“, се вели во написот на активистите.
Во реакцијата стои дека Хелсиншкиот комитет за човекови права како членка на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, има испратено барање до СВР Струмица и се очекува проверка и санкции врз сторителот на делото, како и во институцијата интерно за третманот врз жртвата од страна на полицијата.
„Имајќи предвид дека кривичните дела од омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата ретко добиваат правен епилог, инсистираме на итно и темелно постапување од страна на органите на прогон и целосно расчистување на овој случај. Треба да се има предвид дека игнорирањето на говорот и делата од омраза кон ЛГБТИ лицата и неказнивоста на сторителите на овие дела води до продлабочување на недовербата во институциите, поради што многу вакви напади воопшто не се ни пријавуваат. Апелираме институциите еднакво да ги третираат сите граѓани во државата и да престанат да придонесуваат кон јакнење на дискриминацијата и насилството на кое се подложени сексуалните и родовите малцинства“, реагираат организациите за човекови права.
Второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ започнува на 29 август и истиот годинава ќе се одржува на две локации, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.
На поетските читања предвидени во програмата ќе учествуваат дваесетина поети од земјава и од странство.
Од организацијата информираат дека неофицијално програмата ќе започне со настанот за млади поети и поетеси – „Отскочна даска“. Читањето ќе се одржи во понеделник, на 29 август, со почеток во 20:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, на кое ќе настапат десетина млади поети и поетеси, а потоа самите учесници со гласање ќе одберат кој од нив ќе чита и на отворањето на фестивалот во официјалната програма.
Истиот ден ќе биде отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе можат да ја видат во „Буква“ за времетраењето на фестивалот.
Официјалното отворање на фестивалот ќе биде во вторник, на 30 август со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“, кој ќе се одржи Младинскиот културен центар со почеток од 20:00 часот.
„Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците“, стои во најавата.
На настанот ќе настапат поетите Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот млад поет/поетеса на настанот „Отскочна даска“.
Третиот ден, 31 август, го предвидува настанот „Интернационалната поетска вечер“ што исто така со почеток во 20 часот ќе се одржи во МКЦ и на него ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.
Скопскиот поетски фестивал ќе заврши во четврток (1 септември) во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе започне во 18:00 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади на тема „Урбана поезија“, на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата.
Истата вечер, во 21:00 часот ќе се одржи „Стиховно мапирање на Скопје“ – видеопроекција на 12 поетски филмови инспирирани од песни за Скопје.
„Филмовите ги снимија Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти (Србија) и Диме Данов, со инспирација од песни од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади“, се вели во соопштението за фестивалот.
Фестивалот се реализира во поддршка на Град Скопје, Младинскиот културен центар, кафе-книжарница „Буква“ и винарница „Стоби“.
Сајбер вознемирувањето сѐ уште е “во сенка”, бидејќи е дигитално и често невоочливо. Не знаејќи како да го адресираме, истото многу често и лесно прераснува во сајбер насилство и добива пост-трауматски размери.
Со овие зборови, психологот и европски акредитиран психотерапевт во „Психотерапика“, Радмила Живановиќ ја дава дефиницијата за процесот на онлајн вознемирување, како една од составните причини за нарушување на менталното здравје кај младите во земјава.
Влијание на сајбер вознемирувањето врз младите во сајбер светот „што не е реален“
Тргнувајќи од својот индивидуален карактер, зависно од индивидуалниот профил на младиот човек во реалниот и виртуелниот свет, вознемирувањето што се пројавува онлајн има различно влијание врз различни индивидуи.
„Кај некој одредено изложување несоодветно на интернет не предизвикува такво вознемирување како кај друг млад човек. Од друга страна сајбер вознемирувањето може и не мора да има основа во реалноста на младиот човек. Од една страна може да го интензивира вознемирувањето кое веќе постои, од друга страна за оние кои не се толку спремни да вознемируваат во физички сетинг, интернетот го наоѓаат како соодветен медиум за вознемирување“, посочува психотерапевтот Живановиќ.
Социјалните медиуми, просторот каде денес младите го поминуваат најголемиот дел од своето време, дозволува можности за создавање на навредлива содржина што понекогаш може да биде упатена од едно кон друго лице со цел да нанесе повреда.
