Ароматични билки и растенија се садат и растат меѓу скопскиот асфалт, во урбаната градина на ПМФ

Фото: Ботаничка градина

Лековити, ароматични, зачински билки и градинарски растенија растат среде Скопје. Тие се дел од урбаната градина која годинава беше направена во Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет (ПМФ). Целта и примарната улога на градината и одгледувањето на растенија е едукацијата, особено на учениците од основните училишта. Тие тука можат да видат како изгледаат и како се негуваат растенијата на кои растат зеленчуците што секојдневно ги консумираат, но десега немале можност да ги одгледуваат.

Покрај еколошкиот и едукативниот дел, плодовите и цветовите на растенијата од урбаната градина се користат и за рачна подготовка на повеќе природни и здрави продукти на традиционален начин. Од нив беа изработени чаеви, зачини, сапуни, креми за тело, лабела и други производи, кои во изминатиот период беа промотивно поделени на посетители на градината.

Оваа зелена градина, организирана во градска средина, има три оранжерии и дополнително отворен простор со дигнати леи, каде се засадени најразновидни растенија, повеќето кои се карактеристични за нашето поднебје, но и медитерански, особено зачински билки. Овој простор, велат од Ботаничката градина, треба да биде пример дека со малку ангажман и знаење, ваков тип на растенија може да се засадат и одгледуваат и во урбаните средини, а зеленилото барем малку да го засени асфалтот.

„На отворениот простор имавме засадено најмногу зачински билки како мајчина душичка, кантарион, камилица, оригано, жалфија, пелин, босилок, маточина… Во две од оранжериите засадивме растенија кои се користат во исхрана како цвекло, ротквици, рукола, блитва и слично, а во последната имаше краставици, пиперки, тиквички и домати. Засадивме и невен и лаванда, кои се познати лековити билки“, вели Цветанка Цветковска, биолог од Ботаничката градина.

Таа посочува дека со оглед на тоа што најголемиот дел од овие растенија се користеле во традиционалната медицина позната на нашите простори, се одлучиле на крајот од нивниот вегетативен период да ги соберат, да ги исушат и од нив на традиционален начин да изработат мелеми, креми и лабела и на тој начин да ги искористат нивните лековити моќи.

Фото: Ботаничка градина

„Направивме сапуни и миризливи свеќи, чисти или мешани чаеви, ароматизери за простории, како и мелеми за регенерација на кожа и лабела за усни. Во рамките на проектот „Урбани градини како потенцијал за зголемување на зеленилото во скопската бетонска џунгла“, кој се спроведува со помош на ГЕФ, беше набавен и екстрактор со помош на кој екстрахиравме есенцијални масла, кои ги искористивме за да ги ароматизираме производите што ги направивме“, вели Цветковска.

Во план е во урбаната градина да се организираат и работилници за ученици и студенти кои ќе добијат шанса да го научат процесот на изработка на производи од овие растенија на традиционален начин.