фото АСО

Граѓани, компании и институции во првиот квартал од годинава наплатиле од осигурителните друштва 15 милиони евра од штети за неживотно осигурување. Износот е поголем за за 9,5 отсто во споредба со истиот период лани. Во вкупно исплатените штети, најголемо учество имаат пет компании за осигурување неживот: „Триглав Осигурување“ со 2 милиони евра, „Сава Осигурување“ со 1,8 милиони евра, „Халк Осигурување“ со 1,64 милиони евра, „Уника“ со 1,63 милиони евра и „Еуролинк“ со 95,7 милиони денари (1,55 милиони евра, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Најголем дел од исплатените штети се однесуваат на покритија од автомобилска одговорност за што 11 компании кои осигуруваат ризици од неживотно осигурување исплатиле вкупно 8,55 милиони евра. Тоа е за 7,6 отсто повеќе од истиот перод 2020 година. Најмногу штети кај оваа класа осигурување исплатила „Уника“ , 1,2 милиони евра.

Вредноста на вкупното обештетување што компаниите го платиле за штети на осигурен имот за овој период изнесува 1,62 милиони евра и е за 14,3 отсто повеќе од првиот квартал лани. Најголемо учество во исплатените средства за обештетување имот има компанијата „АДОР Македонија“, 353.000 евра.

Во класата осигурувања од незгода осигурениците наплатиле 2,1 милиони евра, што е за 17 отсто повеќе  во однос на истиот период лани.

Кај најбрзорастечката класа на неживотно осигурување – дополнителното здравствено осигурување, во првиот квартал осигурениците од осигурителните друштва добиле 712.000 евра, за 92 отсто повеќе од истиот период лани. Лидер по исплатени вакви штети е „Еуролинк“, со реализација од 262.000 евра.

Бројот на исплатени штети во периодот јануари – март годинава изнесува 17.530 и е зголемен за 3 отсто во однос на истиот период лани.