Фото: Арбнора Мемети

Армијата нема да ги обезбедува болниците поради пандемијата на ковид-19, туку поранешни професионални војници кои во моментов работат во Министерството за одбрана ќе бидат редари во болниците. Ова денеска го нагласи министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, одговарајќи на новинарско прашање по шпекулациите дека АРМ ќе ги обезбедува болниците поради галопирачкиот раст на бројот на заразени со новиот коронавирус САРС-КоВ-2.

– Согласно наредбата на претседателот на државата, армијата е вклучена како поддршка на цивилните институции во пандемијата. Доби различни задачи, медицинска поддршка со медицински персонал, дополнителна поддршка во транспорт, складирање… но не и директно обезбедување. Ќе се вклучиме со редарска служба, веројатно со дел од поранешните професионални војници кои во моментов работат во Министерството за одбрана. Тоа ќе биде служба без униформа и оружје, за да се воведе малку повеќе ред за граѓаните – изјави Шекеринска.

Министерката најави и дека одреден број воени санитетски возила со возачи ќе им бидат отстапени на јавните здравствени установи како помош во справување со епидемијата. Како поддршка на цивилните власти во справување со здравствената криза, АРМ веќе учествуваше, меѓу другото, во обезбедување и дезинфекција на кризните подрачја во Дебар, постави теренска болница во Клиничкиот центар и вклучи военомедицински екипи како засилување на цивилните лекарски тимови.