Апелацискиот суд ја отфрли жалбата на Катица Јанева и одлучи поранешната претседателка на СЈО да остане во притвор. Главната причина за донесување на ваквата одлука на судиите е постоењето опасност Јанева да се обиде да избега.

Судиите ја земале предвид информацијата на оОбвинителството дека истрагата е завршена, со што е отстранета опасноста Катица Јанева да влијае врз сведоци. Но, и покрај ова, Апелација одлучи Јанева да го издржува и второто продолжение на притворот од 30 дена.

Жалбата на адвокатите на поранешната шефица на СЈО до повисокиот суд следеше откако Кривичниот суд ја одби гаранцијата на Јанева во движен и недвижен имот како гаранција за да ѝ биде одредена поблага мерка.

Катица Јанева е една од обвинетите во предметот „Рекет“ на Обвинителството за гонење на организиран криминал. Таа е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања како поранешна претседателка на СЈО и се наоѓа во притвор од 21 август годинава.