Иако е поставена на Интернет каде со еден клик истата практично и не постои, како што вели Живановиќ, ваквата содржина ја одразува, катализира и сублимира реалноста во која младите живеат.
Освен намерното креирање на навредлива содржина, честопати во дигиталниот свет се случува да се појави и содржина што припаѓа на трето лице, а притоа е објавена без дозвола од некој друг, како и споделување податоци меѓу одредени луѓе на сметка на шега на некој друг, што исто така се смета за форма на онлајн вознемирување.
„Шегата или вистинската навреда лежи во намерата на оној кој ја креира. Од друга страна каков ефект ќе има на нас, зависи од нашата сензитивност, чувството на компетентност, искуство, сила и поддршка да го адресираме она што можеби некогаш нѐ забавува, а некогаш вознемирува. Многу е значајно да размислиме и за другиот кога упатуваме одредени информации преку мрежата, потребно е понекогаш да бараме дозвола, и да проверуваме, па и да бараме дозвола за да артикулираме одредени аспекти кои не се наши, туку се однесуваат на другиот“, вели Живановиќ.
Превентивни мерки пред и доверба на младите каде да се обратат по искуство со онлајн претрпено насилство
Според психологот Живановиќ, најпрво, секој млад човек треба да ја пријави вознемирувачката содржина кај некој на кој му верува. Особено е важно да не наиде на осуда кај луѓето на кои ќе одлучи да им се довери.
Сепак, пред воопшто да се размислува за барање помош, Живановиќ смета дека претходно треба да се знае да се разликува ситуација која младите може да ја решат сами и ситуација во која е потребен возрасен од доверба.
Таа посочува дека сите млади се разликуваат и поради тоа некој млад човек знае како да го адресира и кому да се обрати за заштита кога ќе се случи, додека другите не го знаат тоа, или како што вели, чувствуваат одреден срам од самите себе, затоа што се „вознемириле“ од нешто што како навидум „се случува на сите“.
„Потребни се програми за едукација на младите за стекнување на вештини за препознавање и адекватно адресирање на сајбер вознемирувањето. Исто, потребни се програми за превенција и намалување на самото вознемирување, како и креирање на механизми за решавање и адресирање на пријавените случаи“, укажува психологот.
Принтскрин од разговор од поранешната група „Јавна соба“ / фотографијата е од јануари 2020 година
Системот во кој најчесто живеат младите, Живановиќ го поставува како колектив во кој меѓу врсниците постојат одредени норми и правила што овозможува вмрежување. Според неа, ваквата мрежа треба постојано да се јакне кон оформување став за поддршка во одговор на сајбер вознемирувањето.
„Не постои интерперсоналност во решавање на одредени прашања, туку се поминува низ филтерот на колективното или мнозинското одобрување и неодобрување“, вели Живановиќ и додава дека интернетот ја нема моќта да ја утврди намерата на онлајн содржините, па утврдувањето останува на колективот на млади.
„И да постои сајбер вознемирување, онлајн колективот на млади најчесто утврдува дека не постои затоа што во спротивно би се нарушила наводната „сигурност“ во колективот (тој претендира да одржи совршена форма), а младиот би останал со чувство дека треба да си замине наместо колективот да се менува“, објаснува таа.
Анализа спроведена од страна на „Младите можат“ за пристапот на средношколците до услугите за ментално здравје, во која учествувале 51 средношколци, покажува дека најголем дел или 35 отсто од машките и женските доколку се сомневаат за нарушување на нивното ментално здравје би се обратиле кај родител, додека најмал е процентот кај оние што се изјасниле дека би побарале професионална помош, само 2 отсто.
Во истата анализа, резултатите наведуваат дека од сите институции каде се нуди професионална помош, најмалку од средношколците би се обратиле кај училишниот психолог, само 7 отсто од нив.
Психотерапевтката Живановиќ смета дека ова донекаде е и очекувана пракса што се должи на презафатеноста на стручните служби со други работи, што остава многу малку време да се посветат на прашањата поврзани со менталното здравје кај младите или сајбер вознемирувањето како дел од причините за нарушување на истото.
„Значи како и секогаш, многу малку стручните служби имаат работно време да посветат на вака значајни прашања, и тоа не е поради нив самите, туку и поради условеноста од системот. За да работиш со вакви прашања, потребно е соодветно искуство и едукација во советување на деца во однос на вакви трауматски доживувања“, поентира Живановиќ.
