Зградата на Основен кривичен суд и Основен суд Скопје 2 | Фото: Архива на Мета

По неколкуте одложувања, денеска во Основниот кривичен суд-Скопје започна судскиот процес за случајот „Моќник“, во кој како обвинети се јавуваат пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, неговиот татко Милош Милошоски, поранешниот градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војневски, поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев, Јанаке Витановски, Новица Велјановски, Ѓорѓи Милошевски, Шпенд Винца, Агим Мехмети и Даут Даути.

Обвинетите лица денеска се изјаснија дека не се виновни за случајот за отуѓување на објект од 157 метри квадратни со земјиште од 3.920 метри квадратни во селото Ижишта. Со продажбата на овој имот, обвинителството ги терети дека го оштетиле државниот буџет во износ од околу 50.000 евра. Станува збор за имот кој бил во сопственост на општината Македонски Брод, а го користела општина Пласница.

Таткото на Антонио Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод се прво и второ обвинети, додека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ е третообвинет за делата „измама“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. По денешниот почеток на судскиот процес, следното рочиште е закажано за 23 април.

Овој судски процес го води судијката Ленка Давиткова, додека како обвинители во случајот „Моќник“ се јавуваат Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.