Возачите да возат со намалена брзина особено околу училиштата и образовните институции, да ја почитуваат сигнализацијата и пешачките премини и никогаш да не паркираат на места што ја попречуваат прегледноста кај пешачките премини, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на почетокот на новата учебна година. Од таму ги повикуваат и родителите да разговараат со децата за важноста на безбедно движење по улиците и да ги советуваат да го поминуваат коловозот само на пешачки премин, како и да погледнат во двете насоки на сообраќај пред да зачекорат на улица.
„Кога децата ги стекнуваат овие навики уште во основно училиште, се гради довербата и основата од која понатаму растат во одговорни учесници во сообраќајот не само за себе, туку и за другите“, велат од Републичкиот совет.
Во изминатите пет години, според податоци на Министерството за внатрешни работи, 771 лице го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а најчеста причина и понатаму се брзото возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, и управување под дејство на алкохол.