Женската популација е поголема мета на сајбер вознемирување од машката
Случајот „Јавна соба“ е вид на показател дека навистина девојчињата се поголема мета на сајбер насилството од момчињата.
Истражувањето на „Младите можат“ покажува уште еден податок во кој се забележува дека 37 отсто од анкетираните женски лица при сомнеж за нарушување на менталното здравје би побарале професионална помош без знаење на нивните родители, наспроти 28 отсто од машките кои би го сториле истото.
„Сѐ почесто сведочам за млади кои сакаат да ги „заштитат“ своите родители од своите болки, затоа што возрасните во нашето општество исто многу страдаат, и не им е потребно уште ова. Срамот дефинитивно е голем, но тој срам е растен со години за слични вакви прашања“, вели Живановиќ.
Од изложбата „Метаморфозис – Од хаос до уметност“ инспирирана од социјалниот притисок со кој се соочуваат младите денес, од студентите на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот во Тетово / Фото: Мета.мк
Таа, според своето искуство како долгогодишен психолог, смета дека младите сакаат да зборуваат и да работат на сите теми кои се од нивно значење. Важно е да се теми кои ги имаат во искуството. Зборувањето, како што посочува, вмрежувањето и активирањето околу одредени теми, силно придонесува до нивно осамостојување и зајакнување.
Сепак, според неа за да се разговара со нив на теми како што се сајбер вознемирувањето, насилството и траумата потребно е родителот да има вештини и капацитет да го преработи сѐ она што детето е спремно да го каже без притоа да се демонизира настанот, или пак да го обвини за споделувањето на неговото патење.
„Честопати младите се сомневаат во капацитетите на родителите да успеат да направат било што за да го заштитат своето дете. Помислете само колку пати сме ја слушнале реченицата „за жал ништо не може да се направи“ или „џабе е сè сега, откако се случило нема што да се направи“, забележува таа.
Живановиќ додава дека и момчињата, особено младите кои припаѓаат на одредено етничко или родово малцинство подеднакво подлежат на сајбер вознемирување.
Кај нас иако беше поднесена иницијатива за менување на Кривичниот законик и вметнување на процесот онлајн демнење во него како кривично дело и истите поминаа во Владата, тие сѐ уште не се разгледани и усвоени во Собранието.
Пораките и останатите онлајн содржини со навреди што честопати имаат удел во нарушувањето на менталното здравје се вид на дигитален отпечаток, но сепак тие сѐ уште законски не може да се сметаат како доказен материјал за извршено сајбер насилство.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на службеници од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на „Комунална хигиена – Скопје“ кои, како што се вели во соопштението, денеска сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја.
„Според колегите, овој скандалозен настан се случил денеска во просториите на ова јавно претпријатие во Скопје. Во овој инцидент службеничка која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на колегата Салиу му го одзела телефонот и одбивала да го врати. Истовремено, тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на „Комунална хигиена – Скопје“, против волја на двајцата новинари ги задржале во просториите на оваа институција и истите биле ослободени дури откако пристигнале припадници на МВР, кои дошле набргу по претходна пријава од новинарот Тахири“, стои во реакцијата.
Од ЗНМ реагираат дека инцидентот претставува тешка повреда на правата на новинарите и попречување во нивната работа како и правото на слободно движење.
„Колегите Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавност за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и истите имале обврска да одговорат на новинарските прашања, а не да ја одземаат нивната опрема како и незаконски да ги држат против нивната волја во просториите на јавното претпријатие“, се наведува во реакцијата.
ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи веднаш да го истражи овој случај и да ја извести јавноста за оваа недозволива постапка кон новинарите од страна на службениците на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“.
Освен ова, во барањето се посочува и на ново назначената директорка на оваа институција, Косана Мазнева итно да ја испита постапката на вработените и да покрене дисциплински мерки во рамки на своите законски надлежности.
Поминаа речиси две години од имплементирањето на проектот „Активација на ранливите групи на пазарот на трудот“, и оттогаш до денес, согласно податоците од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ), изработени се 3.075 индивидуални планови за активација на граѓани.
Проектот го спроведува Агенцијата за вработување во соработка со центрите за социјална работа и центрите за вработување во општините на ниво на РСМ.
