Апелациониот суд Скопје ги потврди доживотните затворски казни за четворицата обвинети во предметот во јавноста познат како „Убиството на Вања и Панче“, додека го укина ослободителниот дел од пресудата за еден обвинет и предметот го врати на повторно судење.
Од Апелациониот суд информираат дека по одржаната јавна седница на 11 мај годинава, разгледувањето на списите, жалбите на странките и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, на нејавниот дел од седницата одржан на 10 јули донеле одлука со која ги одбиле како неосновани жалбите на обвинетите В.М., Б.В., В.К. и Љ.П., а ја уважиле жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје.
Со тоа, Апелациониот суд ја потврдил пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во осудителниот дел, со која четворицата обвинети се прогласени за виновни за две кривични дела „Убиство“ и едно кривично дело „Грабнување“, извршени во соизвршителство, за што им е изречена казна доживотен затвор.
Истовремено, судот го укинал ослободителниот дел од пресудата кој се однесува на обвинетиот А.Ѓ. за кривичното дело „Грабнување“ и предметот во тој дел го вратил пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.
Од Апелациониот суд посочуваат дека поради обемниот доказен материјал и сложеноста на предметот, во тек е писмената изработка на одлуката. По нејзиното изготвување, јавноста ќе биде дополнително известена, а целосната пресуда ќе биде објавена на веб-страницата на судот, согласно законските прописи.
Случајот „Убиството на Вања и Панче“ започна на крајот на ноември 2023 година, кога прво исчезна 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, а неколку дена подоцна и 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Истрагата утврди дека Жежовски бил убиен за да биде искористено неговото возило при грабнувањето на Вања.
Вања беше киднапирана на 27 ноември 2023 година, при излегување од влезот на зградата во која живееше во скопската населба Дебар Маало. Според обвинението, таа била однесена надвор од Скопје и истиот ден била убиена. Нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември 2023 година во близина на селото Бразда, додека телото на Панче Жежовски беше пронајдено во околината на Велес.
Обвинителството поднесе обвинение против Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишов за грабнување и убиство, додека Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, беше обвинет за помагање при грабнувањето. Во текот на судскиот процес беа изведени бројни материјални докази, видеоснимки, телефонски комуникации, вештачења и сведочења.
