Поранешниот вицепремиер Артан Груби од денеска повторно е слободен граѓанин, откако истече законскиот рок на мерката куќен притвор. Тој речиси осум месеци беше во домашен притвор. Сè уште нема одлука за неговото барање за враќање на пасошот со гаранција од над 300 илјади евра.
„Воедно, покрај мерката куќен притвор, против обвинетиот е определена и дополнителна мерка на претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница, која ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена. Во однос на оваа мерка на претпазливост, одбраната до Судот достави предлог, со кој, согласно член 150 од Законот за кривичната постапка, предлага нејзино укинување со определување гаранција. Имено, одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка“, соопштија неодамна од Кривичниот суд.
Oткако во 2024 ја напушти државата по што беше распишана меѓународна потерница, Груби, на 23 февруари годинава беше приведен на граничниот премин Блаце. Тој беше осомничен за злоупотреба на службената должност во случај поврзан во Државната лотарија за проневера од осум милиони евра при набавка на апарати.
На 13 август годинава, Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица за злоупотреби во „Државна лотарија“, меѓу кои, според описот на нивните функции, се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот генерален директор на компанијата Перпарим Бајрами.