Изготвувањето на индивидуален план е првиот чекор што центрите и Агенцијата го прават за да отворат процес и пристапат до лице – корисник на гарантирана минимална помош (ГМП), што подоцна ги предвидува активностите што треба да се преземат, со цел лицето побрзо да се интегрира на пазарот на трудот.
Во периодот кога почнал да се имплементира овој проект, во септември 2019 година, според податоците од Државниот завод за статистика, во земјава имало 13.361 невработени и 47.434 неактивни граѓани корисници на социјални бенефиции / социјална помош. Бројот во следните две години значително расте, а во 2020 и двојно се зголемува бројот на невработени лица приматели на социјална помош, по што во 2021 година имало 26.964 невработени и 52.445 неактивни лица од оваа категорија.
Според Агенцијата за вработување, во двегодишниот период од започнување на програмата биле активирани 1.400 лица, поделени во двете програми преку кои се спроведува проектот. Односно, 1.108 лица биле дел од Програмата за Советување и Менторство, а 329 биле вклучени во активните програми и мерки за вработување, како што се субвенционирање на плати, обуки за занимања за кои има побарувачка на пазарот на трудот и практиканство.
Од АВРСМ велат дека Програмата за советување и менторство има за цел да ги мотивира лицата корисници на гарантирана минимална помош, и преку советување, поттикнување и поддршка, започнувајќи со процесот на активација, да придонесе за нивно полесно вклучување на пазарот на трудот.
Оттаму, слабата заинтересираност и минималната опфатеност ја препишуваат и на ковид-19 пандемијата, но тврдат дека постојано се работи на изнаоѓање нови начини како да ги привлечат граѓаните да пристапат кон услугите што ги нуди проектот.
„Така на пример се овозможи електронска размена на податоци помеѓу центрите за социјална работа и центрите за вработување. Потоа во 2021 година, АВРСМ го надгради својот систем, кој веќе во 2022 година овозможи електронско аплицирање на лицата, на работодавачите и на спроведувачите на обуки и услуги, за учество во дел од активните програми и мерки, и услугите за вработување“, велат од Агенцијата за вработување.
Во однос на прашањето за работата и соработката со центрите, од АВРСМ посочуваат дека секој од центрите има на располагање различни капацитети, но како што велат, секогаш има можност за подобрување и тоа е нивната мисија во понатамошниот период.
Проектот во следниот период, како што посочуваат од Агенцијата ќе се фокусира кон спроведување обуки за вработените во центрите за социјална работа и центрите за вработување.
„Што се однесува до актуелизацијата или промоцијата на Проектот, односно можностите за образование, обука и вработување, кои истиот ги нуди, мораме да внимаваме не само на позитивните ефекти од спроведување на активните програми и мерки, туку и на негативните ефекти кои може да се појават, а кога станува збор за оваа целна група тоа е ефектот на стигматизација“, забележуваат од Агенцијата.
Податоците што АВРСМ ги достави до Мета.мк укажуваат дека од 1.108 лица опфатени во Програмата за советување и менторство, околу 32%, односно, како што наведуваат, повеќе од 350 лица, биле вклучени во некоја од активните програми и мерки за вработување или се вработиле.
„Сепак, овие бројки засега се сé уште мали за да можеме да извлечеме генерални заклучоци“, посочуваат од Агенцијата и на тоа додаваат дека проектот понатаму предвидува и извршување проценка за влијанието на услугите што ги нуди со цел да се утврди нивото на успешност.
Агенцијата за вработување објаснува дека постојано се води евиденција за бројот на невработени лица. Оттаму апелираат дека согласно новиот Закон за социјална заштита секое лице што е работоспособно треба месечно и редовно да се пријавува како невработено – активен барател на работа со цел да се има поголем увид на бројот на невработени и да се работи кон унапредување на пристапот кон нив за нивно побрзо интегрирање на пазарот на трудот.
До крајот на 2021 година, на територијата на Република Северна Македонија активно дејствувале 33 клубови за млади од Црвениот Крст на РСМ, чиј вкупен број е 1.910 млади волонтери.
Црвениот крст на Република Северна Македонија како една од стратешките организации за активно ширење на мисијата за волонтирање на младите, ги организира Клубовите за млади, во кои во моментов има вкупно 4.142 членови.
