Фото: European People's Party, flickr.com/photos/eppofficial

Апелацискиот суд ја потврди затворската казна од 1 и пол година за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Насилство во општина Центар“, којшто се однесува на шамарите и демолирањето на бараките на Општина Центар во периодот на неговото владеење.

„Второстепениот суд постапувајќи по жалбите од обвинетите и нивните бранители, изјавени против првостепената пресуда – К. Бр. 1904/16, од обвинителството означен како „Насилство во О.Центар“, од 29.09.2020 година, ги одбил жалбите како неосновани, а пресудата на Кривичниот суд се потврдува. Со пресудата седум обвинети беа огласени за виновни и осудени на: Н.Г. – затворска казна во траење од 1 година и 6 месеци, додека М.Ј., А.Т., Д.С., Д.Т., Т.П. и И.Б. на алтернативна мерка – Условна осуда“, информираат од Основниот кривичен суд во Скопје.

Како мерка што може да ја преземе одбраната на поранешниот премиер Никола Груевски, е да поднесат жалба до Врховниот суд за донесените пресуди. Претходно, токму Врховниот суд во септември 2020 година ги потврди пресудите на Никола Груевски и на Гордана Јанкуловска за предметот „Тенк“, каде што за набавката на луксузниот „мерцедес“, Груевски доби затворска казна од 2 години, која што ќе мора да ја одлежи.

Со дополнителната затворска казна од 1 година и пол година за шамарите пред бараките на Општина Центар, Никола Груевски ќе треба во македонските затвори да одлежи казна од 3 и пол години затвор.

Апелацискиот суд одлучи и предметот „Тарифа” за злоупотреба на државни пати на ЕЛЕМ да го врати на повторно судење. Термин за прво рочиште дополнително ќе биде определен, соопшти Основниот кривичен суд од Скопје.

Во овој предмет обвинети беа поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски, како и Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски, за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.