И покрај тоа што Извештајот за напредокот на С. Македонија во себе содржи бројни препораки, пофалби, но и подрачја во коишто се очекува и се сугерира дека треба да има поголем напредок, сепак тие како да „пропаднаа“ во антизападните наративи и обвинувања против Европската Унија, НАТО и Европската комисија за работи коишто не се реалност – „дека тие ги избришале македонскиот јазик и идентитет“. Сето тоа од страна на некои актери на социјалните мрежи беше искористено за да се промовира приближување кон Русија и БРИКС, а баш во Извештајот една од забелешките на ЕК беше загриженоста за влијанијата од Кина и Русија, пренесува Вистиномер.

Пишува: Мирослава Симоновска

На 9 јули во Европскиот парламент беше изгласан Извештајот за напредокот на С. Македонија за 2023 и за 2024 година, а во кој со амандман беше избришана формулацијата „македонски јазик и идентитет“. Тоа предизвика лавина антизападни наративи, обвинувања дека за тоа е виновна Европската Унија, но и засилена пропаганда со сентимент на отклонување од европскиот пат и претставување на ЕУ како „крадец“ на македонските идентитетски обележја. Ова следуваше и покрај тоа што во самиот Извештај усвоени беа амандманите со кои се констатира загриженост за влијанијата што унгарската и српската влада ги имаат во остварувањето на геополитичките цели на Русија и на Кина. Извештајот го изготви известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц.

Веднаш откако Извештајот беше усвоен со бришење на формулацијата „македонски јазик и идентитет“ на социјалната мрежа Фејсбук почна канонада од анти-ЕУ наративи, коишто ја обвинуваат самата Унија за минирање и погубување на македонскиот идентитет, јазик, постоење итн. Овој наратив беше измешан со старата пропагандна етикета дека „ЕУ и НАТО се нацифашистички“, но се направи и обид Западот да биде сатанизиран и да се споредува со нацистичка Германија.

Во објавите од овој калибар, главното „ткиво“ на дезинформацијата се обидува да го злоупотреби патриотскиот сентимент во земјава на начин што се манипулира и се сее омраза кон Европа врз основа на погрешна теза – дека во Европскиот парламент се гласало за тоа дали Македонците постојат или не. Но, за вакво нешто во Европскиот парламент не беше гласано, а самиот Извештај изобилува со насоки и препораки за зајакнување и продлабочување на реформите во полињата владеење на правото, борбата против корупцијата, професионализацијата на јавната администрација, воспоставување на судска независност, поголема отчетност и зајакнување на надзорните тела. Во Европскиот парламент не се дискутирало и гласало дали има или нема Македонци, а тоа што формулацијата „македонски идентитет и јазик“ не е содржана, не значи дека европарламентарците изгласале дека не постојат Македонци. Како членка на НАТО и земја аспирант за членство во ЕУ, согласно Преспанскиот договор, термините Македонец, македонска, македонски се трајно заштитени и не се предмет на негирање или оспорување.

 

Со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци. Во однос на Втората страна, овие термини („Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2), пишува во Преспанскиот договор.

 

Вториот антизападен наратив после гласањето на извештајот во Европскиот парламент или во деновите што му претходеа на гласањето е тој дека „ЕУ е фашистичка творба што врши геноцид врз Македонија и македонскиот народ“. Самата дефиниција за тоа што е геноцид – систематско уништување, истребување на определена група луѓе поради расни, верски или национални причини, како и фактот што геноцидите се злосторство, нималку не можат да кореспондираат на манипулацијата што се сака да се пренесе, а тоа е дека идентитетот ни е загрозен од Европската Унија и пристапувањето кон европското семејство. Дури и во деновите кога еврокомесарката Марта Кос порачуваше дека идентитетот е нешто што никој не може да им го одземе на Македонците, таа порака не можеше да исплива на површина поради пренагласеноста на гурманските специјалитети пренесувани во таа изјава.

 

Дури и за некои од не докрај спроведените внатрешни реформи во државата, конкретно реформата во правосудството, повторно беше обвинувана ЕУ! И покрај тоа што таа преку финансиски инјекции инвестира во Северна Македонија на најразлични начини во областа владеење на правото.

Но, гласањето во Европскиот парламент беше искористено да се промовираат и таканаречените „алтернативи“ односно да се повикува кон приклучување кон БРИКС, а откажување од ЕУ и НАТО. Предтекстот за ова беше дезинформацијата дека ЕУ не го признава македонскиот идентитет и јазик што не е точно како што веќе објаснивме претходно.

Словенечката европратеничка Ирена Јовева која има македонско потекло отворено го замоли македонскиот народ „да не потпаѓа на каков било наратив дека со оваа одлука Европскиот парламент не го признава македонскиот јазик или македонскиот идентитет“.

 

Тоа нема никаква врска со непризнавањето, морам да бидам фер и тоа да го кажам. Напротив, значи дека Европскиот парламент не си зема за право да одлучува дали некој народ има право да постои или не. Овој извештај не е извештај за правото на постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик или македонскиот идентитет. И тоа јас го гледам како сепак доволно јасен сигнал на сите коишто мислат дека со ова бришење победиле – напротив, ја изгубија битката во која сакаа македонскиот јазик да стане нешто што не епорачува европратеничката.

 

Како дополнение на антизападните наративи, не изостана ниту тој за веќе апсолвираното членство на С. Македонија во НАТО. Така, во објави се проблематизираше износот на средствата кои се одделуваат од државниот буџет за одбраната.

 

Претходно во слични наративи се дезинформираше дека „членството во НАТО е за војна против Русија што ништо не ни направила“ повторно во насока на разгорување на чувствата за напуштање и противење на НАТО алијансата. Меѓутоа наспроти овие тврдења,  С. Македонија не придонесува во одбраната за да сме северни ниту за војна против Русија, туку за различни аспекти на својата и на колективната безбедност. Инвестиции во НАТО коридорите, инфраструктурата со стратешко и трговско значење, капацитетите за сајбер-безбедност, сите заеднички придонесуваат за унифицирана безбедност на членките на Алијансата.

Инаку, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) претходно во Брисел го усвои Предлог-извештајот за Македонија за 2023 и 2024 година, подготвен од известувачот за земјава,  австрискиот европратеник Вајц со формулациите „македонски јазик и идентитет“. Потоа при гласањето на извештајот во Европскиот парламент  по барање на бугарски европратеници оваа формулација беше отстранета.

Во однос на прашањето за македонскиот јазик и идентитет, кои беа дел од драфт верзијата на Извештајот, Вајц смета дека нивното вметнување не е грешка.

 

Нашиот демократски процес е транспарентен, може да се забележи од кои парламентарни групи дојдоа амандманите и не мислам дека беше грешка вметнувањето во драфт верзијата на македонскиот јазик и идентитет. Денеска беше донесена демократска одлука, а извештајот е добар и во себе содржи критика за недостаток на реформи, но и пофалби за напредокот постигнат во одредени области, изјави Вајц.

 

И покрај тоа што извештајот за напредокот на С. Македонија во себе содржи бројни препораки, пофалби, но и подрачја во коишто се очекува и се сугерира дека треба да има поголем напредок, сепак тие како да „пропаднаа“ во антизападните наративи и обвинувања против Европската Унија, НАТО и Европската комисија за работи коишто не се реалност – „дека тие ги избришале македонскиот јазик и идентитет“. Сето тоа од страна на некои актери на социјалните мрежи беше искористено за да се промовира приближување кон Русија и БРИКС, а баш во извештајот една од забелешките на ЕК беше загриженоста за влијанијата од Кина и Русија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар