fbpx

Атина предупредува: Границата нема да се отвори, бегалците да останат во камповите

-

Грција треба да се подготви за десетици илјади бегалци. Ова предупредување до целиот грчки народ, организации и институции го упати денеска министерот за миграција, Јанис Музалас, истакнувајќи дека целото грчко општество ќе мора да ја подели тежината и одговорноста за оваа ситуација.

– Преминот кај Идомени нема да се отвори – истакна Музалас.

Тој забележа дека грчката влада секојдневно работи на ситуацијата, се градат и се отвораат нови прифатни центри и се вработуваат нови луѓе кои би им помогнале на бегалците.

Според него, неопходно е да се најде начин бегалците што одат кон Идомени да бидат информирани дека преминот е затворен, за полека да почнат да се откажуваат од идејата за чекање во тамошниот камп и да се согласат привремено да бидат згрижени во подобри услови во прифатните центри, каде хигиената, храната и медицинската грижа се на подобро ниво.

Во кампот, каде условите се алармантни и сите волонтерски организации предупредуваат дека може да дојде до несакана епидемија и до развој на болести, и понатаму се заглавени повеќе од 13.000 бегалци. Секојдневно, пеш или со автобуси, во кампот пристигаат уште 1.000 до 2.000 бегалци директно од Атина или од некој од прифатните центри околу Солун.

Весникот „Катимерини“ излезе со најава дека постои можност американскиот заменик државен секретар, Викторија Нуланд, да дојде в четврток во посета на Идомени, за директно да увиди каква е ситуацијата во бегалскиот камп кој секојдневно неконтролирано се зголемува. Капацитетот на кампот е 2.000 бегалци, а самиот факт што во него има повеќе од 13.000 луѓе покажува колку е сериозна ситуацијата.

Европскиот комесар за миграција, Димитрис Аврамопулос, на конференција за бегалците во Атина истакна дека се очекува до крајот на март во Грција да влезат уште 100.000 луѓе. Според извештајот на Аврамопулос за бројките на бегалците кои се примени во ЕУ изминатиов период, 57 отсто од бегалците се деца.

Во Грција со неизвесност се очекува утрешнот самит на ЕУ во Брисел, на кој ќе се договараат идните европски чекори за бегалската криза, односно како европските земји ќе се справат со бегалците што чекаат да ја напуштат Грција.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во Брисел ќе настапи со став дека државата не може да прими и да смести повеќе од 50.000 бегалци и со барање да се активира договорот со Турција и планот за реалокација на бегалците.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...