„Согласно актуелните состојби во Клубовите на млади нашата волонтерска база мобилизира млади на возраст од 15 до 27 години. Од друга страна пак согласно политиките и нормативата за млади, член на Клуб на млади може да биде секое лице на возраст од 15 до 29 години“, посочуваат од Црвен крст.
Освен преку Црвениот крст, волонтерството во земјава најчесто се промовира преку младинските организации за активизам, што како дел од неформалниот образовен систем, ангажираат и едуцираат илјадници млади луѓе од сите краеви.
Сепак, во помалите младински организации бројките се значително помали во однос на Црвениот крст, а како една од причините за тоа, организациите ја наведуваат слабата соработка со локалната власт.
Еден пример е младинската организација „Младите можат“, која веќе 13 години охрабрува, мотивира и доследно се држи до мисијата дека младите луѓе можат самостојно или здружено да учествуваат и влијаат во позитивните промени и развојот во општеството.
„Интересот за волонтирање се менува од година во година. Така на пример пред 5 години не се реализираа толку активности, а бројот на заинтересирани млади беше огромен. Политиките кои го промовираат волонтерството треба да се најдат високо на агендата на локалните власти. Сметаме дека тоа е клучниот чекор кон популаризирање на волонтерството“, велат од „Младите можат“.
Од организацијата нагласуваат дека само мал број од општините низ државата имаат спроведено истражување на терен со цел да го увидат интересот на младите за волонтирање и граѓански активизам, што како што велат, треба да се промени.
Според нив, волонтерството како позитивна алатка во општеството бара развој на атмосфера на вклученост, соработка и споделена одговорност.
„Волонтирањето ги учи младите на тимска работа и им овозможува преку решавање на вистински предизвици да ги развиваат нивните капацитети и вештини за решавање на проблеми“, велат оттаму.
Средношколците како најактивни волонтери, организациите со постојани напори за популаризирање на волонтерскиот процес
За „Младите можат“ очекувана е ситуацијата дека најголем дел од младите што волонтираат се средношколци, бидејќи, како што велат, со такви можности не се стекнуваат во формалното образование.
„Најчесто волонтираат средношколци на возраст од 15 до 19 години. За време на средношколските денови, младите сакаат да спознаваат нови работи, а волонтерството им звучи многу непознато и сакаат да го истражат“, велат од „Младите можат“.
Заклучно со јули 2022 година, во оваа организација активно волонтираат 80 млади луѓе, а интересот е најголем за волонтирање на фестивали, конференции, меѓународни настани и саеми за граѓански организации.
Според „Младите можат“, младите сакаат да волонтираат на настани на кои освен волонтерско искуство, ќе можат да се стекнат со дополнителни вештини.
Со сличен став се и од Центарот за младински активизам Крик (ЦМА Крик), кои во својата децениска работа нудат специјални школи што вклучуваат работилници за меки вештини за млади со и без попреченост.
„Најчесто се вклучуваат студенти, но исто така сѐ повеќе се интересираат и средношколци од Скопје“, велат од ЦМА Крик.
ЦМА Крик како начин волонтерството да стане што попривлечно за младите, имплементира програми поврзани со темата за инклузија. Бројот на волонтери за повиците на овие програми, како што велат се зголемил, што директно води кон покачување на свеста кај младите.
„Поради темата на инклузија, најголем интерес за волонтирање има од студенти на специјална едукација и рехабилитација, социјална работа и психологија, но секако не се исклучени и другите млади кои активно се вклучуваат во активностите“, велат од ЦМА Крик.
ЦМА Крик нуди можност и за волонтирање во странство, и тоа за лица со и без попреченост, и како што велат оттаму, иако годишно се пријавуваат до 30 луѓе, ваквите можности дополнително ги мотивираат младите да се интересираат за волонтерската работа.
„Младите луѓе сè повеќе го препознаваат волонтирањето, не само како можност да се учествува, туку и како можност за учење и стекнување искуство“, забележуваат од ЦМА Крик.
Во моментов, ЦМА Крик има отворени меѓународни повици за волонтирање во странство, а повеќе информации за тоа може да се најдат тука.
Здравото и функционално општество во ниту една земја во светот не ги изоставува младите луѓе, а волонтерството е една од појдовните точки кон патот за нивна поголема вклученост во истото.
