Апелациониот суд-Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и припадниците на поранешната полициска единица „Алфи“ во случајот „Тортура“, откако претходно ослободителна пресуда донесе и Кривичниот основен суд.
„Советот на Апелациониот суд-Скопје утврди дека првостепената пресуда е јасна, разбирлива, подобна за испитување, не содржи суштествени повреди на одредбите на ЗКП, а фактичката состојба е правилно утврдена, при што првостепениот суд утврдил поинаква фактичка состојба од изложената во поднесениот и прецизиран обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Скопје“, стои во образложението на Апелациониот суд.
Случајот „Тортура“ се однесуваше на начинот на апсење на лидерот на партијата Обединети за Македонија Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, по одржувањето на парламентарните избори. Обвинителниот акт гласеше дека при апсењето на Бошкоски имало мачење и дека целата постапка предизвикала психичко страдање. Во обвинителниот акт стоеше дека мотивот бил политички реваншизам.
Покрај Мијалков, во овој судски случај беше обвинет и поранешниот командант на „Алфите“ Ивица Анчевски-Пуки и пет припадници на полициската единица, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.
Случајот беше отворен од страна на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).