fbpx

Аселборн: Јас не сум Орбан, јас поддржувам нормално функционирање на државата

-

Не можам да кажам кога ќе бидат почнати преговорите за членство на Македонија во Европската Унија, бидејќи ЕУ е покомплексна и од Балканот, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, по денешната средба со неговиот македонски колега, Никола Димитров, во македонското Министерство за надворешни работи.

Аселборн појасни дека Европската комисија може да предложи почеток на преговори со Македонија, но за тоа да се оствари, Советот на ЕУ мора едногласно да ја донесе одлуката.

– Во 2005 година бев сигурен дека во 2015 година ќе ги видиме Македонија и сите земји од регионот во ЕУ. Но, грешката не е само на Брисел, туку и на земјите што ги немаат исполнето копенхагенските критериуми – рече Аселборн.

Шефот на луксембуршката дипломатија рече дека доколку се исполнат сите услови, преговорите би можеле да почнат две-три недели по нивното исполнување. Тој изрази надеж дека новата влада и Грција со помош на посредникот Нимиц ќе најдат решение за спорот за името.

На прашањето за поделеноста во ЕУ во однос на поддршката на Никола Груевски, Аселборн рече дека тој не е Виктор Орбан, иако и двајцата се функционери од земји – членки на Европската Унија.

– Јас не се викам Орбан, туку Жан Аселборн, и има разлика. Јас ги поддржувам тие што сакаат да создадат услови за нормално функционирање на државата, исто како и повеќето политичари од ЕУ, кои сакаат да донесат стабилност на Балканот – рече Аселборн, истакнувајќи дека клучно е функционирањето на правото.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, истакна дека посетата на Аселборн доаѓа во важен момент и за Македонија и за регионот.

Прашан за спорот за името дали има конкретни насоки како ќе се решава, Димитров изјави дека засега не се знае како конкретно ќе изгледаат процесот и решението и повторно изрази надеж дека Атина ќе го препознае моментот и дека е добро и за Грција да има демократски сосед.

Во однос на изјавата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Ји, дека за евроатлантската интеграција клучно е да има одговорност за прислушувањето, Димитров рече дека извршната власт не е таа што може да одреди одговорност.

– Кризата завршува со одговорност, но извршната власт не е таа која ја одредува. Извршната власт и Собранието можат да создадат услови за судството, но не можат да донесат пресуда, бидејќи против тоа се боревме – рече Димитров, истакнувајќи дека се работи на изработка на нов модел кој ќе спречи повторно злоупотребување на техниката за прислушување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Македонија гласа: Седми претседателски избори со седуммина кандидати

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати. Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот...