Фото: Министерство за одбрана

АРМ добива борбена опрема за блиска борба, вредна 230.000 британски фунти, како дел од одбранбената соработка со Велика Британија. Обединетото Кралство (ОК) и Северна Македонија уште почесто и поинтензивно ќе соработуваат во одбраната и безбедноста, изјави британската амбасадорка Рејчел Галовеј по денешната работна средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и британската амбасадорка Рејчел Галовеј | Фото: Министерство за одбрана

„Врската меѓу Обединетото Кралство и Република Северна Македонија е посебна. Тоа не е само врска меѓу сојузници, туку е заснована на споделени вредности и принципи. Како членка на НАТО, Обединетото Кралство стои зад Македонија. Природата на оваа врска е особено видлива во одбранбените и безбедносните прашања“, рече Галовеј по средбата.

Таа потсети дека Обединетото Кралство учествуваше и во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) во 2018 година, со кој „темелно се помести фокусот на земјата и нејзиниот приод кон одбраната и безбедноста“. Британија во август 2017 година го испрати Стивен Гловер, советник за одбрана и безбедност во Одделот за стабилизација, во тимот за подготовка на најновиот македонски Стратегиски одбранбен преглед, а британски советници учествува во подготовка и на следните стратегиски документи и планови. Во ноември лани бригадниот генерал Хју Лојд Џонс беше назначен за советник од Обединетото Кралство во македонското Министерство за одбрана, а по истекот на неговиот мандат, на негово место во септември дојде бригадниот генерал Џон Баурон.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и британската амбасадорка Рејчел Галовеј | Фото: Министерство за одбрана

СОП, нагласи амбасадорката, наложи темелни промени во персоналот, обуката и опремата.

„Задоволство ми е да најавам дека посветеноста на ОК кон безбедноста на Македонија и во регионот ќе се зголеми во многу блиска иднина. Предводнички елементи од тим на Британската Армија се веќе во Македонија, истражувајќи како можеме да поддржиме, заокружиме и да испорачаме одбранбен и безбедносен тренинг на Армијата и на регионални партнери користејќи ги одличните воени капацитети во и околу Криволак. Намерата на ОК е да продолжи со оваа поддршка, засилувајќи го и интензитетот, и зачестеноста во следната година“, најави Галовеј.

Во моментов два тима од Британската армија тренираат со АРМ на Армискиот полигон Криволак, како дел од циклус на обуки кој почна во јануари. Едниот од тимовите спроведува обука за помлади лидери, а вториот е во поддршка на обуката на Лесната пешадиска баталјонска борбена група, најголемата национална единица одредена да учествува во операции на НАТО.

Фото: Министерство за одбрана

„Задоволство ми е да потврдам дека ОК донира значително количество нова опрема на АРМ. Опремата е поврзана со потребата за способност за блиска борба на Армијата и особено во единиците декларирани за операции на НАТО. Опремата ќе даде значителен придонес во способноста на армиската Лесна пешадиска баталјонска група да оперира покрај своите НАТО партнери и сојузници“, рече амбасадорката.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска нагласи дека британската поддршка е значајна и за процесот на целосна интеграција на македонската одбрана во НАТО.

„Како новопримена членка на НАТО се наоѓаме во процес на интеграција на воен, на политички, организациски па и тактички план. Огромното искуство на нашите пријатели од Обединетото Кралство за нас е огромна помош во тој процес. Тие се тука сега со нас помагајќи и на нашата армија со обуки и тренинзи. Северна Македонија и Обединетото кралство ги анализираат можностите за понатамошен заеднички развој, користење и унапредување на воениот полигон Криволак“, изјави Шекеринска и додаде дека АРМ е во процес на добивање донација во нова опрема во износ од 230.000 британски фунти.

Во февруари годинава Шекеринска и британскиот министер за одбрана Бен Волис во Брисел потпишаа нов Договор за билатерална соработка, кој го замени договорот потпишан во 2007 година, и со кој треба уште повеќе да се интензивира одбранбената соработка.