Примерок вода од гевгелискиот водовод покажал дека водата што ја пијат гевгеличани сè уште содржи количества арсен опасни по здравјето на луѓето и ја повикува новата локална власт да го реши проблемот со посебни филтри, оти водата од изворите содржи големи количества арсен.
Како што посочува граѓанската иницијатива „Арсена“, анализата на примерокот вода од гевгелискиот водовод што го испратиле на меѓународно призната лабораторија во Грција, покажала присуство на отровниот елемент арсен во концентрации од 18,6 микрограми на еден литар вода, што ја надминува здравствено дозволената максимална граница пропишана според СЗО од 10 микрограми на еден литар.
„Максималните законски ограничувања на анализираните елементи во водата се според Европската легислатива (98/83/EU 3-11-1998), која ги имаат прифатено Грција, како земја членка на Европската Унија, и Македонија со Правилникот за квалитет на води на РМ донесен во 2008 година (Сл. Весник на РМ бр. 46/2008)“, се вели во соопштението.
Тоа е десетта анализа направена од „Арсена“, која вели дека во сите изминати години претходната локална власт го игнорирала проблемот, а во предизборната кампања дури и се тврдело дека проблемот со арсенот е решен. Тој проблем, според активистите, може да се реши само со поставување посебни филтри, оти проблемот е во водата која влегува во водоводот, односно Конска Река содржи многу повеќе арсен од максимално дозволените количества.
„Ги повикуваме новите органи на локалната власт, Советот и новоизбраниот градоначалник на општина Гевгелија да го ревидираат проектот на Конска брана и употребната вредност на таквата вода со арсен и со приоритет да пристапат кон реализација на проектот за набавка на деарсенификатори за бунарите кај Моин, заради обезбедување чиста вода за гевгеличани“, се вели во соопштението.