Примерите од неколкуте младински организации покажуваат дека во Македонија има свесно развиена младина, која што од година в година е сè поподготвена да ја заземе одговорноста за активно инволвирање во носечките одлуки што се значајни за иднината на земјава.
Ветеринарството е можеби една од најнепопуларните струки за младите во Република Северна Македонија. Во 2019 година на Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола дипломирале вкупно 19 студенти, а следната 2020 година бројот бележи пад на само 5 апсолвенти.
Нешто повисока е бројката на дипломирани студенти на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде и во 2019 и 2020 година дипломирале по 13 студенти.
Покрај тоа што интересот за ветеринарна медицина е особено низок, во Македонија е низок трендот и на ветеринари што имаат специјализација во одредена област.
Како што објаснува докторот по ветеринарна медицина, Борис Ѓеровски при Ветеринарната Амбуланта „Грин Стрит“, секој лиценциран ветеринар може да работи во која област најмногу се пронаоѓа, но за одредени болести потребна е специјализација.
„Не мора да се има специјализација за хирургија да работиш хирургија, или специјализација за егзотични животни за да се бавиш со нив. Специјализацијата е само процес на дополнително обучување за одредена гранка во ветеринарната медицина. Сепак, во Македонија има општ дефицит на ветеринари“, вели д-р Ѓеровски.
Ветеринарите може да помогнат кога се работи за болести на животните, но во случај кога се јавува специфична болест кај некое животно, не секогаш знаењето на лиценцираниот ветеринар може да биде од помош.
Таков е случајот со папагалчето од видот Розенколис или познато и како „Љубовна птица“ што боледуваше од болест што предизвикува напади, но како што вели Ема Симоска која го чуваше како свој миленик, конкретниот назив на болеста ниту начинот на кој може да се излекува истата не ѝ е познат, бидејќи немало кој да ја упати во правилна насока со цел да го спаси животот на својот миленик.
„Кога прв пат ги забележав нападите многу се потресов бидејќи претходно немав слушнато ништо во врска со такви напади кај птици. Помислив дека можеби е еднаш и нема да се повтори, но за жал не беше така, се повторуваше сѐ почесто и почесто. Веднаш се обратив кај ветеринар, а потоа и кај друг. Кај неколкуте што се јавив не знаеја ништо во врска со птици“, раскажува Симоска.
Таа објаснува дека само еден ветеринар ѝ препорачал одредени витамини и антибиотик, но ниту тој ниту другите што ги контактирала не знаеле да препорачаат некој друг што работи со посложени компликации кај егзотични животни.
Истото го потврдува и д-р Ѓеровски, кој вели дека во Македонија иако има ветеринари што негуваат егзотични животни, нема ниту еден што има специјализација во таа област што во овој случај било единствено решение.
„Сметам дека е важно да имаме ветеринари што ќе имаат знаење и опрема за третирање на егзотични животни затоа што многу луѓе во земјава одбираат да ги одгледуваат како домашни миленици. Сепак, ако дојде до некаков проблем со нивната состојба не постои начин да се реши истата, освен преку ветеринар што има специјализирано во таа насока, што за жал кај нас не е опција“, забележува Симоска.
Според она што можеле да ѝ го кажат другите ветеринари, веројатно дошло до компликација предизвикана од претходно невнимателно извршено вкрстување на папагали.
„Ме револтира тоа што луѓето кои ги одгледуваат конкретно папагалите пред да ги купиме во продавница воопшто не внимаваат на кој начин го вршат вкрстувањето и така се добиваат младенчиња преку инцестуозна врска и тука се јавуваат проблеми“, вели Симоска.
Сепак, според неа, најважно е да има ветеринар што е специјалист во областа, бидејќи како што вели, на оној што го одгледува миленикот во вакви ситуации не му преостанува ништо друго, освен да го гледа додека се мачи и на крајот умира.
Д-р Ѓеровски посочува дека причината зошто немаме голем број на ветеринарни специјалисти во Македонија е големината на пазарот.
„Цената за специјализација во странство е висока и споредбено со бенефитот не е оправдана. Нема доволно хирурзи и нема доволно интернисти. Но, има добри изгледи сето тоа да се промени бидејќи културата на грижа за милениците кај нас драстично се менува на подобро“, вели тој.
