Апелацискиот суд повторно ќе го врати случајот на Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, каде таа беше осудена на две години затворска казна за злоупотреба на службената должност, пренесува Слободен Печат.

Одлуката со која Димова требаше да врати 370 илјади евра кон Националната агенција е укината. Аплеација смета дека пресудата не посочува јасно за кои дејствија Димова се осудува, а за кои се ослободува. Димова е прогласена за виновна за кривичното дело „злоупотреба на службената положба“, додека по обвинението за „измама на штета на средства на Европската заедница“ е ослободена, без во пресудата да биде појаснето на кои конкретни дејствија се однесува ослободителниот дел.

Обвинението за Димова се однесуваше на периодот од 2018 до 2020 во која била директорка на Агенцијата и раководела со „Еразмус+“ програмата, каде без јавен конкурс ангажирала надворешни соработници, експерти и обучувачи со цел за друг да стекне имотна корист. Исто така, таа е обвинета и за незаконско преселување и реновирање на нови простории за Националната агенција, но и за одобрување исплати на дневници за патувања во странство.

Во интервју за Слободен печат пред две години, Димова изјави дека ангажирала експерти за да ги обучуваат наставниците и училиштата како да аплицираат за европски фондови. Според неа, обуките биле воведени поради претходни злоупотреби на средства во вредност од околу 2,2 милиони евра, при што, како што тврдеше, организирана група ги насочувала средствата кон две компании кои самите ги подготвувале и одобрувале проектите.

„Направивме обука, обучивме многу наставници, го зголемивме бројот на проектите и дури бевме и пофалени од Брисел дека тоа беше многу добра активност. Таа активност е дел од спорот за мене. И покрај тоа што Брисел ја пофали активноста, нашето Обвинителство ме обвинува дека сум ги злоупотребила парите“, изјави тогаш Димова за „Слободен печат“.

Таа тогаш наведе и дека од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) добила писмо дека од нејзина страна нема злоупотреба на европски средства, но дека домашните институции ги третираат двата случаи како неповрзани.

„Обвинета сум за злоупотреба на службената положба при јавните набавки. Во сите истраги ОЛАФ ме истражи мене и ми даде писмо дека нема никаква злоупотреба на европски средства. Но, нашите институции сметаат дека тој предмет немал врска со мојот. Како не ја гледаат врската, не ми е јасно. Која штета сум ја нанела, кога ОЛАФ вели дека не е нанесена штета?“, прашува Димова во интервјуто за Слободен Печат.

Димова исто така трдеше и дека Националната агенција пари од домашниот буцет користи само за плати и режиски трошоци, а за останато од фондовите на Европската Унија.

Засега пак, не е разрешена злоупотребата на околу 2.2 милиони евра европски пари преку програмата „Еразмус+“ која самата Димова ја откри и пријави. За овој случај ОЛАФ побара парите да се рефундираат. Финансиската полиција при ОЈО ГОКК треба да провери 23 проекти кои Димова ги пријавила. Пријавата на Димова тврди дека две фирми пишувале проекти за 23 лица, училишта и факултети, кои подоцна биле одобрени од Националната агенција преку нивните евалуатори,  и на крај доделени до денар преку јавни набавки на двете фирми.

„Практично, парите наместо да завршат во некое училиште, завршуваа кај овие два економски оператори“, изјави Димова во интервју за „Слободен печат“ пред две години.

Дополнително, Димова во судската постапка неколкупати ги обвини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека процесот против неа е политички мотивиран поради тоа што му се спротиставила на Зоран Заев и не ја повлекла пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра од европски фондови против 23 лица, вклучително и едно блиско до тогашната национална координаторка за евроинтеграции.