Арсовска се сретна со продавачите на стари книги, Град Скопје не одговара кој ширел дезинформации

Средба на Данела Арсовска со продавачите на стари книги и антикварни предмети; Извор на фотографија: Град Скопје

Скопската градоначалничка Данела Арсовска се сретна со претставници на закупците на дрвените куќарки на Кејот „13 Ноември“, кои продаваат стари книги и други антикварни предмети. Таа им објаснила дека новата постапка за издавање на дрвените куќарки од Градот Скопје ќе се води со крајна цел заштита на закупците кои продаваат книги на кејот. Арсовска со закупците разговараше за затекнатата правна состојба и за условите во кои тие работат, информираат од Град Скопје.

Ставот на Град Скопје е дека корисниците на куќарките на кејот „13 Ноември“ се оставени без активни договори со Град Скопје од 01.02.2018 година, односно веќе четири години немаат регулиран статус и правен основ за нивното користење.

„Сите постапки кои Градот Скопје ги спроведува мора да бидат според законот и во целосно транспарентна постапка за да се создаваат позитивни политики за доброто на граѓаните, но и во насока на заштита на корисниците на куќарките, кои ќе можат правно да го регулираат својот статус и правото на користење на истите“, се наведува во соопштението на Град Скопје.

Мета.мк во вторникот прва објави дека продавачите на стари книги и други антикварни предмети кои ги користат дрвените куќички на Кејот „13 ноември“ добиле наредба од Градот Скопје да се иселат, заедно со своите залихи, најдоцна до 21 април, како и дека за дрвените куќарки ќе се распише нова постапка за нивно издавање.

Инаку, Градот Скопје во средата преку соопштение испрати апел до сите медиуми и граѓани во своите написи да не шират дезинформации во однос на продавачите на стари книги, стрипови и други антикварни предмети на кејот. Бидејќи не беа наведени точно медиумите и написите во нив, како и граѓаните кои ширеле дезинформации на оваа тема, Мета.мк побара одговори од Градот Скопје по овие прашања, но до денешен ден истите не ги добивме.

Град Скопје ги брка продавачите на антикварни книги, стрипови и плочи од кејот на Вардар