Аргентина по вистинска драма и по продолженија избори пласман во осминафиналето на Светското првенство во САД, Мексико и Канада. „Гаучосите“ ги совладаа Зеленортските Острови со 3:2 по повеќе од 120 минути игра.

Аргентина поведе во 29. минута, а стрелец беше Лионел Меси, кој го постигна својот седми гол на првенството. По асистенцијата на Лисандро Мартинез, фудбалерот на Интер Мајами ја прими топката и рутински ја испрати во мрежата.

Зеленортските Острови израмнија во 59. минута. Дерој Дуарте од тежок агол го совлада аргентинскиот голман за 1:1 по акција развиена по десната страна.

До крајот на регуларниот дел Аргентина притискаше, но голманот Возиња имаше неколку важни интервенции и мечот го однесе во продолженија.

Аргентина повторно поведе во 92. минута кога Лисандро Мартинез по корнер силно погоди под пречката на спротивната статива за 2:1.

Во 103. минута следуваше моментот што го привлече вниманието, кога Лопес Кабрал постигна спектакуларен гол од работ на шеснаесетникот за 2:2.

Одлучувачкиот погодок падна во 111. минута кога Аргентина по третпат поведе, овојпат со автогол на Боргес. Тоа беше конечниот резултат за победа од 3:2 на актуелните светски шампиони.

Во осминафиналето Аргентина ќе игра против Египет.