fbpx

Антикорупциска бара построги критериуми за државни субвенции за медиумите

-

Да се зајакнат критериумите за доделување на државна помош за печатените медиуми, бара Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која во Националната стратегија за спречување корупција ваквите субвенции ги оценува како ризик за корупција и клиентелизам. ДКСК бара и медиумите да не добиваат буџетски пари за изборни кампањи. Годинава, Владата ќе им додели на печатените медиуми субвенции од 50 милиони денари, или 813.000 евра.

„Медиумите и граѓанските организации се битни чинители во општеството кои имаат влијание врз јавното мислење, а воедно се корисници на јавни финансии, што може да генерира ризик од корупција, посебно при недоволно прецизно дефинирани правила на нивно финансирање од страна на јавниот сектор“, наведува ДКСК во првиот документ за борба против корупција што го усвојува Собранието, Националната стратегија 2020-2024. Досега, работата на ДКСК се засноваше на четиригодишни државни програми за превенција на корупцијата.

Во стратегијатa, чиј фокус е корупцијата при трошење на јавни пари или злоупотреба на службени позиции во јавниот сектор, финансирањето на медиумите е разгледувано посебно, како особено значајна област. Политичкиот систем, медиумите и граѓанското општество се обработени како посебни сектори за детално да се објасни политичкото влијание, кое антикорупционерите го утврдиле како најважен проблем во проценката на ризици од корупција.

„Финансирањето на медиумите и граѓанските организации е област (процес) која беше дискутирана од страна на ДКСК и работната група во контекст на создавање на околина на влијание врз медиумите и граѓанските организации од страна на политичките партии и владата. Финансирањето на медиумите и граѓанските организации може да претставува основа за тргување со влијание, што е многу значајно при креирањето на јавното мислење кое наместо да ја поттикнува ќе ја загушува борбата против корупцијата. Исто така, во контекст на оваа област, важно е политичкото влијание кое е многу присутно во оваа сфера“, нагласува ДКСК.

Комисијата проблемот генерално го дефинира како „недоволна транспарентност при доделувањето и искористувањето на јавни финансии во медиумите“, и посочува на владината програма за поддршка на печатените медиуми.

„Врз основа на одлука на Владата донесена е програма со која печатените медиуми добиваат државна помош за обезбедување на нивната одржливост. Меѓутоа, критериумите врз основа на кои се одобрува таквата помош се недоволно прецизни и овозможуваат ненаменско користење на доделените средства“ стои во Стратегијата.

Владата минатата година, во јануари, им додели околу 700.000 евра на 11 печатени медиуми. Образложувајќи ја мерката, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски нагласи дека критериумите за добивање на помошта се „во целост усогласени со меѓународните стандарди, што е уште еден принципи според кој се раководеше Владата, прифаќајќи ги најдобрите практики на Европската Унија за поддршка на печатените медиуми кои во секое демократско општество се столбот, фундаментот на објективното, независното и професионално новинарство“.
foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германија добива онлајн регистар на донори на органи

Германскиот онлајн регистар на донори на органи вчера беше отворен со две години задоцнување. Министерот за здравство Карл Лаутербах оцени дека тоа придонесува за транспарентност и поголема подготвеност на...