fbpx

Апликациите ја олеснуваат новинарската работа во време на корона вирусот

-

Дописничката работа за национален медиум, подразбира многу теренска работа и многу патување, особено кога се работи за покривање на поширок регион, како што е тој на новинарката Александра Ристевска од Штип. Како телевизиски новинар, на снимање е заедно со својот снимател, со кого деновиве се принудени да ја сменат работната рутина и да се прилагодат на овие вонредни услови за работа. Со Ристевска разговараме за вонредните услови за работа во вонредната состојба во која е државата.

Што се смени во вашата секојдневна работа?

– Знаеме дека во вакви услови во секој момент може да добиеме задача да отидеме некаде на терен. Неодамна редакцијата не прати на снимање на терен во Струмица, каде има поголем број на луѓе што се во изолација. Секое влегување и излегување од автомобилот ни е проследено со дезинфицирање на рацете. Последните три дена, надвор излегувам со маска – вели Ристевска.

Каков е односот за институциите, луѓето со кои снимате? Има ли откажувања?

– Снимаме надвор, на отворено, а имавме едно откажување на договореното снимање. Стравот од поблиски контакти ни го смени и начинот на работа. Од голема полза ни се алатките и апликациите, како Скајп, Вибер, преку кои може да комуницираме, да добиеме изјави и информации, а сепак да не бидеме во контакт.

Стравувате ли за сопственото здравје и здравјето на семејството, со оглед на тоа дека имате мали деца?

– Сѐ до неодамна кога читавме за тоа што направи вирусот во Кина, мојата перцепција беше дека е тоа некаде далеку, дури и теорија на заговор, дека е далеку од нас. И сѐ уште не ми се верува дека вирусот е меѓу нас. Затоа, сега кога се враќам од терен, прво што правам миење раце и дезинфекција и соблекување на облеката што сум ја носела надвор, па дури потоа доаѓам меѓу децата.

Во Штип и официјално има еден случај на заболен од коронавирус. Дали сега го направи реален овој „кинески вирус“?

– Уште откако беше неофицијална веста, почнаа прашањата каде се движеле најблиските на заболеното дете? Во кој дел од градот? Дали можеби сме биле во ист маркет? Од друга страна, при вршењето на работата, во овој случај има бројни шпекулации. Сепак, надвладува професионалноста и етиката при известувањето, бидејќи во оваа ситуација, ние новинарите, медиумите, треба да останеме на ниво на задачата.

Секојдневно информираме за затворање на бизниси, објавување на принуден одмор, работници кои остануваат дома. Медиумите во вакви услови се со зголемен обем на работа. Сепак, постои ли страв од губење на работното место, од доцнење на платата?

– Ние сме во систем, каде затворањето на бизнисите директно го чувствуваме. Кој ќе се рекламира во вакво време?! А отсуството на реклами значи и немање на приход во медиумите, што на крај се одразува врз нас, новинарите. Затоа, нормално е стравувањето, дека продолжувањето на состојбата со коронавирусот, ќе се одрази врз нас и нашата егзистенција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...