Антикорупциска ја потсети власта што е забрането во предизборието

Фото: Арбнора Мемети

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска испрати соопштение со кое ги потсетува министерствата, фондовите, агенциите, јавните претпријатија и другите државни институции дека по распишувањето на локалните избори не смеат да започнуваат нови изградби со средства од буџетот на нови објекти во инфраструктурата, да вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати кои не се редовни, а не смее ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.

Во периодот до завршувањето на изборите, информираат од ДКСК, не смее да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување.

Исто така во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања, па до завршување на изборите не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, но, под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање. Во периодот на кампањата, забрането е користење и на канцеларии и службени возила.

„Укажуваме дека ДКСК нема да дава мислења или согласност по доставени барања од институциите кои се однесуваат на вршење активности опфатени со збраните. Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите со основи за сомневање за прекршување на законите ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување“, се вели во соопштението на ДКСК.

Од таму информираат дека на нивната веб страница повторно ќе биде активиран регистарот на возила на државни органи и ги повикаа институциите да ги ажурираат податоците за своите службени возила. Антикорупционерите ги повикаа и граѓаните да го користат регистарот за да може секоја злоупотреба да биде документирана и пријавена.

На веб страната е поставен и образецот Пријава со цел брзо и навремено пријавување на незаконски постапувања на учесниците во изборите, или за повреда на претходно наведените ограничувања и забрани. Секој граѓанин може да поднесе пријава, анонимно или со свои лични податоци, без можност од закани или притисоци.

„ДКСК и оваа година ќе воспостави посеопфатно следење на активностите на учесниците во изборната кампања преку пристап до трансакциските сметки на сите учесници и увид во средствата кои се прибираат за финансирање на изборната кампања, пристап до бази на податоци од неколку институции со кои ќе може да се врши вкрстена проверка на прибраните финансиски средства и ангажирање на набљудувачи, информираат од Антикорупциска.