„Припадниците на Воената полиција во Армијата на Македонија од денеска активно се вклучуваат во обезбедувањето на објектите од витално значење, меѓу кои Владата, Собранието и затворите во Скопје. Се врши реорганизација и зајакнување на обезбедувањето на резиденцијата на Претседателот, со армиско обезбедување. Обезбедувањето ќе се врши во комбинирани тимови со единиците на полицијата“, соопштија од Министерството за одбрана.

Додаваат дека армиските припадници, обезбедувањето на објектите ќе го вршат во армиска униформа, а на себе ќе го имаат личното формациско вооружување. Во изминатите два дена тие од своите колеги од полицијата се запознавале со овластувањата, процедурите и задолженијата за извршување на оваа задача.

„Обезбедувањето на овие објекти се прави во целосна координација со Министерството за внатрешни работи, а е врз основа на Уредбата на Владата за утврдување на задачи на Армијата во периодот додека трае вонредната состојба. На овој начин, Министерството за одбрана и Армијата преземаат дел од обврските од МВР и овозможуваат полициските сили да ги фокусираат своите капацитети кон задачите, чија главна цел е почитувањето на воведените владини мерки за спречување на ширењето на коронавирусот“, се вели во соопштението на ова Министерство.