fbpx

Архитектите бараат Скопје да добие улица што ќе го носи името на Константинос Доксијадис

-

Една од скопските улици да го добие името на грчкиот архитект Константинос Доксијадис, кој имал голема улога во постземјотресната обнова на Скопје. Група архитекти и универзитетски професори поднесоа Иницијатива до Советот на град Скопје и до градоначалничката Данела Арсовска за трајно одбележување на неговиот придонес во обновата на Скопје по земјотресот од 1963 година.

Во објавената Иницијатива, тие потсетуваат дека Скопје по земјотресот беше означен како град на солидарноста, поради тоа што во неговата обнова и изградба учествуваа многу држави од светот.

„Основниот урбанистички план со кој се планираше развојот на Скопје до 1981 година беше производ на Специјалниот фонд на Обединетите нации оформен за таа намена, со чија помош за изработка на планот беа ангажирани Полсервис од Полска, под раководство на Адолф Циборовски и Доксијадис Асошиејтс од Грција. Подоцна се создаде и меѓународен тим од урбанисти, архитекти и експерти за плански развој на градот, составен од македонски, југословенски и стручни лица од други земји. Во 1965 година е прифатен новиот Генерален урбанистички план, изработен од домашни архитекти во соработка со Полсервис и Доксијадис Асошиејтс“, се вели во Иницијативата.

Доксијадис е еден од најпознатите грчки архитекти, кој како учесник во обновата на Скопје бил вклучен во периодот кога тој работел на повеќе проекти спонзорирани од ОН врзани со обновата и реставрацијата на подрачјата оштетени од природни катастрофи или од воени дејствија насекаде низ светот.

„Она што е важно за нас е неговата вклученост на високи позиции во процесот на обновата и изградбата на Скопје. Во Атина, 2018 г. е издадена монографија посветена на неговото дело, каде со свои прилози учествуваа и повеќе македонски архитекти под наслов: „Иднината како проект / Доксијадис во Скопје“, а по тој повод е организирана голема изложба и конференција во музејот Бенаки во Атина. Изложбата содржеше делови од работата на Доксијадис во Скопје што се дел од легатот, макети на објекти во Скопје од изложбата во МГС, како и фотографии на една од кураторките, Калипои Амигдалу, од Скопје 2014“, се наведува во Иницијативата.

Инаку, Константинос Доксијадис на никаков начин досега не е одбележан од надлежните институции во градот како архитект кој учествувал во постземјотресната обнова на Скопје. Наспроти него, по полскиот урбанист и архитект Адолф Циборовски е именувана улица во скопската општина Центар, додека во минатото по овој полски експерт беше именуван и еден од главните скопски булевари.

Предлагачи на оваа иницијатива се: архитект Мимоза Томиќ, проф. д-р Влатко Коробар, проф. д-р Ана Ивановска, проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Дивна Пенчиќ, проф. д-р Ана Чупеска, амбасадор Виктор Габер, архитект Билјана Филиповска, проф. д-р Далибор Јовановски, проф. д-р Слободан Велевски, архитект Елена Андонова, проф. д-р Јован Ивановски, роф. д-р Владимир Арсовски, Зоран Петровски – МСУ, архитект Валентино Константинов и архитект Владо Десков.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...