Асоцијацијата на архитекти и АД „Пошта“ заеднички ќе работат на враќање на Шалтер Салата во полн сјај

Извор на фотографија: ААМ

Како резултат на повикот на Управата на АД „Пошта на С.Македонија“ за вклучување на стручната јавност во општествена акција за обновување и повторно заживување на зградата на Централна пошта во Скопје и прифатената иницијатива од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), денеска беше реализирана средба помеѓу Јани Макрадули, директор на А.Д. „Пошта на С.Македонија“, Мишко Ралев, претседател на ААМ и Александар Радевски, потпретседател на ААМ.

При обиколката на оштетената Шалтер Сала, беше договорено воспоставување долгорочна стручна соработка помеѓу ААМ и АД „Пошта на С.Македонија“, во процесите на дефинирање на статусот и третманот на Шалтер Салата во рамки на зградата на Централната Пошта во Скопје.

ААМ, која според Статутот, може и има право на „Учество во стручни и јавни расправи, давање експертизи и рецензии за проекти од областа на архитектурата, урбанизмот, просторното планирање, културата и културното наследство“, стои зад иницијативата на А.Д. „Пошта на С.Македонија“ во правец и со идеа трајно да се реши статусот на Шалтер Салата во рамки на зградата Централната Пошта во Скопје.

Како што се наведува во соопштението на ААМ, за Асоцијацијата овој објект има огромно архитектонско, историско и урбано значење за Градот Скопје и државата. Од таа гледна точка, Асоцијацијата ќе ги стави на располагање своите човечки и стручни ресурси за поддршка на сите идни чекори со кои Шалтер Салата ќе добие соодветен законски статус, ќе биде уреден начинот и можностите за нејзино управување и одржување во техничка, архитектонска и уметничка смисла, како и ќе бидат уредени механизмите за контрола во управувањето со овој објект.

„Земајќи предвид дека нашата држава поседува ограничен градежен фонд, а уште помал е бројот на објекти третирани како архитектонско наследство – дел од целокупното културно наследство кај нас, потребата од изнаоѓање долгорочно решение за статусот на Шалтер Салата во зградата на Централната Пошта во Скопје е неопходна. Токму затоа, ААМ се одгласи на повикот на А.Д. „Пошта на С.Македонија“ и е подготвена да даде придонес во својот домен на работа кон посветеноста на Менаџментот на А.Д. „Пошта на С.Македонија“ кон третманот на Шалтер Салата“, изјави Мишко Ралев, претседател на ААМ.

Инаку, Централната пошта во Скопје, во чии рамки се наоѓа уништената Шалтер Сала,  е вброена на листата на 12 најзагрозени објекти од културното наследство во Европа за 2021 година од страна на Еуропа Ностра, најрепрезентативната организација во Европа што се грижи за културното наследство.