Dragi Rashkovski
Фото: Фејсбук налог на Драги Рашковски

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, од притвор во Шутка оди во куќен притвор, одлучил Апелациониот суд Скопје. Советот не ја прифатил претходно понудената гаранција од 500 илјади евра. Според Апелација, иако жалбата на решението за притвор на Рашковски е со гаранција, Советот оценил да не ја прифати, поради тоа што сѐ уште постои основан страв дека може да се уништат трагите на кривичното дело, а постојат и околности што укажуваат дека обвинетиот може да ја попречува истрагата. Во ваков случај мерката притвор не може да се замени со парична гаранција, пишува ТВ24. 

Претходно, Рашковски понудил половина милион евра како гаранција за да излезе од притворот од Шутка, за што Вишото јавно обвинителство даде позитивно мислење, но последниот збор во случајот го имаше Апелација, која се одлучи за куќен притвор.  

Вишото обвинителство, согласно законските надлежности, имаше доставено и писмен предлог до Судот, да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција во висина од 30.686.215 денари и да ја замени мерката притвор со понудената гаранција.

За Драги Рашковски се отворени две постапки за набавки на софтвери при што е направена штета во буџетот од околу 200 илјади евра. Тој како генерален секретар на Владата се сомничи дека склучил договор со фирмата Инвока за набавка на две софвтерски решенија, за систем за сообраќајни прекршоци за потребите на МВР, а другиот софтвер за електронско гласање. Двете зделки се во висина од околу 200 илјади евра. Исто така, Рашковски е осомничен и дека на хонорарен соработник во кабинетот му земал секој месец по 300 евра од хонорарот кој изнесувал 800 евра.