Освен недостигот на ветеринари што се стручни во одредена област за животни што луѓето во земјава ги земаат за домашни миленици, Ѓеровски објаснува дека во Македонија има низок процент на интерес за вакцинација на домашните миленици.
„Поради нискиот процент, Македонија е далеку од искоренување на одредени инфективни болести кај милениците. Важен дел од превентативната медицина кај милениците, покрај вакцинацијата, е и третманот против паразити. Секоја мачка и куче мора, како што се вели народски, да се прочистува од паразити до крајот на животот. Наспроти популарното мислење дека оние миленици кои живеат исклучиво внатре не се изложени на инфестации, реалноста е поинаква“, поентира Ѓеровски.
Тој апелира дека редовното третирање на животните против надворешни и внатрешни паразити е задолжително, а редовното миење на рацете по контакт со животни и правилното постапување со нивните екскрети е најдобра заштита за луѓето.
Д-р Ѓеровски укажува дека иако е сѐ уште ниска, свеста кај луѓето во однос на имунизацијата почнува да се издигнува или, како што вели тој, се забележува нагорен тренд на вакцинација.
Тој се надева дека ветеринарството како професија ќе се унапреди по популарност кај младите, бидејќи како што вели, младите сѐ повеќе се интересираат за мала пракса – пракса со домашни миленици, а според него интересно е што сѐ повеќе од студентите што ја избираат оваа насока се од женскиот пол, што ги надминува стереотипите дека ветеринарството е машка професија.
Во пресрет на Скопскиот поетски фестивал (СПФ) што годинава по втор пат ќе се одржи од 29 август до 1 септември во Младинскиот културен центар, организаторите најавуваат и натпреварувачки настан во поетско читање.
„Отскочна даска“ е поетско читање што ќе ги собере сите млади, надежни, познати или помалку познати поети и поетеси од домашната книжевна сцена, се наведува во најавата за настанот.
Како предвесник на претстојниот Скопски поетски фестивал, настанот со натпреварувачки карактер е наменет за поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години.
Организаторите соопштуваат дека победникот ќе се претстави на отворањето на фестивалот.
„Ние ќе ги избереме учесниците, а тие ќе си го одберат победникот што ќе отскокне до отворањето на второто издание на СПФ, на 30 септември во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и ќе чита заедно со другите учесници на фестивалот“, велат од таму.
Сите заинтересирани што го исполнуваат критериумот за возраст, најдоцна до 10 август треба да испратат две нивни песни на е-адресата:[email protected].
Во најавата пишува дека имињата на одбраните натпреварувачи ќе бидат објавени на официјалните Фејсбук и Инстаграм страници на фестивалот, а читањето ќе се одржи во кафе книжарницата „Буква“ на 29 август, со почеток од 20 часот.
Фестивалот е во поддршка од Град Скопје, кафе-книжарница „Буква“ и Младинскиот културен центар-Скопје.
Под мотото „Диши длабоко и погледни кон небото. Си замисли желба? Се гледаме на Галичник!“, денеска (3 август) официјално започнува третото издание на фестивалот за краток филм Галичник Филм Фестивал.
Организаторите најавуваат филмови што доаѓаат директно од селекциите на Cannes Film Festival, Oscars, Sundance, IDFA, Toronto International Film Festival и Locarno Film Festival.
Официјалната селекција на третото издание, како и претходните две, е составена од 20 краткометражни филмови сместени во категориите: играни, документарни и анимирани кратки филмови.
Во рамките на фестивалот ќе биде организирана и „Екс – ЈУ“ работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски.
Како музичка програма на фестивалот, најавени се Ѓорѓи Шаревски и Јане Трајковски на 5 август, DJ Гоце Саф на 6 август и DJ Зоки Бејбе на 7 август.
Во жирито на фестивалот се актерот Никола Ристановски, режисерката и сценаристка Елеонора Вениновa и режисерот Георги М. Унковски.
Фестивалот го организираат Дарма Филм и Месна заедница Галичник, а е во поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
„Коњичкиот спорт е единствениот во светот каде не постои машка и женска конкуренција одделно, туку сите се натпреваруваат заедно во зависност од возрасната граница. Притоа, е спорт што нѐ учи дека треба да коегзистираме заедно со животното, тоа може да донесе одлука којашто не е секогаш во согласност со нашите барања, и нашиот перформанс денес колку што зависи од мене, зависи и од него“, раскажува Љупка Аврамовиќ, која што неодамна како национален претставник освои прво место на тридневен натпревар организиран од Светската коњичка федерација во Бугарија.
