Државната комисија за спречување корупција поведе постапка за кривично гонење на градоначалникот на Сарај Блерим Беџети поради непостапување за нелегално изградената платформа на Матка. На денешната седница, Антикорупциска отворила предмети и за пицеријата-дивоградба кај охридскиот Чинар, која е сопственост на советник од ДУИ во Советот на општина Охрид, Нефи Усеини. ДКСК ја испитува и јавната набавка за инсталација на радарски систем за управување со воздушниот сообраќај и за улогата на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски во случајот.

ДКСК едногласно одлучила да почне постапка за кривична одговорност против Беџети, откако повеќе месеци работела на случајот. По увидот во сите документи за случајот, антикорупционерите утврдиле дека градоначалникот Беџети имал законска обврска да ги одбие барањата за легализација на платформата во заштитено подрачје во кањонот Матка, но наместо тоа тој овие предмети ги чувал во фиока.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска истакнува дека според член 22 од Законот за локална самоуправа „градоначалникот е должен да носи одлуки за управни спорови, да се грижи за животната средина“, што во овој случај не било сторено.

Во општината за овој предмет одлучувало ненадлежно лице, а Беџети не постапил ниту по известувањето од Државниот градежен инспекторат, кој побарал уривање, ниту по реакцијата на Управата за заштита на културното наследство.

Антикорупциска отворила предмет и за дивоизградената пицерија на советникот Нефи Усеини кај Чинарот во Охрид, а заклучокот од предметот ќе ѝ биде доставен на Општината.

ДКСК досега реагираше и на тоа што фирмата на Усеини била пријавена на тендер за уривање бесправно изградени објекти во Охрид.

Освен тоа што е во делокругот на Антикорупциската комисија, Усеини е предмет на интерес и на МВР, под сомнение дека на 29 јули го нападнал професорот Илјаз Илјази, поради спор околу незаконско приклучување на водоводната мрежа.

Во јуни, пак, Советот на Општина Охрид ја прекина својата 28. седница поради тоа што Усеини физички го нападнал својот колега од БЕСА Џемаил Мена.