Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска сподели фотографии од градилиштето на пречистителната станица во Скопје, за која тврди дека интензивно се гради. Проектот, за кој тендерските постапки почнаа во 2020 година и кој долго време беше попречуван од различни ситуации и проблеми, требаше да биде завршен до 2026 година. И покрај доцнењето, Арсовска вели дека Скопје, кој започна ваков проект во исто време со Подгорица, Приштина и Бања Лука, е во најнапредна фаза на изградба на новата пречистителна станица за отпадни води.
Пречистителната станица за Скопје се гради помеѓу општините Гази Баба и Аеродром, во близина на населбата Трубарево на површина од над 184.000 квадратни метри и треба да обезбеди примарен и секундарен третман, со користење на најсовремена технологија и опрема за биолошки третман на отпадни води во реката Вардар.
„Проектот вклучува изградба на 58 објекти, од кои повеќето веќе се во активна фаза на изградба. Се работи за пумпна станица за сирова вода со лев и десен колектор што се протега на 1050 м2, објект за прифаќање на површина од 470 м2, таложници за песок и маслофаќачи на површина од 1450 м2 и дигестори кои зафаќаат површина од 2000 м2, информираат од Градот Скопје.
Пречистителната станица на Скопјe треба значително да го подобри квалитетот на површинските и подземните води, со што ќе се придонесе за целокупно подобрување на состојбата на животна средина и здравјето на жителите на Скопјe.
Проектот е финансиран од Европската Унија преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), а го имплементира ЈП Водовод и канализација Скопје. Изградбата на скопската пречистителна станица треба да трае три години, а во следните две објектот ќе биде во пробна работа. Целата инвестиција изнесува 190 милиони евра финансирани од ЕИБ и ЕБРД и грант од 70 милиони евра од Фондот за инвестиции во Западен Балкан WBIF.
Во моментов, фекалиите на жителите од главниот град се испуштаат како непречистени директно во реката Вардар, а помали пречистителни станици за отпадни води се изградени во Сарај за реката Треска и во Ново Село за реката Лепенец, преку кои треба да се врши третман на отпадните води од населените места кои гравитираат околу овие реки.