Аврамовиќ е сопственик на коњичкиот клуб „Бравадос“ основан во 2018 година, каде што Мета.мк при неодамнешната посета кон крајот на јуни годинава, имаше можност да биде дел од државното првенство во трето коло прескокнување пречки, организирано од страна на Федерацијата на коњички спортови на Република Северна Македонија.
Непосредно пред почетокот на натпреварот, односно неколку мигови пред да се качи на коњ подготвена да прескокнува пречки во висина од 1,05 метри, Аврамовиќ нѐ прошета низ „Бравадос“, ранч-рајот за коњи.
„Јавам од најмала возраст, уште од седум години. Поседувањето коњ значи целото слободно време да му се посвети на коњот и јавањето. Во клубот си имаме интерна шега, дека коњите ни го земаат сето слободно време, но тоа е всушност вистина. Се работи за многу здрава и убава опсесија и сепак мислам дека сѐ си доаѓа со време“, објаснува вљубеничката во коњи.
Аврамовиќ досега зема учество во повеќе меѓународни натпреварувања каде ја претставувала земјава, а последната победа ја носи од меѓународниот турнир во Бугарија којшто традиционално се одржува секога година. Заедно со грлото „Колпо Гросо“ во категоријата Бронзена тура, Аврамовиќ зеде прво место во височина на пречките од 1,1 до 1,2 метри.
„Во Бугарија два пати гласно одекна македонската химна, еднаш за мојата победа и претходно за победата на Самир Реџепи со кого секојдневно јаваме заедно и кој успеа да победи во категоријата Сребрена тура, со височина на пречките од 1,25 до 1,35 метар“, раскажува Аврамовиќ.
Како што објаснува таа, зголемувањето на висина од 5 сантиметри има особено значење за јавачите што се натпреваруваат во коњичката дисциплина прескокнување пречки.
Третото коло претставува значаен натпревар, каде учесниците скокаа на 105 сантиметри висина. Од нив, првото место го освои младиот Петар Милошевски со грлото „Надја“, кој прв влезе меѓу поставените пречки.
„Денес заедно со „Надја“ победивме, прескокнавме 105 центиметри. Надја има 9 години и таа е девојка, се надевам дека заедно ќе имаме уште многу успеси“, вели тој.
Младеновски има седумнаесет години, а љубовта кон јавањето е поврзана со неговото семејство, уште од мал се качил на коњ и полека се привикнува на потребната рутина за нега и љубов што ова животно ја бара.
„Јавањето е одлично, ме смирува кога и да сум нервозен. Коњот го чувствува тоа, но потоа заедно се смируваме. Сепак, бара многу нега и работа. Вообичаено доаѓам тука околу пет часот попладне и си одам околу десет навечер, бидејќи мора, тоа е дел од процесот. Пред да јавам треба да ја исчистам, да ѝ ги средам копитата, јавањето трае најмногу еден час и потоа повторно чистење“, раскажува Младеновски кој пред „Надја“ имал друг коњ, со кого се натпреварувал на позначајни меѓународни натпревари и за кого сѐ уште се грижи.
Според Љупка и Петар, јавањето е зависен спорт од кој никој не сака да се откаже, независно од тоа кога ќе започне да се бави со него.
„Идеалната возраст за дете да почне да се натпреварува е 9 до 10 години, но ова е спорт погоден за луѓе од 7 до 77 години. Во последно време луѓето учат дека во Македонија постои овој спорт и дека е доста популарен. Ние имаме добар тренер и добро обучени коњи во школата за јавање, а во последниот период се забележува сè поголем интерес за школата“, посочува Аврамовиќ.
Во Македонија во моментов има две натпреварувачки дисциплини, прескокнување пречки и дресура, додека во Европа, како што вели Љупка, популарни се и јавањето во далечина и коњички трки. Јавањето во далечина се одвива во природа со природни пречки, а од „Бравадос“ се надеваат дека наскоро во земјава ќе се воведе и оваа дисциплина.