Фото: Министерство за одбрана

Војници од Лесната пешадиска баталјонска борбена група на АРМ, најголемата национална единица одредена да учествува во операции на НАТО, денес почнаа колективна обука со мобилен инструкторски тим од 1. баталјон на Ирскиот гардиски полк на Британската Армија. Обуката е дел од интензивниот циклус обуки и вежби кој македонските и британските војници го почнаа на почетокот на годинава, со кој Лесната пешадиска баталјонска група треба да се подготви за целосна оперативна готовност до 2022 година.

„Оваа година заедно со тимовите од Обединетото Кралство токму припадниците на оваа структура работеа на поединечна обука, а денеска почнуваат со колективна обука, тренинг, кој што ќе даде шанса на нашата НАТО формација да ги достигне стандардите кои што се очекуваат од една НАТО членка. Нашата лесна пешадиска борбена група е лоцирана во Штип, и тоа ќе биде главниот фокус во 2021 година: како да го обезбедиме неопходниот персонал, како да ја обезбедиме потребната обука, и како целосно да обезбедиме опрема која што соодветствува на стандардите“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска по свеченоста на Армискиот полигон Криволак, каде што почна колективната обука.

Министерката за одбрана Рамила Шекеринска и британската амбасадорка Рејчел Галовеј со претставници на армиите на двете земји членки на НАТО | Фото: Министерство за одбрана

Шекеринска се заблагодари за „многу сериозната, континуирана и конзистентна поддршка“ од Обединетото Кралство во делот на одбраната.

„Ни помогнаа со трансформацијата, помогнаа многу во планирањето, а сега нивниот придонес продолжува и на конкретниот чекор на обука на нашите главни структури во рамки на армијата“, рече Шекеринска.

Како што посочи британската амбасадорка Рејчел Галовеј, заедничката обука е продолжување на долгогодишната соработка и показател на блиските билатерални односи во безбедноста меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Војници од Лесната пешадиска баталјонска борбена група на АРМ заедно со обучувачи од 1. баталјон на Ирскиот гардиски полк на Британската Армија | Фото: Министерство за одбрана

„Тимот за обука од Обединетото Кралство, од Првиот баталјон на Ирските гардисти е тука да ја поддржи обуката на Лесната пешадиска баталјонска група од Штип, додека се подготвува да ја претставува улогата на земјата во силите назначени за НАТО“, рече Галовеј.

Таа додаде дека тимовите од Обединетото Кралство кои треба да пристигнат подоцна овој месец треба исто така да помогнат во обуката на младите воени лидери на Северна Македонија.

„Обединетото Кралство стои покрај Република Северна Македонија додека ги модернизира своите вооружени сили и ја зајакнува регионалната безбедност, со придонесот на земјата во КФОР како најнов сигнал за посветеноста кон својата улога во НАТО и во Западен Балкан“, нагласи Галовеј.

Фото: Министерство за одбрана

Македонската и Британската Армија имаат долга и интензивна соработка и во реформите на одбраната, заеднички обуки и вежби, но и заедничко учество во операции. АРМ, која учествуваше во силите ИСАФ во Авганистан од 2002 година, од 2006 година, со првите поголеми контингенти, до крај на мисијата во 2014 година со најголем дел од силите беше дел од британскиот контингент. Од 2007 година, со дотогаш најголемата воена вежба во земјата „Македонски блесок 1“ британските и македонските контингенти неколку пати на Криволак заедно се извежбуваа пред мисиите во Авганистан

Британски советници речиси постојано беа вклучени во процесот на трансформација на АРМ и Министерството за одбрана. Во август 2017 година британскиот експерт Стивен Гловер, советник за одбрана и безбедност во Одделот за стабилизација стана дел од тимот за подготовка на најновиот македонски Стратегиски одбранбен преглед, а британски советници учествува во подготовка и на следните стратегиски документи и планови. Во ноември лани Шекеринска и амбасадорката Галовеј со меморандум го назначија бригадниот генерал Хју Лојд Џонс за советник од Обединетото Кралство во македонското Министерство за одбрана. Генерал Џонс шест месеци со македонските колеги работеше на подобрување на оперативните способности на армијата, функционирањето на Министерството и Генералштабот.

Фото: Министерство за одбрана

Во февруари годинава Шекеринска и нејзиниот британски колега Бен Волис во Брисел потпишаа нов Договор за билатерална соработка, кој го замени договорот потпишан во 2007 година, и со кој треба уште повеќе да се интензивира одбранбената соработка.

Во септември, бригадниот генерал Џон Баурон го замени генерал Џонс на местото советник во Министерството за одбрана.

Последниот циклус обуки со Британската Армија почна во јануари со индивидуална обука на професионални војници од Лесната пешадиска баталјонска група, продолжи со обука на старешини, стручно специјалистичка обука, обука на мали единици, обука на лесна пешадиска чета, обуки на обучувачи-инструктори, лидерски курсови за командири на мали единици, курсови со подофицери и кандидати за подофицери…

Во иднина следат напредни индивидуални и колективни обуки и тактички вежби, сè до големата воена вежба „Одлучен удар 21“, што догодина ќе се одржи на Криволак. Во обуките досега учествуваа, меѓу другите, припадници на Ренџерскиот баталјон, Командата за обуки и доктрини, 2. Пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада и нивните британски колеги од 1. баталјон на Јоркширскиот полк и 2. баталјон од Полкот на Војводата од Ланкастер.

Пишува: Игор К. Илиевски