„АРНО“ ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“

Фото: „AРНО“, Здружение за социјални иновации

Здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“ 2022 кој се одржа во Центарот за социјални претпријатија во Скопје.

Жири комисијата на натпреварот во категорија ембрионски идеи ги избра идеите „Пели“ на Јана Ангеловска и „Од загадувач до разубавувач“ на Гоце Стевановски, а во категорија зелени концепти победничка е идејата „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од „Ве дог фуд“ од Прилеп. Интересно за годинешниот натпревар е што сите идеи во бизнис моделот го имаат принципот на циркуларност, односно го користат отпадот (пелени, картон, зеленчук/отпад од фарми) во процесот на ново производство.

„На натпреварот пристигнаа 20 апликации, од кои 10 се натпреваруваа во македонското финале. Жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експерти од различни полиња и институции: Дурим Зеќири од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Игор Изотов – Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Данчо Димков од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг-МКА2000, Воислав Илиевски од „Македонија 2025“, велат оттаму.

За националните победници партнерите повторно обезбедија поддршка – вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги и/или учество во програма CESO SACO на „Македонија 2025“ и бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија.

„Поучени од потребата за дигитализација и поради предизвици со набавките, „АРНО“ годинава на победниците им додели три преносни компјутери. Она што не радува е фактот што годинава забележуваме дека циркуларната економија е се поблиску до македонските претприемачи и што во финале имавме многу солидни идеи (квалитет наспроти квантитет). Од отпад до производ е фасцинантен концепт кој мора да наиде на слух и поддршка во општеството, ако сакаме да сме во тек со економските трансформации и ако сакаме да си го олесниме патот понатаму“, стои во соопштението.