Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната прес-конференција соопшти дека владата донела Уредба со законска сила со која на армијата ѝ дава обврска во услови на вонредна состојба да биде целосно во функција на поддршка на државните органи. Веќе е формиран оперативен штаб помеѓу армијата и полицијата и прецизно се дефинирани начините на кои армиските припадници ќе и асистираат на полицијата.
Главниот фокус е ставен на три точки, појасни Шекеринска. Како прво, армијата ќе ја преземе контролата на граничната линија од страна на полицијата, при што полициските службеници ќе останат да ги контролираат единствено граничните премини.
– Со ова ние ќе овозможиме практично полицијата еден дел од своите припадници да може да ги повлече од границите без никаква опасност по нашата држава и да се сконцентира на задачите внатре во државата – изјави министерката Шекеринска.
Втората задача на армијата ќе биде учеството во мобилни екипи заедно со полицијата, коишто ќе можат да спроведуваат проверка на влезови и излези од населени места, особено во делот на кризните подрачја. Ова ќе важи и за мобилни пунктови и контролни точки во реоните на ангажирање. Заеднички тимови на полицијата и армијата ќе можат да спроведуваат контрола на почитувањето на полицискиот час и на мерките за самоизолација.
Министерката Радмила Шекеринска појасни дека третата задача на армијата ќе биде физичкото обезбедување на витални објекти коишто досега биле обезбедувани од МВР.
„Во првиот чекор, тоа значи дека армијата ќе го преземе обезбедувањето на објекти како што се Собранието, Владата и важни локации како што се затворите. Важно е да обезбедиме во услови на вонредна состојба, никој да не се грижи дали казнено-поправните установи се под контрола или не“, изјави Шекеринска.
Армијата нема да ја преземе улогата на затворска полиција, а министерката појасни дека војниците ќе функционираат исклучиво во тимови со полицијата при вршењето на задачите.
Министерката Радмила Шеќеринска информираше дека полската болница што ја има армијата ќе биде ставена во функција на јавното здравство, а ќе биде лоцирана во непосредна близина на Клиниката за инфективни болести во Клиничкиот центар – Скопје.
Како одговор на новинарско прашање, министерката Шеќеринска појасни дека полицискиот час што почнува вечерва нема да го ограничи работењето на медиумите. Главниот штаб во владата денес дефинирал неколку категории на исклучоци, при што медиумите и новинарите ќе бидат едни од исклучоците во полицискиот час што ќе се спроведува секојдневно од 21 часот до 6 часот наутро. Во тек е дефинирањето на начинот на кој ќе се реализира ваквиот исклучок за медиумите на едноставен начин, појасни Шекеринска.