Архивска фотографија | Фото: АРМ

ЖПретседателот Стево Пендаровски донесе одлука за ангажирање на Армијата на Северна Македонија, која заедно со граничната полиција, ќе го врши обезбедувањето на јужната и северната граница на земјава, информираат од претседателскиот кабинет.

Од Кабинетот на Претседателот на РСМ образложуваат дека одлуката е донесена врз основа на Одлуката на Владата за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на нашата држава и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на пандемија на Ковид-19 и предлогот на Владата за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба.

Ова е втора одлука во 24 часа која се однесува на ангажманот на војниците на овие две граници, кои се сметаат како клучни точки во однос на транзитирањето на мигрантите од Грција кон северните делови на Европа.

Вчера, поради истекувањето на важноста на претходната одлука за прогласување кризна состојба на овие две граници, како резултат на блокадата на Собранието на РСМ и неможноста пратениците во меѓувреме да ја продолжат, претседателот Пендаровски нареди да се повлече војската бидејќи нема законска оправданост нејзиниот ангажман на двете граници.