Скопскиот Апелациски суд на својот веб-сајт денеска ја објави одлуката со која се отфрлаат жалбите на Никола Груевски за неговата двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, за набавката на скапиот луксузен „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра.
„Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост“, се вели во соопштението.
Апелација делумно ја уважи жалбата на првообвинетиот, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски и му ја намали затворската казна од шест и пол години на четири и пол години.
Пресудата беше изречена во Основен суд Скопје 1 на 23 мај годинава, а јавната седница на жалбите на двајцата осудени во Апелациски суд се одржа на 5 септември, и на судот му требаше еден месец да ја донесе одлуката.
Во случајот и се судеше и на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но поради нејзината бременост пролетва за неа почна издвоено судење. Завршните зборови на овој процес беа завчера.