Најголем дел од македонските граѓани лани не биле заинтересирани за редовно следење на програмата на македонските радио станици, но забележително е дека овој традиционален медиум и понатаму е интересен за помладиот дел од популацијата.

Според Годишниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за 2019 година, податоците за досегот на радиостаниците покажуваат дека најслушани радио станици на национално ниво биле „Антена 5“, „Канал 77“ и „Македонско радио“.

Анкетното истражување на ААВМУ покажува дека во просек само 41,3 отсто од испитаниците одговориле позитивно на прашањето „Дали во изминатава седмица освен вчера слушавте радио?“. Според демографските показатели, најзаинтересирани за следење на радио програма се младите на возраст од 20 до 29 години. Дури 53,9 отсто од испитаниците на оваа возраст, слушале барем еднаш неделно радио во текот на 2019 година. Веднаш по нив, како најверни слушатели на радиото се анкетираните лица на возраст од 30 до 39 – годишна возраст.

И покрај ова, податоците на ААВМУ посочуваат дека мнозинството македонски граѓани не ја следат редовно програмата на радио станиците. За сите четири квартали од 2019 година, во просек само 22,8 отсто од испитаниците одговориле дека во текот на вчерашниот ден слушале радио.

Радио станиците на граѓаните им служат првенствено за следење на музичката програма. Дури 60,8 отсто од анкетираните лица ги вклучиле радио апаратите за да слушаат музика, 13,6 отсто за да следат забавно – контактна програма, додека само 8,6 отсто од публиката на радио слушала вести.

На прашањето „Каде слушавте радио вчера“, 41,3 отсто од испитаниците одговориле дека македонските радио станици ги слушале во автомобил или автобус. 25,5 отсто од нив ја следеле радио програмата од дома, додека на работното место радио слушале 21,7 отсто од анкетираните.

Најомилена радио станица лани во земјава била „Антена 5“. Во просекот за 2019 година, 18 отсто од испитаниците одговориле дека овој медиум го слушале подолго од една минута во текот на една измината недела. Второ на листата е радиото „Канал 77“ со 12 отсто, дека трето е „Македонското радио“ со 7 отсто слушаност.

Истражувањето на ААВМУ е направено на репрезентативен примерок на национално ниво, а анкетирањето било извршено со CATI метода – телефонско интервју со помош на компјутер. Анкетите се вршат редовно за секој квартал одделно, а еднаш годишно се сумираат и просечните резултати за сите четири квартали.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.