fbpx

Апелација ја одложи одлуката за Кежаровски за по Нова година

-

Неизвесноста околу одлуката на Апелациониот суд по жалбата на новинарот Томислав Кежаровски, кој со првостепена пресуда е осуден на затворска казна во случајот „Ликвидација“, нема да заврши пред Нова година, како што се очекуваше и какви што беа најавите од Апелација.

Судијата на Апелациониот суд, Сафет Кадриу, за „Мета“ вели дека одлуката требало денеска да биде доставена до Основниот суд Скопје 1, но тоа било одложено, додавајќи дека таа сè уште се подготвува.

– Требаше денеска да биде доставена, но одложено е за по Нова година. Одлуката се подготвува и по Нова година ќе биде доставена до Основниот суд Скопје 1 – изјави судијата Кадриу.

Пред две недели, судијата Кадриу за БИРН изјави дека Апелациониот суд одлучил по жалбата на новинарот Кежаровски и дека одлуката е во фаза на подготвување, по што ќе биде доставена до судот.

„Не можеме да соопштиме каква е одлуката додека не биде верифицирана, а тоа ќе се случи во законски предвидениот рок од 60 дена„ изјави Кадриу за БИРН и, како што пренесоа оттаму, додал дека со оглед на големиот интерес на јавноста за овој предмет, одлуката најверојатно ќе се знае за една недела оттогаш.

Апелациониот суд може да ја укине казната на која беше осуден Кежаровски и да го врати предметот на повторно судење, може да ја потврди првостепената пресуда или да донесе нова пресуда.

Новинарот Томислав Кежаровски лани, кон крајот на октомври, беше осуден на казна затвор од четири и пол години во случајот „Ликвидација“, односно дека го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“. Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а од ноември минатата година е во домашен притвор.

Притворањето, судскиот процес и првостепената пресуда против Кежаровски предизвикаа реакции од новинарските здруженија и од меѓународните организации, а беше нотиран и како негативен пример за состојбата со слободата на медиумите во повеќе извештаи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...