Уредничкиот колегиум на редакцијата на дневниот весник „Вест“ упати апел до претставниците на меѓународната заедница во врска со последните случувања во весникот, а поврзани со непродолжувањето на договорот на главниот и одговорен уредник, Горан Михајловски.

Во апелот се предупредува дека среде преговорите за слобода на медиумите според Договорот од Пржино, редакцијата се соочува со политички обид да се затвори „Вест“.

„Се сомневаме дека моментот за политичкото преземање на „Вест“ е намерно темпиран за време на престојните празници, за да се избегне вниманието на јавноста и особено на претставниците на меѓународната заедница во Македонија. Колегиумот на „Вест“ на чело со Михајловски стравува дека смената е отворен обид од Владата да го скрши „Вест“, како уште еден силен глас што успеа да даде приоритет на јавниот интерес пред партискиот и владиниот интерес и да промовира граѓански активизам. Досега, колегиумот на „Вест“ истрпе политички притисок преку менаџментот на МПМ за многу објавени и необјавени теми и вести, а имаше и цензурирана насловна страница. Стравуваме дека смената на Михајловски како главен уредник неминовно ќе значи и смена на уредничкиот колегиум и ќе ја укине уредувачката политика водена од високите стандарди на балансирано новинарство и на заштита на јавниот интерес“, се вели во апелот.

Горан Михајловски, главен и одговорен уредник на „Вест“, вели дека ги разбира стравувањата на своите колеги затоа што изминатите години доживувале силни политички притисоци, па нормално е да се плашат за сопствената иднина.

– Ги разбирам стравувањата на колегиумот дека мојата смена ќе се искористи за замолчување на „Вест“, оти и моите колеги последниве години беа сведоци на невидени политички притисоци и од власта и од менаџментот, што во една пригода доведе дури и до повлекување на насловна страница на весникот. Некогаш тие притисоци успешно сум ги амортизирал, но најчесто сум ги споделувал и со колегиумот, а понекогаш и со целиот тим на „Вест“. Некои од тие притисоци беа и многу брутални, па нормално е колегите да се плашат и за сопствената иднина. Да, точно е дека мојот мандат завршува, но секој договор може и да се продолжи, особено кога популарноста на „Вест“ се зголемува, тиражот е стабилен, а и читаноста на мојата колумна „Сакам да кажам“ континуирано се зголемува – вели Михајловски.