Апелацискиот суд Скопје донесе одлука со која им ги намали првостепено досудените затворски казни на обвинетите во случајот „Шпион“, а на дел им одреди условни казни. Второстепениот суд делумно ги прифатил жалбите на 17 од обвинетите во случајот и ја преиначил пресудата во делот на казните, додека за еден, Ѓеорги Хаџи-Мицев, Апелација го вратила предметот на повторно судење и одлучување.
Со ваквата одлука Апелацискиот суд го прифати и барањето на Специјалното јавно обвинителство, кое на јавната седница, што се одржа на почетокот на септември, како надлежно за случајот ги одби како неосновани најголем дел од жалбите на обвинетите, но му предложи на судот да им ги намали или ублажи затворските казни.
„Апелацискиот суд – Скопје до Основниот суд Скопје 1 ја достави пресудата со КОКЖ 35/15 со која првостепенета пресуда за предметот во јавноста познат како „Шпион“ се потврдува, со тоа што жалбите на обвинетите делумно се уважуваат и пресудата се преиначува во делот на одлуката за казната, додека жалбата на обвинетиот Ѓ.Х. се уважува и во овој дел пресудата се враќа на повторно судење и одлучување. Во останатиот дел, првостепената пресуда се потврдува во целост“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
На првообвинетиот во случајот „Шпион“, Марјан Ефремов, со одлуката на Апелација затворската казна му е намалена за четири и пол години и наместо 15 години, колку што првично беше осуден, сега ќе издржува казна од 10 години и шест месеци затвор.
Најголемо намалување има на казната на генералот Горан Стојков. Тој, според првостепената пресуда, беше осуден на девет години затвор, а сега таа е преиначена на три години и три месеци. Со пресудата на Апелацискиот суд, Стојков е осуден за злосторничко здружување и за изнуда, додека во првостепената постапка тој се товареше и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и за послужување во службата.
Во утврдените казни, додаваат од судот, се смета и времето кое обвинетите го минале во притвор или куќен притвор.