Арифи: Нападите врз Сорос се лоши и за Македонците и за Албанците

Целиот тој феномен што се именува како „десоросоизација“ е лош за процесите во Македонија и кај Македонците и кај Албанците, изјави потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, во емисијата „Топ-тема“.

– Во целиот албански говорен простор, медиуми и невладин сектор, не може да најдете текстови на анимозитет кон работата на Сорос. Тоа докажува дека и во ДУИ може да има размислувања, но тоа не е дефинитивна позиција на партијата. Јас сметам дека целиот тој феномен што тука се именува како „десоросоизација“ е лош за процесите во Македонија и кај Македонците и кај Албанците затоа што никој во оваа земја не треба да заборави која била логиката на фондацијата на Сорос во 90-тите години, која била активна во сите земји од Источна Европа и во земјите на поранешна Југославија. Се работи за инвестиција во граѓански, научни елити, кои тие земји, кои беа произлезени од комунизмот, не беа во состојба да ги поддржат во однос на нивното научно формирање. Сите тие стипендии дадени на граѓани се инвестиција во генерациите – вели Арифи.

Таа додаде дека секој што дал придонес во демократизацијата на земјата, дал и придонес за правата на другите етнички заедници, а со тоа овозможил создавање на едно поправедно општество.