Трендот на паметни телефони со супер камера го почна „Нокиа“ со легендарниот „пјур вју“ (PureView) со 41-мегапикселна камера, па оттогаш ретко кој освен „Самсунг“ се обиде да лансира сличен паметен телефон, објави интернет-порталот „Телефони“. „Асус“ планира да го промени тоа со новиот „зенфон зум“ (ZenFone Zoom), кој има 13-мегапикселна камера „пикселмастер“ (PixelMaster) со трикратен оптички зум и со моќна апаратура.
Главната камера на „асус зенфон зум“ има оптичка стабилизација на сликата, ласерски фокус, блиц со две светла со различен тон за реално тонирање, леќа со 10 елементи и апаратура f/2.0. Предната камера, исто така, е квалитетна со 5 мегапиксели и со широк агол на сликање.
„Асус зенфон зум“ е атрактивен паметен телефон, со квалитетен хардвер составен од 64-битен процесор „интел атом“, батерија со капацитет од 3.000 милиампер-часови, додека дисплејот IPS LCD има големина од 5.5 инчи со целосна високодефинирана резолуција. Димензиите на „асус зенфон зум“ се прилично компактни, со 158.9 x 78.84 x 11.95 mm, а цената е поставена на 399 долари.