Бунтовниците во Сирија влегоа во главниот град Дамаск, без да наидат на сериозен отпор, а сирискиот претседател Башар ал-Асад денеска заминал од Дамаск со авион, напуштајќи го градот во непознат правец, пишува Ројтерс.
Бунтовниците во изјава наведоа дека го слават „ослободувањето на затворениците“ од воениот затвор „Седнаја“, симбол на режимот на Асад. Затворот се наоѓа во предградијата на Дамаск и беше место каде беа затворени илјадници опозициски активисти.
Претходно, бунтовниците изјавија дека презеле контролата врз клучниот град Хомс, а со влегувањето во Дамаск ставија крај на 24-годишното владеење на Асад.
Сирискиот премиер Мохамед ал-Џалали изјави дека е подготвен за соработка со „ново“ раководство, што ќе биде избрано од народот.
Тој посочи дека ќе биде во својата канцеларија за да го олесни „предавањето на власта“.
Бунтовничките групи кои утрово влегоа во сириската престолнина соопштија за „бегството“ на „тиранинот“ Башар Асад, повикувајќи ги Сиријците во егзил во странство да се вратат во слободната Сирија.
„Тиранинот Башар Асад избега“ и „го прогласуваме градот Дамаск за слободен“, објави коалицијата на бунтовнички групи на Телеграм.