Судиите коишто се осомничени за прекршување на законите, ќе бидат мета на Државната комисија за спречување на корупција, известува „Порталб.мк“.
Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановскa, вели дека чекаат одговор од Судскиот совет, од каде бараат да им се достават податоци за судиите чијашто имотна состојба ќе биде проверувана.
– Сега веќе одредивме неколку критериуми за начинот на кој ќе биде спроведена проверката на имотот на судиите. Предмет на проверка ќе бидат судиите што се спомнуваат во предметите што се дојдени кај нас, судиите против кои има многу поплаки, тие што најдолго ги задржуваат предметите, чии што предмети застаруваат, или ги прераспределуваат, но и оние против кои има дисциплинска постапка и така натаму – изјави Ивановска за „Порталб.мк“.
Од друга страна, членот на Антикорупциска, Нури Бајрами информираше дека случаите против судиите кои беа спомнати во извештајот на Американскиот Стејт департамент (АСД), се при крај.
Политичкото влијание врз судството е нотирано во Извештајот на Стејт департаментот на САД, за човекови права за 2018 година, којшто, повикувајќи се на специјалниот извештај на СЈО има истакнато дека четири судии дозволиле директно мешање на политиката во судството: тогашниот претседател на Врховниот Суд, Јово Вангеловски, кој што споделил клучни информации за случаите со политичарите и функционерите во судење, поранешната претседателка на Судскиот Совет, Александра Зафировска, која што се консултирала со поранешните високи владини претставници за избор на лојални судии, поранешната судијка Софија Лаличиќ, која ги следела упатствата на УБК и сериозно го прекршила Етичкиот Кодекс на судиите, и судијката Светлана Костова, која истовремено работела и како судијка и била вработена во УБК.
„Порталб.мк“ веќе неколку месеци пишува за потребата од проверка на работата на судиите и обвинителите, кои се на мета на критиките заради нивното пристрасно, непрофесионално работење, за кои што се пишуваше и се укажуваше како од внатрешниот така и од меѓународниот фактор.