Апелациониот суд Скопје ги намали за една до две години затворските казни на осудените за крвавиот четврток кои се товарат за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за инцидентот на 27 април 2017 година. Судот со тоа ја потврди првостепената пресуда за вина за стореното кривично дело, но и делумно ги уважи жалбите на обвинетите.
Со преиначена пресуда, поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков наместо првичните 18 ќе одлежи 16 години в затвор. На казна затвор во траење од по 14 години, наместо првостепено 15 години се осудени Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо. На по 13 години затвор се осудуваат и Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски на кои првостепените казни им биле по 15 години освен на Михајловски 14.
Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ се осудуваат на казна затвор во траење од по 11 години и ним казната им е намалена за една до две години. Обвинетиот Оливер Радулов се осудува на казна затвор во траење од девет години, а претходно добил 10 годишна затворска казна. Александар Василевски Нинџа се осудува на казна затвор во траење од седум години и нему првичната пресуда му е намалена на една година, а истото е и со Абдуљфета Алими, кој сега е осуден на шест годишна затворска казна.
Ослободителната пресуда е потврдена за оперскиот пејач Игор Дурловски и покрај тоа што обвинителството се жалеше.
Вчера во Основниот кривичен суд во Скопје сведочеше поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, кој информациите дека на 27 април 2017 година планирал да прогласи воена состојба ги нарече небулози.
Инаку, обвинети во случајот за организација на 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер, Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски, меѓутоа и двајцата избегаа од државата. За нив е поднесен обвинителниот акт, но постапката ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.