Со формирањето на Агенцијата за квалитет во високото образование ќе се стави ред во оваа област, затоа што одлуките ќе ги носат универзитетски професори, изјави за „Мета“ Петар Атанасов, заменик-министерот за образование и наука, по вчерашната владина одлука за формирање на ова ново тело.

Двата органи кои ќе бидат во состав на Агенцијата – Oдборот за акредитација и Oдборот за евалуација на високото образование, ќе имаат по 15 членови – универзитетски професори, претставници на МАНУ, претставници на Организацијата на работодавачи и студенти .

– Ќе бидат сериозно добро структуирани и нема да може вината за одлуките да ја префрлаат на политичарите, туку одговорноста ќе прејде во нивни раце. Ова е најсериозното тело што може да се направи, бидејќи членови ќе бидат професори, секој од нив доволно стручен во својата област за да си го работи својот дел и тие ќе гарантираат квалитет во работењето. Сериозно ќе се следи квалитетот во високото образование – уверува Атанасов.

Засега не се знае кој ќе раководи со Агенцијата за високо образование. Таа ќе има надлежност да дава и одзема акредитации за работа на државните и на приватните универзитети во државата. Ќе има ингеренции да утврдува дали со проектот за основање на високообразовна установа и поднесената документација се исполнети условите за вршење на високообразовна дејност. Агенцијата ќе носи решенија за акредитација за основање на самостојна приватна или приватно-јавна високообразовна установа. Ќе утврдува исполнетост на условите за организирање на студии за нови студиски програми на високообразовната установа и го утврдува капацитетот за студирање на високообразовната установа, а потоа постојано ќе следи дали се исполнуваат барањата и ќе има овластување да одзема акредитации.